Амвон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Амвон (грчки: άμβων – возвишение) – поткренат подиум на солејата во православните храмови, обично во висина на едно скалило, пред иконостасот.

Од амвонот ѓаконот за време на богослужбата ја кажува ектенијата, чита од Светото писмо делови од евангелијата на светите апостоли. Од амвонот се држи проповед, а при крајот на литургијата, свештеникот зад амвонот, од западната страна, свртен кон исток во правец на царските двери, ја чита молитвата на благословување од Божествената литургија на Свети Василиј Велики. Најстарите писмени сведоштва за амвонот потекнуваат од канонот на Лаодикискиот собор од 364 година. До XVII век, амвонот не стоел пред царските двери како денес, туку бил од страна.


Византиски вид на амвон[уреди | уреди извор]

Амвонот во црквата Св. Благовештение во Прилеп

Амвонот е подигнат подиум со кружен или полигонален облик до кој се пристапува со оградена скала поставена од една страна, сместен во средниот брод на базиликата, односно во наосот, ако е збор за некој друг вид на црковна градба. Секогаш се наоѓа во близина на олтарската преграда, т.е. пред олтарскиот простор. Неговата положба во храмот е различна: во северниот или јужниот дел на средниот брод, односно наосот, доколку не е во прашање базилика. Секогаш е поблиску до олтарот отколку до влезот. Во храмовите во Палестина, амвонот е поврзан со олтарскиот простор. На галеријата е сместен пулт за литургиски читања.

Амвонот е, или ѕидана конструкција обложена со мермерни плочи, или во целост е од камен, најчесто мермер. Телото на амвонот почесто е од кружен отколку од многуаголен облик. Целата средишна површина на телото на амвонот, како и страните на пристапните скали, се украсени со релјефи. Има два вида амвонски конструкции: со една или со две скали.