Името на розата (филм од 1986)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Името на розата (англиски: The name of the rose) - француско-италијанско-германски филм од 1986 година, во режија на Жан-Жак Ано (Jean-Jacques Annaud). Главните улоги ги играат: Шон Конери (Sean Connery), Ф. Мареј Абрахам (F. Murray Abraham), Кристијан Слејтер (Christian Slater), Мајкл Лонсдејл (Michel Lonsdale), Рон Перман (Ron Perman) и Валентина Варгас (Valentina Vargas). Филмот е снимен според истоимениот роман на Умберто Еко, кој бил незадоволен од филмот и изјавил дека тој нема никакви допирни точки со книгата.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Дејствието на филмот се одвива во средниот век. Во еден манастир пристигнува францисканскиот калуѓер Вилијам од Баскервил (го игра Конери) во придружба на својот млад ученик Адсон (го игра Слејтер). По пристигнувањето, опатот му соопштува на Вилијам за трагичниот настан што се случил во манастирот - смртта на младиот калуѓер Аделмо. Врз основа на расфрлените информации, Вилијам претпоставува дека Аделмо извршил самоубиство, но сè уште не ја знае причината. Утредента е пронајден трупот на калуѓерот Венанциј за кого Вилијам се сомнева дека е убиен во библиотеката. Вечерта, Вилијам дознава за тајниот влез во библиотеката и ноќта, тој и Адсон ја посетуваат писарницата, каде го откриваат чудниот ракопис (напишан со тајно писмо) што го препишувал Венанциј. Таму се појавува непознат калуѓер, кој му ги краде очилата на Вилијам. Разгледувајќи ја библиотеката, тие откриваат дека таа е изградена како лавиринт. Адсон случајно среќава убава девојка (ја игра Варгас) со која води љубов, а потоа се онесвестува. Потоа се случува уште една смрт - во бањата го наоѓаат мртвото тело на Беренгар. Прегледувајќи го трупот на Беренгар, Вилијам открива црна боја на прстите и на јазикот, а тоа му раѓа сомнеж дека станува збор за смртоносен отров. Неколку дена по средбата на девојката, Адсон сè уште е потресен и постојано мисли на неа, посакувајќи да ја види повторно. Најпосле, во манастирот пристига делегацијата на францисканскиот ред, а по нив пристигнуваат и пратениците на папата и инквизиторот Бернардо (го игра Мареј Абрахам). Стражарите ги заробуваат калуѓерот Салваторе и девојката од селото и инквизиторот ги обвинува дека подготвувале вештерски обред. Започнува состанокот меѓу двете делегации на која се расправа за сиромаштијата на Христос при што доаѓа до голема кавга. Тогаш, во просторијата влегува калуѓерот Северин, кој му соопштува на Вилијам дека во неговата лабораторија пронашол чудна книга, но веднаш потоа тој е убиен. Инквизиторот го обвинува калуѓерот Ремиџо за ерес и за убиството на Северин. Ремиџо го признава првиот грев, т.е. дека бил следбеник на фра Долчино, но не и вториот грев. Сепак, откако инквизиторот му соопштува дека ќе биде мачен, преплашениот Ремиџо признава дека ги убил сите калуѓери во опатијата. Бидејќи Вилијам го прогласува Ремиџо за невин, инквизиторот ѝ наредува на стражата да го надгледува Вилијам. За време на една богослужба, главниот библиотекар, Малахија, паѓа мртов, а Вилијам утврдува дека и тој има црн јазик. Вилијам конечо успева да ја открие шифрата со која би можел да влезе во тајната соба во библиотеката во која се чуваат забранетите книги, а таму го затекнуваат слепиот калуѓер Хорхе. Таму, Вилијам ја разгледува втората книга на Аристотел, посветена на комедијата. Наеднаш, Хорхе ја зема книгата и почнува да ги јаде листовите, иако знае дека на тој начин ќе умре. Во борбата меѓу Вилијам и Хорхе доаѓа до пожар која ја зафаќа целата библиотека, а Вилијам и Адсон успеваат да се спасат. Во меѓувреме, инквизицијата ги погубува двајцата калуѓери обвинети за ерес, но девојката ја спасуваат селаните, кои го убиваат инквизиторот. Вилијам и Адсон ја напуштаат опатијата и се разделуваат.

Наводи[уреди | уреди извор]