Михаил Ставрев - Хаљо
Михаил Ставрев | ||
Роден | Јанковец, Ресенско | |
---|---|---|
Починал | ? |
Михаил Ставрев, познат под прекарот Хаљо, е македонски револуционер, родум од ресенското село Јанковец, четник на одредот „Македонски арамии“ и на Врховниот македонски комитет.
Во 1885 г., за време на Српско-бугарската војна Михаил Ставрев е дел од одредот на Мајор Коста Паница наречен „Македонски арамии“[1], со надеж дека бугарската држава и армија ќе помогне Македонија да се ослободи од турскиот јарем.
Тогаш, но и по војната, намерите на Паница, и пред сè на неговите потчинети, како и на сите родољубиви Македонци, биле искрени и благородни. Од друга страна пак, приоритет на бугарскиот премиер Стефан Стамболов му биле личните амбиции и кариерата, којашто ја градел неретко злоупотребувајќи го македонското прашање, меѓу другото. Во една прилика, во врска со ослободувањето на Македонија тој изјавил:
- „Не треба ние да ослободуваме ниеден народ; народите треба да се ослободат сами или да загинат (исчезнат).“ [2][3]
Тука се случува и кулминацијата во кавгата и непријателството меѓу некогашните блиски пријатели Стамболов и Паница, коешто можеби било делумно и лично, и траело неколку години, и во 1890 г. Паница е осуден за заговор за убиство на Стамболов и на кнезот Фердинанд I, и погубен.
„Македонските арамии“ решаваат да се одмаздат. Во 1891 г. Ставрев се поврзува со Крсто Ножаров, и со браќата Наум, Никола и Димитар (Денчо) Туфекчиеви и учествува во обидот за убиството на Стамболов, при што по грешка е убиен министерот за финансии Христо Белчев. На 3 јули 1895 година во Софија при нов атентат, повторно организиран од Наум Туфекчиев, заедно со неколкумина други македонски националисти, Стамболов конечно е убиен. Ставрев е физичкиот убиец.
Осуден е во отсуство, така што трагите му се губат до 1900 година. Тогаш е уапсен за вооружен грабеж во Софија, но е ослободен. Станува четник на ВМК. Во 1901 година повторно е уапсен, а во 1902 година е осуден на смрт, но подоцна казната му е намалена и лежи извесно време во Шуменскиот затвор[4].
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Стефан Цанев, „Български хроники“, (том 3 - История на нашия народ от 1878 до 1943 г.), 2008, стр 105.
- ↑ Стефан Цанев, „Български хроники“, (том 3 - История на нашия народ от 1878 до 1943 г.), 2008, стр 106.
- ↑ Рихард фон Мах, „Из българските бурни времена", 1929 г.
- ↑ Илустрација Илинден, 1930, бр. 27, стр. 14