Википедија:Избрана статија/2019/48

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Карта на Обединета Ерменија

Обединета Ерменија или Голема Ерменија (ерменски: ՄիացեալՀայաստան) — поим кој се однесува на областите во рамките на традиционалната ерменска татковина, кои во моментов или во минатото биле историски претежно населени со Ерменци. Идејата за она што Ерменците го гледаат како обединување на нивните историски земји преовладувала во текот на 20 век и било застапувано од поединци, разни организации и институции, вклучувајќи ги и националистичките партии Ерменска револуционерна федерација, Наследство, ТАОЕ и други.

Идејата на Ерменската револуционерна федерација за „Обединета Ерменија“ вклучува територии во Западна Ерменија (источна Турција), Нагорно-Карабах, Нахичеван во Азербејџан и Џавахетија во Грузија. Нагорно-Карабах и Џавахетија се претежно населени со Ерменци. Западна Ерменија и Нахичеван имале значително ерменско население во почетокот на 20 век, но денес повеќе не е така. Ерменското население во источна Турција било речиси целосно истребено за време на геноцидот од 1915 година, кога долгото ерменско присуство во оваа област во голема мера завршило и ерменското културно наследство главно било уништено од страна на турската влада. Во 1919 година владата на Првата Ерменска Република, со доминантно владеење, го прогласила формалното обединувањето на ерменските земји. Ерменската револуционерна федерација ги базира своите тврдења кон териториите кои денеска се наоѓаат во Турција на Договорот од Севр од 1920 година, кој бил ефективно негиран од последователните историски настани. Територијалните претензии кон Турција често се сметаат за крајна цел за препознавање на ерменскиот геноцид и хипотетичките репарации на геноцидот.

Најновото ерменски иредентистичко движење, Движењето Карабах кое било основано во 1988 година, се обидело да го обедини Нагорно-Карабах со тогаш Советската Ерменија. Како резултат на последователната војна со Азербејџан, ерменските сили воспоставиле ефективна контрола над најголемиот дел од Нагорно-Карабах и околните области, со што успеале де факто да ја обединат Ерменија и Карабах. Некои ерменски националисти сметаат дека Нагорно-Карабах е „првата фаза на Обединета Ерменија“. (Дознајте повеќе...)