Прејди на содржината

Тасманов Залив

Координати: 41°00′S 173°20′E / 41.000° ЈГШ; 173.333° ИГД / -41.000; 173.333
Од Википедија — слободната енциклопедија
Тасманов Залив во рамките на Јужен Остров
Тасманов Залив
Местоположба на Тасмановиот Залив во рамките на Јужниот Остров.
Брегот на Тасмановиот Залив во Мотуека.

Тасманов Залив (англиски: Tasman Bay; маорски: Te Tai-o-Aorere) — голем залив во облик на буквата V на северниот крај на Јужниот Остров на Нов Зеланд. Има брегова должина од 120 км и најголема ширина од 70 км. Хидрографски претставува ракав на Тасмановото Море кај западниот приод на Куковиот Проток.

Теренот околу западниот крај на заливот е нерамен и густо пошумен. Тука се наоѓа ’ртот Сепарејшн во Националниот парк Абел Тасман кој го двои Тасмановиот Залив од помалиот соседен Златен Залив. Пределите на исток исто така се стрмни, и нивните западни краеви завршуваат во потопените клисури на тесните Марлборските Заливи. Североисточно од заливот се наоѓа островот Дирвил и ја бележи неговата најисточна точка. Близу брегот на градот Нелсон е островчето Ероу Рок.

Пределите помеѓу овие крајности се доста поблаги. Тука се протега крајбрежната низина околу устието на реката Ваимеја во најјужната точка на заливот. Други реки кои се влеваат во зливот се Ривака, Мотуека и Серпентина. Близу јужниот брег е долгиот Зајчев Остров. Во заливот се наоѓа и ретката каменлива образба наречена Болдер Бенк.

Земјата по средиштето на крајбрежјето е плодна, со развиено земјоделство. На подрачјето се простираат големи овоштарници со јаболка, киви и маслинки, лозови насади и долги низи хмељ. Кон средината на XX век околу заливот се одлгедувал и тутун во големи количества. Денес во Мотуека има музеј на тутунот и тутунарството. Оа е најгусто населеното подрачје на северното крајбрежје на Јужниот Остров, со неколку помали приморски гратчиња како Мотуека, Ривака и Ричмонд, како и пристанишниот град Нелсон.

Заливот првично го носел името Слеп Залив (англиски: Blind Bay), доделено од истражувачот Џејмс Кук во 1770 г.[1] Во август 2014 г. со службен указ е перименувано во „Тасманов Залив / Те Таи-о-Аорере“.[2]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. McLintock, A. H., уред. (22 април 2009) [First published in 1966]. „Tasman Bay“. An Encyclopaedia of New Zealand. Ministry for Culture and Heritage / Te Manatū Taonga. Посетено на 27 September 2017.
  2. „NZGB decisions“. Land Information New Zealand. August 2014. Архивирано од изворникот на 21 November 2015. Посетено на 6 November 2015.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

41°00′S 173°20′E / 41.000° ЈГШ; 173.333° ИГД / -41.000; 173.333