Прејди на содржината

Дамчеста тринга

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дамчеста тринга
Со перје вон сезона на парење
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Бекасови
Семејство: Мочварки
Род: Тринги
Вид: Дамчеста тринга
Научен назив
Tringa erythropus
(Pallas, 1764)

Дамчеста тринга (науч. Tringa erythropus) — крајбрежна птица од семејството на мочварките (Scolopacidae) во родот на трингите. Се размножува низ северна Скандинавија и северна Азија, а зиме се сели на југ, на Средоземјето, јужни Британски Острови, Франција, тропска Африка, и тропска Азија. Понекогаш заскитува во Австралија и Северна Америка. Ја има и во Македонија.

Таксономија

[уреди | уреди извор]

Дамчестата тринга за првпат ја опишал германскиот зоолог Петер Симон Палас во 1764 година. Таа е монотипичен вид, без познати подвидови.[2] Таксономски, формира блиска група со неколку други видови од големиор род на трингите, како жолтоногата тринга (Tringa melanoleuca) и зеленоногата тринга (Tringa nebularia).[3]

Со перје во сезона на парење

Дамчестата тринга е поголема крајбрежна птица, долга 29-31 см, од клунот до опашката;[4] со распон на крилјата од 61 до 67 см и тежина од 121 до 205 грама.[5] Перјето во сезона на парење е црно, а преку зима многу светло. Има црвени нозе и клун и покажува бел овал на грбот кога лета. Младенчињата се прошарани со сиво-кафеаво, а бели одоздола, со светло обрабени долни делови. Огласувањето му е карактеристичнo, брзо и јасно слушлив двоен крик туу-ит или кру-ит, при полетувањето или во лет. Кога е вознемирен прави повторливи, остри крици како туке-туке-туке или тек-тек-тек, а при додворувањето мажјаците испуштаат експресивно, гласно, вибрирачко крррррр-кррррр-крриууИу-крриууИу.

Распространетост и живеалиште

[уреди | уреди извор]

Дамчестата тринга се размножува низ целиот Арктик во поголемиот дел на Евроазија, од Скандинавија на запад до Чукотскиот Полуостров на исток.[3] Типично живеалиште во периодот на гнездење се мовнатите мочуришта и перифериите на големите езера. При преселбата за одмор избираат слатки води, за разлика од другите крајбрежни птици кои почесто одмараат на бреговите од морињата.

Размножување

[уреди | уреди извор]
Јајце на дамчеста тринга

Дамчестата тринга е типична моногамна птица, но има случаи и на полиандрија. На местата за гнездење доаѓаат сами, во парови или во мали јата. Додворувањето започнува уште пред да пристигнат, но својот врв го достигнува кога ќе се вратат од преселбата. Мажјаците испуштаат силни, остри, но и мелодични звуци. Гнездото го сместуваат на релативно суво место, скриено под грмушка, во трева или меѓу камења, на островчиња, а често и во изгорени подрачја. Гнездото претставува мала дупка обрабена со гранчиња и послана со малку мов. Јајцата ги несат во мај-јуни, а тие се обично 4 зеленкави или жолтеникави, со кафеави и портокалови дамки. Инкубацијата трае околу 22 до 25 дена и во почетокот ги квачат обата родитела, но потоа женката му ја препушта грижата на мажјакот, а таа порано, со другите женки формира јата и заминува на местото за зимување.

Дамчестата тринга се исхранува со разни безрбетници: инсекти (водни инсекти, бубачки, ларви, муви), мекотели, црви, мали риби и полноглавци. Се храни во плитката кал на брегот и ја собира храната од дното или од водата, пикајќи го само клунот, а понекогаш и целата глава под вода. Кога има силен ветар стои на брегот и ја чека храната што брановите ќе ја донесат. Доколку е потребно тие добро пливаат, а во итен случај и нуркаат.

За овие птици важи Договорот за заштита на африканско-евроазиските миграторни водни птици.

  1. BirdLife International (2012). Tringa erythropus. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. O'Brien, Crossley & Karlson (2006), p. 357.
  3. 3,0 3,1 Parkin, David T.; Knox, Alan G. (2010). The Status of Birds in Britain and Ireland. London, UK: Christopher Helm. стр. 173. ISBN 978-1-4081-2500-7.
  4. Cramp, Stanley, уред. (1977). Handbook of the Birds of Europe, the Middle East and North Africa: Birds of the Western Palearctic, Volume 1, Ostrich to Ducks. Oxford University Press. стр. 3. ISBN 0-19-857358-8.
  5. O'Brien, Crossley & Karlson (2006), p. 254.
  • O'Brien, Michael; Crossley, Richard; Karlson, Kevin (2006). The Shorebird Guide. New York, NY: Houghton Mifflin. ISBN 0-618-43294-9.
  • Pereira, S. L., & Baker, A. J. (2005). Multiple Gene Evidence for Parallel Evolution and Retention of Ancestral Morphological States in the Shanks (Charadriiformes: Scolopacidae). Condor 107 (3): 514–526. DOI: 10.1650/0010-5422(2005)107[0514:MGEFPE]2.0.CO;2 HTML abstract

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

 Chisholm, Hugh, уред. (1911). „Redshank“ . Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press.