Прејди на содржината

Томас Харди

Од Википедија — слободната енциклопедија
Томас Харди
Занимањеписател, поет, раскажувач
Книжевно движењенатурализам
Сопруг/аЕма Лавинија Гифорд
(1874–1912)
Флоренс Даџдејл
(1914–28)
Потпис

Томас Харди (2 јуни 1840 - 11 јануари 1928 ), англиски писател. Поради специфичниот реализам и вонредно пластичниот опис на амбиентот во кој се случува дејството во неговите романи, тој важи за најдобар англиски автор од тоа време - „последен викторијанец“.

Томас Харди е роден во Дорсет, во југозападниот дел на Англија.[1] Таткото на Томас (умрел 1892 г.) работел како каменорезец и локален градител, а неговата мајка (умрела 1904 г.) била добро образована и го воспитувала Томас пред тој да тргне на училиште на возраст од осум години. Уште на почетокот на своето школување, Томас покажал академски потенцијал.[2] Сепак, поради тешката финансиска состојба во која се наоѓале неговите родители, тој го завршил школувањето на возраст од 16 години, и почнал да работи со локалниот архитект. Во 1862 година се преселил во Лондон и се запишал на колеџ. Томас Харди се интересирал за социјалната реформа и се запознал со делата на Џон Стјуарт Мил и Чарлс Фурие. Пет години подоцна, поради здравствени причини, се вратил во Дорсет и решил да се посвети на пишување.

Харди се разболел во декември 1927 година. На претсмртна постела, на сопругата ѝ ја диктирал својата последна поема. Умрел на 11 јануари 1928 година, а бил погребан на 16 јануари.

Творештво

[уреди | уреди извор]

Харди се појавил на англиската книжевна сцена околу 1870 година, а најголемата творечка активност датира од периодот 1880-1895 година. Иако според критиката на општеството е викторијанец, а според психиологизмот е близок на писателите од 1920-тите, тој е осамена појава во англиската книжевност и не може да се смести во ниту една група. Во своите дела ги прикажувал англиските села и малите градови и ниту еден друг англиски писател не ја опишал подобро од него англиската провинција. Многу англиски критичари го сметаат Харди за претставник на психолошкиот реализам, зашто бил застапник на мислењето дека злото е само дел од космичкиот живот и дека во космосот владеат слепи сили кои се бесмислени и сурови, а човековата судбина е само одраз на тие слепи, сурови сили и затоа животот се сведува на борба против неправдата и злото. Неговиот песимизам не е толку силно изразен во првите романи, „Под зелените дрвја“ и „Далеку од немирната толпа“, а целосно доаѓа до израз во романите „Враќањето на домородецот“ (1878) и „Претседателот на општината Кастер-бриџ“, а кулминира, преминувајќи во огорченост, во двата последни романи, „Теса од семејството д'Урбервил“ (1891) и „Неугледниот Џуд“ (1895). Од неговите подоцнежни дела се издвојуваат големото драмско-епско дело „Династи“, кое има 19 чина, 130 сцени и стотина ликови, а дејствието се случува низ цела Европа за време на Наполеоновите војни.[3]

На врвот од творештвото (на возраст од 55 години), огорчен и поврден од злонамерната критика со која англиската јавност (книжевната критика и читателите) ги дочекала неговите последни романи, особено „Теса од семејството д'Урбервил“ и „Неугледниот Џуд“, како и хајката која била преземена против него, Харди се заколнал дека повеќе нема да пишува романи и никогаш не ја прекршил заклетвата, така што од 1895 година со смртта во 1928 година не напишал и не објавил ниту едно поголемо прозно дело. Поради то ашто ја напишал вистината за тогашното англиско општество (доцната викторијанска ера), бидејќи верно ја опишал психата на средниот сталеж, затоа што јасно и гласно кажал дека „во животот не победува доброто туку злото“, тогашното општество не можело да му ги прости тие остри зборови и остро го нападнало, одречувајќи му го талентот и нарекувајќи го порнограф, неморален, безбожник, еретик и нехуман. Повеќе тогашни бискупи давале изјави во весниците дека „Теса“ ја расипува младината, а познатиот писател и критичар Честертон му ги оспорувал сите способности, освен стилистичките, нарекувајќи го перверзен и незнабожец кој го измислил бога само за да му се потсмева. Токму затоа, согледувајќи дека повеќе не може да пишува слободно, Харди престанал да пишува романи и од 1895 година до крајот на животот пишувал само песни, драми во стихови и неколку раскази. Дури триесет години подоцна, новата генерација на англиските критичари го признала Харди како голем писател и како еден од најголемите англиски романописци. На пример, во познатото предавање на Вирџинија Вулф од 1924 година, „Арнолд Бенет и Госпоѓата Браун“, генерацијата Батлер-Конрад-Харди ја става пред Голсворди-Бенет-Велс при што првите ги нарекува анализатори, а другите реалисти. Уште повеќе, Вулф го става Харди рамо до рамо со Толстој, Такери и Стерн и го нарекува голем романописец. [4]

Делата на Харди се ценети од многумина писатели, вклучувајќи ги Д. Х. Лоренс, Џејмс Џојс и Вирџинија Вулф.[5]

  1. N. S., „Napomena o Thomasu Hardyju“, во: Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 414.
  2. Claire Tomalin, Thomas Hardy: the Time-torn Man(Penguin, 2007) pp.30,36.
  3. N. S., „Napomena o Thomasu Hardyju“, во: Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 414-415.
  4. N. S., „Napomena o Thomasu Hardyju“, во: Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 413-414.
  5. N. S., „Napomena o Thomasu Hardyju“, во: Thomas Hardy, Tessa iz porodice d’Urberville: Čista žena. Zora, Zagreb, 1965, стр. 414.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Викицитат има збирка цитати поврзани со: