Љубомир Белогаски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Љубомир Белогаски, академик, е еден од преставниците на првата генерација македонски современи сликари и основоположник на македонската современа уметност и врвен мајстор на акварелот, е роден во Делчево во 1911 година. Високото образование го формира во Белград од 1931 до 1938 година. Бил долгогодишен професор и педагог во неколку гимназии и во Училиштето за применета уметност во Скопје. Од 1949 година па се до заминувањето во пензија Белогаски беше професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Добитник е на вредни награди и признанија. Починал во 1994 во Скопје.

Биографија[уреди | уреди извор]

Љубомир Белогаски, академски сликар, графичар и педагог, еден од преставниците на првата генерација современи македонски сликари и основоположници на македонската современа ликовна уметност е роден на 15.04.1911 година во Делчево. Високото образование го формира во Белград од 1931 до 1938 на Академскиот отсек при Уметничката школа, во класата на професорите Бета Вукановиќ, Љубомир Ивановиќ, Никола Бешевиќ, Симеон Роксандиќ, Иван Радовиќ а во 1947 година специјализира графички техники на Академијата за ликовна уметност во Љубљана кај професорот Божидар Јакац.

Беше долгогодишен професор и педагог во неколку гимназии во Скопје и во Школата за применета уметност (1945-1949) каде во 1947 година во соработка со графичарот-професор Кокотковиќ од Загреб, го формира графичкиот оддел.Од 1949 година преминува на работа во новооснованиот Технички факултет, при неговиот Архитектонски оддел во Скопје се до 1981 година кога е пензиониран, како редовен професор. Белогаски остварува повеќе студиски патувања во Европа: Лондон, Париз, Рим, Фиренца во 1937, 1950, 1952, 1962 година. Од 1945 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и негов претседател во 1957 година. Неговиот творечки опус е одбележан со многубројни самостојни и групни изложби во Македонија и низ поранешинте Југословенски простори. Добитник е на вредни награди и признанија, меѓу кои и Октомвриската награда на СРМ за животно дело во 1972, Орден на Републиката со сребрен венец 1979, Наградата 13-ти ноември во 1992 и други. Покрај дејноста во областа на уметничкото творештво, тој активно учествувал и во јавниот и културен живот на земјата.

Во знак на почит кон градот во кој живееше и твореше, Љубомир Белогаски во 1991 година остави вреден легат - од сопствената збирка, подарувајќи му на Музејот на град Скопје 159 дела. Донацијата ја сочинуваат 125 акварели, 6 масла, 26 цртежи и 2 графики, настанати во периодот од 1929 до 1990 година. Оваа донација е прва во Македонија и овозможи Музејот на град Скопје да ја оформи Галеријата Љубомир Белогаски, во која постојано се изложени делата кои го чуваат споменот на човекот-уметник и педагог. Љубомир Белогаски почина на 15.02.1994 година во Скопје, но зад себе ги остави своите многубројни ликовни дела во духовната ризница на нашата култура. Во знак на сеќавање и пиетет кон личноста и делото на големиот мајстор на акварелот, Музејот на град Скопје востанови годишна награда ”Љубомир Белогаски”.

Во текот на својата долгогодишна богата и плодна творечка дејност, Белогаски ќе експериментира во повеќе техники, но акварелот ќе остане негова трајна определба, во кој остварува врвни дострели оформувајќи го својот личен ракопис на врвен мајстор на акварелот. Регистарот на неговото сликарство е доста богат, дијапазонот на уметничката личност доста широк. Суштината на внатрешниот императив под кој го транспонира сликаниот предмет го формира во петтата деценија и го негува до крајот на животот, подеднакво; мртвата природа-цвеќиња, портретот и пејзажот. Сликарството на Белогаски претставува плод на свевидна инспирација и преокупација од природата што го опкружува како емотивно раздвижување. Што и да слика, мотивот е секогаш структуиран во чиста и цврста композиција, со јасна естетска концепција и колористичка хармонија . Потезот е одлучен, пигментот чист, композицијата урамнотежена, материјализацијата уверлива. Така, севкупното негово творештво ги интегрира типолошките и содржински белези на естетската програма и духот на поетскиот реализам.

Мртвата природа - цвеќињата, транспонирани во различни варијанти, се застапени во поголем број. Изведени со сигурна рака, суптилно чувство и техничка вештина, со мошне слободна интерпретација на виденото, поттикната од играта на визуелните сензации, со рафиниран и топол колорит, главно лирски интониран, каде што мотивот се претвора во пулсација и ритам, при тоа не нарушувајќи ја визуелната препознатливост, Белогаски гради една нова реалност, со извесно геометризирање на формите и нагласена смиреност на општиот тон на сликата.

Паралелно со мртвата природа, Белогаски создава портрети и фигури кадешто доминира само главата или допојасната фигура. Тоа се дела работени со студиозен пристап во третирањето на ликот, со сигурен, синтетичен напати нагласен цртеж, со чувство и топлина, пред се во колористичката хармонија и нанесувањето на акварелните бои (некаде разлеани, некаде во пошироки боени површини). Линијата со која се профилирани ликовите е мека и спокојна со честа употреба на тенки и широки контури во обликувањето на формата, понекогаш со неисликани бели секвенци кои заедно со благата ритмика придонесуваат за раздвиженоста на фактурата и транспарентноста. Во доменот на пејзажот, првите импресии на Белогаски потекнуваат од македонскиот предел - од неговиот роден крај, циклусот “Од Брегалница” од 1937/38 година, но секако во севкупниот творечки опус, доминантно место зазема циклусот “Бокељски мотиви” како заокружена целина и врвно достигнување, настанат во периодот од 1947-1957 година. Околу стотина дела - акварели тематски поврзани со Црногорското поднебје се плод на континуирана творечка дејност.

Инспириран од чистите предели, стрмните и сурови планински масиви, негибнатата стара градска архитектура, со аналитичко набљудување од различни агли и визури настанаа зрели ликовни творби. Тоа се дела работени со изворен ликовен јазик и лирски третман, со јасен естетски видик и технички педантна обработка до перфекција. Сиот циклус по својата свежина и оригиналност се открива во фасцинантен сјај на неизмерното пространство помеѓу природниот рељеф, небото, и планинските масиви.

Природните предели и “палаци” како тематска арматура се транспонирани во многу варијации со што авторот се стреми, во самата природа да ја открие хармонијата на најзначајното, најчистото но во истовреме и најизразитото. Тоа се дела од кои блика светол млаз на лиричност (без поголем немир и остар призвук на драматичност) каде потезите се слеани, тонот дискретен, валерите јасно одредени.Така, основните елементи во процесот на сликање, едни со други се поврзуваат, се усогласуваат и заемно дејствуваат во целината: цртежот со тонот, тонот со бојата, бојата со формата, формата со композицијата.

Така, Белогаски изградува систем на компонирање во кој секоја плотна е усогласена со соседната а сите заедно со целината. Акварелните бои ги нанесува мозаички. Се создава калеидоскоп од хармонични и ритмички распоредени боени површини во кои со спротивностите на статичното и динамичното, на светлото и сенката се добива впечаток на материјализирана патина што повеќе лета се напластувала врз фасадите на старите куќи, балкони и портали.

Сеопфатно, лексиката на сликарство на Љубомир Белогаски е повеќеслојна; се одликува со континуитет и доследност, со сензибилитет, главно лирски интониран. Последиците се природно и логично изразени во сликарски вредности - акварели, кои зрачат со сета своја оригиналност и свежина, топла и ведра панорама на организирани обоени површини, дела кои со своето постоење имаат трајна вредност и ја збогатуваат нашата ликовна современост.