Прејди на содржината

Херцог (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Херцог“ (англиски: Herzog) — роман на американскиот писател Сол Белоу од 1964 година. Романот е добитник на престижните награди „Националната книжевна награда“ (National Book Award for Fiction)[1] и на „Меѓународната награда“ (Prix International). Во 2005 година, списанието Тајм (Time) го прогласил за еден од најдобрите сто романи на англиски јазик од основањето на списанието (1923 година).[2][3]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Мозес Херцог, поранешен универзитетски професор од Њујорк, познат по своите студии за романтизмот, е опседнат со пишувањето писма до весниците, до своите пријатели познаници, па дури и до луѓето кои се мртви. За него велат дека полудел, а и тој самиот се сомнева во својот разум. По разводот од првата жена, Дејзи, тој се жени по вторпат со младата и убава Мадлен. Наговорен од неа, тој дава оставка на работното место и се повлекува во едно мало место, но набргу се сели во Чикаго, каде повторно се разведува откако дознава дека таа има љубовник — неговиот пријател Герсбаш. По патувањето низ Европа, тој се враќа во Чикаго, но состојбата само му се влошува, па дава отказ од работата и се враќа во Њујорк. По разводот, тој одржува врска со Рамона – интелигентна жена на околу 40 години.[4]

Пллашејќи се од нов брак, Херцог решава да замине без Рамона на одмор во едно мало место на Атлантскиот Океан. Додека патува со возот, тој се сеќава на случките од времето пред и по разводот со Мадлен – дознавањето за нејзиното неверство, големата разочараност и потиштеност, посетите кај психијатарот, напорите на Мадлен да се истакне во научната и интелектуалната средина, помошта од пријателите да ја надмине тешката состојба итн. Најпосле, тој пристига на имотот на својата пријателка Либи, но само што се сместува, веднаш ја напушта куќата и се враќа дома, неспособен да го прифати гостопримството. Таму, го чита писмото од една поранешна студентка која го известува за караницата меѓу Мадлен и Герсбаш.[5]

Во својата потиштеност, Херцог се сеќава на своето минато: По разделбата со Дејзи, тој се преселил во Филаделфија и тогаш ја започнал љубовната врска со Мадлен. Таа штотуку преминала во католичката вера и затоа барала од него да се разведе и да се ожени со неа. По некое време, Мадлен се оддалечила од католицизмот, а Херцог се разведол и стапил во брак со неа, по што тие се вселиле во една стара куќа на село која Херцог ја купил со заштедата од татко му. Мадлен забременила, тој безуспешно се трудел да го напише своето животно дело, а во меѓувреме се родиле првите несогласувања меѓу нив. Исто така, Херцог се присетува и на разни случки од детството во Монтреал, каде неговите родители емпигрирале од Русија. Таму, тие живееле сиромашен живот, а татко му бил неуспешен шверцер со алкохолни пијалаци.[6]

Утредента, Рамона го кани Херцог на вечера, а додека се подготвува да замине кај неа, тој се сеќава на Јапонката Соно — неговата љубовница од периодот кога се разведувал со Дејзи и кога ја запознал Мадлен. За време на вечерата, Рамона го осветува да ја заборави Мадлен и да го промени животот, но Херцог се плаши да стапи во нов брак, иако знае дека Рамона е добра жена која го сака. Откако ја минува ноќта кај Рамона, Херцог се враќа дома, решен да започне судски процес против Мадлен и Герсбаш, па му се јавува на својот пријател, адвокатот Симкин со кого договора средба. Потоа, оди во судот каде набљудува неколку судски процеси, но му се слошува и набрзина ја напушта судската сала. Во ходникот, накратко се присетува на смртта на мајка си, а потоа влегува во друга судска сала во која се одржува судењето на маж и жена кои си го убиле детето. Потресен од страшната судбина на детето, тој ја напушта салата.[7]

Нестрплив да ја види ќерка си Џун, Херцог веднаш заминува во Чикаго. Таму, најпрвин ја посетува куќата на татка си во која сега живее неговата вдовица, Таубе. Херцог се сеќава на последните години од животот на татка си, особено на кавгата по која тој му се заканил дека ќе го убие со пиштолот. Потоа, од татковата работна маса го зема пиштолот и заминува кај куќата во која живее Мадлен со намера да ги убие неа и Герсбаш, но откако гледа како очувот нежно ја бања малата Џун, веднаш ја отфрла идејата за убиството како бесмислена. Оттука, тој оди во домот на Герсбаш, каде води краток, неуспешен разговор со неговата сопруга, која е помирена со судбината и нема никаква волја да му помогне. Најпосле, Херцог посетува еден стар пријател, кој пак се јавува кај Мадлен и договара средба меѓу Херцог и Џун. По прошетката со ќерката, автомобилот на Херцог го удира камион при што тој е лесно повреден, но штом се освестува, полицијата го пронаоѓа пиштолот и го апси. Во полициската станица пристига Мадлен која ја зема Џун со себе. Откако брат му Вили ја плаќа кауцијата, Херцог е ослободен, а лекарскиот преглед покажува дека му е скршено едно ребро.[8]

Утредента, Херцог заминува на својот имот во селото Ладејвил за да прегледа во каква состојба е неговата куќа. Таму, тој пишува повеќе писма кои воопшто не ги испраќа, и се чувствува ослободен од опседнатоста со Мадлен. По неколку дена, него го посетува Вил кој е загрижен за неговото душевно здравје и сака да го смести во психијатриска болница, но Херцог ја одбива понудата. Тогаш, тој ја среќава Рамона, која дошла во посета на своите пријатели во соседното место и ја кани на вечера. Додека се подготвува за средбата со неа, Херцог носи одлука да престане со пишувањето писма и да започне нов живот, ослободен од психичкиот притисок. [9]

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

„Херцог“ се смета за еден од најдобрите дела на Белоу кој, исто така, забележал голем успех кај публиката. „Херцог“ воопшто не наликува на американските романи во кои доминира грубата натуралистичка слика на светот, а главните ликови имаат ограничени духовни капацитети. Напротив, во овој роман, главниот лик е интелектуалец од висок ранг, способен за луцидно претресување на главниет идеи на современата цивилизација, кој без никакви причини ја напушта удобноста на американската средна класа за да се заплетка во низа проблематични врски губејќи го статусот на урамнотежена личност. Меѓутоа, главниот лик не потонува, зашто под неговите скитања и немири се одвива скриен, но мудар и сериозен напор за барање одговори на пресудните прашања за духовниот опстанок во нашата материјалистичка епоха. Оттука, авантурите на Мозес Херцог се двојно интересни: и како интелектуална пресметка со главните идеи на современата епоха, и како хумористично раскажување за доживувањата од широкото подрачје на човековото секојдневие, од половите односи до бизнисот. Во тој поглед, главниот лик наликува на митскиот лик на трагач, Одисеј во духовното беспаќе на нашата цивилизација.[10] „Херцог“ е книга која духовно охрабрува и нуди патоказ во светот на современите идеи, но пред сè, тоа е интересна приказна за едно богато животно искуство.[11]

  1. „National Book Awards 1965“. National Book Foundation (англиски). Архивирано од изворникот 2021-04-30. Посетено на 2021-07-11.
  2. Kelly, James (2010-01-06). „TIME'S List of the 100 Best Novels“. Time (англиски). Архивирано од изворникот 2021-06-29. Посетено на 2021-07-11.
  3. Lacayo, Richard (2010-01-07). „Herzog“. Time (англиски). Архивирано од изворникот 2021-06-30. Посетено на 2021-07-11.
  4. Sol Belou, Hercog. Beograd; BIGZ, 1989, стр. 7-38.
  5. Sol Belou, Hercog. Beograd; BIGZ, 1989, стр. 39-131.
  6. Sol Belou, Hercog. Beograd; BIGZ, 1989, стр. 132-192.
  7. Sol Belou, Hercog. Beograd; BIGZ, 1989, стр. 193-303.
  8. Sol Belou, Hercog. Beograd; BIGZ, 1989, стр. 304-385.
  9. Sol Belou, Hercog. Beograd; BIGZ, 1989, стр. 386-426.
  10. Lj. J., „Beleška o piscu“, во: Sol Belou, Hercog. Beograd; BIGZ, 1989, стр. 427-428.
  11. Sol Belou, Hercog. Beograd; BIGZ, 1989.