Пуризам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Корица на книгата „L'esprit nouveau", октомври 1920 година.

Пуризам[1][2] (француски: Le Purisme), (од француски pur-pure) — уметнички правец кој настанал во Франција во 1918 година, а е поврзан со сликарството и архитектурата. Идеолошки креатори на движењето се францускиот сликар Амеде Озанфан (Amédée Ozenfant) и архитектот и сликар Шарл-Едуар Жанере (Charles-Édouard Jeanneret), попознат по псевдонимот Ле Корбизје (Le Corbusier). Правецот настанал како реакција на кубизмот, односно на неговата практика на разградување и деформирање на предметите што тој се обидува да ги прикаже, за кој сметал дека како таков создава уметност која е премногу орнаментична и декоративна. Пуризмот првенствено се заснова на неоплатонската филозофија, која во уметничка смисла значи отфрлање на реалното претставување на предметот и обид да се прикаже „суштината“ на неговиот облик. Ваква естетика се обидува да примени на сите облици на пластичен израз — сликарството, дизајнот и архитектурата.

Написот „Апре ле кубизм“ (Après Le Cubisme), објавен во 1918 година, се смета за манифест на пуризмот. Првата целосна формулација на пуристичката естетика била објавена во 1920 година во написот „Le Purisme“ во списанието „Леспри нуво“ (L'esprit nouveau), кој бил и гласник на движењето. Пуризмот е дефиниран како концепт кој не се однесува само на сликарството и архитектурата, туку содржи и збир особини кои треба да ја карактеризираат целата модерна мисла. Се слави едноставна и јасна естетика на машините како предмети кои ја симболизираат модерната доба, а природата е дефинирана како совршена логичка машина чија убавина произлегува од тоа што е подложна на физичките закони. Инженерската професија се смета за возвишена поради нејзината дисциплина и рационалност. Како лајтмотив пуризмот го нагласува враќањето кон логиката, јасноста, едноставноста и редот — особини кои треба да бидат присутни во секој облик и производ на човечкото дејствување.

Во сликарството, пуризмот инсистира на прикажување на предмети кои се симболи на индустрискиот свет и како такви треба да бидат претставени како анонимни и чисти. Фигуративноста се отфрла, а композиционо се инсистира на геометриски ред и рамнотежа. При компонирањето се користи златниот пресек како совршена пропорција. Во дизајнот потребно е да се исполни критериумот за функционалност на производот и неговата намена да биде естетски јасно изразена, додека во архитектурата објектите треба да исполнуваат два критериуми — од една страна да бидат функционални, а од друга да содржат во својот облик апстрактни елементи кои имаат функција да ги хранат сетилата и умот.

Изложбата на декоративни уметности „Exposition des Arts Décoratifs“ одржана во Париз во 1925 година била важна за промоција на пуризмот, на кој бил изложен „Павилјонот на новиот дух“ (Pavillon de L'Esprit Nouveau) дизајниран од Ле Корбизје и кој бил прототип на модерна станбена единица изградена во согласност со пуристичките начела. Павилјонот бил обид да се прикаже чувствителноста на пуризмот — тој бил дизајниран да има можности слични на машината, опремен со мебел од индустриски тип и прикажувал пуристички слики од Ле Корбизје, Озанфан и Фернан Леже.

Крајот на пуризмот е забележан на почетокот на 1930-ти. Во сликарството не добил голем замав, но влијаел на подоцнежните модерни сликарски правци. Во архитектурата, значително влијаел на „Меѓународниот стил“ што се појавил во 1925 година.

Уметници[уреди | уреди извор]

Литература[уреди | уреди извор]

  • Кенет Фрамптон — модерна архитектура: критичка историја (Белград, 2004)
  • Милош Перовиќ — Историја на модерната архитектура (2А) — Кристализација на модернизмот: големите мајстори (Белград, 2005)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  1. „пуризам“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „пуризам“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик