Јуриј Мамлеев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јуриј Мамлеев
Роден/аЈуриј Витаљевич Мамлеев
11 декември 1931
Москва, СССР
Починат/а25 октомври 2015
Москва
Занимањеписател, поет, филозоф, драматург
НационалностСССР СССР
 Русија
Жанрпроза, поезија, драма
Книжевно движењеметафизички реализам
мрежно место
http://www.mamleew.ru/

Јуриј Мамлеев (руски: Юрий Витальевич Мамлеев) (11 декември 1931,Москва, СССР - 25 октомври 2015) — руски писател, драматург, поет и филозоф. Тој е основач и најважен претставник на литературниот правец — метафизички реализам.

Животопис[уреди | уреди извор]

Јуриј Витаљевич Мамлеев е роден на 11 декември 1931 година во Москва. Во 1956 година дипломирал на Шумарскиот факултет. Од 1957 до 1974 година предавал математика во работничките вечерни училишта. Во 1960-тите, во неговиот стан се собирале многу познати претставници на алтернативната советска уметничка сцена, како: Леонид Губанов, Хенрих Сапгир, Лев Кропивницки, Александар Харитонов, Венедикт Ерофеев итн. Поради неможноста да ги објавува своите дела, во 1974 година Мамлеев и сопругата Фарида Шарафовна емигрирале во САД. Таму, тој предавал руска книжевност на универзитетот Корнел. Во 1983 година, Мамлеев се преселил во Париз, каде предавал руски јазик и книжевност. На почеткот на 1990-тите, по падот на комунистичкиот режим, Мамлеев бил еден од првите писатели-емигранти кои се вратиле во Русија, каде предавал индиска философија на Московскиот универзитет.[1] Мамлеев бил член најпрвин на американскиот, потоа и на францускиот и најпосле, на рускиот Пен клуб. исто така, тој бил член на извршниот одбор на меѓународното друштво за културни врски со Индија.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Мамлеев во 2012 година.

Иако неговото формално образование не било поврзано со книжевноста, уште по дипломирањето, Мамлеев активно се занимавал со пишување. Почнувајќи од 1960-тите, неговите раскази, романи и филозофски есеи биле издавани тајно преку т.н. самиздати (во тиражи од околу педесетина примероци), бидејќи тој не можел да објавува преку официјалните издавачки куќи. До 1974 година, Мамлеев веќе имал напишано стотина раскази, два романа и неколку философски дела. Дури кога емигрирал во САД, делата на Мамлеев доживеале признание и биле преведувани на повеќе европски јазици - англиски, француски, германски, италијански, чешки, бугарски, српски, македонски, романски итн. Во Русија, неговите дела (вкупно 27 книги раскази, романи, статии и филозофски есеи) започнале да се издаваат дури во 1990-тите, по падот на комунистичкиот режим, а неговите драми започнале да поставуваат на театарските сцени во Русија, Австрија, Србија итн. Истовремено, Мамлеев често настапувал на телевизиските и радио станиците и давал интерјуа за весниците и списанијата. Мамлеев е особено интересна појава во современата руска книжевност, затоа што го основал новиот книжевен правец - метафизички реализам чии основи се изложени во текстот „Метафизиката и уметноста“, објавен во неговата филозофска книга „Судбината на битието“. Неговата проза е многу необична и претставува спој на гротеска и длабока филозофија и мистика. Главните ликови во неговите дела се чудовишта, вампири, сеништа, призраци, манијаци, убијци и други чудни ликови.[1][3]

Мамлеев е типичен руски писател со типична руска тематика, а неговите дела секогаш се нешто меѓу прозен текст и философски трактат. Тој со своите дела оформува мит којшто му е достапен секому при што не се важни поимите и уметничките ликови, ниту сижето, туку е важно определено присуство што е нелитературно, слично на делата на Достоевски. Сепак, за разлика од Достоевски, мамлеев смета дека писателот треба да биде објективен. Исто така, религијата на Мамлеев се разликува од верата на Достоевски, бидејќи според првиот „слободата на совеста е слобода на изборот“. Според Мамлеев, првичната вера настанува во реалноста што постои во мене, а дури подоцна, со освестувањето за постоењето на оваа реалност, човекот ја сфаќа суштината на верата. Оттука, тоа не е религијата на Откровението, туку тоа е религијата на внатрешната реалност, т.е. единствениот објект на обожување е личното Јас на верникот. Тоа значи дека Јас е единствената реалност, а мојата бесмртност не може да биде изгубена или одземена. Понатаму, Мамлеев вели дека метафизичкиот реализам е поврзан со философијата, со откритието на реално постоечките пластови на сознанието. Тоа е проучување на самиот себе: кои сме ние, кој сум јас, и како сето тоа ќе заврши... Врз таа основа, Јас е основата, единствениот репер на творештвото.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Јуриј Мамлеев, Потопи ми ја главата, Темплум, 2010.
  2. „Белешка за авторот“, во: Јуриј Мамлеев, Вампир-психопат, Темплум, Скопје, 2022, стр. 129.
  3. Павел Попов, „Белешка за авторот“, во: Јуриј Мамлеев, Вампир-психопат, Темплум, Скопје, 2022, стр. 129.
  4. Павел Попов, „Белешка за авторот“, во: Јуриј Мамлеев, Вампир-психопат, Темплум, Скопје, 2022, стр. 131-135.