Името на розата

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Името на розата (италијански: Il nome della rosa) - роман на италијанскиот писател Умберто Еко од 1980 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

  • Секако, ракописот: Во уводот, Еко опишува како дошол до ракописот што го претставува. На 16 август 1968 година, во Прага, случајно ја пронашол книгата на опатот Валета за ракописот на калуѓерот Адсон од манастирот во Мелк. Тој ја прочитал книгата и напишал низа белешки, но неа му ја зел пријателот со кој патувал. Подоцна, во Париз, пронашол друга книга која немала никаква врска со ракописот на Адсон, а натамошните негови истражувања упатувале кон тоа дека никогаш не постоел таков ракопис. Меѓутоа, во 1970 година, во Буенос Аирес, повторно пронашол доказ за постоењето на ракописот во кој се опишуваат необични настани што се случиле во 1327 година во еден манастир во северниот дел на Италија. Сето тоа го навело да го преведе текстот на Адсон, оригинално напишан на латински јазик.[1]
  • Прослов: Адсон, веќе старец кому му се заканува смртта, пишува за својот мотив да ги опише настаните што се случиле во неговата малдост, кога му бил придружник и секретар на францисканскиот калуѓер Вилијам од Баскервил. Во 1327 година, Вилијам бил испратен на важна задача - да подготви средба меѓу царската власт и папата, а истовремено и да ги испита таинствените случки во еден манастир во северна Италија. Притоа, иако калуѓер, Вилијам бил голем љубител на техниката, под влијание на Роџер Бејкон, и верувал дека доаѓа време на големи технички потфати.[2]
  • Првиот ден: Додека се приближуваат до опатијата, Вилијам среќава група луѓе кои го бараат избеганиот коњ на опатот. Притоа, тој покажува голема остроумност така што, според одредени знаци, на трагачите им дава подробни известувања за коњот, иако него воопшто не го видел. Потоа, веднаш по пристигнувањето, опатот Абоне му соопштува на Вилијам за трагичниот настан што се случил во манастирот - смртта на младиот калуѓер Аделмо. За да ја води истрагата, Вилијам добива слободен пристап низ опатијата, со исклучок на библиотеката во која се чуваат и некои забранети книги. Попладнето, Вилијам се среќава со познатиот калуѓер Убертино, кој западнал во немилост на црковната власт поради неговите ортодоксни религиозни ставови. Истовремено, Вилијам забележува еден калуѓер со животински изглед и со необично однесување - Салваторе. Потоа, тој се запознава со треварот Северин, кој му раскажува за неговата богата збирка лековити и отровни билки. Вечерта, Вилијам ја посетува писарницата во која калуѓерите препишуваат разни книги при што од библиотекарот Малахија дознава дека опатијата располага со богата библиотека. Таму се појавува и слепиот калуѓер Хорхе кој започнува остра расправа со Вилијам, кој дознава дека на смртта на Аделмо ѝ претстоела расправа меѓу калуѓерите чија тема била смеата. Подоцна, во разговор со стакларот Никола, Вилијам дознава дека понекогаш на калуѓерите што ја посетуваат библиотеката им се појавуваат привиденија. Врз основа на расфрлените информации, Вилијам претпоставува дека Аделмо не бил убиен, туку извршил самоубиство.[3]
  • Вториот ден: Утредента, крај ѕидините е пронајден трупот на калуѓерот Венанциј за кого Вилијам се сомнева дека е убиен во библиотеката. Во разговор со калуѓерот Бено, Вилијам дознава за расправата меѓу калуѓерите за смеата и дека пред да умре, Аделмо и Венанциј барале нешто од помошникот-библиотекар Беренгар. Потоа, Беренгар му признава дека последната вечер го сретнал вознемирениот Аделмо кој зборувал за некои привиденија, а од Бено дознава уште поинтересни работи: дека хомосексуалецот Беренгар го искористил Аделмо давајќи му некоја забранета книга; откако ја поминал ноќта со Беренгар, Аделмо му се исповедал на Хорхе, потоа излегол надвор, каде се појавил и Венанциј и најпосле извршил самоубиство. Од разговорот меѓу Вилијам и опатот, Адсон дознава повеќе за задачата која му е доверена на Вилијам - да организира средба меѓу претставниците на папата и царските пратеници, а Вилијам се сомнева дека трагичните настани во опатијата имаат некаква подлабока заднина. Вечерта, Вилијам го дознава тајниот влез во библиотеката и ноќта, тој и Адсон ја посетуваат писарницата, каде го откриваат чудниот ракопис (напишан со тајно писмо) што го препишувал Венанциј. Таму се појавува непознат калуѓер, кој му ги краде очилата на Вилијам. Разгледувајќи ја библиотеката, тие откриваат дека таа е изградена како лавиринт, а во нејзините соби, со помош на огледала и некои билки, на посетителите им се причинуваат привиденија.[4]
  • Третиот ден: Откако успеваат да излезат од лавиринтот на библиотеката, Вилијам и Адсон дознаваат дека ноќта исчезнал Беренгар во чија соба е пронајдена крвава крпа. По разговарот со Салваторе, кој му ја кажува својата животна приказна, Адсон е збунет и бара од Вилијам да му ја објасни разликата меѓу црковното и разните еретички учења. Вилијам ја открива смислата на тајното писмо на Венанциј и истовремено успева да ја разреши тајната на лавиринтот во библиотеката. Потоа, Адсон бара од стариот калуѓер Убертино да му раскаже повеќе за еретикот фра Долчино. Збунет и потресен од таа приказна, ноќта, Адсон тајно оди во библиотеката, но набргу ја напушта зашто во неа не може да најде мир. Тогаш, во кујната среќава убава девојка со која води љубов, а потоа се онесвестува. Сепак, Вилијам го наоѓа својот ученик, му го простува гревот и му објаснува дека, најверојатно, станува збор за сиромашна девојка од селото која тајно доаѓа во манастирот и се проституира за храна. Адсон и Вилијам одат во бањата и таму, на дното на една када, го наоѓаат мртвото тело на Беренгар.[5]
  • Четвртиот ден: Прегледувајќи го трупот на Беренгар, Вилијам и билјарот Северин откриваат црна боја на прстите и на јазикот, а тоа им раѓа сомнеж дека станува збор за смртоносен отров. Притоа, Северин се присетува на една кражба на многу опасен отров, што се случила пред неколку години. Вилијам разговара со поранешните следбеници на фра Долчино, Салваторе и Ремиџо и од нив добива корисни информации за смртта на Венанциј. Наеднаш, Вилијам ги пронаоѓа украдените леќи, а од стакларот добива уште еден пар. Неколку дена по средбата на девојката, Адсон сè уште е потресен и постојано мисли на неа, посакувајќи да ја види повторно. Најпосле, во манастирот пристига делегацијата на францисканскиот ред со која Вилијам разговара за грешниот папа од Авињон. Веднаш по нив пристигнуваат и пратениците на папата меѓу кои се наоѓаат и двајца познати инквизитори. Ноќта, Вилијам и Адсон повторно одат во библиотеката и конечно ја откриваат нејзината таинствена конструкција. Таму, Адсон занесено чита книга за љубовта. Во меѓувреме, стражарите ги заробуваат Салваторе и девојката од селото и и инквизиторот ги обвинува дека подготвувале вештерски обред.[6]
  • Петтиот ден: Започнува состанокот меѓу двете делегации на која се расправа за сиромаштијата на Христос при што доаѓа до голема кавга. Тогаш, во просторијата влегува Северин, кој му соопштува на Вилијам дека во неговата лабораторија пронашол чудна книга. Вилијам се враќа на состанокот и расправа за потребата од поделба меѓу световната и црковната власт. Наеднаш, состанокот се прекинува поради веста дека некој го убил Северин. Во лабораторијата, Вилијам безуспешно се обидува да ја пронајде чудната книга за која подоцна сфаќа дека ја зел калуѓерот Бено. Попладнето почнува судењето на калуѓерот Ремиџо, кој е обвинет за ерес и за убиството на Северин. Ремиџо го признава првиот грев, т.е. дека бил следбеник на фра Долчино, но не и вториот грев. Сепак, откако инквизиторот му соопштува дека ќе биде мачен, преплашениот Ремиџо признава дека ги убил сите четворица калуѓери во опатијата, но присутните знаат дека не ја зборува вистината. Вечерта, слепиот калуѓер Хорхе држи проповед за гревовите на калуѓерите и за доаѓањето на Судниот ден.[7]
  • Шестиот ден: За време на една богослужба, Малахија паѓа мртов, а Вилијам утврдува дека и тој има црн јазик. Од стакларот Никола, Вилијам дознава за сплетките што се случувале во манастирот во минатото, за незадоволството на италијанските калуѓери од изборите на библиотекарите и за тоа како Абоне станал опат. Така, тој сфаќа дека убиствата на калуѓерите не се поврзани само со чудната книга, туку имаат подлабока заднина. Од каталогот на книгите Вилијам го реконструира редоследот на библиотекарите во минатото и тоа му дава идеја за причините за убиствата. Вилијам разговара со опатот, кој бара од него да ја прекине истрагата и да го напушти манастирот. Со помош на Адсон, Вилијам конечо успева да ја открие шифрата со која би можел да влезе во finis Africae, тајната соба во библиотеката во која се чуваат забранетите книги.[8]
  • Седмиот ден: Вилијам и Адсон влегуваат во тајната соба каде го затекнуваат слепиот калуѓер Хорхе. Во разговорот со него дознаваат дека опатот побарал од него да му ја покаже тајната соба за која дознал од Вилијам, а Хорхе го намамил да влезе во тајниот премин и таму го оставил да умре. Потоа, Хорхе признава дека тој е причинителот за смртта на калуѓерите. Имено, кога дознал дека младите калуѓери зборуваат за една книга во која се зборува за смеата, Хорхе ги намачкал страниците на книгата со силен отров кој одамна го украл од лабораторијата на Северин. Притоа, Беренгар му ја кажал тајната за забранетата книга на Аделмо, а тој на Венанциј. Читајќи ја книгата, Венанциј и Беренгар се отруле, а Хорхе го наговорил Малахија да го убие Северин, кој случајно ја открил книгата во својата лабораторија. Во тајната соба, Вилијам ја разгледува забранетата книга и заклучува дека станува збор за втората книга на Аристотел, посветена на комедијата. Книгата ја донесол Хорхе, кој подоцна станал библиотекар и ја чувал во тајната соба сметајќи дека содржи опасни идеи. Наеднаш, Хорхе ја зема книгата и почнува да ги јаде листовите, иако знае дека на тој начин ќе умре. Во борбата да ја спаси книгата, Вилијам ненамерно предизвикува пожар која ја зафаќа целата библиотека, а набргу се проширува и на другите згради во опатијата.[9]
  • Последното фолио: Опатијата гори три дена и три ноќи, а свештениците ја напуштаат во паника. Вилијам и Адсон одат во Минхен, каде се разделуваат, а подоцна, Адсон дознава за смртта на Вилијам, кој умрел од чума во средината на 14 век. По неколку децении, Адсон повторно ја посетува опатијата и во урнатините наоѓа остатоци од изгорените пергаменти.[10]

Главни ликови[уреди | уреди извор]

  • Вилијам од Баскервил: Главниот јунак во романот е еден вид детектив-интелектуалец, но истовремено и човек на своето време. Тој е припадник на демократскиот калуѓерски ред, следбеник на Роџер Бекон, претходникот на експерименталниот метод во науката. Заглавен во две паралелни дејства, од кои едното непосредно е поврзано со актуелната политичка стварност, а другото претставува предизвик за неговата рационалност, интелектуалната совест го принудува Вилијам од Баскервил, од една страна, да се стави во служба на „левите“ идеи чиј застапник е и тој самиот, а од друга страна, да се наоружа со семиолошка присебност за да не им подлегне на разните доктринарни стапици. Дејствувајќи во бурно историско време (судирот меѓу папата и царот, дејноста на инквизицијата, ширењето на ересот, развојот на градовите и универзитетите), тој не може да се откаже од ангажманот, но повеќе е заинтересиран да ја покаже моќта на разумот, дури и на еден криминалистички случај кој има споредно значење.[11]
  • Хорхе: Слепиот калуѓер Хорхе претставува сива еминенција во библиотеката, самонаречен носител на вистината и доброволно ја презема улогата на оружје во рацете на наводната божја промисла, која е таква само според името. Тој предизвикува низа крвави настани, но не е способен со нив да управува според својата намера - настаните во опатијата да ги прикаже како остварување на Откровението.[12]

Осврт кон романот[уреди | уреди извор]

Философско-криминалистичкиот роман „Името на розата“ е првото белетристичко дело на Умберто Еко, објавено по дваесетгодишна научна и публицистичка работа во областа на средновековната историја, лингвистиката, естетиката, семиотиката, социологијата и книжевната критика. Објаснувајќи го мотивот за пишувањето на романот, во еден разговор Еко изјавил: „Она за кое не може да се теоретизира, треба да се напише.“ Во романот Еко го употребил своето долгогодишно истражувачко искуство, но избраната форма на романот и применетата раскажувачка постапка претставуваат изненадување, зашто тие веќе биле отфрлени од страна на новата италијанска авангарда, чиј сопатник бил и самиот Еко. Имено, романот се одликува со Аристотеловското единство, праволиниска фабуларна композиција, затворена и цврста структура врамена зад обидот авторот да се скрие зад другите раскажувачи, монолитност на ликовите и доследна фикционалност, т.е. сите карактеристики кои италијанската авангарда ги прогласила за забавувачки, потрошувачки и реакционерни.[13]

Иако романот се одвива во Средниот век, тој не претставува бегство од сегашноста, ниту пак културен туризам, како што се изразил еден рецензент. Употребата на светите топоси, книжевните клишеи и деловите од другите текстови не е самоволно составување patchwork ни едноставно чествување на традицијата, од Библијата, Аристотел, Августин и Тома Аквински преку Шекспир и Волтер до Артур Конан Дојл, Пруст, Борхес и Витгенштајн. Оттука, ова дело е отворено кон читателот и, во зависност од неговата способност за рецепција, четивото може да се прими на повеќе начини - од буквален регистер до целосен увид во интенционалноста на интертекстуалната манипулација со дијахронијата. На почетокот, авторот го претставува животниот тек на ракописот, кој на читателот му се нуди од четврта рака: имено, авторот (романописецот Еко како божемен пронаоѓач на ракописот) прави свои белешки врз основа на преводот или преработката што ја направил опатот Валета во 19 век, кој се послужил со текстот со кој ерудитот Мабилон од 17 век го пренесува записот на калуѓерот Адсон од Мелк од крајот на 14 век. На тој начин, оваа тројна рамка ја обезбедува фиктивната „автентичност“ на средновековната приказна и истовремено го изразува сомнежот во однос на нејзината веродостојност. Во продолжение, оваа рамка е во согласност со постмодернистичкото откритие дека книгите не зборуваат само за нештата, туку и за другите книги. Така, крајниот резултат е плод на разговорот меѓу книгите низ кој средновековната хроника добила облик на нововековен роман, а нејзиниот стил се стопил со новинарскиот израз од 20 век.[14]

Основата на композицијата на романот во себе ги обединува уверливата архитектонска разработка, мрачната атмосфера од англискиот неоготски роман и опсесивниот мотив на нашето време: библиотеката-лавиринт. Притоа, додека втората компонента, по дефиниција извира од нашиот однос кон готиката и е срасната со нашата претстава за предметот, третата компонента (лавиринтот) ја надминува својата вредност како спој меѓу две епохи. Таа е раскрсница на мистичното иницијациско искушение на замрсениот пат кон вистината и разгранување на метафизичката енигма во која се заплеткува разумот на современиот одгатнувач на знаците. Во една статија посветена на овој роман, самиот Еко го дефинира лавиринтот како апстрактен модел на хипотетичноста, кој го исцртува секој тек на расудување. На книжевен план, таквата мрежа на претпоставки најдобро се остварува во истрагата која е својствена на криминалистичкиот роман. Оттука, воопшто не е случајно тоа што главниот лик во романот се вика Вилијам од Баскервил, како нескриена алузија на романот на Артур Конан Дојл, „Баскервилскиот пес“, додека името на неговиот ученик со помош на асонанца потсетува на соработникот на Шерлок Холмс.[15]

Основната теза во романот е дека декодификацијата на светот бара интердисциплинарно знаење и дека разумот е несовршено, но единственото средство што му стои на располагање на човекот. Притоа, разумот ги користи поединечните, дури и случајни нагаѓања за да се искачи до некакво објаснување на проблемите. Во тој контекст, секоја вистина е привремена и има смисла само додека служи во искачувањето, а станува безвредна, лажна и опасна ако се прогласи за врховен закон што арбитрира во името на сопственото име-етикета. Криминалистичката предлошка на романот ги изневерува класичните барања, зашто на крајот, вистината се открива случајно, по грешка. Меѓутоа, поразот на разумот е само привремен, исто како и откриената вистина: во моментот кога кулминацијата на истрагата се открива само како сплет на случајни околности, решавањето на проблемот добива карактер на метафизички судир меѓу две спротивни сфаќања на традицијата, едно конзервативно, а другото творечко и активно. На крајот, библиотеката, сфатена како бастион на знаењето, се уништува себеси, но пожарот ги уништува само знаците на знаците, т.е. само имињата, но вистината, ако воопшто постои, ќе си го пробие патот без оглед на имињата.[16]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 11-16.
  2. Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 23-30.
  3. Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 31-113.
  4. Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 115-196.
  5. Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 197-280.
  6. Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 281-361.
  7. Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 363-440.
  8. Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 440-496.
  9. Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 497-530.
  10. Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 531-538.
  11. Morana Čale, „Ime romana“ во: Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 549-550.
  12. Morana Čale, „Ime romana“ во: Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 550.
  13. Morana Čale, „Ime romana“ во: Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 545.
  14. Morana Čale, „Ime romana“ во: Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 546-547.
  15. Morana Čale, „Ime romana“ во: Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 547-548.
  16. Morana Čale, „Ime romana“ во: Umberto Eco, Ime ruže. Zagreb: Grafički zavod Hrvatske, 1984, стр. 549-551.