Ристо Кузмановски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Роден 10 април 1932
Охрид
Починал 5 мај 2013
Белград,  Србија
Занимање новинар и публицист


Ристо Кузмановски (Охрид, 10 април 1932 - Белград, 5 мај 2013) бил истакнат македонски новинар и публицист и долгогодишен дописник на „Нова Македонија“ од Белград.

Биографија[уреди | уреди извор]

Кузмановски е роден на 10 април 1932 година во Охрид, каде завршил гимназија. Во Белград отишол во 1951 година каде студирал Историја на уметноста. Од 1954 година од Белград хонорарно соработувал во дневниот весник „Нова Македонија" од Скопје. Две години подоцна бил примен за постојан дописник. На ова дописничко место работел скоро четири децении до 1992 година кога се пензионирал.

Во текот на повеќегодишната новинарска работа, покрај другото, обезбедувал специјални искажувања, изјави и интервјуа од најеминентни писатели, филмски работници (режисери и артисти) композитори, сликари и други личности од земјата и странство. По налог на редакцијата на „Нова Македонија" известувал од повеќе општествено - политички и други настани во земјата. Повеќепати бил известувач од посетите на претседателот Тито во земјата и странство. Информирал од стотина посети на шефови на држави или претседатели на владите и министри за надворешни работи на Југославија. Кузмановски е еден од ретките новинари кој добил ексклузивни интервјуа од писателите Иво Андриќ и Мирослав Крлежа. Во својата новинарска активност Кузмановски пишува повеќе пати, како прилози на "Нова Македонија", за најзначајните откритија од историското и уметничко минато на Охрид. Ристо Кузмановски интензивно се занимава со публицистичка работа. Досега како автор, објавил неколку публикации за родниот Охрид. Во 2004 година од печат излегува јубилејното издание “Охрид и неговите ризници“ по повод 50 годишнината од објавувањето на првата книга за Охрид, во 1954 година. Кузмановски објавил повеќе книги за Охрид и неговите ризници секогаш во издание на Општината Охрид кои денес како прирачници и литература ги користат посетителите на Охрид и новите генерации на водичите - толкувачи на историското културното и уметничкото минато на Охрид и на Охридското Езеро како ризница на прастар растителен и животински свет. Ристо Кузмановски е наградуван неколку пати:

  • Во 1976 година му е доделена Седмоноемвриската награда за прилогот на “Охридски ризници“ што беше објавен како специјален додаток во неделниот број на белградска Политика.
  • Во 1989 година редекцијата "Нова Македонија" на Ристо Кузмановски му ја доделува наградата за животно дело поради активноста на своето јавување на страниците на весникот. Во периодот дедека бил дописник на Нова Македонија од Белград, објавува ексклузивни интервјуа со најзначајни личности од областа на културата и уметноста.Тогаш Кузмановски на страниците на Нова Македонија го објавува и фељтонот “Охридски ризници“.
  • Во 2004 година градот Охрид на Кузмановски му доделува Признание за животно дело по повод 50 годишнината од објавувањето на неговата прва книга за историското, културното и уметничко минато на Охрид (1954 - 2004) и за афирмација и континуирана промоција на културното наследство на Охрид.

Починал во Белград по кратко боледување на 5 мај 2013 година.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Во Белград почина новинарот и публицист Ристо Кузмановски“ (Македонски). Ohrid press. Вторник, 07 Мај 2013 10:46. конс. 2013-05-07. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]