Супервелеслалом

Од Википедија — слободната енциклопедија
Натпреварувач во супервелеслалом

Супервелеслалом – натпреварувачка дисциплина во алпско скијање. Заедно со спустот, се вбројува во „брзински“ скијачки трки, за разлика од техничките, велеслаломот и слаломот. Во Светскиот куп официјално е воведен во сезоната 1983, на Светското алпско првенство во 1987 и на Зимските олимписки игри во 1988 година. Слично како и во спустот, другата брзинска дисциплина во алпско скијање, супервелеслаломот се состои од широки поставени врати низ кои натпреварувачот мора да помине. Патеката е така поставена така што скијачите мора повеќе да вртат отколку во спуст, но брзините сè уште се многу поголеми отколку во велеслаломот. Секој натпреварувач има право само на едно возење. На олимписките игри, вообичаено супервелеслаломот се изведува на истите падини како и спустот со тоа што стартот е поставен пониско.

Историја[уреди | уреди извор]

Супервелеслаломот пробно се одржал на Светскиот куп во алпско скијање во 1982 година кога се одржале две трки во машка и една во женска конкуренција, но истите не се бодувале во натпреварувачката сезона. .[1] Истото лето Меѓународната скијачка федерација (ФИС) ја одобрила, па првпат официјално се возела во декември 1983 во Вал д’Изер во Франција во рамките на Светскиот куп. Победник на оваа трка бил Петер Милер од Швајцарија. Првата официјална трка во женска конкуренција во супервелеслалом се одржала месец деца подоцна, во почетокот на јануари 1983 година во Вербје, Швајцарија. Прва победничка била Ирен Епле од Западна Германија, а наредниот ден на друга патека победила Синди Нелсон од Соединетите Американски Држави.[2] Ова биле единствените две трки во велеслалом за жени во сезоната 1983, мажите имале три трки. Во почетокот оваа дисциплина била слабо прифатена,[3], меѓу другото во декември 1982 година ја бојкотирал Фил Мер, двојниот севкупен шампион.[4][5]

Првите три сезони, резултатите од супервелеслалом биле додавани на дисциплината велеслалом. Одделен статус за кристален глобус добил во Светскиот куп во сезоната 1986 со пет трки и за мажи и за жени. Први шампиони биле Маркус Васмајер и Марина Кил, и двајцата од Западна Германија.

Во Светското првенство во алпско скијање бил вклучен во сезоната 1987 на трката одржана во Кран Монтана, Швајцарија. Швајцарските скијачи Пирмин Цурбриген и Марија Вализер ги освоиле првите златни медали. Дебито на супервелеслаломот на олимписките игри било на Зимските олимписки игри во 1988 година во Калгари, а победници биле Франк Пикар од Франција и Зигрид Волф од Австрија.

Врвни скијачи[уреди | уреди извор]

Херман Мајер од Австрија, со прекар „Херминатор“ и „Монструмот“[6], нашироко се смета како најголемиот натпреварувач во супервелеслалом со 24 победи во Светскиот куп и пет титули во истиот. Исто така победил на светското првенство во 1999 година и на Зимските олимписки игри во 1998 година, три дена откако паднал на натпреварувањето во спуст. Вештината на Мајер се припишувала на неговото проучување на патеката и неговата агресивна тактика – секогаш ја избирал најдиректната и најопасната линија низ брдото. Сериозна сообраќајна несреќа во август 2001 година скоро довела до ампутација на неговата десна нога и го оддалечила од скијачките патеки во сезоната 2002. По враќањето во јануари 2013 година, извојувал уште осум победи во супервелеслалом во Светскиот куп и ја освоил титулата во сезоната 2004.

Норвежанецот Аксел Лунд Свиндал е втор на списокот со 15 победи во Светскиот куп во супервелеслалом, Пирмин Цурбригин е трет со 10 победи. Друг значаен специјалист за оваа дисциплина е Кјетил Андре Амот од Норвешка, троен освојувач на златното олимписко одличје и со 5 победи во Светскиот куп. Марк Џирардели, петкратен севкупен шампион, извојувал 9 победи во супервелеслалом во Светскиот куп.

Кај жените, Линдзи Вон од САД води со 27 победи во Светскиот куп во супервелеслалом и има пет сезонски титули. Кајта Зајцингер од Германија има пет сезонски титули и 16 победи во Светскиот куп. Ниедна од нив не освоила олимписко злато во супервелеслалом (двете имаат освоено бронзено одличје).

Опрема[уреди | уреди извор]

Во обид да ја зголеми сигурноста, Меѓународната скијачка федерација (ФИС) во сезоната 2004 на Светскиот куп ја ограничила минималната должина на скиите на 205 см за мажите и 200 см за жените. Исто така, истата сезона минималниот полупречник на кривините бил зголемен на 45 м.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Cindy Nelson winner of new super slalom“. Ottawa Citizen. Associated Press. March 24, 1982. стр. 31.
  2. „Nelson takes super giant ski slalom title“. Gettysburg Times. Associated Press. January 11, 1983. стр. 8.
  3. Wood, Larry (March 11, 1985). „Super-G inspires a super yawn“. Calgary Herald. стр. C1.
  4. „Downhill specialist wins World Cup 'super-G'. Spokesman-Review. Associated Press. December 23, 1982. стр. 26.
  5. Chamberlain, Tony (March 9, 1983). „As season finishes, brothers Mahre find skiing kind of a drag“. Spokane Chronicle. (Boston Globe). стр. C4.
  6. Херман Мајер

Надворешни врски[уреди | уреди извор]