Жан Пол Мара

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Жан-Пол Мара (24 мај 1743 - 13 јули 1793), бил медицински доктор, физичар, истражувачки научник за топлина, светлина и електрицитет, политички теоретичар, книжевник и полиглот, а најдобро познат по својата кариера во Франција како радикален новинар и политичар за време на француската буржоаска револуција. Неговото новинарство се прочуло по својот гневен тон, бескомпромисен став кон новите водачи и институции на револуцијата, и застапување на основни човекови права за најсиромашните членови на општеството.

Мара бил еден од најрадикалните гласови на Француската револуција. Тој станал енергичен бранител на санкилотите, објавувајќи ги своите ставови во памфлети, плакати и весници, посебно неговиот L’Ami du Peuple (Пријател на Народот), што помогнало да го направи неофицијална врска со радикалната, републиканска јакобинска група којашто дошла на власт после јуни 1793.

Мара бил убиен од Шарлот Кордеј, симпатизерка на ројалистите, додека ја практикувал својата медицинска бања поради неговата влошена кожна состојба. После својата смрт, Мара станал икона за јакобинците како револуционерен мартир, како што и е портретиран во славната уметничка слика на Жак-Луј Давид, Смртта на Мара.

Живот и образование[уреди | уреди извор]

Жан-Пол Мара е роден на 24-ти мај 1743-та година, во градот Будри, близу Нешател, во северозападниот дел на Швајцарија, како дете на незабележлива Сардиниска фамилија. За неговите родители се сочувани оскудни податоци. Неговиот татко, кој имал презиме Маra (без „t“ кое подоцна Жан-Пол го додава), роден е во градот Каљариј, во Сардинија, а во Швајцарија се доселил малку пред раѓањето на својот син. По занимање бил цртач и сликар, а подоцна предавал странски јазици. Има податоци дека се занимавал и со медицина. Со својата работа скромно го издржувал своето големо семејство (освен најстариот син Жан-Пол, имало уште пет деца, две сестри, Марија и Албертин, и три браќа, Анри, Давид и Жан Пјер). Жан-Пол Мара Постариот живеел осумдесет години. Неговиот првенец Жан-Пол се родил кога тој имал четириесет години. До 1754 година Жан-Пол Мара Постариот живеел во Будри, а потоа се преселил во Нешател. Подоцна, во 1768 година, преминал во Женева. Во тоа време малиот Жан-Пол Мара веќе се отселил од домот на своите родители. За својот татко Жан-Пол Мара малку пишувал, но со длабока почит. Тој пишувал со посебна благодарност за тоа што добил „во родителскиот дом многу примерно воспитување“. Од својот татко го наследил интересот и способноста за учење странски јазици па научил француски, англиски, германски, италијански, подоцна шпански и холандски, а потоа латински и грчки. Татко му сакал од него да стане научник. Тоа било од големо влијание на умното формирање на идниот познат трибун. Многу често и со повеќе топлина Жан-Пол ја споменувал својата мајка. Лујз Каброл по раѓање била Французинка. До стапувањето во брак таа живеела со своите родители во Женева, каде се доселиле во 1723 година. Жан-Пол Мара признавал дека токму неговата мајка имала одлучувачко влијание врз развитокот на неговиот карактер и неговите етички идеали.

Таа почитувана достојна жена, чија загуба ја оплакувам до денешен ден – пишувал тој во својата автобиографија, која ја објавил пред својата смрт – ме воспитуваше во првите мои години и таа придонесе за буење на човекољубието во моето срце, љубов кон правда и слава… Со моите раце таа укажуваше помош на сиромашните, и начинот на кој таа со нив зборуваше пробудуваше во мене чувство со кое таа беше обземена.

Длабоката љубов и почитување кон својата мајка Мара ги сочувал низ целиот негов живот. Подоцна, во своите публицистички и социолошки дела, тој често прибегнувал кон метафорично споредување на татковината со мајка му. Наспроти директното значење на смислата на самиот збор „татковина“ (и на француски јазик овој збор ја има истата смисла „la patrie“), кај Жан-Пол зборот татковина не предизвикувал асоцијација на татковски лик, туку лик на мајка.

Кога бил во Бордо, Франција, како шеснаесетгодишник во текот на тие две години таму Мара служел како воспитувач на деца во куќа на богати бродосопственици и трговци на робови. Во 1762 година деветнаесетгодишниот Мара преминал во Париз. Без име, без пари, без врски, млад човек од Нешател, кој никој не го познава… Немало во тоа ништо необично. И пред и после Мара илјада непознати млади луѓе кои со себе не носеле ништо друго освен своите осумнаесет години и соништа, исто така го отпочнувале својот пат. Мара знаел дека патот кон подвизите и славата водел преку Париз. Тој пристигнал во Париз во 1762 година кога е завршена и за француската армија неславната и нешто повеќе за Франција понижувачката седумгодишна војна со Англија. Во Париз Мара поминал околу три години, до 1765 година. Каде тој живеел? Кој го прифатил младиот човек кој никој не го познавал – поранешниот воспитувач од Бордо – во огромната престолнина? Од што тој живеел за време на својот тригодишен престој во Париз? Во какво друштво се движел? Со кој се гледал? Кои биле неговите пријатели? Сите тие прашања, кои би можеле да се прошират, остануваат и сега без одговор. Мараовите биографичари, дури и оние најдобрите, како што се Бужар и Шевремон, кои после сто години вложувале труд да ја состават биографијата на големиот француски револуционер, кои до крајност совесно го собирале сиот материјал што се однесувал на неговиот живот, не биле во состојба да пронајдат било какви документи кои би можеле да ја осветлат таа страна на првиот Мараов престој во Париз. Не подоцна од 1765 година, Жан-Пол Мара го напуштил Париз и отпатувал во Англија.

Мара живеел во Англија околу десет години. Живеел во Лондон, Единбург и Њукасл. Отпатувал и во Ирска. За тоа време отпатувал и во Холандија, во Амстердам. Таму Мара станал член на ложата на „Слободно прифатени масони“ на 15-ти јули 1774. Неговата масонска диплома била продадена меѓу извонредна збирка на документи во врска со Револуцијата во 1862 година. Тоа било фолио документ, на фин пергамент, потпишан од Големиот секретар „Ja. Heseltine“. Бил одобрен од автографски сертификат потпишан: „E. P. Renouard“, секретар на Ложата Bien Aimée, од Амстердам, сведочејќи дека Братот Жан-Пол Мара ја посетил Ложата, на 12 октомври 1774 година.

Десет години, се‘ до 1776 година, Мара поминал главно во Англија, каде се занимавал со медицина, а исто така со ветерина и физика. За Мара во Англија главно занимање а наскоро и професија било медицината. Тој се занимавал со неа и како лекар практичар и како научник. Како и кога тој ги совладал сите тајни на овие науки? Тоа останува недоволно објаснето. Изгледа дека тој сериозно ја изучувал медицината, покрај другите науки, уште во Франција, па во Англија се усовршувал. Мара како лекар практичар се стекнал со голема популарност. Во 1769 година Мара го објавил во Лондон своето прво научно дело „За една очна болест“, што сведочи дека тој во тоа време никако не бил обичен лекар. Од 1770 година до 1773 година Мара живеел во Њукасл, каде се занимавал со лекарска пракса. Градот Њукасл му подарил титула почесен граѓанин на градот поради големите успеси во борбата со епидемиите. Кон крајот на шеесеттите или во првата половина на седумдесеттите години, Мара ординирал како лекар во Лондон и во главниот град на Шкотска, Единбург. Во 1775 година Единбуршкиот универзитет свети Ендрјус му доделил виши научен степен – докторат на медицина. Во дипломата која му ја издал Единбуршкиот универзитет наведено е дека Мара работел во областа на медицината во текот на многу години и дека во сите нејзини делови стекнал големо искуство.

Лекар, доктор на медицина, во тоа време имало малку. Мара бил меѓу тие малобројни и јасно е дека тој се гордеел со академското образование, кој го стекнал со свој труд во туѓа и непозната земја. Од тоа време тој на насловните страници на своите печатени дела додавал пред своето име два збора: „доктор на медицина“. Во Англија неговата слава како научник кој умеел да излече тешки болести бргу растела. Во неговата лекарска чекалница секогаш имало многу посетители. Мара – хуманист, кој уште од своето детство сонувал за тоа да придонесе корист за човештвото, давал бесплатни здравствени прегледи на сиромашните кои ќе се обратиле. Во оваа амбуланта, тој со полна волја и бесплатно давал и предавања во одредени денови за хигиена и исхрана, бидејќи сметал дека болеста и смртта се забрзуваат кај лошо хранетите и лошо едуцираните. Но, меѓу неговите пациенти имало и богати и угледни луѓе. Тој, секако, не заработувал малку како лекар. Тоа може да се заклучи од тоа што за време на својот престој во Англија објавил на свој трошок многу книги, а во тоа време требало многу пари за публикација.

Младиот Жан-Пол Мара уште не знаел во што се состои неговиот вистински книжевни дар. Уште во детството мечтаел за книжевна слава. Одлучил да ја испроба својата способност во уметничката литература. Во 1770 година, не прекинувајќи ја својата редовна работа, почнал да пишува роман. При крајот на 1770 година тој го завршил својот голем роман под насловот „Доживувањата на младиот гроф Потовски“. Овој роман во поголемиот негов дел бил напишан во облик на писма. Мара никогаш не се обидел да го издаде својот прв голем книжевен труд. Тој негов единствен роман никогаш не би ја видел светлината ако тоа не била постарата негова сестра Албертин која внимателно го чувала целото книжевничко наследство на својот славен брат. Во 1841 година ракописот е предаден на младиот републиканец Ем Мартен, а тој пак подоцна го предал ракописот на библиографичарот и издавач Жокоб. Во 1847 година Жокоб го објавил овој роман во списанието „Век“, а следната година, романот бил објавен како посебно издание во два тома под насловот „Роман од срце“ и со поднаслов „Полски писма на Мара, Пријателот на Народот“. Познато е дека Катарина II во текот на многу години била во пријателска преписка со корифеите на француското просветителство укажувајќи им ја, а особено на Волтер и Дидро, својата царска милост на сосема опиплив (паричен) начин. Мара во својот роман го прикажал во вистинската боја наводното добродетелство на руската царица:

Навистина, благодарение на суетата и инстинктот за прифаќање, својствени на нејзиниот пол, спровела одредени мерки кои, меѓутоа, не донеле никаква среќа за општеството. Таа ги лиши земјоделците од земја со помош на принудни тешки даноци, а на останатите им ги одзеде мршавите плодови на нивниот труд заради задоволување на својата суета и од љубов кон раскошот. …На неа ‘и ласкаат правејќи се дека ја обожаваат, треперејќи од секој нејзин поглед – ете ги нејзините особени привилегии, а нејзиното право на почит од општеството, тоа е безгранична жед за прославување. Доста ! Таа сама си се оддолжи: не чекајќи јавноста да ‘и ја издигне славата, таа изнајми поткупливи пера кои ‘и пеат славопојки.

Волтер овде не е спомнат по име, но нема никакво сомневање дека младиот писател Мара го имал во вид прославениот „фернејски патријарх“. Несомнителни се и критичките заклучоци за „големиот Фридрих“ насочени исто така против Волтер, кој бил во пријателски однос со прускиот крал. Во друго свое дело, напишано неколку години подоцна, во книгата „Оковите на ропството“, Мара отворено напишал: „Зарем Волтер не го поткупија Луј XIV, Фридрих II и Катарина II?“ Мара не се ограничил само на разобличување на злото во својот роман:

Неопходно е да се укаже на народот на неговите права и да се повика на акција за нивно освојување, неопходно е да му се даде оружје во раце за да би ги отфрлил од власт сите ситни тирани кои го угнетуваат, неопходно е да се сруши владата и да се постави нова, чии права ќе бидат во разумна рамнотежа. Ете едно средство за обезбедување на мир, солидарност, слобода и изобилие наместо безредие, ропство и глад.

Овие зборови се упатени на Пољаците и формално се однесуваат на Полска. Политичката содржина на „Роман од срце“ стои несомнено над неговите уметнички квалитети, сведочејќи за тоа дека во најважните идејно-политички прашања на своето време Мара во своите дваесет и осум години веќе во голема мера ја одредил својата позиција – веќе не како политички радикал, веќе како револуционер. Во редовите на противниците на стариот режим Мара по своите убедувања припаѓал на левото крило и како таков веќе намерно се оградувал од признатите водачи и корифеи на француското просветителство, како што е Волтер. Нивната готовност на политички компромиси и нивното кокетирање со „просветлените монарси“, нему му биле одвратни.

Мара патува низ Европа подолго време, работејќи како доктор и научник во неколку европски градови. Тој најпосле утврдува постојана практика во Лондон, во 1770-та, каде работи за аристократијата и повисоката средна класа и се заинтересирува во научни експерименти на светлина, електрицитет и оган. Станува прилично познат уште пред Револуцијата како физичар, кому англиската влада доделува награда за еден негов пронајдок во областа на енергетиката. Несебичен и до крајности чесен, Мара повеќе ја ценел плодната работа на научникот отколку богатството и славата. Во 1773-та година го штампа во Англија својот труд ,,Оковите на ропството‘‘, во кое укажувал на недостатоците на англискиот устав, на кралската власт која го упропастувала народот и на поткупливиот парламент. Тој исто така пишува неколку филозофски есеи, меѓу кои „Есеј за човечката душа“ и „Филозофски есеј за човекот“.

Политичката мисла на Жан-Пол Мара[уреди | уреди извор]

Жан-Пол Мара бил оригинален мислител, имал несогласувања со Монтескје. Единствен од мислителите од неговите современици со којшто се сложувал бил Жан Жак Русо. Меѓутоа, во Маратовото дело немало само полемичка жестокост. Напротив, тој доследно и логично, согласно со внимателен промислен план, ги изложувал своите позитивни идеи, систем на своите убедувања. Денис Дидро го нарекол Мара „доста надарен човек“. Книгата „Оковите на ропството“ било и првото политичко дело на Мара. Било оригинално и своевидно и по мислите, и по композицијата, и по книжевниот стил.

За својот настанок, државата треба да му се заблагодари на насилието.

стои на почетните страници од ова дело на Мара.

Скоро секаде законите во својата основа не биле ништо друго освен полициски правила коишто осигурувале секому да може мирно да ужива во она што го ограбил.

Но, Мара не бил песимист, овој сјаен бранител на правдата понатаму пишува во истото дело:

Колку-годе да е валкано потеклото на државата, слободата се родила од угнетувањето.

Мара дал многу длабоко објаснување на потеклото на државата, сметајќи дека таа произлегла од насилието. Мара во однос на ова важно прашање од општествената теорија го развил подалеку од Русо и од многу други истакнати мислители на 18 век. Во „Оковите на ропството“ може да се пронајдат извонредни предвидувања за класната природа на државата. Развитокот на деспотизмот, политичкото и социјалното угнетување, Мара го објаснува пред се‘ со непросветеноста на народот, иако, се разбира, ова е идеалистичко објаснување на законитоста којашто го одредува развојот на историскиот процес. Но, она што заслужува внимание е силината и длабочината на Маратовите мисли кога тој ги осветлува со стихијно материјалистичка анализа појавите во социјалниот живот и нејзините процеси, коишто за неговите современици останале темни и неразбирливи. Мара веќе во ова негово прво политичко дело тврдел дека создавањето на големите имоти, коишто се наоѓаат во малку раце, доведува до тоа

класата на независни граѓани да исчезнува и дека државата се состои само од господари и потчинети.

Мара ја увидел разликата помеѓу интересите на богаташите и сиромашните:

Богаташите сакаат да уживаат, а сиромасите само да го сочуваат својот гол живот.

Мара во „Оковите на ропството“ прецизирал и конкретизирал каде точно се јавува најсилно оваа противречност:

Во комерцијализирана нација, каде што капиталисти и рентиери скоро одат рака под рака со закупниците на државни приходи, финансиерите и берзијанците, големите градови имаат само две класи на граѓани, од кои едната се наоѓа во беда, додека другата има се‘ во изобилие, едната ги држи во свои раце сите средства за угнетување, додека другата нема никакви средства за своја заштита.

освен да ја продава својата работна сила и интелект. Мара исто така дошол и до сфаќањето на класната природа на државата:

Станувајќи господари над послабите, насилниците во одредена мера стануваа и господари на државата.

Маратовото дело „Оковите на ропството“ е извонредно и по тоа што тоа дошло како едно од првите во политичката литература на 18 век во кое дадена остра критика на порокот на новиот капиталистички поредок во она време кога тој само се раѓал. Веќе во тоа свое прво дело, посветено на општествено-политички прашања, Мара се појавил како смел и одлучен револуционерен демократ. Таков тој и останал до последните денови од својот живот.

„L'Ami du Peuple“ (Пријателот на Народот)[уреди | уреди извор]

Кога отпочнува Револуцијата, Мара ги остава своите научни обврски и сиот се предава во служба на народот. Во септември 1789-та почнува со издавањето на неизмерливо популарниот ,,L’Ami du Peuple‘‘. Маратовиот весник ја будел работничката совест, поттикувал револуционерна енергија, додавал максими, ги формулирал народните барања. Аристократијата и крупните капиталисти многу бргу го увиделе во него својот најопасен непријател, а веќе во 1789 година претседателот на париската општина наредил да се уапси Мара. Принуден да се крие и по неколку пати на ден да го менува склоништето, Мара наоѓал сила и можности да не го прекинува издавањето на „L’Ami du Peuple“.

Водејќи цело време војна против предавниците на татковината, огорчен од нивните гадости и суровости, јас им ги симнував маските, изложувајќи ги разголени пред светот, ги засрамував. Го презирав нивното клеветење, нивните лаги, нивното навредување. Но, не се плашев од нивната одмаздољубивост, од нивниот гнев… Мојата глава беше уценета. Пет лути шпиони, кои ме пратеа во чекор, и две илјади платени убијци ни за миг не можеа да ме натерат да го измамам својот долг. Да би ги избегнал ударите на убијците, јас се осудив наживот во илегалност. Понекогаш против мене се кревани батаљони од платеници. Принуден да бегам, лутајќи по улиците среде ноќ, не знаејќи понекогаш каде да прибегнам, проповедувајќи го меѓу мечови делото на слободата, бранејќи ги угнетените, спремен да си ја ставам главата на трупец, јас од сето тоа постанав уште пострашен за угнетувачите и политичките никаквеци.

Порано од сите останати револуционери тој сфатил на какви крупни тешкотии ќе мора да наидува револуцијата. Тој исто така го предвидел одметнувањето на крупните капиталисти од народот и нивниот иден сојуз со реакцијата. Тој барал така да се измени Уставотворното собрание што да постане извршител на народната волја, барал општо изборно право за народот, барал избирачите да им даваат на своите претставници одредени наредби и да можат да ги отповикуваат ако не постапувале по народните барања.

Револуцијата ја спроведоа само ниските општествени класи: работници, занаетчии, ситни трговци, селани – со еден збор, оној низок слој, таа сиротиња која богаташите ја нарекуваат отпад (canaille).

Мара сметал дека целта на неговиот весник е учењето на народните маси да ја користат слободата, да им ги

објаснува на граѓаните нивните права, да им влева волја да ги користат овие права, храброст да ги бранат, смелост да се одмаздуваат на оние кои ги газат. Смислата на слободата е во тоа таа да му помогне на народот да се запознае со злоупотребите на своите претставници и да им пружи можност поради тоа да ги казни; смислата на слободата е во тоа да ги научи луѓето да се покоруваат само на правичните и мудрите закони, а да се противат на неправичните и да востануваат против тиранските закони.

Одговарајќи на своите непријатели, Мара напишал:

Иако не можам да гледам како страда ситен инсект, тие сепак ми кажуваат дека сум суров. Но, мене ме обзема длабока огорченост поради нашите лажни хумани сфаќања и поради нашата длабока попустливост кон секој наш суров непријател. Ние сме глупаци поради тоа што забораваме да се чуваме од нивните удари. Ако било кога тие добијат надмоќ спрема нас, погледајте ги тогаш како, носејќи оган во едната и меч во другата рака, ги пустошат регионите и просто ги убиваат сите родољубци, ги убиваат нивните жени и нивните деца, а градот го препуштаат на пламени јазици.

Во 1790-та, Мара е присилен да пребегне во Англија по објавувањето статии против министерот за финансии Некер. А во 1791-та, откако Париз се наоѓа под воениот закон по Мартовските масакри врз демократската интелигенција, оди во канализации, криејќи се од генерал Лафајет и Националната гарда.

Јас го знам тоа, дека мојата глава е уценета, од никаквеците кои ги водат државните работи; петсто полицајци ме бараат ден и ноќ. Па добро! Ако тие ме фатат, ќе ме заколат и ќе умрам како маченик на слободата. Никогаш нема да се каже дека татковината ќе пропадне и дека пријателот на народот бил држан во кукавички молк.

Откако бидува уапсен, а потоа ослободен од обвиненијата на жирондиската партија во 1793-та, го помогнува водењето напад врз жирондистите и нивното обезвластување на 1 јуни, истата година. На 13-ти јули, Шарлот Кордеј, фанатична млада жирондистка од провинцијата, доаѓа до неговата бања под изговор дека носи список на предавници од нејзиниот роден Кан. Таму, таа го прободува смртно. Заради Кордејското убиство на Мара монтањарците се предизвикани да ги затвораат и егзекутираат останатите жирондисти во почетокот на Владеењето на теророт. Мара е погребaн во Пантеон, а потоа во 1794 год. е пренесен на гробиштата Saint-Étienne-du-Mont. За време на затворањето на овие гробишта, неговите останки се фрлени на јавно место. Гробиштата не постојат повеќе и според тоа нема повеќе гроб за Мара.