Повратник (филм од 2015)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Повратник (англиски: The Revenant) - американски филм од 2015 година, во режија на Алехандро Гонзалез Ињариту, кој е и автор на сценариото, заедно со Марк. Л. Смит. Во главните улоги настапуваат: Леонардо ди Каприо, Том Харди, Вил Поултер и Донал Глисон. Во 2016 година, филмот бил номиниран за наградата „Оскар“ во 12 категории, а победил во три (најдобра режија, најдобар главен глумец и најдобар фотографија). Исто така, филмот освоил три награди „Златен глобус“ и четири награди „БАФТА“.

Синопсис[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се одвива во првата половина на 19 век. Извидникот Хју Глас (го игра ди Каприо), заедно со својот син, се наоѓа на лов на диви животни. Тогаш, групата ловци е нападната од едно индијанско племе при што едвај успеваат да се спасат. Додека талкаат низ шумата, Глас се оддалечува од својата група, со намера да го испита теренот, но тогаш го напаѓа гризли. Сепак, тој успева да ја убие мечката, но претрпува тешки повреди. Водачот на ловците, капетанот Ендрју Хенри (го игра Глисон) не сака да го остави Глас да умре, но бидејќи тој го забавува движењето на ловците, Хенри остава двајца ловци, Фицџералд (го игра Харди) и Бриџер (го игра Поултер) да го чуваат Глас. Фицџералд се обидува да го задави Глас, а потоа го убива неговиот син, по што тој и Поултер го оставаат ранетиот Глас во шумата. Тогаш започнува тешкото патешествие на Глас, кој има огромна волја да преживее, со цел да му се одмазди на Фицџералд за убиениот син. Најпрвин, Глас ја избегнува потерата од Индијанците така што скока во студената река; потоа среќава осамен Индијанец, кој е пријателски настроен кон него и двајцата го продолжуваат патувањето; подоцна, Глас налетува на група француски ловци на крзно при што спасува една индијанска жена, успева да украде коњ и побегнува во шумата. Во меѓувреме, Фицџералд и Бриџер пристигаат во воениот логор, каде на капетанот Хенри му кажуваат дека Глас умрел. Меѓутоа, еден ден, во логорот пристигнува француски ловец, кој раскажува за случката со Глас, по што капетанот Хенри организира потера по него. Така, војниците го спасуваат Глас, а кога потерата се враќа во логорот, капетанот Хенри открива дека Фицџералд побегнал. Оттука, тој и Глас тргнуваат во потрага по Фицџералд, но кога го наоѓаат, тој го убива капетанот Хенри. Сепак, Глас успева да го стигне Фицџералд и меѓу нив започнува борба, а кога Глас сака да му го зададе завршниот удар, тој го здогледува индијанското племе и го турка Фицџералд во реката, а Индијанците го убиваат.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]