Детски труд во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Детскиот труд во Македонија се дефинира како експлоатација на деца преку каков било облик на работа што е штетна за нивниот физички, ментален, социјален и морален развој. Детскиот труд во Македонија се карактеризира со видот на присилна работа поврзан со конкретната возраст, како резултат на причини како што се сиромаштијата и обезбедување дополнителни ресурси во домаќинствата или од други причини.

Контекст[уреди | уреди извор]

Правен историјат[уреди | уреди извор]

Конвенцијата за забрана и елиминација на најлошите видови детски труд (Конвенција бр.182)[1] и Препораката за забрана и итна акција за укинување на најлошите облици на детски труд (Препораката бр. 190), донесени биле во 1999 година од страна на Меѓународната организација на трудот, а Македонија ја ратификувала во јануари 2002 година. Оваа Конвенција ги обврзува државите на ефикасно елиминирање на најлошите облици на детски труд и во таа насока ја потенцирa особената важност на бесплатното образование.[2][3]

Општа состојба[уреди | уреди извор]

Членот 1 од Конвенцијата за забрана на најлошите форми на детски труд ја обврзува Македонија да преземе итни и корисни мерки за да обезбеди забрана и елиминирање на најлошите форми на детски труд. Во членот 3 од оваа Конвенција се наведува дека под најлоши форми на детски труд се подразбираат: сите видови ропство, продавање и трговија со деца, присилна и принудна работа, употреба, посредување или понуда на дете за проституција, за производство на порнографија или за порнографски настапи;[4] принудното или задолжителното регрутирање на децата за нивно користење во вооружени судири; употреба, посредување или понуда на дете за противзаконска дејност, посебно за производство и трговија со дрога; работа која по својата природа или околности во кои се извршува може да штети на здравјето, сигурноста/безбедноста и моралот на децата.

Најзастапена форма на злоупотреба на детски труд во Македонија е работата на улица. Потребен е системски одговор од државата за соодветна заштита и поддршка на оваа група деца и нивните семејства. Државата треба да ги исполнува минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе. Постојат повеќе негативни практики во постојниот систем, вклучително, сместување на децата-жртви кои се странски државјани во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, каде условите се несоодветни, прекинување на услугите за ресоцијализацијата и реинтеграцијата по полнолетството и неможноста жртвите да го остварат правото на имотно-правно побарување како оштетени. Покрај унапредувањето на правната и стратешката рамка која се однесува на децата во судир со законот, зголемените превентивни и едукативни активности и опфатот во процесот на деинституционализација, во системот на правда за децата остануваат бројни предизвици, како неисполнувањето на законската обрска за формирање совети за превенција од детско престапништво во најголем дел од општините, неприменувањето на формите на ресторативна правда од страна на судовите и јавните обвинителства, необезбеденоста на Државниот совет за превенција на детско престапништво со соодветни просторни, материјално-технички и административни услови за работа, недостатокот на финансиски ресурси за превентивни активности и соодветно обучен кадар во МВР како и недоволна соработка помеѓу надлежните институции. Мерките на превенција, институционалниот и вон институционалниот третман остануваат под меѓународните стандарди. Постојат повеќе недостатоци во кривично-правниот систем при постапувањето со децата жртви на насилство, вклучително постапувањето на општите судии и судските совети без да се бара специјализираност за заштита на правата на децата, ограничен пристап до правен совет и адвокат за децата кои живеат во сиромаштија, недоволната сензибилност на судиите и јавните обвинители за спроведување на системот за правда кој одговара на потребите на децата, непочитувањето на принципот на само едно сослушување на детето жртва, непоседувањето потребна техничка опрема, ниту простории согласно стандардите за примена на специјалните мерки за процесна заштита на децата жртви и децата сведоци во судовите и јавните обвинителства. Нема прецизна евиденција за бројот на деца на улица/улични деца, но се проценува дека само во Скопје има околу 300. Најголем дел од децата се Роми. Вообичено се принудени да работат од страна на нивното семејство и се вклучени во питање, продавање ситни предмети, собирање отпадни суровини и чистење ветробрански стакла на крстосниците. Работата на улица ретко се санкционира. Мултидисциплинарниот протокол за постапување со деца на улица/улични деца нецелосно се имплементира и недостига соработка помеѓу установите. Во Скопје функционираат два дневни центри за деца на улица, а децата добиваат поддршка и од граѓански организации. Сепак, опфатот на децата во дневни центри е недоволен.

Постојат бројни лични, институционални и системски ризични фактори кои ги доведуваат децата да работат на улица. Пошироката јавност во Македонија не е доволно запознаена со сложената социјална ситуација на децата и нивните семејства. мејства. Во последниот период се забележуваат зголемени напори за идентификација на жртвите на трговија со деца, зајакнување на институционалните капацитети, координативните механизми и пристапот на жртвите до права и услуги.

Во 2018 година биле создадени мобилни тимови за идентификација на ранливи категории, вклучително и жртви на трговија со луѓе и Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе. Беше донесена Националната стратегија и Акцискиот план за борба против трговијата со луѓе и криумчарење мигранти (2017-2020 година) и нови Стандардни оперативни процедури за постапување со жртвите на трговија со луѓе. Сепак, Стејт департментот за трговија со луѓе констатира дека државата не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе.

Постојат повеќе негативни практики во постојниот систем, вклучително, сместување на децата-жртви кои се странски државјани во Прифатниот центар за странци во Гази Баба, каде условите се несоодветни, прекинување на услугите за ресоцијализација и реинтеграцијата по полнолетството што резултира со ревиктимизација, неможноста жртвите да го остварат правото на имотно-правно побарување како оштетени и недоволната поддршка на семејствата на жртвите.[5]

Токму затоа најважните чекори кои се потребни да се преземат се:[6]

  • обезбедување бесплатно задолжително образование
  • рушење на бариерите за вклучување на женските деца во образовниот процес
  • обезбедување пристап на децата до училиште и безбедна и квалитетна средина за образование
  • обезбедување квалитетен наставен кадар и спроведување на законите
  • едукација во правец на почитување на меѓународните стандарди
  • борба против сиромаштијата и создавање работни места за возрасните
  • зголемување на јавната свест за борба против искористувањето на детскиот труд
  • обезбедување дополнителна настава за деца и млади кои го пропуштиле редовното образование.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „C182 - Worst Forms of Child Labour Convention, 1999 (No. 182)“. Меѓународна организација на трудот. Посетено на 18 мај 2021.
  2. „ЗАКОН ЗА РАТИФИКАЦИЈА НА КОНВЕНЦИЈА КОЈА СЕ ОДНЕСУВА НА ЗАБРАНА И ИТНО ДЕЈСТВУВАЊЕ ЗА ЕЛИМИНИРАЊЕ НА НАЈЛОШИТЕ ВИДОВИ НА ДЕТСКИ ТРУД“. Службен весник на РМ преку dejure.mk. 18.02.2002. Посетено на 18 мај 2021. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  3. „Родова еднаквост и пристојна работа - Избрани конвенции и препораки на МОТ за унапредување на родовата еднаквост заклучно со 2012 г.“ (PDF). Меѓународна организација на трудот. 2016. стр. 25. Посетено на 18 мај 2021.
  4. „КОНВЕНЦИЈА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ЗА ЗАШТИТА НА ДЕЦА ОД СЕКСУАЛНА ЕКСПЛОАТАЦИЈА И СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА“ (PDF). semper.org.mk. Посетено на 18 мај 2021.
  5. „Алтернативен извештај на невладините организции за состојбата со правата на децата во Македонија“ (PDF). Прва детска амбасада во светот Меѓаши. 2020. стр. 72. Посетено на 18 мај 2021.
  6. „12 ЈУНИ, СВЕТСКИ ДЕН ПРОТИВ ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕТСКИОТ ТРУД“. Прва детска амбасада во светот Меѓаши. Посетено на 18 мај 2021.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]