Ќин (држава)
| Ќин |
||
|---|---|---|
| Главен град | Ќуенќу (犬丘) Ќинји (秦邑) Ќен (汧) Пингјанг(平陽) Јонг(雍) Ѓингјанг(涇陽) Јуејанг (櫟陽) Сјанјанг (咸陽) | |
| Уредување |
|
|
| Валута | Стара кинеска пара | |
Ќин (Вејд-Џајлс) (秦), (778 пр. н. е. до 207 пр. н. е.) — држава за време на раздобјето на пролетта и есента и раздобјето на завојуваните држави во стара Кина. Со текот на времето, таа почнала да преовладува со Кина и на крајот ја обединила како единствена држава за првпат, после што се наведува како династија Ќин. Нејзините владетели се презивале Јинг (嬴).
Легендарни почетоци и основање на државата Ќин
[уреди | уреди извор]Според Сема Ќен, историчар од 2 век пр. н. е. , куќата Ќин го влечела своето потекло од царот Џуансји (еден од петте цареви од легендарното раздобје). Еден од предците, Дафеи, му помогнал на Ју Велики да ја скроти поплавата и за тоа Шуен (кинески водач) го наградил со презимето Јинг.
Преданието вели дека за време на династиите Сија и Шанг, кланот Јинг се поделил на две гранки:
- западна, која живеела во Ќангќу (犬丘 кучешки рид), во близина на модерниот Тјаншуи во горниот тек на реката Веј.
- Источна, кој живеела источно од Жолтата Река, и чии членови биле предците на владетелите Џао.
Западните Јинг станале благородници за прв пат во 9 век. Феизи од Ќин му служел на кралот Сјао од Џоу како кралски скротувач на коњи, а како награда го добил Ќунќу (модерен Тјаншуи, провинција Гансу ) и раката на кралската принцеза. Нивната територија била опкружена со варварски (Ронг) земји. Во 9 век, како што се расипувале односите меѓу Западен Џоу и Ронг, државата Ќин била неколкупати нападната од Ронг.
Во 771 година, големиот поход на Ронг довел до пад на Хао (близу модерниот Сиан во провинцијата Шенси), главниот град на Западен Џоу. Принцот од Ќин се обидел да им помогне на кралевите Џоу, а подоцна неговите трупи го штителе повлекувањето на кралот Пинг од Џоу на исток. Кога престолнината на Џоу била воспоставена во Луојанг, Сијанг од Ќин ја добил титулата бо (伯, „гроф“), третото ниво на благородништво после гонг (公, „војвода“) и хоу (侯, „маркиз“) и му било ветено дека сите поранешни земји Џоу што ги ослободил од Ронг ќе му припаднат на Ќин. Ова било поттик за идните принцови од Ќин кои воделе систематски походи против Ронг со цел да ја прошират својата територија од другата страна на границата на Западен Џоу.
Ќин во раздобјето на пролетта и есента
[уреди | уреди извор]За време на раздобјето на пролетта и есента (771 - 481 пр. н. е.), владетелите на Ќин биле зафатени со одбрана од западните варвари и многу помалку обрнувале внимание на односите со феудалните држави во средишна и источна Кина. Единствен исклучок билаЃин, која се наоѓала на другиот брег на Жолтата Река. Ќин одржувала дипломатски односи со Ѓин, повремено склучувала сојузи, но и војувала. На почетокот на владеењето на војводата Му од Ќин (秦穆公), државата Ѓин ослабела заради династичките судири меѓу синовите на покојниот војвода Сиан од Ѓин (晋獻公). Војводата Веј (晋惠公) излегол како победник во тие судири, а државата Ѓин, ослабена од војната, се снабдувала со храна и други потреби од државата Ќин. Штом Ѓин закрепнала, станала агресивна кон Ќин, каде што во тоа време избувнала чума. Заради ова, избувнала војна меѓу двете држави, а Ќин го прекинала походот кон запад.
За време на неговите походи против Ѓин, војводата Му од Ќин слушнал дека Чонгер (重耳), еден од синовите на Сиан, бил во прогонство во државата Чу. Војводата Му стапил во контакт со него и му помогнал да дојде на власт како војвода Вен од Ѓин, по што Ќин и Ѓин повторно станале сојузници. Сепак, Вен умрел во 628 година, а една година подоцна, обидот на Му да го освои Џенг (鄭) го довел во судир со војводата Сијанг од Ѓин (晋襄公) кој бил нападнат од заседа во Битката кај Јао (модерен Луонинг во провинцијата Хенан) тежок пораз на војската Ќин. Три години подоцна, војводата Му од Ќин започнал одмазднички поход против Ќин и ја победил. Меѓутоа, откако ги закопал коските на своите војници, војводата Му решил да склучи мир со своите источни соседи и целосно се посветил на војните против западните номади. Заради ова, тој бил прогласен за еден од петте хегемони. Војската на Ќин не отишла повторно на исток речиси два века потоа.
Ќин на почетокот на раздобјето на завојуваните држави
[уреди | уреди извор]На почетокот на 5 век, односно во раздобјето што идните историчари ќе го наречат раздобје на завојуваните држави, Ќин бил во подредена позиција во однос на неговите источни соседи кои брзо минувале низ голема општествена и културна промена. Причината делумно била затоа што голем дел од населението на државата Ќин се состоел од кинезизирани полуварварски племиња и народи, кои „вистинските“ Кинези ги нарекувале Ронг. Поради ова, Ќин бил презрен од другите кинески држави. Најсериозната закана за државата Ќин, сепак, во тоа раздобје била новосоздадената држава Веј,[б 1] создадена со поделбата на претходната држава Ѓин. Ова било особено очигледно за време на ерата на Ву Ќи, кој помеѓу 413 и 409 година пр. н. е. успеал да го заземе стратешки важниот превој Хангу (函谷关), премин североисточно од денешниот Лингбао во провинцијата Хенан, Тонггуан (潼关), премин во денешната покраина Шенси. Така, за прв пат по многу векови, Ќин ги загубил своите територии западно од Жолтата Река.
Преустројства во 4 век пр. н. е.
[уреди | уреди извор]Владетелите на Ќин постепено почнале да воведуваат преустројства со цел Ќин да се стави во рамноправна основа со неговите источни соседи. Ова било особено случај кога војводата Сјао од Ќин (秦孝公) стана на чело на Ќин околу 361 година. Неговата клучна одлука била да го покани угледниот учен Шанг Јанг во својот двор, и да го постави за премиер. Шанг Јанг, познат како еден од творците на филозофскиот правец што во Кина ќе биде познат како легализам, презел низа далекусежни мерки насочени кон зајакнување на државата. Ова првенствено се однесувало на укинување на претходното феудално уредување, односно воведување меритократија и централизиран државен апарат. Функционерите на Ќин престанале да бидат благородници, обични луѓе биле назначени на овие позиции, според заслугите. Благородниците исто така ја изгубиле контролата над војската, т.е. таа паднала под непосредна контрола на владетелот. Резултатот од сето ова беше тоа што Ќин можел да мобилизира многу поголема војска од своите источни соседи и дека таа била подисциплинирана. Централизираниот систем на управа, исто така, го олеснило мобилизирањето на селаните како работна сила за големи јавни работи како што е копањето канали, што со текот на времето му овозможило на Ќин да го развие земјоделското производство, а со тоа да го зголеми своето население и да го олесни одржувањето на неговата постојано растечка војска. Иако преустројствата на Шанг Јанг предизвикале големо незадоволство кај врхушката на Ќин, вклучувајќи го и идниот крал Хуивен, кој по доаѓањето на престолот го погубил Шанг Јанг, тие не биле укинати, бидејќи самиот Хуивен станал свесен за нивните позитивни ефекти на државата и неговото владеење.
Проширувањето на Ќин на крајот на 4 век пр. н. е.
[уреди | уреди извор]Со текот на времето моделот на државна управа на Ќин почнал да покажува предности во однос на другите кинески држави. Хуивен бил толку убеден во неа што се прогласил себеси за крал во 325 година, со што ги отстранил последните формални траги на верност кон номиналните владетели на династијата Џоу, со што поттикнал тренд меѓу другите владетели на кинеските држави. Во 318 година, Ќин се соочил со коалиција од пет источни држави - Веј, Џао, Хан, Јан и Чу - но нивната војска, иако според кинеските историчари била поголема од онаа што успешно навлегла во Ќин неколку децении порано, била поразена кај превојот Хангу. Откако ја отстранил опасноста од неговите источни граници, Ќин го насочил своето внимание кон југ и започнал голем поход при кој во 316 година биле освоени полуварварските држави Шу и Ба на територијата на денешната провинција Сечуан. Со ова, Ќин стекнал нови територии возводно по долината на реката Јангце, во кои, за разлика од Ќин, армиите на противничките држави тешко можеле да навлезат. Така Ќин се здобил со сигурен извор на храна, суровини и работна сила, а со тоа се здобил со клучна предност во однос на другите кинески држави.
Проширувањето на Ќин на почетокот на 3 век пр. н. е.
[уреди | уреди извор]Првата голема кинеска држава која се соочила со демонстрација на новата моќ на Ќин била државата Чу. Кралот Хуивен, на предлог на неговиот премиер Џанг Ји (張儀), започнал голем воен поход што резултирал со низа воени успеси, од кои најспектакуларниот било заробувањето на кралот Хуаи од Чу во 299 година пр. н. е. Ќин успеал да ја освои и престолнината на Чу, остатоците од чија војска и управа се повлекле на исток.
Новиот владетел на Ќин, кралот Џаосјанг од Ќин, го насочил вниманието на својата држава, односно нејзиното проширување, на север. За таа цел, бил склучен сојуз со државата Ќи, и на тој начин главните противници на Ќин - државите Хан и Веј - се нашле пред војна на два фронта. Тие постепено почнале да губат територии и биле сведени на еден вид тампон-држава меѓу Ќин и преостанатите велесили на Стара Кина, првенствено државата Џао. Во 260-тите години пр. н. е. борбата за доминација со нив го довела Џаосјанг во судир со Џао, што ќе се претвори во епска двегодишна битка кај Чангпинг. Таа, благодарение на целосната мобилизација на Ќин и талентот на бескрупулозниот војсководец Бај Ќи во 260 пр. н. е. завршил со пораз на Џао, но не бил во можност да биде искористен од Ќин поради расправијата помеѓу Бај Ќи и премиерот Фан Ју. Неуспехот на силите на Ќин да го заземат Хандан, престолнината на Џао, како и доаѓањето на силите на државите Чу и Веј да му помогнат на Џао, довеле во 257 година пр. н. е. до мировен договор со кој Ќин изгубил дел од новоосвоените територии, а со тоа и неговото проширување било привремено запрено. Меѓутоа, веќе следната година, трупите на Ќин го зазеле Луојанг и го истерале последниот номинален кинески владетел од династијата Џоу, со што го означиле нејзиниот крај.
Обединување на Кина
[уреди | уреди извор]Клучната година за државата Ќин, како и за остатокот од Кина, била 247 г. пр. н. е. кога на престолот дошол тринаесетгодишниот Јинг Џенг, кој себеси се нарекувал Ќин Ши Хуангди, и кој првите години од своето владеење ги посветил на подготовки за последната пресметка со преостанатите шест од седумте завојувани држави кои тогаш владееле со територија на поранешната династија Џоу. Тие вродиле со плод кога во 230 г. пр. н. е. Ќин ја нападнал и ја припоил државата Хан, а потоа во 228 г. пр. н. е. и државата Џао, која сè уште закрепнувала од своите страшни загуби во Битката кај Чангпинг. Потоа во 225 г. пр. н. е. следел стариот непријател на Ќин - државата Веј.
За разлика од претходните три држави, кои веќе биле ослабени, Јинг Џенг ја избрал Чу како своја следна цел, која и покрај загубите во војната со Ќин на почетокот на векот, била помоќна. Првиот обид - во 225 г. пр. н. е. - бил неуспешен, но следниот поход довел до соборување и анексија на Чу. Потоа Ќин ја нападнал државата Јан во 223 г. пр. н. е. , додека најисточната и најоддалечената држава Ќи се предала без борба. После тоа, Џенг од Ќин се прогласил себеси не само за крал на Ќин, туку и за прв цар на цела Кина, преземајќи титула претходно резервирана за митските владетели од далечното минато на Кина . Оттогаш, со мали прекини, го користеа сите кинески владетели до падот на династијата Ќинг и воспоставувањето на републиката во 1911 година. Потоа Џенг, користејќи крајно брутални методи, го стандардизирал писмото, мерките и јазикот на освоените подрачја, создавајќи ја основата на единството не само на кинеската држава, туку и на нацијата.
Владетели
[уреди | уреди извор]Сите датуми одговараат на информациите од 14-то и 15-то поглавје на Шиџи.
- Ќин Џонг (秦仲), владеел од 845 пр. н. е. до 822 пр. н. е.: правнук на Феизи
- Војвода Џуанг (莊公), владеел од 822 пр. н. е. до 778 пр. н. е.: Јинг Је (也), син на Ќин Џонг
- Војвода Сјанг (襄公), владеел од 778 пр. н. е. до 766 пр. н. е.: син на војводата Џуанг
- Војвода Вен (文公), владеел од 766 пр. н. е. до 716 пр. н. е.
- Војвода Нинг (寧公), владеел од 716 пр. н. е. до 704 пр. н. е.
- Принцот Чу (出子), владеел од 704 пр. н. е. до 698 пр. н. е. , узурпаторот, затоа не ја добил постхумната војводска титула
- Војвода Ву (武公), владеел од 698 пр. н. е. до 678 пр. н. е.: син на војводата Нинг
- Војвода Де (德公), владеел од 678 пр. н. е. до 676 пр. н. е.: син на војводата Нинг; помладиот брат на војводата Ву
- Војвода Суан (宣公), владеел од 676 пр. н. е. до 664 пр. н. е.: син на војводата Део
- Војвода Ченг (成公), владеел од 664 пр. н. е. до 660 пр. н. е.: син на војводата Део; Помладиот брат на војводата Суан
- Војвода Му (穆公), Јинг Ренхао (任好), владеел од 660 пр. н. е. до 621 пр. н. е.: син на војводата Део; Помладиот брат на војводата Ченг
- Војвода Канг (康公) : Јинг (罃), владеел од 621 пр. н. е. до 609 пр. н. е. син на војводата Му
- Војвода Гонг (共公): Јинг Дао (稻), владеел од 609 пр. н. е. до 604 пр. н. е.
- Војвода Хуан (桓公): Јинг Ронг (榮), владеел 604 пр. н. е. до 577 пр. н. е.
- Војвода Џинг (景公): Јинг Хоу (後), владеел 577 пр. н. е. до 537 пр. н. е.
- Војвода Ај (哀公), владеел од 537 пр. н. е. до 501 пр. н. е.
- Војвода Хуи (惠公), владеел од 501 пр. н. е. до 491 пр. н. е.: внук на војводата Ај; син на постхумно назначениот војвода Ји (син на војводата Ај)
- Војвода Дао (悼公), владеел од 491 пр. н. е. до 477 пр. н. е.
- Војвода Ли (厲公): Јинг Ци (刺), владеел 477 пр. н. е. до 443 пр. н. е.
- Војвода Зао (聁公), владеел од 443 пр. н. е. до 429 пр. н. е.: син на Војвода Лиј
- Војвода Хуаи (懷公), владеел од 429 пр. н. е. до 425 пр. н. е.: син на Војвода Лиј; помлад брат на Војвода Зао
- Војвода Линг (靈公): Јинг Су (肅), владеел 425 пр. н. е. до 415 пр. н. е.: внук на војводата Хуаи
- Војвода Џијан (簡公): Јинг Даози (悼子), владеел 415 пр. н. е. до 400 пр. н. е.: син на војводата Хуаи; внук на војводата Линг
- Војвода Хуи II (惠公), владеел 400 пр. н. е. до 387 пр. н. е.: син на војводата Џијан
- Војвода Чу (出公), владеел од 387 пр. н. е. до 385 пр. н. е.: син на војводата Хуи II
- Војвода Сиан (獻公): Јинг Шити (師隰), владеел 385 пр. н. е. до 362 пр. н. е.: син на војводата Линг
- Војвода Сјао (孝公), владеел од 362 пр. н. е. до 338 пр. н. е.: син на војводата Сиан
- Кралот Хуивен (惠文王), владеел од 338 пр. н. е. до 311 пр. н. е., познат и како кралот Хуи (惠王): Јинг Си (嬴駟), почнал да ја користи кралската титула во 325 пр. н. е.
- Кралот Ву (武王): Јинг Данг (蕩), син на кралот Хуивен
- Кралот Џаосјанг (昭襄王): Јинг Зе (则) или Јинг Џи (稷), познат и како крал Џао: син на кралот Хуивен, помлад брат на кралот Ву
- Кралот Сјаовен (孝文王): Јинг Џу (柱): син на кралот Џаосјанг
- Кралот Џуангсјанг (荘襄王): Јинг Зичу (子楚)
- Ќин Ши Хуанг (秦始皇): Јинг Џенг (政), владеел од 247 пр. н. е. до 221 пр. н. е. (како крал на Ќин (秦王) , како прв цар (始皇帝) од 221 пр. н. е. )
- Ќин Ер Ши (秦二世): Јинг Хухаи (胡亥), владеел 210 пр. н. е. до 207 пр. н. е.
- Зијинг (子嬰), владеел од 207 пр. н. е.
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ Да не се меша со подоцното кралство Веј (卫))
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Најсуровата армија -- Армијата на државата Ќин Архивирано на 14 јуни 2009 г. (англиски)
