Златната треска (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Златната треска (англиски: The Gold Rush) - американски филм од 1925 година, во режија на Чарли Чаплин, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Чарли Чаплин, Марк Свејн, Том Мареј и Џорџа Хејл. Филмот бил номиниран за наградата „Оскар“ во категориите за најдобар звук и за најдобра музика.[1][2][3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се одвива во времето на златната треска, кога илјадници луѓе се упатиле во планините на Алјаска во потрага по злато. Еден мал, сиромашен човек (го игра Чаплин) заминува во планината со надеж дека ќе си ја најде среќата. Тој се засолнува во една колиба во доаѓа во судир со озлогласениот Блек Ларсен (го игра Мареј) кого го бара полицијата. Сепак, во колибата доаѓа Биг Џим (го игра Свејн), кој претходно пронашол место богато со злато. Кога Ларсен заминува во потрага по храна, во колибата остануваат малиот човек и Биг Џим, кој не може да го издржи гладот и сака да го убие својот сопатник. За среќа, во колибата доаѓа една мечка која ја убиваат и така двајцата се спасуваат од гладот.
Кога Биг Џим доаѓа до местото каде го пронашол златото, таму го затекнува Блек Ларсен, кој го удира по главата поради што Биг Џим го губи паметењето. Блек Ларсен успева да избега со богат плен, но погинува при одрон на земјиштето. Малиот човек заминува во блискиот град каде во кафеаната ја здогледува убавата танчерка Џорџа (ја игра Хејл) во која се вљубува. Заради забава, Џорџа и нејзините другарки започнуваат да се дружат со него, а тој уште повеќе се вљубува во танчерката. Сепак, и покрај даденото ветување, девојките забораваат да го посетат малиот човек за време на новогодишната ноќ, иако тој подготвил вечера и поклони.
Во меѓувреме, Биг Џим не може да се сети на местото каде го пронашол златото и затоа го бара малиот човек кој треба да му помогне да го пронајде наоѓалиштето на злато. Двајцата одат во планината каде се сместуваат во истата колиба од нивната прва средба. Ноќта, бурата ја турка колибата до работ на провалијата при што двајцата едвај успеваат да се спасат од сигурна смрт. Потоа, тие го наоѓаат наоѓалиштетот на злато и стануваат многу богати.
На крајот од филмот двајцата другари-милионери се наоѓаат на еден брод, придружени од група новинари, кои подготвуваат репортажа за нив. Соема случајно, малиот човек ја среќава Џорџа на бродот, која на новинарите ја претставува како својата свршеница.[1][2]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Youtube, „Gold Rush (1925)“

Наводи[уреди | уреди извор]