Корисник:Идеологист/Фудбалска репрезентација на Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Времеплов[уреди | уреди извор]

Почетоци (1993–96)[уреди | уреди извор]

Составот на Македонија на
натпреварот против Словенија
на 13 октомври 1993 година

Првиот натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија е пријателски натпревар против Словенија, одигран на 13 октомври 1993 година во словенечкиот град Крањ. Македонија предводена од селекторот Андон Дончевски победила со 1–4. Во третата минута од овој натпревар, Зоран Бошковски го постигнал првиот гол во историјата на фудбалската репрезентација на Македонија. Дарко Панчев го постигнал вториот гол од белата точка во 37. минута. Голот за Словенија го постигнал Јанез Пате во 40. минута. Чедомир Јаневски постигнал успешен пенал за Македонија во 48. минута и со тоа го зголемил водството на Македонија. Четвртиот гол за Македонија го постигнал Драган Канатларовски во 51. минута и со тоа тој го запечатил конечниот резултат на овој натпревар.

Следната година, фудбалската репрезентација на Македонија одиграла четири пријателски натпревари на домашен терен. Македонија ја пречекала Словенија на 23 март на Градскиот стадион во Скопје, пред дваесет илјади навивачи. Ова е првиот натпревар на македонската репрезентација на домашен терен. Жарко Серафимовски во втората минута успеал да ја смести топката во мрежата на словенечкиот голман, а во 20. минута Зоран Бошковски постигнал гол за конечен резултат од 2–0. На 14 мај, Македонија го одиграла својот прв натпревар на домашен терен надвор од Скопје. Тогаш репрезентацијата на Македонија ја пречекала репрезентацијата на Албанија на Градскиот стадион во Тетово. Пред публика од пет илјади, Македонија постигнала одличен резултат од 5–1 против Албанија на овој пријателски натпревар. На 26 мај, Македонија одиграла пријателски натпревар против Естонија во Скопје и победила со 2–0. Првиот пораз на македонската репрезентација е запишан на 31 август, тогаш Турција ја победила Македонија со 0–2 на пријателски натпревар во Скопје.

Во истата 1994 година, Македонија станала членка на ФИФА и УЕФА. Фудбалската репрезентација на Македонија за прв пат се нашла на ранг-листата на ФИФА на 17 мај 1994 година, рангирана на 147. место со само три одиграни натпревари, сите пријателски.

Квалификации за Европското првенство во фудбал (1996)[уреди | уреди извор]

Прочитајте повеќе: Квалификации за Европското првенство во фудбал 1996 – група 2

Првото големо натпреварување што Македонија го играла се квалификациите за Европското првенство во фудбал за 1996 година. Во овие квалификации, Македонија била во групата 2 заедно со репрезентациите на Белгија, Данска, Ерменија, Кипар и Шпанија. На првиот натпревар од овие квалификации, одигран на 7 септември 1994 година на Градскиот стадион во Скопје, пред дваесет илјади публика, Македонија одиграла нерешено против актуелниот европски шампион Данска со резултат од 1–1, а голот за Македонија го постигнал Митко Стојковски во петтата минута од натпреварот и со тоа била навестена доминацијата на Македонија во поголемиот дел од играта. Во овие квалификации, Македонија го претрпела едниот од најголемите порази кога загубила со 0–5 против Белгија на домашен терен на 7 јуни 1995 година. Македонија не успеала да се пласира на Европското првенство во фудбал за 1996 година, завршувајќи на четвртото место во квалификациската група 2 со седум бода. Единствената победа на Македонија во овие квалификации била против Кипар. Оваа победа ја обезбедил Бошко Ѓуровски со хет-трик. По овие квалификации, на декемвриската ранг-листа на ФИФА во 1995 година Македонија се нашла на 94. место со 22 бода.

1996–2001[уреди | уреди извор]

Квалификации за Светското првенство во фудбал (1998)[уреди | уреди извор]

Во првиот обид за пласман на светското првенство во фудбал, Македонија се нашла во група со Исланд, Литванија, Лихтенштајн, Република Ирска и Романија. Македонија ги започнала квалификациите со натпревар против Лихтенштајн на домашен терен на 24 април 1996 година, во кој македонската репрезентација победила со 3–0. Следниот натпревар против Исланд завршил нерешено со резултат 1–1. Следувал пораз од Република Ирска со резултат од 3–0. На 9 ноември 1996 година, Македонија ја запишала најголемата своја победа кога го победила Лихтенштајн со 1–11 во натпревар во гости. По натпреварот со Лихтенштајн и пријателски натпревар со Малта, во декември Македонија била поразена на домашен терен со 0–3 од Романија, сите голови на Георге Попеску. На 2 април 1997 година, Македонија ја совладала Република Ирска во Скопје со головите на Стојковски и Ѓорѓи Христов и завршила со конечен резултат од 3–2. Македонија го победила Исланд на следниот натпревар, но ги загубила натпреварите против Романија и Литванија. Македонија завршила на четвртото место во групата 8 со 13 бода, не успевајќи да се пласира на светското првенство во фудбал кое се одржало во Франција во 1998 година.

1998

Фудбалската репрезентација на Македонија ја започнала 1998 година со победа од 1–0 на пријателскиот натпревар против Бугарија во Скопје на 25 март. Голот за Македонија во 40. минута го постигнал македонскиот напаѓач Ѓорѓи Христов. На 18 април, македонската репрезентација се соочила со репрезентацијата на Јужна Кореја. Овој пријателски натпревар се одиграл во Скопје и завршил со 2–2, а головите за Македонија ги постигнале Христов и Игор Ѓузелов. Во април 1998 година, македонската репрезентација се натпреварувала на „LG Cup“, во корејска организација, којшто таа година се одржал во Иран. Како дел од овој куп, македонските репрезентативци ја совладале репрезентацијата на Јамајка со 1–2, а потоа во рамките на овој куп се соочиле со репрезентацијата на Унгарија каде загубиле со 4–2 на пенали. Следниот месец, во мај, македонската репрезентација отпатувала за Америка каде во Сан Хозе, Калифорнија одиграла пријателски натпревар против репрезентацијата на САД, кој завршил нерешено со резултат од 0–0, а следниот ден во Торонто се соочила со репрезентацијата на Канада, каде што изгубила со резултат од 1–0.

Наводи[уреди | уреди извор]