Јужноафриканска Република (Трансвал)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јужноафриканска Република
Zuid-Afrikaansche Republiek
Знаме Грб
Гесло"Eendragt maakt magt"
Химна"Volkslied van Transvaal"

Местоположба на Трансвал
  • 1858–1860
  • 1880–1881 (exile)
Преторија
Official language Холандски
Уредување Парламентарна република под британско сизеренство
Законодавство Фолксрад
Основана
 •  Конвенција на Реката Сенд 17 јануари 1852 
 •  Граѓанска војна 7 октомври 1862 
 •  Колонија Трансвал 12 април 1877 
 •  Прва бурска војна 12 декември 1880 
 •  Преториска конвенција 3 август 1881 
 •  Лондонска конвенција 27 февруари 1884 
 •  Втора бурска војна 11 октомври 1899 
 •  Договор од Веренигинг 31 мај 1902 
 •  Марицко востание септември 1914 – февруари 1915 
Површина
 •  Вкупна 191,789 км2 
Валута Јужноафриканска фунта

Јужноафриканска Република (холандски: Zuid-Afrikaansche Republiek, скратено ЈАР; африканс: Suid-Afrikaanse Republiek), позната и како Република Трансвал ― независна бурска република во Јужна Африка која постоела од 1852 до 1902 година. По Втората бурска војна била припоена кон Британската Империја.

Јужноафриканската Република била основана со Конвенцијата за реката Сенд од 1852 година, со која британската влада формално ја признала независноста на Бурите кои живеат северно од реката Вал. Односите меѓу Јужноафриканската Република и Британија почнале да се влошуваат откако британската Колонија Кејп почнала да се проширува кон внатрешноста на Јужна Африка, што кулминирало со избувнување на Првата Бурска војна. По победата на Бурите во војната била потврдена независноста на Јужноафриканската Република. Во 1899 година, повторно избувнала војна помеѓу Велика Британија и Јужноафриканската Република, при што ЈАР била брзо окупирана од британската војска. Според мировниот договорот со кој завршила војната, Јужноафриканската Република била трансформирана во Трансвалска Колонија и потоа како ентитет во Унијата на Јужна Африка.

Територијата на која порано се наоѓала Јужноафриканската Република сега ги опфаќа целите или поголемиот дел од покраините Гаутенг, Лимпопо, Мпумаланга и Северозападната Покраина од денешната Јужноафриканска Република.

Име и етимологија[уреди | уреди извор]

Во 1853 година, Фолксрад (Собранието) усвоило резолуција со која накратко го усвоила името на Zuid Afrikaansche Republiek (Јужноафриканска Република). Истата година, Фолксрад ја преименувала државата во Zuid-Afrikaansche Republiek Benoorden de Vaalrivier (Јужноафриканска Република Северно од Реката Вал). [1] Во 1858 година, со уставот трајно било утврдено името на државата како Zuid Afrikaansche Republiek (Јужноафриканска Република). [2] Јужноафриканската Република исто така често се нарекува Трансвал (Transvaal) што се однесува на областа над (или „транс“) реката Вал.[3] По завршувањето на Првата бурска војна, Јужноафриканската Република потпаднала под британска власт и во Преторијанската конвенција од 3 август 1881 година,[2] Британците инсистирале да се употребува името Држава Трансвал.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Основање[уреди | уреди извор]

Јужноафриканската Република била основана на 17 јануари 1852 година,[2] кога Британците ја потпишале Конвенцијата од реката Сенд со која се признава независноста на регионот северно од реката Вал.

Прв претседател на Јужноафриканската Република бил Мартинус Весел Преториус, избран во 1857 година, син на водачот на Бурите, Андриес Преториус, кој командувал со Бурите при победата во Битката на реката Блад. За главени град бил избран Почефструм, а подоцна бил преселен во Преторија. Парламентот се викал Фолксрад и имал 24 членови.

Британска анексија[уреди | уреди извор]

Непопуларноста на претседателот Томас Бургерс кулминирала со неговиот поход против народот Бапеди на чело со Секухуне. Републиката била на раб на банкрот, а опсадата на упориштето на Секухуне не успеала затоа што членовите на војската не се согласувале со верските погледи на Бургерс, го нарекле еретик и во толпа ја напуштиле опсадата. По ова, Бургерс поднел оставка и ја напуштил земјата. Ваквата ситуација ја искористил Теофилус Шепстон и на 12 април 1877 ја анексирал републиката (како Трансвал, Британска Колонија).[5] [6]

Гарнет Волсели, висок комесар за Југоисточна Африка, му објавил војна на Секухуне. Британските трупи со своите сојузници (меѓу кои и Свазите кои ги поддржувале Бургерс), во 1879 година го победиле Секухуне и го затвориле во Преторија. По отстранување на заканата од Бапеди, бургерите веќе не биле толку многу против британската власт.

На 13 декември 1880 година, во Пардекрал се состанале членовите од последниот Фолксрад. На седницата било одлучено власта да се стави во рацете на триумвират: Пол Кругер, Пит Жуберт и Мартинус Весел Преториус. Тие за седиште на владата го прогласиле Хајделберг и таму на 16 декември 1880 го кренале знамето на републиката. Војната (која не била официјално објавена на окупаторските британски трупи) започнала со напад врз британскиот полк кај Бронхорстспруит. Тие ги опколиле британските гарнизони во Трансвал, но само еден од нив паднал во нивни раце.

Бурите ги поразиле Британците кај Лејнг Нек, Ингого и кај Мајуба. Британскиот премиер Вилијам Гладстон одлучил да не праќа засилување, и побарал склучување мировен договор. Двете држави ја потпишале Конвенцијата од Преторија.

Независност[уреди | уреди извор]

Јужноафриканската Република по потпишувањето на Лондонската конвенција од 27 февруари 1884 година станала целосно независна држава. Одтогаш, земјата самостојно склучила разни договори со други држави. На 3 ноември 1884 година земјата потпишала поштенска конвенција со владата на Колонијата Кејп, а подоцна слична конвенција со Слободната Држава Орање.[2]

Во ноември 1859 година,[2] независните републики Лиденбург и Утрехт се споиле со Јужноафриканската Република. На 9 мај 1887 година, жителите од териториите на Стелаленд и Госен (понекогаш се нарекува „Гошен“) добиле јужноафриканско државјанство. [2] На 25 јули 1895 година, жителите кои учествувале во битката во Зутпансберг [2] исто така добиле државјанство на Јужноафриканската Република.

Воена историја[уреди | уреди извор]

Војна со Мапела и Макапан, 1854[уреди | уреди извор]

Собранието во 1849 година го избрало Хендрик Потгитер за доживотен генерал-командант и за да се избегнат несогласување, се наметнала потребата за назначување на уште тројца генерал-команданти со подеднакви овластувања. [7] :41Командант-генералот Андрес Преториус станал генерал-командант на окрузите Почефструм и Рустенбург . На 16 декември 1852 година, Андрес починал, а на негово место за генерал-командант на окрузите Лиденбург и Заутпансберг бил назначен неговиот син, Пит Преториус.

Во 1853 година, Мапела го повикал Херман Потгитер да му помогне во уништувањето на популација на слонови. [7] :42По пристигнувањето, Мапела ја однела групата на Потгитер (која ја сочинувале Херман, неговиот син, неговиот зет и неколку други Бури) до наводното место каде се наоѓало стадото слонови. Всушност, Мапела ги одвела Бурите во заседа каде што стотици домородни воини ја нападнале групата на Потгитер, го убиле Андрес, а потоа го влечеле Херман на ридот, каде што жив го одрале.[7] :43Истовремено со овие настани, Магобане поглаварот на Ндебеле (на Бурите познат како Макапан) нападнал и убил цел конвој со жени и деца кои патувале за Преторија. Двајцата поглавари склучиле договор да ги убијат сите Европејци на нивна територија[7] :44и за себе да ја зачуваат стоката што ја одгледувале за Европејците.

Генералот Пит Потгитер со 100 луѓе од Зутпансберг се упатил да се сретне со командант-генералот Преториус кој со 200 луѓе ја напуштил Преторија. Откако се сретнале, тие прво го нападнале Магобане и домородците биле протерани во пештерите на планините каде што порано живееле. Бурите ги држеле пештерите под опсада и на крајот од нив излегле стотици жени и деца.

Сирачињата од домородните племиња во строго контролиран правен процес, биле доделувани на бурски семејства кои требало да се грижат за нив додека не станат полнолетни.[7]:47 Ова било една форма на ропство, со исклучок тоа што децата морало да бидат ослободени на 16-годишна возраст.

Поради присуството на трговци со робови и други криминалци кои ги злоставувале децата, секој бургер (жител со право на глас) кој поседувал нерегистрирано малолетно дете бил кривично гонет. Децата, по нивниот 16-ти роденден, по сопствена волја можеле слободно да доаѓаат и да си заминуваат. Но, мал дел од нив успевале да ја прифатат сопствената култура и јазик и во основа засекогаш биле насилно разделени од нивното родно племе.

Меѓу жртвите во оваа војна бил и командант-генералот Потгитер. [7] :46 Домородците биле вооружени со пушки и биле добри стрелци. Генералот бил убиен од домороден снајперист. Генералите, тогаш под команда на генералот Преториус, вниманието го насочиле кон Мапела. Кога пристигнале таму, домородците избегале. Во коп во близина на градот на Мапела биле пронајдени вагони, крвава облека, ковчези и друга стока. Мапела побегнал со своите војници, оставајќи ги зад себе пушките и муницијата. Мапела бил заробен многу подоцна, во 1858 година.

Граѓанска војна (1861-1864)[уреди | уреди извор]

На 20 септември 1858 година, Фолксрадот објавил проглас според кој членовите на Реформираните цркви во Јужна Африка се здобиваат со право на државјанство на Јужноафриканската Република и можат да учествуваат во политичкиот живот.

Кон крајот на 1859 година на Преториус му била понудена функцијата претседател во Слободната Држава Орање, каде што многу жители посакувале унија со ЈАР. Новиот Устав на Трансвал не дозволувал истовремено вршење на функција во странство. Сепак Преториус се кандидирал за претседател и победил. Трансвалскиот Фолксрад се обидел да ги заобиколи уставните пречки и му одобрил отсуство од пола година на Преториус. Тој заминал за Блумфонтејн, во негово отсуство за вршител на должноста претседател бил назначен Јоханес Херманус Гроблер. Преториус, на 8 февруари 1860 година положил заклетва како претседател на Слободната Држава; веќе следниот ден испратил делегација во Преторија за да преговара за обединување.[8]

На Пол Кругер и на други членови во Владата на Трансвал не им се допаднало неуставното двојно претседателство на Преториус и биле загрижени дека ако републиките се обединат Британија може да ги прогласи за неважечки конвенциите за реката Сенд и реката Орање. [8] Трансвалскиот Фолксрад на 10 септември 1860 година му рекол на Преториус да избере една од неговите две функции. На изненадување на сите тој дал оставка како претседател на Трансвал и ја задржал функцијата претседател на Слободната Држава.[8] Откако Стефанус Шоман не успеал насилно да го замени Гроблер како вршител на должноста претседател, Шоман бил обвинет и му била одземена функцијата генерал-командант. До новите избори закажани за октомври 1862 година вршител на должноста претседател бил Вилем Корнелис Јансе ван Ренсбург. Фолксраад на Пол Кругер го известил дека го смета за соодветен кандидат за претседател; Кругер изразил задоволство од поканата, но навел дека е член на Доперската црква што значи дека дека не може да учествува во политиката на државата. Ван Ренсбург веднаш донел закон за давање еднакви политички права на членовите од сите реформирани цркви.[8]

Шоман собрал војници во Почефструм, но ноќта на 9 октомври 1862 година бил поразен од Кругер. Откако Шоман се вратил со поголема сила, Кругер и Преториус одржале состанок на кој било договорено да има судење за немирите од јануари 1863 година, а веднаш потоа да се одржат нови избори за претседател и генерал-командант. [8] На судењето Шоман бил прогласен за виновен за бунт против државата и бил протеран. Во мај биле објавени резултатите од изборите - Ван Ренсбург станал претседател, а Кругер генерал-командан. И двајцата изразиле разочарување од слабиот одѕив и решиле да се одржат нови избори. Противник на Ван Ренсбург овој пат бил Преториус, кој претходно поднел оставка од функцијата во Слободната Држава Орање и се вратил во Трансвал. Излезноста била поголема и на 12 октомври Фолксрадот објавил нова победа на Ван Ренсбург. Кругер со големо мнозинство повторно станал генерал-командант.[8] Граѓанската војна завршила со победа на Кругер над Јан Виљен, кој востанал во поддршка на Преториус и Шоман. Последната битка се одвила на 5 јануари 1864 година кај Крокодилската Река. Повторно се одржале избори, а овој пат Преториус го победил Ван Ренсбург. Кругер бил реизбран за генерал-командант со над две третини од гласовите.[8]

Војна со Секукуне, 1876[уреди | уреди извор]

Во 1876 година, избувнала војна помеѓу ЈАР и Бапедите поради кражба на добиток и зафаќање на земјиште.[9] Фолксрадот, на 16 мај 1876 година му објавил војна на водачот на Бапедите, Секукуне. Претседателот на ЈАР, Бургерс имал армија од 2000 војници на кои им се придружиле моќните Свази воини. Свазите се приклучиле на војната за да му помогнат на Мампуру, кој бил соборен од неговата позиција на поглавар од страна на Секукуне.[9]

На 14 јули 1876 година, војската на ЈАР заедно со Свазите пристигнале пред бапедската утврдена населба, која ја бранел Јоханес Динкоањане, полубрат на Секукуне. Свазите извеле изненаден и успешен напад, а Бурите не им се приклучиле и биле воздржани.[9] Свазите наводно извршиле масакрир во населбата, убивајќи ги и жените и децата - чии мозоци биле мавани со камења. Јоханес Динкоњане го преживеал нападот, но бил смртно ранет и починал на 16 јули 1876 година.

Гневни од воздржаноста и кукавичлукот на Бурите; Свазите го напуштиле фронтот и се вратиле во Свазиленд. Така, на 2 август 1876 година, Секукуне успеал да ја победи трансвалската војска. По поразот Бурите се повлекле во Стилпорт, каде била изградена тврдина[10] - Кругерпос. По оваа битка се предале и следбениците на Динквањане.[9]

На 4 септември 1876 година, претседателот Томас Франсоа Бургерс На Фолкерсрад му доставил план за ангажирање платенички служби кои ќе ги нападнат Бапедите на Секукуне. Фолксрад го одобрил планот и биле ангажирани службите од Волонтерскиот корпус Лиденбург, под команда на поранешниот пруски војник кој станал платеник - Конрад фон Шликман. На секој волонтер му било ветено дека ќе добие две илјади хектари земја освоена од територијата на Секукуне.[11] Од волонтерите, исто така, се очекувало да си ги надоместат трошоците преку грабежи од домородците.[12] Веројатно како последица на ова - Доброволниот корпус Лиденбург бил озлогласено брутален.[13] Корпусот извршил многу воени злосторства, доброволците не земале заробеници туку им ги сечеле вратовите на сите преживеани.[14]

Истовремено и Бурите извршиле воени злосторства кои Сер Хенри Баркли ги пријавил кај Британците. Ова значело дека Бурите ги прекршиле одредбите од Конвенцијата за реката Сенд со која Британците ѝ одобриле независност на Трансвалската Република.[15]

На 16 февруари 1877 година, Бурите и Бапеди, со посредство на Александар Меренски, потпишале мировен договор во Ботшабело. Неможноста на Бурите да ги покорат Секукуне и Бапедите довело до оставка на Бургерс во корист на Пол Кругер и британската анексија на Јужноафриканската Република на 12 април 1877 година.

Прва Бурска војна, 1880-1881[уреди | уреди извор]

Претседателот Пол Кругер во 1898 година

На 12 април 1877, Британците објавиле „Анексирање на Република Јужна Африка кон Британската Империја“. [2] Во прогласот, Британците изјавиле дека земјата е „нестабилна, лошо управувана, банкротирана и се соочува со граѓанска војна“, но всушност сакале да ја припојат само поради нејзината стратешка позиција, а престрелките го користеле само како изговор за да го оправдаат својот чин. Неуспешната анексија очигледно не го суспендирала самоуправувањето, но сепак бил обид да ја претвори ЈАР во колонија на Британската Империја.[2]

ЈАР оваа прокламација ја сватила како акт на агресија, [2] и пружила отпор. Земјата не објавила војна, туку во знак на протест се одлучила да испрати делегација во Обединетото Кралство и САД. Тоа не вродило со плод и на 20 декември 1880 година избувнала Првата бурска војна. Првата бурска војна била прва војна по Американската револуција во која Британците биле поразени и биле принудени да потпишат мировен договор под за нив неповолни услови.

Во војната Британците за прв пат во историјата војувале во кафеави униформи. На 3 август 1881 година била потпишана Преторијанската конвенција. На 25 октомври 1881 година била ратификувана од страна на Јужноафриканската Република. Преторијанската конвенција во 1884 година била заменета со Лондонската конвенција,[2] со која Британците власта над територијата ѝ ја отстапуваат на Јужноафриканска Република.[2]

Во 1885 година во ЈАР биле откриени богати наоѓалишта на златно. Во земјата пристигнале многу доселеници-рудари кои почнале со ископи. До 1897 година, доселениците имале инвестирано над 300.000.000 Британски фунти во златните полиња на ЈАР.

Војна со Малабох, 1894[уреди | уреди извор]

Војната со Малабох се водела меѓу поглаварот Малабох (Малебохо, Малебоксо) од народот Бахананва (Ксанава) и владата на Јужноафриканската Република (ЈАР). Откако Британците им го вратиле Трансвал на Бурите во 1881 година, Малабох одбил да им плаќа даноци што резултирало со воена акција против него.[16] [17] Силите на Трансвал извојувале огромна победа што довело до предавање на Бахананва.[18][19][20]

Втора Бурска војна, 1899-1902[уреди | уреди извор]

Следбениците на Пит Кроње ги предаваат пушките

Британците во декември 1895 година ја нападнале Јужноафриканската Република, но нападот не бил успешен. Британските сили почнале да поставуваат војска и воена опрема на границата со ЈАР, по што упатиле барање за право на глас за 60.000 странски државјани во ЈАР - 50.000 од нив биле Британци. Кругер го отфрлил британското барање и повикал на повлекување на британските трупи од границата со ЈАР. Откако Британците го одбиле барањето, Кругер ѝ објавил војна на Британија. Британија добила помош од нејзините поседи во Австралија,[21] и Канада,[22] како и од Натал и Колонијата Кејп.

Втората бурска војна била пресвртница за Британската армија и за Британската Империја во целост. Британците користеле концентрациони логори каде што биле држени жени и деца без доволно храна или медицинска нега. [23] Лошите услови во овие логори биле причина за смрт на 4.177 жени и 22.074 деца под 16 години; годишната стапка на смртност била помеѓу 344 и 700 на 1000 затвореници.[24]

Војната завршила со потпишување на Договорот од Веренигинг на 31 мај 1902 година. Договорот ставил крај на постоењето на ЈАР и на Слободната Држава Орање како независни бурски републики и тие како колонии биле припоени во рамките на Британската Империја. На 20 мај 1903 година, за управување со колониите на Британската влада бил основан Меѓуколонијален совет.[2] На Бурите им било ветено ограничено самоуправување и тоа им било доделено во 1906 и 1907 година. Унијата на Јужна Африка била основана во 1910 година.

Знаме[уреди | уреди извор]

Знамето на Јужноафриканската Република имало три хоризонтални ленти: црвена, бела и сина (исто како и знамето на Холандија) со вертикална зелена лента кај дршката и било познато како Vierkleur („Четирибојка“). На зелената лента законот предвидувал да биде напишано „Eendracht maakt macht“ („Единството создава моќ“, мото на републиката), но ова најчесто било изоставувано. Мотото на републиката секогаш било прикажувано на грбот. Vierkleur (четирибојката) подоцна била вметната во знамето на Јужна Африка од 1928 до 1994 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Eybers, G. W. (1918). Select constitutional documents illustrating South African history, 1795–1910. George Routledge & Sons, Limited New York; E. P. Button & Co. стр. 360–361. OL 24129017M. Посетено на 16 February 2021.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 Eybers 1917.
  3. Tamarkin, M. (1996). Cecil Rhodes and the Cape Afrikaners. London: Psychology Press. стр. 249–250. ISBN 9780714646275.
  4. Irish University Press Series: British Parliamentary Papers Colonies Africa, (BPPCA Transvaal Vol 37 (1971) No 41 at 267)
  5. Standard Encyclopaedia of Southern Africa. Cape Town: Nasou.
  6. Alan F. Hattersley, "The Annexation of the Transvaal, 1877." History 21.81 (1936): 41–47. online
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 7,5 Kruger, P. (1902). Memoirs of Paul Kruger. Toronto: Morang and Co. стр. 59. ISBN 9780804610773. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „krugerp“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 8,6 Meintjes 1974.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 Kinsey, H. W. (June 1973). „The Sekukuni wars“. 2 (5). The South African Military History Society. Посетено на 2014-09-28. Наводот journal бара |journal= (help) Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „SekhWar1“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  10. „Citywayo and his white neighbours; or, remarks on. recent events in Zululand, natal, and the transvaal“. Notes and Queries. s6-VI (157): 119. 1882-12-30. doi:10.1093/nq/s6-vi.157.547d. ISSN 1471-6941.
  11. „Citywayo and his white neighbours; or, remarks on. recent events in Zululand, natal, and the transvaal“. Notes and Queries. s6-VI (157): 132. 1882-12-30. doi:10.1093/nq/s6-vi.157.547d. ISSN 1471-6941.
  12. Martineau, John (2012-06-14). Life and Correspondence of Sir Bartle Frere, Bart., G.C.B., F.R.S., etc. Cambridge University Press. стр. 176. ISBN 978-1-108-05185-9.
  13. Haggard, H. Rider (Henry Rider) (1896). Cetywayo and his white neighbours ; or, remarks on recent events in Zululand, Natal, and the Transvaal. University of California Libraries. London : Kegan Paul, Trench, Trübner. стр. 120.
  14. Martineau, John (1895). The life and correspondence of Sir Bartle Frere. University of California. London, John Murray. стр. 176 - 177.
  15. „Citywayo and his white neighbours; or, remarks on. recent events in Zululand, natal, and the transvaal“. Notes and Queries. s6-VI (157): 124 - 132. 1882-12-30. doi:10.1093/nq/s6-vi.157.547d. ISSN 1471-6941.
  16. „The Siege of Leboho“. samilitaryhistory.org. South African Military History Society – Journal. Посетено на 2020-01-06.
  17. „Chief Malaboch is taken prisoner | South African History Online“. www.sahistory.org.za. Посетено на 2020-01-06.
  18. Van Schalkwyk, J A; Moifatswane, S M (June 1991). „The Siege of Leboho: South African Republic Fortifications in the Blouberg, Northern Transvaal“. South African Military History Society - Journal. samilitaryhistory.org. 8 (5). ISSN 0026-4016. Посетено на 4 May 2023.
  19. „Chief Malaboch is taken prisoner | South African History Online“. sahistory.org.za. Посетено на 2020-01-06.
  20. Crain, Patricia (2014). The Siege of Leboho. Our Story: The People, Clans and Events that shaped Southern Africa. 3. South African Heritage Publishers. ISBN 978-0992228743. Посетено на 4 May 2023.
  21. C. N. Connolly, "Manufacturing 'spontaneity': The Australian offers of troops for the Boer War." Australian Historical Studies 18.70 (1978): 106–117.
  22. Carman Miller, "Loyalty, Patriotism and Resistance: Canada's Response to the Anglo-Boer War, 1899–1902." South African Historical Journal 41.1 (1999): 312–323.
  23. Hobhouse, E. (1902). The Brunt of the War. Methuen & Co.
  24. Totten, S.; Bartrop, P. R. (2008). „Concentration Camps, South African War“. Dictionary of Genocide. Westport: Greenwood Press. стр. 84–85. ISBN 978-0313346415.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]