Малтешки ред

Од Википедија — слободната енциклопедија

Малтешкиот ред бил создаден уште пред да започнат крстоносните војни од страна на бенедиктските браќа на чело со Жерар во 1080 година во денешна Палестина како втор рицарски орден по Редот на темпларите.

Улога на редот[уреди | уреди извор]

Cross Hospitelier.svg

Самиот ред бил формиран со цел да им се даде нега и заштитување на христијанските аџии што оделе на поклонение во Ерусалим и Светата земја. Овој ред официјално бил признат и од страна на папа Паскал II и папа Евгениј III во 1113 и 1153 година. Самиот витешки ред бил реорганизиран во 1118 година од страна на Реимонд де Пуи. Членовите на овој ред немале право да се женат. Тие морале да исполнуваат многу услови за да се одржат во редот. Така на пример, членовите на овој орден морале да дадат заклетва на послушност, скромност како и дека ќе се борат со оружје во рака против "противниците на крстот и христијанството". Витезите не само што требало да се грижат за болните и бедните, туку требало и да служат во војните походи. Редот бил потчинен под папата и само од него можел да добива права и должности.

Грб на редот[уреди | уреди извор]

Грбот на малтешкиот ред се состоил од бел железен крст во црна позадина. Но, по нивното преместување на седиштето од Ерусалим во Малта, тие го промениле и својот грб, кој е до ден денес во употреба. Тој денес се состои од сребрен малтешки крст со црвен штит.

Имиња на редот[уреди | уреди извор]

Официјалното име на овој витешки ред е "Ordo militiae S. Johannis Baptistae hospitalis Hierosolimitani", а рицарите во почетокот се нарекувале јованисти по Свети Јован Крстител, а потоа и болничари од англискиот збор hospital кој во превод на македонски јазик значи болница или гостопримливост. Името Малтешки витези го добиле кога се преселиле во Малта.

Преместувања на редот[уреди | уреди извор]

По паѓањето на Ерусалим и предавањето на градот на султанот Саладин, овој ред преминал на Кипар, а потоа и на Родос. Кога Tурците го освоиле Родос во 1552 година, царот на Светото Римско Царство, Карло V решил дека е потребно повторно орденот да се премести. Така, тие се преселиле во Малта во 1530 година. По опсадата на островот во 1565 година, на островот бил изграден и нов град наречен по големиот мајстор на витешкиот ред Жан Де Ла Валета. Оттука, денешната престолнина на Малта се вика Ла Валета или само Валета. Кога Наполеон Бонапарт ја освоил Малта на својот поход кон Египет во 1798 година, витезите се преселиле во Рим[1].

  1. Palazzo Malta