Рудник „Саса“

Координати: 42°07′09.6″N 22°31′02.2″E / 42.119333° СГШ; 22.517278° ИГД / 42.119333; 22.517278
Од Википедија — слободната енциклопедија
За истоименото село видете Саса, а за јаловиштето видете Саса (јаловиште).
Управните објекти на рудникот

Сасарудник за олово и цинк којшто се наоѓа на јужните падини на Осоговските планини, во непосредна близина на селото Саса. Тој е најголемиот подземен рудник во Македонија.[1]

Историја и дејност[уреди | уреди извор]

Во почетокот на септември 1952 година во Берово е одржан првиот официјален состанок, на чиј дневен ред е поставено прашањето за САСА. На тој работен договор присуствуваа Филип Николовски – претседател на околискиот народен одбор, Методија Митевски Брицо – секретар на околискиот комитет на Сојузот на комунисти, Ване Милковски – член на ОК на СК, Никола Попов, секретар на малешевска околија и Славко Паплер – директор на рудникот „Злетово”–Пробиштип. Првата режиска група за истражување на САСА е формирана 1953, во состав: Никола Попов, одговорен на групата, Костадин Богоевски, дипломиран инженер по геологија, Славко Паплер, Нанче Илиевски и Јонче Котевски. Првите истражни работи се започнати на 14 јуни 1954 година. Тогаш во Свиња Река е одржана мала свеченост. Најмладиот меѓу шеснаесетте рудари, Стефан Маринковски, по удирањето со првиот рударски копач, го поставил камен-темелникот на САСА. Со првата рударска група, која ги водеше истражните работи, раководеше Борис Стојановски од работната организација „Злетово” – Пробиштип. Во февруари 1955 е формиран т.н. режиски одбор, во чиј состав беа и Брицо, тогашен претседател на штипска околија, Васил Туџаров, Ане Арсов, а подоцна и Игнат Дуовски. Истражниот период во САСА е поделен во две етапи: првата до 1957 (запознавање на закономерностите за настанувањето на рудните појави) и втората 1957–1961 период во кој истражувањата се вршат директно за докажување на рудните резерви. Изградбата на производствените и преработувачките капацитети е почната 1961 и завршена 1966 година. Тогаш истражните работи се прекинати.

На 9 декември 1965 година, преку референдум САСА е интегрирана со „Злетово” во единствено претпријатие - рудници за олово и цинк „Злетово-Саса”–Пробиштип. Со претпријатието раководел работнички совет од 44 членови, по 22 од двата погони и управен одбор од 9 членови. Во втората половина на 1966 рудникот е пуштен во пробно производство, а потоа и во редовно. Свечениот чин на пуштање во погон на мелниците во флотацијата на 29 ноември 1966 година му е доверен на најзаслужниот мајстор за монтажа на опремата, Миливоје Думановиќ, кој со шампањ наздравил со зборовите: „ Еве другари, тргна, па нека ни е среќно на сите нам”. Во изградбата и отворањето на САСА учество зеле и фирмите: „Рудник” од Белград „Технометар” од Скопје, АТС од Делчево и Кочани, „Обнова” од Делчево, „Трепча” од Звечан и инсталаторската задруга „Р. Илиќ-В. Мандиќ” од Белград.

Првата електрична светлина во рудникот засвете на 13 јануари 1959 година, со доведувањето на електрична енергија по изградениот далновод од Тораница до САСА. Работите под доста тешки услови ги извела група електричари од „Злетово”, под раководство на Нанче Илиевски.

Флотацијата со годишен капацитет од 500.000 тони руда, свечено ја предал во употреба тогашниот претседател на собранието на СРМ, другарот Благоја Талески, на 28 август 1974 година.

Само три месеци по одредувањето на првите копачи во потрагата по рудното богатство, поточно во септември 1954 година, со само четири членови, беше основана првата организација на сојузот на комунисти, а за нејзин секретар е избран Диванис Веселиновски, вработен како пробар во јама. Таа била основен, можеби и единствен двигател на акциите за обезбедување макар и минимални услови за работа и живеење на рударите. Исто така била иницијатор и организатор на првата прослава на 28 август, денот на македонските рудари во 1956 година, кој ден од тогаш редовно се прославува на најсвечен начин.

Рудникот работи од 1966 година, а од 2017 година е во сопственост на рудникот „Централ Азија Металс“.[1] Почетното годишно производство при неговото основање било 300.000 тони сува олово-цинкова руда; во 2015 година, рудникот имал годишно производство од околу 780.000 илјади тони, од кои 7,5% олово-цинков концентрат;[2] а во 2020 година неговото производство надминувало над 800.000 илјади тони годишно. При производството на минерални суровини, во рудникот просечно се произведуваат околу 30.000 тони олово и околу 23.000 тони цинк во одделни метални концентрати годишно. Во рудникот се вработени околу 700 лица.[1]

Јаловишта[уреди | уреди извор]

Со преработка на рудата, одвојувањето на оловото и цинкот се создава јаловина којашто се одлага на јаловиштен простор од неколку хидројаловишта по течението на Каменичка Река.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Запознајте ги членовите на нашиот Управен одбор - ОЛЕГ ТЕЛНОЈ, РУДНИК „САСА“ ДООЕЛ - Македонска Каменица“. Стопанска комора на Македонија. 21 август 2020.
  2. 2,0 2,1 „Студија за оценка на влијание врз животната средина на проект: „Изградба на хидројаловиште бр. 4 на рудник „Саса" - Македонска Каменица" (PDF). Скопје: Рудник „Саса“. 2016. стр. 2. Посетено на 3 февруари 2021.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

42°07′09.6″N 22°31′02.2″E / 42.119333° СГШ; 22.517278° ИГД / 42.119333; 22.517278