Жирондинци

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Жирондисти)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Жак Пјер Брисо,
слика од Фуке, Версај, замоците на Версај и Тријанон, 1792.

Жирондинци или жирондисти (француски: Girondins) – политичка група (фактичка партија) во времето на Француската револуција од 1789 година, која ги претставувала интересите претежно на провинциската републикански настроена трговско-индустриска и земјоделска буржоазија. Називот „жирондинци“ доаѓа од департманот Жиронда, од каде потекнуваат голем дел од најистакнатите претставници на оваа партија. Нејзините лидери биле Жак Пјер Брисо, Пјер Виктирнјен Верњио, сопружниците Ролан, Никола де Кондорсе и др. Истомисленик на жирондинците е и француската писателка и феминистка Олимпија де Гуж, авторка на „Декларација за правата на жената и државјанка“.

Историја[уреди | уреди извор]

Во првата фаза од револуцијата жирондинците, сè уште неоформени во самостојна група влегуваат во Јакобинскиот клуб и заедно со други револуционерни сили се изјаснуваат против апсолутизмот. Разграничувањето на жирондинците од левото крило на Јакобинскиот клуб, предводена од Максимилијан Робеспјер, започнува есента 1791 година, кога жирондинците започнуваат пропаганда за итна војна против коалицијата на феудалните монархии во Европа. Со помош на победоносна војна тие се надеваат да станат водечка сила во Франција и да го преобразат нејзиното државно уредување со своите републикански идеали, а исто така сонуваат да влезат во улогата на ослободители на Европа од деспотизмот. Изразувајќи ги интересите на крупната буржоазија, тие се стремат кон скора војна, потпирајќи се на проширување на границите на Франција, на нови пазари и истовремено со тоа надевајќи се да ги одвлечат масите од внатрешнокласните борби, за да ги потчинат на своето влијание. Накратко, тие бараат начин да ги изнесат социјални тензии надвор од границите на Франција. Прашањето за војната е едно од нивните најголеми разлики со монтањарите кои принципиелно не се против војната, но сакаат прво да ја зајакнат позицијата на Франција и да ги зајакнат своите позиции во неа, па дури тогаш да се занимаваат со надворешнополитички проблеми.

Во март 1792 година, Луј XVI ги поканил жирондинците во првата влада на Жиронда, но во јули ги отпуштил министрите. По соборувањето на монархијата на 10 август 1792 година и падот на влада на фјојаните, жирондинците кои имаат водечка позиција во Конвентот, повторно доаѓаат на власт. Чувствувајќи го сè понеконтролираниот карактер на револуцијата, жирондинците се обидуваат да го забават нејзиниот понатамошен развој, отворено спротивстувајќи се на итно воспоставување на републиканска форма на управување.

Освен по прашањето за војната жирондинците се разликувале од јакобинците и за голем број други прашања, а после септемвриските масакри од 1792 година, разидувањето станало конечно. Во октомври 1792 година, нивната фракција била исклучена од Јакобинскиот клуб. Наскоро, монтањарите ги обвиниле жирондистите за монархиска симпатија. Народното востание од 31 мај до 2 јуни 1793 година, ги соборило од власт жирондинците и ја воспоставило јакобинската диктатура. Жирондинците се обиделе да го прекинат развивањето на диктатурата и дури го инспирирале убиството на Жан Пол Мара, но бунтот во Нормандија и јужна Франција во јуни 1793 година бил изгаснат многу брзо. Голем број пратеници жирондисти, меѓу кои Брисо, биле уапсени и по судски процес биле осудени на смрт и гилотинирани на 31 октомври 1793 година.

По контрареволуционерниот „Термидорски преврат“ од 9 термидор (27 - 29 јули 1794 година) жирондинците уапсени заедно со јакобинците, биле ослободени во најголем дел, а преживеаните пратеници биле вратени во Конвентот. Оттогаш па натаму, жирондинците се чини дека биле една од најконтрареволуционерните сили во француското општество.