Искупување (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Искупување
Насловна страна на првото издание
АвторИјан Мекјуан
ЗемјаАнглија
Јазиканглиски
Издадена
2001
Страници371
ISBN0-224-06252-2 (прво издание)
OCLC47231087

Искупување (англиски: Atonement) е роман на британскиот автор Ијан Мекјуан, објавен во 2001.

Насловот се однесува на процесот на опростување на грешка и се отповикува на стремежот на главниот лик да се искупи. Девојче од добростоечко семејство во Англија меѓу двете светски војни, кое се стреми да биде писателка, прави сериозна грешка која го менува животот на сите. Последователно, таа бара искупување за време на целиот нејзин живот, што води кон истражување на самата природа на пишувањето.

Искупување се смета за еден од најдобрите романи на Мекјуан и е еден од најодликуваните романи од свое време. Се најде во потесен избор на Букеровата награда за најдобар роман во 2001, награда којашто веќе му беше доделена за претходниот роман, Амстердам. Во 2007, романот беше адаптиран во „филм“ во режија на Џо Рајт во чии главни улоги настапија Џејмс Мекавој и Кира Најтли, а кој доби номинации за „Оскар“ и за наградите на „Бафта“.

Синопсис[уреди | уреди извор]

На најжешкиот ден од летото во 1935 година, тринаесетгодишната Брајони Талис ќе ја види сестра си Сесилија како се соблекува и нурнува во фонтаната во градината на нивната куќа. Ја гледа Роби Тарнер, нејзиниот пријател од детството кој, исто како Сесилија, тукушто е дипломиран на Кембриџ.

До крајот на тој ден, животите на овие три ликови ќе бидат засекогаш променети. Роби и Сесилија ќе ја поминат границата која на почетокот им изгледа неверојатна, а и двајцата ќе станат жртви на фантазијата на младата Брајони. Брајони ќе биде сведок на мистерии и ќе изврши злосторство за кое цел свој живот ќе се обидува да се искупи.

Главни ликови[уреди | уреди извор]

  • Брајони Талис - помладата сестра на Леон и Сесилија. Брајони е надежна писателка. На почетокот на романот има тринаесет години и зема учество во праќањето на Роби Тарнер во затвор откако ги наоѓа тој и Сесилија како водат љубов во библиотеката. Брајони е делумно раскажувач, делумно лик. Во текот на романот го гледаме нејзиниот развиток од дете во жена. На крајот, Брајони ја сфаќа нејзината грешка и решава да напише роман за да се искупи.
  • Сесилија Талис - средната ќерка во семејството Талис. Сесилија е вљубена во нејзиниот пријател од детството, Роби Тарнер.
  • Леон Талис - најстарото дете во семејстовто Талис. Леон се враќа дома во посета, заедно со неговиот пријател Пол Маршал.
  • Емили Талис - мајката на Брајони, Сесилија и Леон. Во поголемиот дел од романот, Емили е болна и лежи во кревет поради тешки мигрени.
  • Џек Талис - таткото на Брајони, Сесилија и Леон. Џек често работи до доцна и со тоа авторот ни алудира дека има љубовница.
  • Роби Тарнер - синот на г-ѓа Тарнер, кој живее на имотот на Талисови. Роби пораснал заедно со Леон, Брајони и Сесилија и добро го познава семејството. Вљубен е во Сесилија.
  • Лола - 15-годишната братучетка на Талисови.
  • Пол Маршал - пријател на Леон кој ќе ја силува Лола, а подоцна и ќе се ожени за неа.

Теми и мотиви[уреди | уреди извор]

Искупување[уреди | уреди извор]

Главната тема на романот е всушност самиот наслов. Во текот на книгата, читателот ги следи ликовите во потрага по искупување. „Им подарив среќа, но не бев толку себична да дозволам да ми простат“, вели Брајони на крајот од романот. Таа ќе го препознае нејзиниот грев (што погрешно го обвини Роби и со тоа им ја ускрати шансата на Роби и Сесилија да бидат заедно) и ќе се обиде да се искупи со тоа што пишува роман. Не си простува себеси, но затоа се обидува да го заработи искупувањето со тоа што ги оживува Роби и Сесилија во нејзиниот роман.

Врската книга/автор[уреди | уреди извор]

Мекјуан прави споредба помеѓу Брајони, писателка во неговиот роман, и самиот тој како писател во реалноста. Оваа споредба го поврзува животот на авторот со животот на Брајони во приказната.

Вистината наспроти фантазијата[уреди | уреди извор]

Во текот на романот, Брајони си создава сопствен свет на темел на незрелост и недоразбирање, во нејзината литература, како и во нејзиниот ум. Измислената реалност на Брајони е често позитивна и оптимистична - како, на пример, среќавањето на Роби и Сесилија на крајот на нејзината приказна. Но нејзината погрешна претстава за реалноста е она што го започнува дејството на нејзината приказна.

Мир[уреди | уреди извор]

Мирот е мотив во Искупување, покажан во мирниот живот на ликовите кои живеат на имотот Талис на почетокот од романот. Имотот е отсликан изолирано и мирно, настрана од хаотичниот свет во кој владеат нередот и мешаниците. И ликовите се одделени од хаотичното општество. Но Сесилија го покажува нејзиното незадоволство кон самотијата и тишината на имотот и сака да прави покорисни работи во животот.

Смрт[уреди | уреди извор]

Во втората половина на романот, мотивот на смртта е претставен како спротивност на мотивот на животот од првиот дел на романот. Овој мотив се појавува најмногу додека Брајони работи во болницата, зашто се среќава со многу смртни случаи на војници. Смртта е претставена и во војната, кога Роби учествува во повлекувањето. Роби е сведок на смртта на многу војници и цивили.

Љубов[уреди | уреди извор]

Врската помеѓу Сесилија и Роби е прикажана љубовно, дури и кога Брајони фиктивно ја прикажува нивната повторна средба.

Локации и објекти[уреди | уреди извор]

Маките на Арабела[уреди | уреди извор]

Маките на Арабела е драма напишана од Брајони Талис во 1935 година, со намера да биде изведена денот кога брат и Леон ќе се врати дома, но која, поради несоработката на Џексон и Пјеро нема да биде изведена и ќе доведе до дополнителни компликации во дејството. Драмата ќе биде изведена на крајот од романот, во 1999 година, на прославата на 77. роденден на Брајони, во која ќе глумат неколку нејзини внуци.

Имотот Талис[уреди | уреди извор]

Имотот Талис се наоѓа во Англија и е дом на семејството Талис. Првиот дел од романот се одвива таму, но и последниот - во последната сцена, куќата станала хотел. Прославата на 77. роденден на Брајони се случува таму, во истата библиотека во која Роби и Сесилија водеа љубов за прв и последен пат.

Вазната[уреди | уреди извор]

Вазната му припаѓала на братот на г. Талис, Клем, кој ја добил како подарок за тоа што ги спасил жителите на град во близина на Вердeн за време на Првата светска војна. Сесилија и Роби ќе ја скршат вазната, и токму овој инцидент ќе придонесе кон нивната разделба.

Данкерк[уреди | уреди извор]

Вториот дел од романот содржи детални описи од евакуацијата во Данкерк, во која Роби зема учество.

Болницата[уреди | уреди извор]

Сесилија и Брајони стануваат медицински сестри, обучени во истата болница во Лондон. Брајони одбира да биде сестра и да работи напорно наместо да ужива како студент на Кембриџ. Болницата е контактот на Брајони со суровата реалност на војната.

Овој дел од книгата ја опишува строгата дисциплина на медицинските сестри во тоа време, моделирана врз основа на вистински описи од времето на Флоренс Најтингејл во Кримската војна.

Споменати книжевни дела[уреди | уреди извор]

Интертекстуалноста е присутна во „Искупување“: се спомнуваат романи од Вирџинија Вулф, Томас Харди, Хенри Џејмс, Џејн Остин, Семјуел Ричардсон, Владимир Набоков и Шекспир. Мекјуан изјавил дека директно влијание му бил романот на Л. П. Хартли, The Go-Between.

Осврт кон романот[уреди | уреди извор]

„Искупување“ се смета за еден од најзначајните романи на Мекјуан. Во него, предмет на анализа се граничните искуства на насилството, темната страна на сексуалноста и смртта. Тој е грандиозен роман за љубовта и војната, за детството и класните разлики, за вината и простувањето. „Сандеј тајмс“ го оценил делото како „Магично читливо“, а Џон Апдајк го опишал како „прекрасна и величествена панорама“.[1]

Награди и критики[уреди | уреди извор]

Искупување се најде во потесен избор за Букеровата награда во 2001 година за најдобар роман, а ја освои наградата за најдобар роман на Лос Анџелес Тајмс за 2002 година, како и мноштво други награди. Entertainment Weekly во нивното 1000-то издание го стави романот на 82. место на нивниот список на 100 најдобри книги во последните 25 години. Time го прогласи романот за најдобар на годината и го вклучи во списокот на 100 најдобри романи на сите времиња.[2] The Observer исто така го стави на списокот на 100 најдобри романи и го нарече „современ класик со неверојатна раскажувачска убедливост“.[3]

Критичари (приложено во оригинал):

  • Crosthwaite, Paul. "Speed, War, and Traumatic Affect: Reading Ian McEwan's Atonement." Cultural Politics 3.1 (2007): 51-70.
  • D’hoker, Elke. “Confession and Atonement in Contemporary Fiction: J. M. Coetzee, John Banville, and Ian McEwan.” Critique 48.1 (2006): 31-43.
  • Finney, Brian. "Briony's Stand Against Oblivion: The Making of Fiction in Ian McEwan's Atonement." Journal of Modern Literature 27.3 (2004): 68-82.
  • Harold, James. "Narrative Engagement with Atonement and The Blind Assassin." Philosophy and Literature 29.1 (2005): 130-145.
  • Hidalgo, Pilar. “Memory and Storytelling in Ian McEwan’s Atonement.” Critique 46.2 (2005): 82-91.
  • Ingersoll, Earl G. “Intertextuality in L. P. Hartley’s The Go-Between and Ian McEwan’s Atonement.” Forum for Modern Language Studies 40 (2004): 241-58.
  • Schemberg, Claudia. Achieving 'At-one-ment': Storytelling and the Concept of Self in Ian McEwan's The Child in Time, Black Dogs, Enduring Love and Atonement.' Frankfurt am Main: Peter Lang, 2004.
  • Phelan, James. “Narrative Judgments and the Rhetorical Theory of Narrative: Ian McEwan’s Atonement.” A Companion to Narrative Theory. Ed. James Phelan and Peter J. Rabinowitz. Malden, MA: Blackwell, 2005. 322-36.

Контроверзија[уреди | уреди извор]

Во 2006 година, посмртното издание на автобиографијата на Лусила Ендрус насловена „Нема време за романса“ (No time for romance) покренало сомненија дека романот на Мекјуан е плагијат. Мекјуан се изјаснил како невин[4][5][6], а многу автори застанале во негова одбрана.[7][8]

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Магор, Каталог 2015. Скопје, 2015, стр. 7.
  2. „All Time 100 Novels“. Time. 2005-10-16. Архивирано од изворникот на 2010-01-07. Посетено на 2010-04-25.
  3. The Guardian. London http://blogs.guardian.co.uk/observer/archives/2005/05/11/the_best_novels_ever_version_12.html. Посетено на 2010-04-28. Отсутно или празно |title= (help)
  4. „An inspiration, yes. Did I copy from another author? No“. Guardian Online. London. 2006-11-27. Посетено на 2006-11-27.
  5. Hoyle, Ben (2006-11-27). „McEwan hits back at call for atonement“. Times Online. London. Посетено на 2006-11-27.
  6. „McEwan accused of copying writers memoirs“. PR inside. Архивирано од изворникот на 2007-03-26. Посетено на 2006-11-27.
  7. Reynolds, Nigel (2006-12-06). „Recluse speaks out to defend McEwan“. The Daily Telegraph. London. Посетено на 2010-04-25.
  8. „Pynchon backs McEwan in 'copying' row“. The Guardian. London. 2006-12-06. Посетено на 2010-04-25.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]