Реална ригидност

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Реална ригидност (англиски: real rigidity) или реална ригидност на цените претставува појава во економијата, кај којашто реалните (релативните) цени на производите покажуваат тенденција да не се менуваат како одговор на макроекономските шокови. Поставката за ригидност на реалнитe цени е една од основите на кои почива учењето на Новите кејнзијанци.

Значење на реалните ригидности на цените[уреди | уреди извор]

Интеракцијата помеѓу номиналните и реалните ригидности е клучна карактеристика на новата кејнзијанска економија. Новите кејнзијанци сметаат дека номиналните и реалните ригидности одат ,,рака под рака‘’ и се надополнуваат. Реалните ригидности се посебно значајни, бидејќи економските субјекти повеќе се заинтересирани за реалните категории отколку за номиналните. Новите кејнзијанци ги објаснуваат реалните ригидности на цените преку осетливоста на маргиналните трошоци и ценовната еластичност на побарувачката на промените во економската активност. Реалните ригидности на цените се поголеми колку што е поголема цикличната осетливост на ценовната еластичност на побарувачката и колку што е помала цикличната осетливост на маргиналните трошоци.

Постојат повеќе извори кои предизвикуваат реални ригидности на цените, а кои се елаборирани од страна на кејнзијанците: екстерналии на длабоките пазари, пазарот на потрошувачи, теоријата за инпут-аутпут табела, имперфектност на пазарот на капитал итн. Според Менкју, реалните ригидности на цените на стоките и услугите се предизвикани од:

  • прво, различното временско фиксирање, односно усогласување на цените и платите од страна на претпријатијата и
  • второ, грешки во координацијата.[1]

Екстерналии на „длабоките“ пазари[уреди | уреди извор]

Во секојдневниот живот, воспоставувањето врска помеѓу купувачите и продавачите претставува определен трошок. Од една страна, купувачите трошат време за да го испитаат пазарот на стоки и услуги кои им се потребни, а од друга страна, продавачите трошат од своите ресурси за реклами, промовирање и сл., со цел нивните производи да бидат што подостапни до купувачите. Колку големи ќе бидат тие трошоци зависи од тоа дали се работи за „длабоки“ пазари, каде трговските активности се на повисоко ниво, или ,,плитки’’ пазари, каде трговските активности се на пониско ниво. Доколку се работи за ,,длабоки’’ пазари, во услови на експанзија и високо ниво на економска активност, трошоците за истражување ќе бидат помали, а доколку се работи за „плитки“ пазари, нивото на трошоци за истражување е повисоко. Во услови на рецесија, фирмите се соочени со поголеми трошоци за истражување на пазарот, па и покрај рецесијата и намалениот број на свои потрошувачи, тие нема да се одлучат да ги намалат своите цени.

Доколку екстерналиите на „длабоките“ пазари во услови на рецесија и ниско ниво на економска активност ја поместуваат кривата на маргинални трошоци нагоре, а во услови на експанзија и зголемено ниво на економска активност ја поместуваат надолу, тогаш тоа е значаен извор на реални ригидности на цените на пазарот на стоки и услуги.[2]

Пазар на потрошувачи[уреди | уреди извор]

Пазарот на потрошувачи во голема мера се разликува од аукциските пазари. На пазарот на потрошувачи, трошоците за истражување на пазарот се значително мали, бидејќи повеќето од производите на овој пазар се продаваат низ процесот на ,,шопинг’’. Потрошувачите на овој пазар имаат ограничени информации за најниските цени на производите кои сакаат да ги купуваат. Па, според тоа, продавачите имаат интерес да ги обесхрабрат купувачите да го истражуваат пазарот со цел да најдат поповолна цена. На овој пазар, продавачите често ги повторуваат своите купувања, односно, тие по навика ги купуваат истите производи од истите продавачи од каде ги купиле и претходно. Доколку, продавачите често ги менуваат нивните цени, тоа може да предизвика сомнеж кај купувачите и поттик да почнат да го истражуваат пазарот кај другите продавачи. Поради овој факт, фирмите настојуваат често да не ги менуваат своите цени, а тоа претставува значаен извор на ригидност на цените на пазарот на стоки и услуги.

Гордонова „инпут-аутпут“ теорија[уреди | уреди извор]

Теоријата на „инпут-аутпут“ е развиена од Гордон во 1981 година, во неговиот труд „Флуктуациите на производството и постепеното приспособување на цените“ (Output Fluctuations and Gradual Price Adjusment). Тој ја нагласува важноста на комплексноста при донесувањето одлуки, во услуги кога илјадници фирми купуваат илјадници производи. Поради фактот што секоја фирма е поврзана со илјадници други фирми преку комплексна инпут-аутпут табела, за неа е невозможно да ги знае сите идентитети на фирмите со кои соработува во процесот на набавка и продажба. Па, оттука, фирмата не може да биде сигурна дека доколку се предизвика шок на страната на агрегатната побарувачка, тоа ќе предизвика намалување на нејзините маргинални трошоци, како што се намалува побарувачката за нејзините производи.

Од друга страна пак, може да се случи да постојат фирми кои се резиденти на странски земји и кои се соочуваат со различни фази во деловниот циклус во тие земји. Па така, локалната фирма може да работи во услови на рецесија во нејзината земја, а странските фирми со кои соработува таа да работат во различни услови на стопанска активност. Локалната фирма може да биде соочена со рецесија, а странските фирми со кои врши соработка за набавка на нејзините инпути да работат во услови на експанзија. Во овој случај, фирмата која е соочена со проблемот на намалена побарувачка на своите производи ќе се соочи со несигурност при донесувањето одлука за намалување на цените. Ова претставува значаен извор на реални ригидности на цените надолу, при што урамнотежувањето на пазарот на стоки и услуги станува проблематично.[3]

Различно временско усогласување на цените од страна на претпријатијата и грешки во координацијата[уреди | уреди извор]

Според Менкју, постојат две групи на фактори кои предизвикуваат ригидност на цените и платите:

  • прво, различното временско фиксирање, односно усогласување на цените од страна на претпријатија и
  • второ, грешки во координацијата.

Различното временско фиксирање, односно усогласување на цените од страна на претпријатијата е значаен извор на ригидности на цените, а тоа може да се објасни преку следниов пример. Прво, се претпоставува дека сите фирми дејствуваат синхронизирано и дека тие ги фиксираат цените на стоките и услугите на 1-ви секој месец. Исто така, се претпоставува дека доаѓа до зголемување на понудата на пари и пораст на агрегатната побарувачка на 10-ти истиот месец. Но, бидејќи фирмите дејствуваат синхронизирано, тие ќе мораат да чекаат до 1-ви наредниот месец за да ги зголемат цените на своите производи, во зависност од понудата на пари. Ова се случува кога фирмите дејствуваат синхронизирано.

Но, Менкју претпоставува и една друга ситуација: дека половина од фирмите ги фиксираат цените на своите производи на првиот ден во месецот, додека останатите ги фиксираат цените на петнаесеттиот ден од месецот. Во продолжение, тој претпоставува ситуација кога доаѓа до зголемување на понудата на пари и на агрегатната побарувачка на 10-ти од месецот. Во тој случај, фирмите кои ги фиксираат цените на петнаесеттиот ден во месецот нема да ги зголемат цените, или ќе ги зголемат само во мал износ, бидејќи со зголемувањето на цените се соочуваат со проблемот на губење на своите потрошувачи, кои можат да се префрлат кај фирмите кои ги фиксираат своите цени на 1-ви во месецот. На овој начин, Менкју ја објаснува ригидноста на цените на стоките и услугите. Се разбира, истата логика важи и при објаснување на ригидноста на платите на пазарот на трудот.[4]

Менкју, исто така, смета дека дека претпријатијата кои дејствуваат во една економија се соочени со грешки во координацијата, при одлуката за зголемување или намалување на цените на своите производи и при изборот на моментот кога тоа ќе го направат. За подобро објаснување може да се искористи анкетата која ја има направено Алан Блајндер.

Промени Процент на фирми
Помалку од еднаш 10,2%
Еднаш 39,3%
1.01 до 2 15,6%
2.01 до 4 12,9%
4.01 до 12 7,5%
12.01 до 52 4,3%
52.01 до 365 8,6%
Повеќе од 365 1,6%

Во табелата се презентирани резултатите од анкетирањето на менаџерите на прашањето: „колку често цените на вашите производи се менуваат во текот на годината“. Може да се забележи дека најчест одговор бил дека фирмите ги менуваат цените на своите производи и услуги само еднаш во текто на годината (39,3%), додека 10,2% од испитаниците одговориле дека цените ги менуваат помалку од еднаш. Ова значи дека повеќето од половина испитаници ги менуваат своите цени најмногу еднаш во годината. Запрашани, зошто не ги менуваат цените почесто, 60,6% од менаџерите одговориле дека основна причина се грешките во координацијата.

Други извори на реални ригидности на цените[уреди | уреди извор]

Покрај претходно споменатите извори на реални ригидности на цените на стоките и услугите, овде може да се доддадат уште два:

Цната како одраз на квалитетот. Цената како одраз на квалитетот е извор кој води кон ригидност на цените на стоките и услугите. Оние производи кои имаат повисока цена, најверојатно, имаат и повисок квалитет. Во услови на рецесија, фирмата нема да се одлучи да ги намали цените на своите производи и услуги. Потрошувачите сметаат дека производите со повисока цена имаат и подобар квалитет и, оттука, намалувањето на цените на производите ќе го протолкуваат како намалување на квалитетот на производите. Токму поради овој факт, фирмите во услови на рецесија не се одлучуваат да ги намалат цените, а тоа претставува извор на ригидност на цените на стоките и услугите. Само како илустрација, во анкетата која ја има спроведено Блајндер, во која се содржани дванаесет теории за ригидност на цените на стоките и услугите, на прашањето, која најмногу одговара за нивната фирма, во теоријата на Стиглиц за цената како одраз на квалитетот се имаат најдено најмал процент од испитаниците т.е. 10%. За разлика од оваа теорија, дури 60,6% се изјасниле дека основна причина поради која тие почесто не ги менуваат цените на своите производи и услуги е во грешките во координацијата.[5]

Имперфектноста на пазарот на капитал. Фирмите своите потреби за финасирање ги остваруваат преку интерните и екстерните извори. Во услови на експанзија, бидејќи побарувачката за нивните производи се зголемува, тие своите финансиски потреби ги задоволуваат од интерни извори. Но, во услови на рецесија, побарувачката за нивните производи се намалува, па така, своето финансирање го гледаат од екстерни извори, преку задолжување на пазарот на капитал. Со тоа во услови на рецесија, кога тие се финансираат од екстерни услови, нивните трошоци се зголемуваат. Ако трошоците на фирмите се однесуваат контрациклично т.е. поголеми трошоци во услови на рецесија и помали во услови на експанзија, притоа придвижувајќи ја кривата на маргинални трошоци нагоре во услови на рецесија, тие претставуваат значаен извор кој предизвикува ригидност на цените на стоките и услугите.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Предраг Трпески, ,,Новата кејнзијанска економија, Македонско научно друштво, Битола, 2011.
  2. Предраг Трпески, „Новата кејнзијанска економија“, Македонско научно друштво, Битола, 2011.
  3. Предраг Трпески, „Новата кејнзијанска економија“, Македонско научно друштво, Битола, 2011.
  4. Предраг Трпески, „Новата кејнзијанска економија“, Македонско научно друштво, Битола, 2011.
  5. Предраг Трпески, „Новата кејнзијанска економија“, Македонско научно друштво, Битола, 2011.