Википедија:Избрана статија/2021/38

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Селата Рибница и Тануше на планината Кораб

Горна Река — географска и етнографска област која го зафаќа северниот дел од Реканскиот регион, односно горното течение на реката Радика, во Западна Македонија. Нејзината територија административно им припаѓа на општините Маврово и Ростуше и Гостивар. Подрачјето е населено со муслиманско и православно население со албански како мајчин јазик, познато под името Шкрети, главно со македонско и во помал дел со албанско самосознание.

Горна Река е изразит планински предел ограничен од планините Кораб на запад, најјужната огранка на масивот на Шар Планина — Ничпурска Планина на север и Бистра на исток, додека на југ е отворена кон долината на Радика, но како пределна граница со Долна Река ја има клисурата Барич. Пределот е изразито алпски и суров со пасишта и говеда. Во поново време, најголемо населено место е селото Врбјани. Областа претставува изолирано и неразвиено подрачје со ограничени комуникациски врски, така што пристапот до него е отежнат во снежни услови за време на зимските месеци.

Населението на областа низ историјата главно се занимавало со земјоделство, а дел од него и денес се занимава со оваа стопанска дејност. Во минатото, областа била склона на иселување поради сезонските или постојаните преселби кон околните области, но и во странство во потрага по повисок животен стандард. Во текот на XIV век, Горна Река била дел од Српското Царство, а по неговиот распад во 1371 година станало дел од Прилепското Кралство со кое владеела династијата Мрњавчевиќ до 1395 година, кога територијата ја освоил отоманскиот султан Бајазит I и истата била дел од Отоманското Царство до Балканските војни во 1912-13 година. Во текот на XX век, таа најпрвин била дел од Кралството Србија, па од Кралството Југославија, Социјалистичка Федеративна Република Југославија и денес од Македонија. (Дознајте повеќе...)