Биргу

Од Википедија — слободната енциклопедија
Биргу
Il-Birgu
Città Vittoriosa
Град и општина
Знаме на БиргуГрб на Биргу
Координати: 35°53′17″N 14°31′21″E / 35.88806° СГШ; 14.52250° ИГД / 35.88806; 14.52250Координати: 35°53′17″N 14°31′21″E / 35.88806° СГШ; 14.52250° ИГД / 35.88806; 14.52250
Држава Малта
РегионЈужноисточен регион
ОкругЈужно пристаниште
Управа
 • ГрадоначалникЏон Боџал
Површина
 • Вкупна0,5 км2 (2 ми2)
Население (март 2014 г.)
 • Вкупно2.629
 • Густина530/км2 (1,400/ми2)
Часовен појасCET (UTC+1)
 • Лете (ЛСВ)CEST (UTC+2)
Поштенски факсBRG
Повикувачки број356
ISO 3166MT-03
Светец-заштитникСв. Лаврентил
Св. Доминик
Ден на феста10 август
Мреж. местоМатична страница

Биргу (малтешки: Il-Birgu, италијански: Vittoriosa), исто познат по својата титула Città Vittoriosa, е стар заштитен град на јужната страна од големото пристаниште во јужноисточниот регион на Малта. Дел од градот е тврдината Сан Анџело која се наоѓа во центарот на големото пристаниште. Идеалната местоположба го прави Биргу сигурно засолниште, a со текот на времето градот развил долга историја на морски, трговски и воени активности.

Биргу е многу старо место кое датира од средновековниот период. Пред утврдувањето на Валета како престолнина и главен град на Малта, воените сили кои посакувале да владеат со малтешкиот остров морале да воспостават контрола над Биргу поради неговата значајна позиција во големото пристаниште. Всушност, тој служел како база на Редот на Свети Јован и де факто како престолнина на Малта од 1530 до 1571 година. Биргу е добро познат по неговата клучна улога во големата опсада на Малта од 1565 година.

Во раните години на 20. век, Биргу имал население од преку 6000 жители. Со текот на годините оваа бројка се намалила, и во март 2014 година биле регистрирани 2,629 жители.

Историја[уреди | уреди извор]

Феникијците, грците, римјаните, византијците, арапите, норманите, анжувинците, арагонците и Редот на Свети Јован, сите тие придонеле за развојот на Биргу.[1] Откако бил протеран од Родос од Отоманското Царство, Редот на Свети Јован ја добил Малта за своја резиденција. Во 1526 година, Редот испратил комисија од осум витези во Малта, кои ги претставувале секој од витешките единици. Тие го опишале Биргу како мал неотпорен град со стари куќи во лоша состојба.[2] Кога тие пристигнале во 1530 година, одлучиле да го направат Биргу престолнина на Малта, поради тоа што претходната престолнина, Мдина, не излегувала на море и не ги исполнувала нивните поморски потреби.[3]

Градот бил изѕидан во 1530 години и зајкнат во 1550 години во рамките на подготовките за нападот од страна на Отоманското Царство. Ова вклучувало изградба на замокот Сан Анџело, голема тврдина одвоена од градот со тесен канал.[4] Замокот бил поврзан со градот со помош на подвижен мост.[5]

Биргу бил место на кое се воделе големи битки помеѓу витезите и Отоманското Царство во текот на големата опсада на Малта во 1565 година. По четиримесечна успешна одбрана од страна на витезите, градот бил речиси окупиран од отоманската војска во август, но повторно бил освоен од витезите под водство на Жан де ла Валет. Засилување од Сицилија пристигнало еден месец подоцна, и опсадата од страна на отманците била напуштена. По ова, била изградена нова престолнина, која го носи името Валета. во 1571 година, витезите го преместиле нивното седиште во новата престолнина и Биргу загубил дел од својата важност. И покрај тоа, по опсадата, Биргу ја добил титулата Città Vittoriosa, што во превод значи „победнички град“.[3]

По преземањето на Малта на Наполеон Бонапарт во 1798 година, француските сили се стационирале во градот. Набрзо малтежаните се побуниле и областа на големото пристаниште била блокирана од малтешките востаници потпомогнати од Велика Британија, Португалија и Неапол. Французите на крајот капитулирале во септември 1800 година, и Малта станала британски протекторат. Средоземната флота на кралската морнарица основала своја база во Биргу, и британските сили останале стационирани во Биргу до 1979 година.

Биргу бил силно бомбардиран во текот на втората светска војна поради блискоста до малтешкото бродоградилиште. Голем број на историски градби биле уништени, вклучувајќи ја саат-кулата и германскиот ан.

Во последните години, поради договор направен помеѓу Владата на Малта со малтешкиот ред, овој католички ред на витештво се вратил на островот. Овој договор, кој е со важност од 99 години, им дозволува на малтешките витези ексклузивно да ја користат тврдината Сан Анџело во Биргу.[6]

Демографски податоци[уреди | уреди извор]

Во 1901 година, во Биргу живееле 6,093 лица. Откако бројот на жители незначително се намалил во следните дваесет години, оваа бројка пораснала на 6,673 во 1931 година. Сепак, во 1948 година населението се намалило на 3,816 жители, а потоа до 1957 година незначително се зголемило. Бројот на жители опаднал во следните четири спроведени пописи, и во 2005 година биле регистрирани 2,701 жител.[7] Во 2011 година според пресметките бројот на жители благо се зголемил на 2,758. Во март 2013 година биле регистрирани 2,673 жители,[8] додека една година подоцна, бројот незначително се намалил на 2,629.[9]

Збратимени градови[уреди | уреди извор]

Биргу е збратимен со:

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Gauci,G. Birgu: History and Traditions of a Medieval and Maritime City
  2. Zahra, Lorenzo A. (10 January 2007). „The Auberges of France in Birgu“. The Malta Independent.
  3. 3,0 3,1 Stille, Alexander (1 March 1992). „Malta, Emerges From the Waves of Time“. The New York Times.
  4. Martin, Robert Montgomery (1850). The British colonies: their history, extent, condition and resources. London Printing and Publishing Company. стр. 117.
  5. Gifford, C. H. (1817). History of the wars occasioned by the French Revolution, from the commencement of hostilities in 1792, to the end of 1816. W. Lewis. стр. 164.
  6. „Sovereign Order of Malta - Official Site-The Order and its Institutions-Mission“. Посетено на 2010-01-02.
  7. „Census of population and housing 2005“ (PDF). Malta National Statistics Office. 2007. стр. 51. Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-09-28. Посетено на 2016-10-10.
  8. „Estimated Population by Locality“ (PDF). Malta Government Gazette. 31 March 2013. Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-07-14. Посетено на 23 January 2015.
  9. „Estimated Population by Locality 31st March, 2014“. Government of Malta. 16 May 2014. Архивирано од изворникот 2015-06-21. Посетено на 2016-10-10.
  10. „Vittoriosa twins with St Tropez“. The Times of Malta. TimesofMalta.com. 2012-10-30. Посетено на 2013-08-01.
  11. Jumelage entre Vittoriosa et Saint Tropez Архивирано на 5 ноември 2013 г. (француски)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]