Амели (филм од 2001)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Амели (француски: Amélie) - француско-германски филм од 2001 година, во режија на Жан-Пјер Жуне (Jean-Pierre Jeunet), кој е автор и на сценариото, заедно со Гијом Лоран (Guillaume Laurant). Главните улоги ги граат: Одри Тоту (Audrey Tautou), Матје Касовиц (Mathieu Kassovitz), Лорела Кравота (Lorella Cravotta), Серж Мерлан (Serge Merlin), Жамел Дебузе (Jamel Debbouze) и Клотилд Моле (Clotilde Mollet). Филмот бил номиниран за нградите „Златен глобус“ за најдобар странски филм и за „Оскар“ во пет категории. Во 2002 година, филмот ја освоил Европската награда за најдобар филм, а освоил и други награди, како: БАФТА за најдобро сценарио, „Цезар“ за најдобар филм и најдобра режија итн. Филмот раскажува необична приказна за симпатичен и добронамерен лик при што си поигрува со необичните животни „совпаѓања“, со длабока космичка порака поврзана со смислата на животот. Филмот е богат со хумор, со фантазија, со наративна инвентивност и со прекрасни визуелни композиции.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Амели Пулен (ја игра Тоту) е девојче кое рано останува без мајка, а потоа расте лишена од родителската љубов на татко ѝ. Кога станува возрасна, таа се иселува од домот и се вработува како келнерка во барот „Две ветерници“. Еден ден, таа случајно открива метална кутија со ситни играчки, која му припаѓала не детето кое некогаш живеело во нејзиниот стан. Таа си поставува задача да го пронајде сопственикот и му ја враќа кутијата, со што многу го усреќува. Така, кај неа се јавува идејата скришно да им помага на малите, несреќни луѓе. Оттука, таа се обидува да ги реши љубовните проблеми на една продавачка во барот, му прави друштво на стариот сликар во соседството, му ја враќа самодовербата на младиот помошник на локалната тезга, а го казнува лошиот сопственик на тезгата. Еднаш, Амели здогледува непознат млад човек, кој ги собира искинатите фотографии на луѓето кои се фотографирале на автоматите во метрото. Кога нему му испаѓа куферот во кој го чува албумот со фотографиите, Амели стапува во контакт со него и му го враќа албумот. Истовремено, таа се вљубува во него, закажува средби со него, но постојано ги избегнува, зашто нема храброст да се соочи со човекот кој го сака. Најпосле, нејзиниот сосед-сликар и колешката од барот ѝ помагаат да ја победи нерешителноста и Амели конечно се среќава со саканиот, со што ја пронаоѓа и својата среќа.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]