Слободна Држава Орање

Од Википедија — слободната енциклопедија
Слободна Држава Орање
Oranje Vrijstaat  (холандски)
Знаме Грб
Гесло"Geduld en Moed"
„Трпение и храброст“
Химна
  • Vrystaatse Volkslied

Државен печат
  • Голем печат на Слободна Држава Орање
Местоположба на Orange Free State
Главен градБлумфонтејн
Уредување Република
Законодавство Фолксрад
Валута Фунта на Слободна Држава Орање

Слободна Држава Орање (холандски: Oranje Vrijstaat; африканс: Oranje-Vrystaat) ― независна суверена бурска република во Јужна Африка која постоела од 1854 година до крајот на Втората Бурска војна во 1902 година. Државата е една од трите историски претходници на денешната покраина Фри Стејт.

Слободната Држава Орање се протегала меѓу реките Орање и Вал, а нејзините граници ги одредило Обединетото Кралство на Велика Британија и Ирска во 1848 година откако претходно регионот бил прогласен за Суверенитет на Реката Орање, на чело со британски резидентен министер со седиште во Блумфонтејн.[1] Блумфонтејн и јужните делови од Суверенитетот претходно биле населени од народот Гриква и од Трекбури преселени од колонијата Кејп.

По доделувањето на суверенитет на Трансвалската Република, Британците сакале да се повлечат од администрирањето на територијата меѓу реките Оранње и Вал. Затоа Британците ја признале независноста на Суверенитетот на Реката Орање и на 23 февруари 1854 година со потпишувањето на Конвенцијата за Реката Орање земјата официјално стекнала независност под името Слободна Држава Орање. [1]

Во 1900 година, Британците ја анектирале Слободна Држава Орање и била припоена кон британските доминиони под името Колонија на Реката Орање. Државата официјално престанала да постои како независна бурска република на 31 мај 1902 година по потпишувањето на Веренигиншкиот договор со кој се ставил крај на Втората бурска војна. Во 1907 година територијата станала самоуправна колонија и во 1910 година заедно со Провинцијата Кејп, Натал и Трансвал се приклучила на Јужноафриканската Унија под името Провинција Слободна Држава Орање. Во 1961 година, Јужноафриканската Унија станала Јужноафриканска Република.

Името на републиката делумно потекнува од реката Орање, која била именувана во чест на холандското владејачко семејство, династијата Орање, чие име пак потекнува од неговото делумно потекло во Кнежевството Оранж во Француска Бургундија. [2] Официјален јазик во Слободната Држава Орање бил холандскиот.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Први населби[уреди | уреди извор]

Европејците првпат стигнале до земјата северно од реката Орање кон крајот на 18 век. Еден од најзабележителните посетители бил холандскиот истражувач Роберт Џејкоб Гордон, кој го мапирал регионот и ѝ го дал името на реката Орање.[3] Во тоа време, областа била ретко населена. Мнозинство од жителите биле од народот Сото, но по долината на реката Орање и Ваал живееле Хојхои, а на западната граница живееле многу Бушмани. На почетокот од 19 век, Грикви се населиле северно од Орање.

Бурско населување[уреди | уреди извор]

Во 1824 година, од Колонијата Кејп во земјата се доселиле земјоделци и сточари од холандско, француско-хугенотско и германско потекло, познати како Трекбури (подоцна Англичаните ги именувале како Бури). Тие ја напуштиле колонијата Кејп од различни причини, но заедничка им била желбата за независност од британската власт. Водачот на првата голема група, Хендрик Потгитер, склучил договор поглаварот на племето Батаунг, и на земјоделците им била отстапена земјата меѓу реките Вет и Вал.[1] Кога бурските семејства стигнале во областа, увиделе дека земјата е опустошена и ненаселена поради меѓуплеменските борби. Бурите набрзо од племето Мзиликази, кои ги нападнале бурските ловците кои ја преминале реката Вал. Во ноември 1837 година Бурите ги поразиле Мзиликазите, кој потоа повлекле на север [1] и се населиле на местото на идниот град Булавајо во Зимбабве.[се бара извор]

Во меѓувреме, уште една група доселеници од Кејп Холанд се населиле во Таба Нчу. Во декември 1836 година, доселениците над Реката Орање на генерално собрание воспоставиле елементарна републиканска форма на владеење. По победата над Мзиликазите, бил основан градот Винбург (Бурите така го нарекле во спомен на нивната победа), бил избран Фолксрад (парламент), а Питер Ретиф бил избран за „гувернер и генерал-командант“. Доселениците веќе броеле околу 500 мажи, нивните жени и деца и многу слуги. Набрзо се појавиле несогласувања меѓу доселениците, чиј број постојано се зголемувале, а Ретиф, Потгитер и други водачи ја преминале планината Дракенсберг и навлегле во Натал. Тие што останале биле поделени на неколку групи.[4]

Британско владеење[уреди | уреди извор]

Во меѓувреме, долж горниот тек на Орање и по долината на Каледон се појавила нова сила. Мошошу, малолетен поглавар на племето Басото, откако претходно здружил неколку кланови кои барале засолниште во тој планински регион додека бегале од Мзиликазите, ја формирал државата Басото, а тој бил признат за крал. Во 1833 година, кога бурски доселеници почнале да се населуваат околу неговото кралство, тој решил да побара поддршка од Британците во Кејп. Во 1843 година Британците склучиле договор со Мошошу, и го ставиле под британска заштита. Сличен договор бил склучен со поглаварот на Гриква Адам Кок III. Со овие договори, кои го признавале домородниот суверенитет, Британците се обиделе да ги држат под контрола Бурите и да ги заштитат домородците и колонијата Кејп. Како резултат на тоа избиле судири меѓу сите три засегнати страни.[4]

Договорите во голема мера ги навредиле Бурите, кои одбиле да го признаат суверенитетот на домородните поглавари. Бурските фармери испратиле претставници до британскиот комесар во Натал и барале еднаков третман со Гриква. Набргу потоа избувнале непријателствата меѓу земјоделците и Гриква. Британската војска го поддржала племето Гриква, а по престрелката кај Зварткопје (2 мај 1845) бил склучен нов договор со кој администрацијата на територијата се става во раце на Британски резитентен министер. Местото што го купил капетанот (потоа мајор) Ворден како седиште на администрацијата било познато како Блумфонтејн, а потоа станало главен град на целата земја.[4]

Бурско владеење[уреди | уреди извор]

Волксрадот во Винбург побарал јурисдикција над Бурите што живееле меѓу Орање и Вал. Тој бил во федерација со Волксрадот во Почефструм, кој поднел слично барање за Големите Бури кои живееле северно од Вал. Во 1846 година, мајорот Ворден го накратко го окупирал Винбург, а односите меѓу Бурите и Британците постојано биле тензични. Многу фармери го напуштиле Винбург и заминале за Трансвал. Новиот гувернер на Кејп, Сер Хари Смит, кон крајот на 1847 година ја увидел неможноста да владее според договорите со Гриква и Басото, и на 3 февруари 1848 година објавил проглас со кој прогласил британски суверенитет на територијата помеѓу реките Орање и Вал до Дракенсберг на исток.

Суверенитет на Реката Орање[уреди | уреди извор]

Мајорот Ворден останал британски резидентен министер до јули 1852 година. Бил основан законодавен совет, висок суд и биле преземени други чекори за уредување на власта во земјата, која официјално била наречена Суверенитет на Реката Орање. Во октомври 1849 година, на Мошошу му бил понуден нов договор со кој значително се намалувале границите на резерватот Басото. Подоцна прецизно биле дефинирани и резерватите на другите поглавари.[4]

Британскиот резидентен министер, сепак, немал доволно моќ да го наметне својот авторитет, а Мошошу и другите соседни племиња започнале со борби меѓу себе и со Европејците. Во 1851 година Мошошу се приклучил на републиканската партија во Суверенитетот во покана до Преториус. Интервенцијата на Преториус била окончана со Конвенцијата од реката Сенд од 1852 година, со која се признава независноста на Трансвал, но не го задирала статусот на Суверенитетот. Британската влада која неволно се согласила на анексија на земјата, решила да се откаже и од Суверенитетот.[4]

На состанокот на претставниците на сите европски жители на Суверенитетот одржан во Блумфонтејн во јуни 1852 година било изгласано задржување на британската власт. Со Мошошу била склучена спогодба со која се зајакнува неговата позиција.Во 1853 таму бил испратен Џорџ Расел Клерк како специјален комесар „за решавање и порамнување на работите“ на Суверенитетот.

На 23 февруари во Блумфонтејн, Сер Џорџ Клерк и Републиканскиот комитет ја потпишале Конвенцијата на Реката Орање со која се признава независност на земјата. Во март истата година Бурската владата ја презела функцијата и било подигнато републичкото знаме.

По повлекување на Британците биле избрани народни претставници. Пратениците го усвоиле новиот устав на 18 април 1954 година според кој државата се прогласува за република и се именува како Слободна Држава Орање. За прв претседател бил избран Јосијас Филип Хофман, но бил обвинет дека е премногу наклонет кон Мошошу и поднел оставка. Во 1855 година него го наследил Јакобус Николаас Бошоф.

Конфликт со Јужноафриканска Република[уреди | уреди извор]

Мартинус Преториус

Новоформираната држава била соочена со застрашувачката моќ на Басото на нејзината јужна и источна граница и со заканата од Трансвалските бури од Јужноафриканската Република. Мартинус Преториус, генерал-командант на Јужноафриканската Република, сакал да создаде конфедерација меѓу двете бурски држави. Напорите на Преториус за мирно обединување биле одбиени. Затоа, Преториус, потпомогнат од Пол Кругер, ја нападнал територијата на Слободната Држава Орање. Откако дознал за инвазијата, претседателот Јакобус Николас Бошоф прогласил воена состојба низ целата земја. На 25 мај, двете спротивставени сили се судриле кај реката Реностер. Претседателот Бошоф покрај своите 800 војници од Слободната Држава Орање, добил понуди за поддршка од командантот Стефанус Шоман, водач на Трансвал во областа Зутпансберг и од командантот Жубер од Лиденбург. Преториус и Кругер, кои располагале со 300 војници, се повлекле на север. Кругер со знаме на примирје отишол во логорот на Бошоф и на 2 јуни бил потпишан мировен договор, според кој државите меѓусебно си ја признаваат апсолутната независност.[4]

Дел од жителите на Слободната Држава Орање кое му се приклучило на Преториус биле обвинети за велепредавство, биле уапсени и казнети. Но, во Слободната Држава Орање се јавиле внатрешни меѓупартиски судири. Како последица на несогласувањата меѓу бургерите (општините), претседателот Бошоф во февруари 1858 година поднел оставка, но извесно време бил принуден да остане на функцијата. Државата се соочувала со тешкотии до таа мера што собранието во декември 1858 година донело резолуција за конфедерација со Колонијата Кејп. Предлогот бил поддржан од Сер Џорџ Греј, тогашен гувернер на Колонијата Кејп, но не и од Британската влада и не бил усвоен. [4]

Истата година, започнала отворена војна меѓу Бурите и Басото. Предност во војната стекнал Басото; а Слободната Држава Орање апелирала до Сер Џорџ Греј, кој го навел Мошошу да склучи мировен договор. Договорот бил потпишан на 15 октомври 1858 година, и со него била зацртана новата граница. Бошоф повторно ја поднел својата оставка во февруари 1859 година и се повлекол во Натал. За нов претседател бил избран командант-генералот на Јужноафриканската Република Мартинус Весел Преториус. Иако не можел да постигне траен мир со Басото, ниту да ја реализира својата амбиција за создавање на единствена обединета бурска република, Преториус за време на владеењето со Слободната Држава Орање од неа направил просперитетна и воено моќна држава. Биле стекнати плодната област Бетулие, како и територијата на Адам Кок. Меѓутоа, бургерите немале доверба во избраните владетели и нејќеле да наплаќаат даноци. Разочаран од состојбите во Слободната Држава Орање, Преториус поднел оставка од претседателската функција во 1863 година и се преселил во Трансвал.[4]

По седум месеци, за претседател бил избран Јоханес Бренд. Функцијата ја презел во февруари 1864 година. Земјата под негово водство станала мирољубива и просперитетна. Но, предходно морало да се стави крај на маките со Басото. Мошошу продолжил да ја загрозува границата на Слободната Држава. Нова војна започнала во 1865 година. Бурите успешно напредувале, и Мошошо побарал примирје. Примирјето било потпишано во април 1866 година во Таба Босиу. Сепак, во 1867 година избувнала нова војна, а на Слободната Држава ѝ се приклучиле многу авантуристи од сите делови на Јужна Африка. Бургерите, зајакнати со воената поддршка, извојувале решавачка победа врз нивниот долгогодишен непријател. Мошошу му се обратил на Сер Филип Водхаус за зачувување на неговата држава. Неговиот апел бил послушан и во 1868 година неговата земја била земена под британска заштита. Интервенцијата на гувернерот од Колонијата Кејп довела до склучување на договорот од Аливал (12 февруари 1869 година), со кој била демаркирана границата помеѓу Слободната Држава Орање и Басутоленд. Територијата северно од реката Орање и западно од реката Каледон, претходно дел од Басутоленд, била отстапена на Слободната Држава Орање и станала позната како Освоена територија.[4]

Една година по додавањето на Освоената територија кон државата, уште еден граничен спор бил решен со арбитража на Роберт Вилијам Кит, поручник-гувернер на Натал. Со Конвенцијата на реката Сенд, на Бурите кои живееле „северно од Вал“ им била доделена независност, а спорно било прашањето кој поток го сочинува горниот тек на таа река. Кит на 19 февруари 1870 година за демаркациона линија ја одредил реката Клип, со што Трансвал го добил градот Вакерстром и соседните области.[4]

Откриени дијаманти[уреди | уреди извор]

Во 1870 и 1871 година, многу странски копачи се населиле крај полињата со дијаманти во близина на вливот на реката Вал во Орање. Тие делумно се населиле на територија врз која суверенитет полагал шефот на Гриква Николас Ватербур и Слободната Држава Орање. [4]

Слободната Држава воспоставило привремена влада врз полињата со дијаманти, но раководството на ова тело не ги задоволувало ниту Слободната Држава ниту копачите. Тогаш, Ватербур предложил територијата да се стави под управа на кралицата Викторија. Предлогот бил прифатен, и на 27 октомври 1871 година, била прогласена британската територија Грикваленд Вест. По британската анексија на територијата, Слободната Држава Орање сакала да влезе во војна со Британија, претседателот Јоханес Бренд не се согласил со тоа. Слободната Држава, сепак, не се откажувала од својата територија. Хенри Херберт, 4-ти Ерл од Карнарвон, во тоа време државен секретар за колонии, на Слободната Држава ѝ понудил од 90.000 фунти за „целосно подмирување на сите побарувања што таа смета ѝ ги должи Грикваленд Вест. Предлогот на Херберт бил одбиен. Исто така, Херберт не го прифатил предлогот од Бренд за тоа Велика Британија да се откаже од територијата.[4]

Во тоа време, најмногу поради војните со Басото и со Трансвал, Слободната Држава Орање се соочила со финансиски потешкотии. Биле воведени банкнотите (познати како „блубек“) кои набрзо загубиле повеќе од половина од нивната номинална вредност. Трговијата најчесто се одвивала преку трампа, а во државата имало чести случаи на банкрот. Доселувањето на британски и други доселеници во полињата со дијаманти, во раните 1870-ти, ја извлекло државата од јавен долг и го поттикнала поединечниот просперитет на Бурите во Слободната Држава. Крај полињата со дијаманти се појавиле пазари за стоки и други земјоделски производи. Земјоделците брзо се богателе. Вредноста на „блубекот“ повторно ја достигнал номиналната вредност и бил откупен од владата. Во Слободната Држава биле откриени и богати рудници со дијаманти, од кои најбогат бил оној во Јагерсфонтејн. Кимберли и Лондон набрзо обезбедиле капитал за да се отпочне со работа.[4]

Мирољубиви односи со соседите[уреди | уреди извор]

Односите меѓу Британците и Слободната Држава Орање, по решавањето на прашањето за границата, биле многу пријателски сè до избувнувањето на Втората Бурска војна во 1899 година. По 1870 година немало некои посериозни потреси во државата. За време на првата анексија на Трансвал, Слободната Држава ја одбила понудата на Лорд Карнарвон за формирање федерација со другите јужноафрикански заедници. По избувување на војната во Трансвал, Бренд се обидел да остане неутрален. И покрај неутралниот став на владата, многу Бури од Слободната Држава Орање, кои живееле во северниот дел на земјата, отишле во Трансвал и им се придружиле во борбата против Британците. Овој факт не влијаел на пријателските односи меѓу Слободната Држава и Велика Британија. Во 1888 година умрел Јоханес Бранд.[4]

Карта на патеката на Dorslandtrekkers од Слободната Држава Орање и Трансвал

Обновување на непријателствата[уреди | уреди извор]

Во јануари 1889 година, Френсис Вилијам Рајц бил избран за претседател на Слободната Држава Орање. Веднаш откако стапил на функција бил договорен состанок со Пол Кругер, претседател на Јужноафриканската Република, на кој се рагледувале условите на договорот за железницата, условите на договорот за пријателство и трговија, и она што викале политички договор. Политичкиот договор претежно се однесувал на федералната унија меѓу Јужноафриканската Република и Слободната Држава Орање и двете се обврзале на меѓусебна помош ако некоја од државите е нападната или од надвор ѝ биде загрозена независноста.

Во 1895 година, Фолксраад (Собранието) донел резолуција, во која изјавуваат согласност со предлогот од Јужноафриканската Република за создавање на некаква форма на федерална унија. Истата година Риц се повлекол од функцијата претседател на Слободната Држава Орање. На Претседателските избори од 1896 година победил М.Т. Стејн, судија во Високиот суд, кој функцијата ја презел во февруари 1896 година. Во 1896 година, претседателот Стејн ја посетил Преторија, каде добил овации како можен иден претседател на двете републики. Потоа, меѓу двете републики бил склучен офанзивен и одбранбен сојуз. Слободната Држава Орање По избувнувањето на конфликтот меѓу Британците и Јужноафриканската Република во октомври 1899 година, Слободната Држава Орање се приклучила на страната на својот сојузник.[4]

Во 1897 година, претседателот Кругер, за да го зацврсти сојузот со Слободната Држава Орање, го посетил Блумфонтејн.

Бурските затвореници по битката кај Пардеберг, 1900 година

Во декември 1897 година, Слободната Држава го ревидирала својот устав и периодот на престој неопходен за добивање државјанство бил намален од пет на три години. Потребна била само заклетва за верност кон државата и не се инсистирало на откажување од националноста. Во 1898 година, Слободната Држава потпишала договор за Царинската унија со Колонијата Кејп , Натал, Басутоланд и протекторатот Бечуаналанд. Но, односите меѓу Трансвал и Британците брзо се влошувале. Во мај 1899 година, претседателот Стејн свикал конференција во Блумфонтејн помеѓу претседателот Кругер и Сер Алфред Милнер, но веќе било предоцна.

Слободната Држава Орање почнала да ги протерува британските жители во 1899 година. Втората бурска војна ја предизвикале Бурите од Слободната Држава Орање, кои на 11 октомври 1899 година на границата заплениле воз од Натал. Неутралноста на државата била оневозможена. На 27 септември Фолксрад донел резолуција со која се изјавува дека државата ќе ги почитува своите обврски кон Трансвал без разлика на развојот на настаните. [4]

По предавањето на Пит Кроње во битката кај Пардеберг на 27 февруари 1900 година, на 13 март британските војски го окупирале Блумфонтејн, а на 28 мај била објавена прокламација за припојување на Слободната Држава кон британските доминации под името Колонија на Реката Орање. Во следните две години, бургерите успевале да ја контролираат територијата на чело со Кристијан де Вет и други водачи, но со одредбите за мир потпишани на 31 мај 1902 година, тие го признале британскиот суверенитет.[4]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Public Domain Hillier, Alfred Peter; Cana, Frank Richardson (1911). Chisholm, Hugh (уред.). Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press. стр. 151–160. Отсутно или празно |title= (help)
  2. „Introduction to the Orange River basin“. Department of Water and Sanitation, South Africa. Архивирано од изворникот на 14 March 2017. Посетено на 13 March 2017.
  3. „About“. Robert Jacob Gordon. Посетено на 30 January 2019.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 4,13 4,14 4,15 4,16  Една или повеќе речениците пред наводов вклучуват текст од дело кое сега е во јавна сопственостHillier, Alfred Peter; Cana, Frank Richardson (1911). „Orange Free State“ . Во Chisholm, Hugh (уред.). Encyclopædia Britannica. 20 (11. изд.). Cambridge University Press. стр. 151–160.CS1-одржување: ref=harv (link)

 Оваа статија вклучуват текст од дело кое сега е во јавна сопственостHillier, Alfred Peter; Cana, Frank Richardson (1911). „Orange Free State“ . Во Chisholm, Hugh (уред.). Encyclopædia Britannica. 20 (11. изд.). Cambridge University Press. стр. 151–160.CS1-одржување: ref=harv (link)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]