Јагода Сланева
Јагода Сланева | ||
Роден | 2 октомври 1949 Скопје, Македонија | |
---|---|---|
Починал | 17 октомври 2017 Скопје, Македонија | |
Националност | Македонка | |
Занимање | балерина, кореограф |
Јагода Сланева (2 октомври 1931, Скопје, Македонија – 17 октомври 2017, Скопје, Македонија) — македонска балерина и кореограф.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Јагода Сланева била дел од првата генерација ученици на Балетот при Македонскиот народен театар. Го завршила Средното балетско училиште во Скопје во класата на Јуриј Мјачин, професор-гостин од Санкт Петербург. Кариерата ја започна во 1968 година со изведба на „Па де де “ од балетот „Оревокршачка “ на музика на П. И. Чајковски, а ја завршува во 1992 со улогата на Марија во балетот „Бахчисарајска фонтана“.
Творештво
[уреди | уреди извор]Во својата извонредно богата кариера, Јагода Сланева играла главни улоги во најзначајните балети од железниот репертоар на класичната балетска уметност, како: Жизел во балетот „Жизел“,Китри во „Дон Кихот“, Јулија во „Ромео и Јулија “, Кармен во „Кармен“, насловните улоги во балетите: „Легенда за љубовта“, „Ѓаволеста девојка“, „Мирандолина“, „Лабин и Дојрана“, „Песна над Песните“, како и други модерни балети.
Како примабалерина на Македонскиот балет таа гостувала на различни сцени во Франција, Германија, Полска, Романија, Канада, Словенија, Србија, Хрватска и други земји.[2]
Работела и како педагог, а како кореографка соработувала на повеќе детски претстави во театрите во Скопје, во театарските претстави во повеќе театарски куќи во Македонија, како и на повеќе проекти во независна продукција. Сланева работела и како кореограф на ТВ серијата „Аплаузи” и проектот „Сенки во ноќта” од Бодан Арсовски во Македонската Телевизија. Освен тоа, Сланева имала богата ТВ-продукција во Македонската телевизија [3].
Примабалерината Сланева ја добила наградата „Менада “ за врвни достигнувања во балетската уметност од скопскиот фестивал „Танц Фест 2017“.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Јагода Сланева
- ↑ ПРИМАБАЛЕРИНАТА И КОРЕОГРАФКА ЈАГОДА СЛАНЕВА
- ↑ „Јагода Сланева“. Архивирано од изворникот на 2020-11-30. Посетено на 2020-08-14.