Црква „Св. Никола“ - Манастир
Свети Никола | |
Поглед на манастирската црква Свети Никола | |
| македонска православна црква | |
| Епархија | Преспанско-пелагониска |
| Архијерејско намесништво | Прилепско |
| Парохија | Прилепечко-витолишка |
| Местоположба | |
|---|---|
| Координати | 41°9′56″N 21°43′36″E / 41.16556°N 21.72667°E |
| Место | Манастир |
| Општина | Прилеп |
| Држава | Македонија |
| Општи податоци | |
| Покровител | Свети Никола |
| Изградба | 1095 и 1266 година (XI и XIII век) |
| Живопис | 1271 година |
| Ктитор | протостратор Алексеј, игумен Акакиј |
| Зограф | ѓакон Јован |
| Архитектонски опис | |
| Архит. тип | трикорабна базилика |
| Стил | ран средновековен византиски |
Свети Никола — главна манастирска црква на Мариовскиот манастир во мариовското село Манастир, Македонија.[1]
Црквата претставува средновековна македонска православна црква, сместена во областа Мариово. Се одликува со исклучителна архитектонска градба и прекрасен богат фрескоживопис, една од ретките во Македонија.
Во црквата се насликани значајни претстави на житието на Свети Никола, големите празници посветени на Исус и на Богородица, на пророците и на други светители. Црквата е живописана во 1271 година и е еден од најзначајните споменици на културата од византискиот период, кој содржи извонредни фрески, какви што се „Св. Богородица со ангелите“ и „Св. Никола“. Овој тип на сликарство е застапен само во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново и во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид.
Црквата била прогласена за културно наследство на Македонија со решение од 2 јули 1954 година од страна на Централниот завод на Македонија, кое било изменето на 21 април 1989 година.[2]
Местоположба
[уреди | уреди извор]Црквата се наоѓа на самиот крај на селото Манастир, околу која се наоѓаат и селските гробишта.
Историја
[уреди | уреди извор]Според архитектонскиот тип на манастирската црква се забележуваат две фази на градба. Црквата започнала со градба во 1095 година, а нејзината сегашна градба потекнува од 1266 година кога ја обновил игуменот Акакиј кој пред замонашувањето се викал Јоаникиј.[3] Делови од постарата црква се забележливи во внатрешноста.[4]
Темелите на постарата црква се верува дека биле поставени од страна на протостаторот Алексеј, роднина на византискиот цар Алексеј I Комнин.[5] Ова се потврдува според натписот во централниот кораб.[6]
За изградбата во 1095 година е запишано во натпис на јужниот и северниот ѕид на централниот кораб. Според еден натпис на грчки јазик од 1560 година, живописот во црквата потекнува од 1271 година.[7]
Понатамошната историја на манастирот може да се следи само по некои делумно сочувани фрески на фасадата со еден натпис и три словенски записи испишани со остар предмет на фреските. Ова укажува дека во манастирот подолго време имало калуѓери кои го познавале словенското писмо, односно биле Македонци или Словени[6]
Ваквите факти пак укажуваат дека манастирот постоел и во него имало монашки живот и во отоманско време и тоа не само од XVI век па натаму, туку и пред XVI век, бидејќи според народното предание Турците кон Мариово покажувале особено внимание.[6]
Други документи за подоцнежниот период со исклучок на XIX век, не се сочувани.[6]
- Историски фотографии од 1954 г.
- Слика на манастирската црква од 1954 година
- Слика на манастирската црква од југоисток, 1954 година
- Слика од апсидите на манастирската црква, 1954 година
Архитектура
[уреди | уреди извор]Посебна одлика на манастирската црква е што таа претставува трикорабна базилика која е посветена на три светци: централниот кораб е посветен на Пресвета Богородица, северниот на Свети Архангел Михаил, а јужниот на Свети Никола.[7]
Архитектонскиот тип на манастирската црква претставува трикорабна базилика,[4] налик на катедрална црква, каква што е „Света Софија“ во Охрид. Според стилот таа припаѓа на раниот средновековен византиски вид, од кој вклучително со оваа црква има само 4 на подрачјето на Македонија. Јасен доказ за староста на црквата се пронајдените фрески во внатрешноста кои датираат и од XIII век, како и застапеноста на натписи на глаголица и самиот архитектонски изглед на манастирската црква.
Пред влезот, како и внатре во црквата, има мермерни сполии од римското време, а на просторот околу неа има и средновековна некропола.[4]
Во текот на конзерваторските работи на црквата се преземении археолошки ископувања во северниот дел на манастирскиот двор каде што се откриени 12 гроба со конструкции од камени плочи или делумно оградени со камен.[4]
Во 2013 година започнале археолошки истажување околу јужниот, западниот и северниот дел на црквата, со што се очекувало да се заокружат сознанијата на научниците за објектот.[5] При овие активности била извршена и конструктивна консолидација на темелите на црквата, при што биле откриени и темели на еднокорабна црква од XI век. Претходните истражувања биле спроведувани во текот на минатиот век во 1990-тите години.
Во поново време, на црквата биле доградени отворени припрати (од север, југ и запад) и била изведена дренажа и санација на темелните стопи на пиластрите меѓу бродовите.[8]
Фрескоживопис
[уреди | уреди извор]Живописот потекнува од 1271 година е дело на зографот Јован којшто работел и во манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Варош.[7] Тој содржи и ретки фрески на кои се претставени личности од стариот и новиот завет, меѓу кои и испосникот пустиник старец Онуфриј.[4] Живописот е во релативно добра состојба.[3]
Живописот на јужната и западната фасада се од XVI век односно од 1506 година, а записите на словенски со остар предмет потекнуваат од 1592 година.[6]
Во првата зона се претставени светители во цел раст, меѓу кои се издвојуваат: Св. Димитрија, Св. Ѓорѓи, Св. Теодор Тирон и Теодор Стратилат. Во втората зона се насликани допојасни фигури на светители, а во третата сцени од животот на Исус Христос. Во јужниот кораб се илустрирани сцени од животот на Свети Никола, а во северниот ктиторската композиција на која е претставен јеромонахот Акакиј, кој во раце држи макета на црквата. Анализата на фрескоживописот во црквата покажува дека работеле повеќе зографи. Меѓу нив се истакнува името на рефендарот ѓакон Јован, за кого се смета дека е една иста личност со зографот рефендар ѓакон Јован, творецот на иконата посветена на Свети Ѓорѓи од истоимената црква во Струга која датира од 1266/67 година.[3]
Состојбата на фрескоживописот е лоша и потребна е негова конзервација и реставрација.[8]
- Фрескоживопис во внатрешноста
- Фрескоживописот во внатрешноста
- Внатрешноста на црквата
- Фрескоживопис на јужниот ѕид
- Фрескоживопис на северниот ѕид
- Икона на Св. Мојсеј Мурин
Конзервација
[уреди | уреди извор]Во текот на 2015 година започнала да се изведува конзервација и реставрација на фрескоживописот во црквата во рамките на првата фаза од проектот за конзервација на црквата, предвиден со проектната програма на Прилепскиот завод и музеј, финансиран од Министерството за култура. Во оваа прва фаза биле вклучени петмина конзерватори од Прилепскиот и Битолскиот завод и музеј, како и членови на Националниот конзерваторски центар, при што се вршеле и механички санирања на површините на фрескоживописот.[9]
Во рамките на истиот проект се планираат и изведба на две други фази: чистење на солите и чистење на исчаденоста. Како завршна фаза се планира ретуш, што ќе се остварува во следните две години, со што фрескоживописот ќе го добие автентичниот изглед.[9]
Икони и иконостас
[уреди | уреди извор]Иконите коишто се наоѓаат денес во црквата се од XIX век, што укажува на обемноста на реставраторските зафати од ова време.[6]
Галерија
[уреди | уреди извор]- Поглед на црквата во 2015 г.
- Црквата во 2014 г.
- Поглед на црквата
- Источната страна
- Западната страна
- Припратата (југ)
- Припратата (запад)
- Припратата (север)
- Апсидата
- Главниот влез
- Споредниот влез
- Ниша над споредниот влез
- Селските гробишта кај црквата
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Национален регистар на културното наследство“ (PDF). Управа за заштита на културното наследство. ноември 2024. Посетено на 4 јануари 2026.
- 1 2 3 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Свети Никола“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1332–1333. Text "series " ignored (help)
- 1 2 3 4 5 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 303. ISBN 9989-649-28-6.
- 1 2 М., Ка. „Ќе се доистражува манастирот „Св. Никола" во Мариово“. Нова Македонија. Скопје. Посетено на 28 август 2015.[мртва врска]
- 1 2 3 4 5 6 Коцо, Димче; Миљковиќ - Пепек, Петар (1958). Манастир. Скопје: Филозофски факултет. стр. 19–29.
- 1 2 3 Македонија - цркви и манастири. Географска карта. „Тримакс“ - МПЦ-ОА
- 1 2 „Св. Никола“. monitoring.icomos.org.mk. Посетено на 2026-01-04.
- 1 2 Мицевска, Каролина (21 декември 2015). „Се заштитува живописот во мариовската црква „Св. Никола"“. Нова Македонија. Скопје: Репро Принт. Посетено на 22 декември 2015.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| „Црква „Св. Никола“ - Манастир“ на Ризницата ? |


