Џон Маер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Џон Маер
Маер на Фестивалот Мајл Хај Мјузик на 20 јули, 2008 година
Животописни податоци
Родено имеЏон Клејтон Маер
Роден(а)16 октомври 1977(1977-10-16)(46 г.)
Бриџпорт, Конектикат
САД
ЖанровиПоп рок, блуз рок, акустичен рок, блу-ајд соул, алтернативен рок, кантри рок, фолк рок
ЗанимањаПејач, текстописец, продуцент
ИнструментиГитара, вокали, омникорд, клавир, вибрафон, хармоника, ударни инструменти
Период на активност1998-сега
ИздавачиArista Records, Aware Records, Columbia Records
СоработнициТрио на Џон Маер, Фол Аут Бој
Мреж. местоjohnmayer.com
Значајни инструменти
Fender Stratocaster, Martin Guitars, Gibson Guitars

Џон Клејтон Mаер (роден на 16 октомври, 1977 година) — американски гитарист, пејач - текстописец и продуцент. Роден е во Бриџпорт, Конектикат, израснал во Ферфилд, и предавања посетувал на Беркли колеџот за музика во Бостон. Во 1997 година се преселил во Атланта, каде ги усовршил своите вештини и стекнал обожаватели, а моментално живее во Монтана. Првите два негови студиски албуми, Room for Squares (2001 година) и Heavier Things (2003 година), поминале добро комерцијално, при што добиле мулти-платински статус. Во 2003 година тој добил Греми награда за изведба на најдобар машки поп вокал за песната Your Body Is a Wonderland.

Кариерата на Маер започнала со свирење на воглавно акустичен рок. Но во 2005 година, соработувајќи со реномирани уметници како Би Би Кинг, Бади Гај, и Ерик Клептон, како и со формирањето на триото на Џон Маер неговата кариера почнала постепено да се движи во правец кон жанрот блуз. Влијанието на блузот може да се слушне преку албумот во живо наречен Try! на триото Џон Маер од 2005 година и неговиот трет студиски албум Continuum, издаден во септември 2006 година. На 49тото издание на Греми музчичките награди, Маер добил награда за најдобар поп вокален албум за Continuum и награда за изведба на најдобар машки поп вокал за песната Waiting on the world to change. Во ноември 2009 година тој го издал својот четврт студиски албум, Battle Studies. Неговиот петти албум, Born and raised, во кој повторно се забележува промена на музичкиот стил, бил издаден во мај 2012 година. По него, во август 2013 година следи и шестиот албум на Маер, Paradise Valley. Тој има над десет милиони продадени примероци на албуми во САД и над 20 милиони продадени примероци ширум светот.

Покрај музичката кариера, Маер има искуство и со комедија, графички дизајн, тв водителство и пишување; тој има напишано статии за списанија, особено за Ескуајр (Esquire). Исто така е вклучен во филантропски активности преку добротоворни цели и различни еколошки цели.

Ран живот[уреди | уреди извор]

Џон Клејтон Маер е роден на 16 окотмври, 1977 година во Бриџпорт, Конектикат, како син на училишниот директор Ричард Маер и професорката по англиски јазик Маргарет Хофман. Од мајчина страна, има германско, луксембуршко, шведско, и англиско потекло. Неговиот татко е Евреин и поради тоа Џон Маер се идентификува како полу-Евреин. Тој пораснал во Ферфилд, Конектикат и има помлад брат Бен и постар брат Карл. Тој одел во Ферфилд средното училиште во Ферфилд иако првата година бил запишан во Центарот за глобални студии во средното училиште Брајан Мекман во Норвок (во тоа време познато како центар за јапонски студии во странство; тоа е програма магнет за студенти кои сакаат да учат јапонски јазик).

Фасцинацијата на Маер со гитарата се родила откако тој ја видел гитарската изведба на Мајкл Џеј Фокс како Марти Мекфлај во филмот Назад во иднината. Од таа причина, кога наполнил 13 години татко му изнајмил една за него. Љубовта на Маер кон блуз музиката пак, се родила кога еден сосед му подарил касета со песни од Стиви Реј Вон. Потоа Маер почнал да зема часови по гитара од Ал Феранте кој бил сопственик на една локална музичка продавница, при што набрзо станал фокусиран само на свирење на инструментот. Но неговиот единствен фокус ги загрижувал неговите родители и тие двапати го однеле на средба со психијатар, кој на крај му ја одредил дијагнозатата како добра. Маер вели дека контроверзната природа на бракот на неговите родители предизвикала тој да исчезне и да создаде свој свет во кој може да верува. По две години вежбање, Маер почнал да свири во блуз барови и други места во областа, додека сè уште одел во средно училиште. Покрај соло изведбите, тој бил и член на група наречена Villanova Junction (именувана според песна на Џими Хендрикс) заедно со Тим Прокачини, Џо Белезнај и Рич Вулф. Маер размислувал и да се откаже од колеџот со цел да се посвети на музиката, но неодобрувањето на своите родители го одвратила од таа идеја.

Кога Маер имал седумнаесет години, имал напад на срцева аритмија и поминал еден викенд во болница. Осврнувајќи се на инцидентот, Маер вели, Тоа беше моментот кога се роди текстописецот во мене. Својот прв текст на песна, Маер го напишал ноќта кога се вратил дома од болница. Набрзо потоа, тој почнал да има панични напади, и стравувал дека ќе заврши во ментална институција. И денес, тој продолжува да се справува со такви епизоди со помош на ксанакс, пилули против анксиозност. По дипломирањето, петнаесет месеци работел на бензинска пумпа сè додека не заработил доволно пари да купи електрична гитара Фендер Стратокастер на Стиви Реј Вон од 1996 година.

Кариера[уреди | уреди извор]

Рана кариера[уреди | уреди извор]

На деветнаесет години, Маер се запишал на Беркли колеџот за музика во Бостон, Масачусетс. Меѓутоа, по убедувањето на својот пријател од колеџ Клеј Кук кој бил родум од Атланта, Џорџија, тој го напуштил училиштето по два семестри и се преселил со Кук во Атланта. Таму тие формирале бенд составен од двајца членови наречен LoFi Masters и почнале со свирење во локални кафулиња и клубови како Eddie's Attic. Според Кук, тие започнале да имаат несогласувања во однос на музиката поради желбата на Маер повеќе да се ориентира кон поп-музиката. Како резултат на тоа бендот се распаднал и Маер започнал соло кариера.

Со помош на локалниот продуцент и инженер Глен Матуло, Маер го снимил независниот мини-албум Inside Wants Out. Кук имал удел во пишување на повеќето песни од мини-албумот, вклучувајќи го издавањето на првиот комерцијален сингл, No Such Thing. Мини-албумот се состои од осум песни со Маер на гитара и како водечки вокал. Единствениот придонес на Кук бил како следечки вокал на песната Comfortable. За првата нумера, Back To You, бил повикан целосен бенд, вклучувајќи го копродуцентот на мини-албумот Дејвид Дела ЛаБрујер на бас гитара. Потоа Маер и ЛаБрујер започнале да свират низ Џорџија и околните држави.

Голема издавачка куќа и комерцијален успех (2000–2004)[уреди | уреди извор]

Маер почнал да стекнува репутација, и настапот во март 2000 година на South by Southwest го довел во центарот на вниманието на издавачката куќа Aware Records. Откако го вклучиле во концертите на фестивалот Aware и ги ставиле неговите песни во компилациите на Аware, на почетокот на 2001 година, тие го издале албумот Room for Squares само на интернет. За тоа време, Aware потпишале договор со Columbia Records со што Колумбија имала прв избор за потпишување со изведувачи наAware. Така, во септември, истата година Колумбија направила ремикс и повторно го издала Room for Squares. Како дел од дебито на големата издавачка куќа, илустрациите на албумите биле ажурирани и била додадена песната "3x5". Повторното издание исто така се состоело од преработени студиски верзии на првите четири песни од неговиот независен албум, Inside Wants Out.

До крајот на 2002 година, од албумот Room for Squares произлегле неколку радио хитови, меѓу кои биле No Such Thing, Your Body Is a Wonderland и на крај Why Georgia. Во 2003 година, Маер добил Греми награда за изведба на најдобар машки поп вокал за песната Your Body Is a Wonderland. Во неговиот говор за прифаќање на наградата тој коментирал, Ова е многу, многу брзо, и ветувам дека ќе надоместам. Исто така тој за себе метафорички кажал дека има шеснаесет години, коментар кој многумина погрешно го разбрале како тој тогаш навистина да имал само шеснаесет години.

Во 2003 година, Маер издал ЦД и ДВД од концертот во живо во Бирмингам, Алабама, наречен Any Thursday. Во концертот биле опфатени песни кои не биле снимени претходно, како "Man on the Side" (напишана заедно со Кук) и "Something's Missing", која подоцна се појавила на албумот Heavier Things. Исто така во концертот била вклучена и песната Covered in Rain. Според придружниот ДВД документарен филм, оваа песна е "втор дел" од песната "City Love", во која се појавува насловот "Covered in Rain". Комерцијално, албумот достигнал седумнаесетто место на Табелата Билборд 200. ЦД/ДВД-то добило конзервативни иако доследни, пофалби со тоа што критичарите биле поделени помеѓу неговата слика на поп идол и гитарската вештина која испливувала на површина (на времето). Ерик Крофорд (од Олмјузик) прашал " Дали тој е беспрекорниот гитарски херој прикажан кога ја свири 'Лени ' на Стиви Реј Вон, или дали е тинејџерскиот идол за кого врескаат тинејџерките при свирењето на Your Body Is a Wonderland?

Heavier Things, вториот албум на Маер, бил издаден во 2003 година со генерално позитивни критики.Ролинг Стоун, Олмјузик и Блендер имале позитивна, иако умерена, реакција. Албумот бил комерцијално успешен, и иако не бил продаван во толку голем број како Room for Squares, сепак достигнал прво место на Американската табела Билборд 200. Песната Daughters била првиот број еден сингл на Маер, а исто така во 2005 година му донела Греми награда за песна на годината. За оваа награда, тој ги победил другите претенденти како Алиша Кис и Кање Вест и ја посветил на својата баба, Ени Хофман, која умрела во мај 2004 година. Тој добил и награда за изведба на најдобар машки поп вокал, при што ги победил Елвис Костело, Принц и Сил за наградата. Во едно интервју од 9 февруари, 2009 година на шоуто на Елен ДеЏенерес, Маер рекол дека не требало да ја добие греми наградата за песна на годината бидејќи сметал дека песната на Алиша Кис If I Ain't Got You е подобра песна. Поради тоа, тој ја отстранил горната половина од греми наградата и и ја подарил на Алиша Кис, а долниот дел го задржал за себе.