Гетит

Од Википедија — слободната енциклопедија
Невообичаен примерок од гетит кој заменувал гипсен сталактит; центарот е шуплив. Од Санта Еулалија, Чивава, Мексико.

Гетит е минерал составен од железо (III) оксид-хидроксид, поточно од полиморфот "α". Може да се најде во почва и други средини со ниски температури,. Гетитот бил добро познат уште од античко време и се употребувал како пигмент (кафеав окер). Докази за неговата употреба пронајдени се во примероци од пигмент на боја земени од пештерите во Ласко во Франција. За прв пат е опишан во 1806 година врз основа на примероци пронајдени во рудникот Холерцуг во Хердорф, Германија. Минералот своето име го добил по германскиот полимат и поет Јохан Волфганг фон Гете (1749–1832).

Состав[уреди | уреди извор]

Гетит е железен оксихидроксид кој содржи тривалентно железо. Цврстината на гетитот се движи од 5,0 до 5,5 на Мохсовата скала, а неговата специфична тежа варира од 3,3 до 4,3. Минералот формира призматични игловидни кристали, но обично е масивен.

Создавање[уреди | уреди извор]

Гетитот најчесто се формира со атмосферско влијание врз други минерали богати со железо, и затоа често се наоѓа во почвите, а најконцентриран е во латеритни почви. Гетитот настанува со промена на оксидативната состојба од Fe2+ во Fe3+, што му овозможува на гетитот да опстои при површински услови. Поради промената на оксидативната состојба, гетитот се смета за псевдоморф. Исто така, подземните води може да наталожат гетит, а може да се формира како примарен минерал во хидротермалните наоѓалишта. Откриено е дека гетитот се создава во процесите на екскреција на одредени видови бактерии. [1]

Наоѓалишта[уреди | уреди извор]

Гетитот го има насекаде на планетата, обично во форма на конкременти, сталактитни формации, оолити (ситни тркалезни зрна зацементирани заедно). Тој е многу чест псевдоморф. Често се среќава во мочурливите области крај изворите („железно блато “), на подот од пештерите и на дното од езерата и поточињата.

Значајни наоѓалишта на гетит има во Англија; Куба; и Минесота, Мисури, Колорадо, Алабама, Џорџија, Вирџинија и Тенеси, во САД.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Larese-Casanova, Philip; Haderlein, Stefan B.; Kappler, Andreas (2010). „Biomineralization of lepidocrocite and goethite by nitrate-reducing Fe(II)-oxidizing bacteria: Effect of pH, bicarbonate, phosphate, and humic acids“. Geochimica et Cosmochimica Acta. 74 (13): 3721–34. Bibcode:2010GeCoA..74.3721L. doi:10.1016/j.gca.2010.03.037.
  2. Sinkankas, John (1964). Mineralogy for amateurs. Princeton, N.J.: Van Nostrand. стр. 342–344. ISBN 0442276249.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]