Суперзрновитост

Од Википедија — слободната енциклопедија

Суперзрновитоста е посебна шема од конвекциони ќелии на површината на Сонцето наречени суперзрна. Откриена е во 1950-тите од А. Б. Харт [1] преку мерките на Доплеровата брзина кои ги покажуваат хоризонталните текови во фотосферата (брзина на тек од околу 300 до 500 m/s, една десетина од онаа кај помалите зрна). Во 1960-тите со трудот на Лејтон, Нојс и Сајмон се одредила типичната големина на суперзрната на околу 30000 km и животен век од околу 24 часа.[1]

Потекло[уреди | уреди извор]

Суперзрновитоста уште одамна се смета за посебен вид на конвекција, но не е баш добро познато од каде таа потекнува. Иако присуството на зрна во сончевата фотосфера е добро документиран феномен, сè уште се расправа за неговата природа, а и за тоа дали постојат модели на зрновитост од повисок ред. Некои автори наведуваат дека постојат на три различни нивоа на организација: зрновитост (со типични пречници од 150–2500 km), мезозрновитост (5000–10000 km) и суперзрновитост (над 20000 км). Зрната се сметаат за знаци за присуство на конвективни ќелии кои создаваат хиерархиска структура: така што суперзрната би биле распарчени во најгорните слоеви во помали мезозрна, кои пак би се поделиле на уште помали зрна на нивната површина. Сончевиот материјал би течел надолу во темни „ленти“ кои ги одвојуваат зрната, а областите меѓу суперзрната се најголемите концентрации на ладен гас, аналогно на реките кои ги поврзуваат помалите притоки. Но, треба да се нагласи и дека ваквата претстава е многу шпекулативна и со идните откритија може да се покаже како неточна. Поновите студии [2] нудат докази дека мезозрновитоста е одлика што не постои, предизвикана од постапките за упросечување.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Freedman, Roger A.; Kaufmann III, William J. (2008). Universe. New York, USA: W. H. Freeman and Company. стр. 762. ISBN 978-0-7167-8584-2.
  2. „Living Reviews in Solar Physics“. springer.com.