Дон Кихот
Насловната страница од првото издание (1605) | |
Автор | Мигел де Сервантес |
---|---|
Изворен наслов | El ingenioso hidalgo don Quixote De la Mancha |
Земја | Кастиља |
Јазик | старошпански (старокастиљски) |
Жанр | пикарски роман, сатира, пародија, фарса |
Издавач | Хуан де ла Куеста |
Издадена | 1605 (прв дел) 1615 (втор дел) |
Медиум | Печатено |
863 | |
Клас. КБ | PQ6323 |
Дон Кихот (шпански: Don Quixote ) — роман на шпанскиот писател Мигел де Сервантес во два дела: Досетливиот благородник Дон Кихот од Ла Манча (шпански: El ingenioso hidalgo don Quixote de la Mancha) од 1605 година и Досетливиот витез Дон Кихот од Ла Манча (шпански: El ingenioso cavallero don Quixote de la Mancha) од 1615 година. Сервантес создал измислено потекло за книгата засновано врз ракопис од маварскиот историчар, Сид Хамет Бенегели.
За темата
[уреди | уреди извор]Самиот Сервантес кон крајот на вториот дел вели дека немал друга цел со овој роман, освен да ги исмее лажните и неубави витешки романи, кои се разликуваат од вистината. Тоа била тешка задача, затоа што во тоа време биле многу распространети таквите романи, што ни царот ни разумните луѓе не можеле да ги забранат. Тоа што не можеле тие, го сторил еднаш засекогаш сатиричниот роман на Сервантес. „Дон Кихот“ засекогаш ја убил витешката книжевност, т.е. откако излегол првиот дел од романот, повеќе не бил отпечатен ниту еден витешки роман. Како Сервантес го постигнал тоа. Тој ни прикажува еден несреќен, безумен, но необичен човек. Дон Кихот е длабок мислител, човек со возвишена душа, со високи идеали и благороден. Сервантес го прикажал врз него погубното влијание на тогашната книжевност.
Прва книга
[уреди | уреди извор]Посвета
[уреди | уреди извор]Авторот му ја посветил книгата на војводата од Бехар, маркизот од Хибралеон, грофот од Беналкасар и Бањарес, виконтот на Пуебла де Алкозер, господарот на градовите Капиља, Куриел и Бургиљос.[1]
Пролог
[уреди | уреди извор]Во предговорот, авторот му се обраќа на читателот со објаснување на целта на книгата и нејзиното создавање. Притоа, тој вели дека најтешко при пишувањето на книгата му било создавањето на предговорот и дека повеќепати се откажувал по неуспешните обиди. Причината за тоа било тоа што авторот не сакал во книгата да ги стави вообичаените украси од тогашните книги: бројни цитати од античките философи, извадоци од Светото писмо, епиграми, записи на маргините, богата библиографија и сонети напишани од благородници. Поради овие тешкотии, авторот дури сакал да се откаже од објавувањето на романот. Меѓутоа, еден негов пријател го охрабрил, советувајќи го да се послужи со некои трикови: самиот да состави сонети и да ги потпише со измислени имиња, да наведе бројна литература која божем ја консултирал итн. Меѓутоа, според советот на пријателот, наместо вообичаените украси, многу поважно е книгата да биде напишана со прости, значајни и чесни зборови, со јасни мисли и со звучни и свечени реченици.[2]
Пофалби
[уреди | уреди извор]Пред почетокот на главното дејство на романот, ставени се една пофална песна и девет сонети во кои се слават книгата и нејзините главни ликови, Дон Кихот, Дулсинеја и Санчо Панса, како и коњот на витезот.[3]
Прв дел: Глава I-VIII
[уреди | уреди извор]Во едно место во Манча живеел човек со презиме Кихада или Кесада, кој бил толку голем љубител на витешките романи, што постепено го загубил разумот и почнал да мисли дека е вистина она што пишува во романите. Оттука, тој решил да стане осамен витез-скитник и да патува по светот, борејќи се против неправдата и злото. Тој се нарекол себеси дон Кихот од Манча, на коњот му дал име Росинанте, а за своја дама избрал една селанка која ја нарекол Дулсинеја. Еден ден, дон Кихот го напуштил својот дом и пристигнал до една меана, претставувајќи се како витез, а сопственикот се пошегувал со него воведувајќи го во витешкиот ред. Уште на самиот почеток, тој направил неколку трагикомични сцени предизвикани од неговите илузии дека се бори со злосторници и со други витези. Притоа, Дон Кихот бил претепан од некои трговци, но за среќа, еден селанец го однел во неговиот дом. Таму, додека закрепнувал од болките, селскиот свештеник ги запалил неговите витешки книги за да го заштити од нивното лошо влијание. Меѓутоа, дон Кихот повторно заминал во нови авантури при што го убедил селанецот Санчо Панса да му се придружи како негов штитоносец. Набргу, Дон Кихот видел ветерници во полето и ги нападнал, мислејќи дека се џинови, но во борбата претрпел големи повреди. Сепак, тој не се обесхрабрил и нападнал двајца свештеници, а потоа се борел против еден Баскиец.[4]
Втор дел: Глава IX-XIV
[уреди | уреди извор]Во борбата против Баскиецот дон Кихот извојувал победа, но претрпел голема рана на увото. По „славната“ битка, дон Кихот и Санчо Панса го продолжиле своето патување при што сретнале група козари кои ги пречекале пријателски, ги нагостиле и му ја залечиле раната на Дон Кихот. Притоа, тие им ја раскажале приказната за несреќната судбина на момчето Хризостом кој извршил самоубиство поради невозвратената љубов од преубавата овчарка Марсела. Утредента, сите заедно присуствувале на погребот на Хризостом, каде се појавила Марсела. Слушајќи ја нејзината исповед, дон Кихот тргнал во потрага по неа.[5]
Трет дел: Глава XV-XXVII
[уреди | уреди извор]Додека дон Кихот и Санчо Панса се одморале на една ливада, Росинанте им се придружил на кобилите што паселе во близината, а коњарите го претепале. Дон Кихот ги нападнал нив, но и тој и Санчо Панса биле претепани и едвај дошле до некоја меана, каде повторно биле вовлечени во тепачка. На заминување, дон Кихот не сакал да плати за престојот и успеал да избега, но присутните гости грубо си поиграле со Санчо Панса. Набргу, дон Кихот видел две стада овци и, мислејќи дека се две големи војски, „јуначки“ ги нападнал, но овчарите му ги скршиле забите. Сепак, неуморниот витез пронашол нови предизвици: најпрвин нападнал група свештеници за кои во темнината на ноќта помислил дека се ѓаволски суштества; потоа нападнал еден бербер чиј леген го заменил со шлемот на еден славен витез од романите; најпосле, ослободил група затвореници и веднаш започнал борба со нив, зашто одбиле да ја посетат Дулсинеја. Скитајќи низ планината Сјера Морена, дон Кихот запознал еден човек со име Карденио кој, поради љубовното разочарување, се определил да живее осамен и дивјачки живот. Меѓутоа, додека им ја раскажувал својата животна приказна, Карденио ги навредил витешките книги, а тоа довело до тепачка меѓу него и слушателите. Наскоро, дон Кихот и Санчо Панса се разделиле: инспириран од витешките книги, дон Кихот одлучил да остане во планината за да страда во името на љубовта кон Дулсинеја, а неговиот штитоносец тргнал кон родното место, со задача да ѝ однесе писмо на Дулсинеја. Притоа, бидејќи Санчо Панса го изгубил магарето, дон Кихот му го позајмил Росинате. Меѓутоа, кога дошол до блиската меана, Санчо Панса ги сретнал попот и берберот, кои тргнале во потрага по дон Кихот. Така, тројцата се вратиле во планината Сјера Морена, каде попот и берберот го сретнале Карденио, кој им раскажал за својата несреќна судбина: тој бил вљубен во убавата Лусинда, но благородникот дон Фернандо, служејќи се со измама, се венчал со неа, по што Карденио избегал во планината.[6]
Четврти дел: Глава XXVIII-LII
[уреди | уреди извор]Наскоро, попот, берберот и Карденио здогледале убава девојка во планината, која им раскажала дека се вика Доротеја и дека одлучила да живее осамен живот откако била измамена од дон Фернандо, кој ѝ ветил дека ќе ја земе за жена, но наместо со неа, се оженил со Лусинда. Исто така, таа им го раскажала остатокот од приказната за Лусинда, чија венчавка со дон Фернандо пропаднала бидејќи таа ја открила својата љубов кон Карденио. Тогаш, Карденио ја убедил Доротеја дека треба да се вратат меѓу луѓето за да ја побараат својата среќа. Потоа, Доротеја се преправила како ќерка на некој крал и го замолила дон Кихоте да ја спаси. Така, сите заедно успеале да го убедат дон Кихоте да ја напушти планината. На враќање, тие застанале во истиот конак каде дон Кихот и Санчо Панса доживеале непријатности. Таму го оставиле дон Кихот да преспие, а попот на останатите им ја прочитал новелата за двајцата пријатели од Фиренца, Анселмо и Лотарио: За да ја провери верноста на младата и убава сопруга Камила, Анселмо го наговорил Лотарио да ѝ се додворува, но тие започнале љубовна врска, држејќи го Анселмо во заблуда. Меѓутоа, на крајот, приказната завршила трагично - Камила побегнала и го завршила животот в манастир, Лотарио загинал во војна, а Анселмо умрел од мака. За тоа време, дон Кихот сонувал дека се бори со џин при што со мечот ги дупнал мевовите со виното на меанџијата. Наеднаш, во конакот пристигнала група луѓе кои придружувале убава млада жена за која се открило дека била Лусинда, а нејзиниот придружник бил дон Фернандо. Имено, по неуспешната венчавка, Лусинда побегнала во еден манастир, но по неколку месеци, дон Фернандо ја открил и ја грабнал. Така настанал неочекуван пресврт во кој Лусинда пак го сретнала саканиот Карденио, а дон Фернандо ѝ се вратил на Доротеја.[7]
Потоа, во конакот дошол еден човек со својата жена, Зораида (Маварка која побегнала од татковината за да стане христијанка) и на присутните им ја раскажал својата животна приказна: како станал воин, потоа бил заробен од Турците и долги години живеел во Цариград и во Северна Африка, но успеал да побегне благодарение на Зораида. Тогаш, во конакот случајно пристигнал и неговиот брат, кој во меѓувреме станал судија и така двајцата браќа повторно се сретнале по долги години. Истовремено, во конакот пристигнало и младото момче дон Луис, кое ја следело саканата Клара, ќерката на судијата. Најпосле, во конакот се појавил и берберот кому дон Кихот и Санчо Панса му ги зеле легенот и самарот и тогаш започнала општа тепачка, а кавгата продолжила кога пристигнале и полицајците со налог да го уапсат дон Кихот поради тоа што ги ослободил заробениците. Тоа било знак за присутните дека треба да го напуштат конакот и попот ги убедил да го затворат дон Кихот во кафез, по што попот и берберот се збогувале со останатите и тргнале да го вратат дон Кихот дома. Патем, тие сретнале еден свештеник со кого попот имал долга дискусија за штетноста на витешките книги. Цело време, Дон Кихот бил мирен во кафезот, верувајќи дека сето тоа е дело на некој злобен волшебник. Затоа, по некое време, тој бил ослободен, но набргу, поттикнат од своите витешки побуди предизвикал тепачка со еден козар, а потоа нападнал и поворка од свештеници и селани при што бил тешко повреден. По неколку дена, попот, берберот, Санчо Панса и дон Кихот пристигнале во своето село. На крајот од романот, авторот дава соопштение за третиот поход на дон Кихот, повикувајќи се на некои записи со сонети испеани во негова чест.[8]
Втора книга
[уреди | уреди извор]Пролог и посвета
[уреди | уреди извор]Во прологот, Сервантес се брани од увредите нанесени од анонимниот автор кој, исто така, објавил книга за дон Кихот, воден од стремежот да стекне слава или пари. Истовремено, во обраќањето кон читателите, Сервантес ги најавува своите следни дела.[9] Слична содржина има и посветата на грофот од Лемос.[10]
Глава I-XVIII
[уреди | уреди извор]Еден месец по враќањето на дон Кихот дома, него го посетиле попот и берберот за да се уверат дали му се вратил разумот и во разговорот со него утврдиле дека тој сè уште е занесен од витешките романи. Потоа, него го посетил Санчо Панса, кој му кажал што мислат луѓето за витештвото на дон Кихот. Најпосле, во посета на дон Кихот дошол и Самсон, студент на универзитетот во Саламанка кој, со намера да се пошегува, му кажал дека за него е напишана книга во која се слават неговите подвизи. Поттикнат од неговите пофалби, дон Кихот одлучил да тргне во нов поход. Најпрвин, тој отишол во Тобосо, со намера да ја види саканата Дулсинеа, но Санчо го измамил и му покажал една селанка, убедувајќи го дон Кихот дека лошиот волшебник фрлил магија врз него, па не може да ја види немерливата убавина на Дулсинеја. Разочаран, дон Кихот се упатил кон Сарагоса, а патем најпрвин имал кратка средба со патувачки комедијанти, а потоа сретнал витез-скитник кого го победил во двобој. Меѓутоа, тој не бил никаков витез, туку Самсон кој, наговорен од попот, требало да го предизвика дон Кихот на двобој, да го победи и да му нареди да се врати во селото. Но, наместо тоа, Самсон бил победен и се заколнал дека ќе му се одмазди на дон Кихот за нанесените повреди. По таа борба, дон Кихот го продолжил патот до Сарагоса исполнет со гордост, придружуван од еден паметен селанец од Манча. Патем, тие сретнале кола која носела два лава и дон Кихот побарал да ги отворат кафезите, со намера да се бори со лавовите, но тие воопшто не му обрнувале внимание. Сепак, тој повторно ја докажал својата храброст.[11]
Глава XIX-XLI
[уреди | уреди извор]Неколку дена подоцна, дон Кихот и Санчо присуствувале на свадбата меѓу богатиот Камачо и преубавата Китерија на која сиромашниот Басилио, користејќи се со итрина, му ја презел невестата на Камачо, а дон Кихот застанал во негова одбрана. Оттаму, дон Кихот се спуштил во Монтесиносовата пештера од каде се вратил со неверојатни приказни за она што божем го видел таму. Потоа, во блискиот конак, заслепен од својот витешки занес, тој му го уништил театарот на мајсторот Педро кој, всушност, бил никаквецот Хинес кој му го украл магарето на Санчо Панса. По тој инцидент, дон Кихот и Санчо се сретнале со група вооружени селани кои оделе во борба со жителите на соседното село. Тогаш, нападнат од разлутените селани, дон Кихот избегал, оставајќи го претепаниот Санчо, по што дошло до кавга меѓу нив. Следната авантура се случила на реката Ебро, каде дон Кихот и Санчо се качиле на еден напуштен чамец и за малку ќе се удавеле. Меѓутоа, набргу им се случил пријатен настан, кога сретнале некој војвода и војвотка кои ги поканиле во својот замок, укажувајќи им голема чест. Всушност, тие ја имале прочитано книгата за дон Кихот, па решиле да се пошегуваат со него, преправајќи се дека го ценат како најголемиот витез на светот, а војводата го именувал Санчо за владетел на еден архипелаг. Во своите шеги, домаќините отишле толку далеку, што почнале да приредуваат вистински сцени наменети за дон Кихот. Еднаш, за време на еден лов, „се појавил“ волшебникот Мерлин кој соопштил дека за да исчезне магијата од Дулсинеја, Санчо треба да си удри над 3.000 камшици; другпат, во замокот пристигнала дама, по потекло од измислено далечно кралство, која побарала од дон Кихот да се бори со џинот Маламбрин; притоа, домаќините ги ставиле дон Кихот и Санчо на дрвен коњ и им ги врзале очите, така што тие мислеле дека летаат на небото; иако не дошло до борба со џинот, сепак тоа било доволно да се смета дека дон Кихот успешно ја исполнил витешката задача.[12]
Глава XLII-LVII
[уреди | уреди извор]Задоволен од успешната шега, војводата одлучил да го исполни своето ветување и го поставил Сано за управник на еден „архипелаг“, така што го испратил во едно свое село, каде Санчо се истакнал со голема мудрост во решавањето на споровите. Меѓутоа, тој бил незадоволен од тоа што лекарот не му дозволувал да јаде што сака, а по една недела, откако луѓето на војводата направиле сцена во која божемни непријатели го нападнале архипелагот, на Санчо му се смачило и се откажал од владеењето. Притоа, додека одел до замокот на војводата, Санчо паднал во јама, но тука случајно се нашол дон Кихот, кој го спасил својот штитоносец. Во меѓувреме, додека Санчо управувал со „архипелагот“, во замокот продолжиле шегите со дон Кихот кому му се додворувала убавата девојка Алтисидора, а госпоѓата Родригес го посетила ноќе во неговата соба. Најпосле, тој требало да се бори во двобој со цел да го принуди едно момче да се ожени со ќерката на доња Родригес, но противникот се откажал од борбата. Најпосле, бидејќи му здодеал мирниот живот во замокот, дон Кихот добил дозвола да си замине и повторно тргнал во нови авантури, придружуван од Санчо.[13]
Глава LVIII-LXV
[уреди | уреди извор]На патот за Сарагоса, дон Кихот сретнал две убави девојки, кои ја имале прочитано книгата за него и му укажале голема чест, а во обидот да им возврати, дон Кихот бил прегазен од стадо бикови. Малку подоцна, во еден конак сретнале двајца угледни луѓе кои читале за авантурите на дон Кихот, опишани во втората книга за него во која тој и Санчо биле прикажани во лошо светло. Поради тоа, дон Кихот се откажал од намерата да учествува на турнирот во Сарагоса и, наместо тоа, тргнал за Барселона. Патем, тој бил заробени од разбојникот Роке Гинарт кој, исто така, имал слушнато за него, го пречекал со почит и го испратил до Барселона, а притоа го известил својот пријател дон Антонио Морено. Во градот, дон Кихот бил пречекан од многу луѓе, така што тој бил многу задоволен од својата слава. Меѓутоа, по некој ден, дон Кихот бил поразен во двобојот со витезот од Белата месечина, кој му наредил да се врати дома и една година да се воздржи од витешки авантури. Всушност, тој „витез“ бил неговиот земјак Самсон, кој бил одлучен да ја оствари својата намера да го одврати дон Кихот од витештвото.[14]
Глава LXVI-LXXIV
[уреди | уреди извор]Разочаран, дон Кихот ветил дека ќе го исполни барањето на витезот од кого бил поразен и тргнал назад кон својот дом. Меѓутоа, неговиот немирен дух не му давал мир, па тој одлучил да стане овчар и така да продолжи да скита наоколу. Патем, дон Кихот и Санчо повторно дошле во замокот на војводата, кој повторно направил шега со нив така што Санчо бил лесно измачуван за да „оживее“ Алтисидора, која се преправала дека умрела од љубовта кон дон Кихот. Шегата успеала и дон Кихот поверувал во исцелителската моќ на Санчо, па побарал од него да почне да се камшикува и така да ја тргне магијата од Дулсинеја. Санчо ветил дека ќе го направи тоа, само ако дон Кихот му плати, а потоа наместо себеси, ги камшикувал дрвјата околу себе. Потоа, одејќи кон своето село, дон Кихот сретнал еден човек кој бил опишан во лажната книга за дон Кихот и го замолил да даде писмена изјава дека сега го запознал вистинскиот дон Кихот. Конечно, дон Кихот и Санчо пристигнале во своето село, каде набргу дон Кихот се разболел. Дури тогаш, нему му се вратил разумот и сфатил дека витешките книги му го уништиле животот. Потоа, тој напишал тестамент и умрел.[15]
Главни ликови во романот
[уреди | уреди извор]Ликот на Дон Кихот
[уреди | уреди извор]Постојаното читање на витешките романи го избезумило Дон Кихот, кој прочитаното го прима како вистина и тоа го поттикнува да стане витез-скитник кој ќе ги брани слабите и угнетените. Истовремено, тој прогласува за дама една селанка од соседното село која нарекол Дулчинеја и така тргнува да врши подвизи во нејзина чест. Следен од својот штитоносец, тој ги обиколува градовите и селата, а во раздразнетата витешка фантазија насекаде гледа витези, војски, волшебници и џинови. Секаде, без размислување, Дон Кихот смело ги напаѓа замислените угнетувачи, но реалноста постојано ги претвора неговите благородни идеи во смешни ситуации. средниот век поминал, животот се изменил, но Дон Кихот и натаму живее во минатото, убеден дека е повикан да го воскресне златниот век. Не е тешко да се претпостави што го избезумило Дон Кихот. Поразите и потсмевите се награда за неговите подвизи. Дон Кихот, како вистински идеалист, не смета дека е потребно да се приспособи кон животот, туку сака самиот живот да го издигне до себе. Затоа, тој не ги забележува фактите кои не одговараат на неговите илузии и не сака да знае за нив. Тој го цени животот само ако му пружи материјал за остварување на своите идеали. Тоа е првата одлика на Дон Кихот и како таков е родоначелник на сите романтичари и фантазери кај кои фантазијата секогаш ја потиснува стварноста.
Ако идеалистот не е секогаш безумен, тогаш тој е секогаш неразумен. Тоа е втората одлика на Дон Кихот. Судирајќи се со стварноста, тој создава редица непријатност: Оние што ќе ги ослободи, најчесто го напаѓаат и го проколнуваат, затоа што им штети со своето наметнување. Идеализмот е претставен во бедниот слаб витез, додека триумфалната нискост е облечена во сјајни облеки и пирува во велелепни дворци. Дон Кихот е среќен и тоа е неговата трета одлика. Никакви факти не можат да го наведат да го смени својот поглед на живот. Најпосле, тој се чувствува независен. Тоа е неговата четврта одлика. Тој се откажува од сè, физичките страдања, гладот и немаштијата не ги забележува, а во разговор со Санчо го изразува своето блаженство на слободата.
Ликот на Санчо Панса
[уреди | уреди извор]Мотивите кои го наведуваат Санчо Панса да го следи господарот, не се од областа на грубото користољубие. Наивноста со која им се подава на мистичните објаснувања на Дон Кихот, сведочат за ниското ниво на неговиот развиток. Во почетокот на романот Санчо не чувствува никаква љубов кон својот господар. Тој се радува на неговите подвизи доколку успее да искористи нешто, а го проколнува ако подвигот не му донесе ништо освен бој. Сонот за гувернерство не го напушта за сето време на авантурите.
„Со кого си, таков си!“ - е омилена изрека на Санчо Панса, кој најдобро ја докажува оправданоста на таа вистина. Како минува времето, односот на Санчо кон Дон Кихот се менува: полека но силно избива искреното сочувство кон безумниот витез, и наскоро Санчо ќе го засака својот господар. Неговиот сон да стане гувернер се остварува, а нас како читатели нè зачудува некористољубивоста на Санчо Панса кон островот со кој управува. Уште повеќе ќе нè зачуди кога ќе рече: „Гол дојдов, гол ќе си заминам!“
За делото
[уреди | уреди извор]Во романот „Дон Кихот“ веќе одамна никој не гледа само сатира на витешките романи. Во неговите судири со стварноста го гледаме оној вечен судир кој никогаш не умира, кај сите народи и во сите времиња. Хенрих Хајне плачел читајќи го романот, и во ова дело ја гледа најголемата сатира на човечката возвишеност. Бајрон, пак, му се лутел на Сервантес заради тоа што со романот предизвикал паѓање на витештвото и хероизмот во Шпанија. Невозможно е да се избројат уметничките дела кои за тема ја имаат борбата меѓу идеалите и реалните услови на живеење. Но никој не проникнал така длабоко во смислата на тој голем судир, никој не ги изразил сите негови перипетии така сестрано како Сервантес. Дон Кихот засекогаш ќе остане смешен во нашите очи, затоа што идеализмот, храброста и благородното срце не се доволни да сочувствуваме со херојот, бидејќи овие одлики служат на една бесмислена задача.
Според Александра Манчиќ, „Дон Кихот“ е книга за витештвото, јунаштвото, љубовта, пишувањето, комична книга и пародија, книга за возвишен и романтичен јунак, книга која истовремено е реалистична, аналитичка, модерна, мистична и постмодерна и книга на радикалното чувство на слобода.[16] Според неа, фантазијата е темелна особина и основа на животот на Дон Кихот, а слични оцени дава и Исидора Секулиќ, за која Дон Кихот е „спој на голема фантазија со голема доблест“, „случај на голема и вистинска уметничка фантазија“, па дури и неговата смрт е „умирање на фантазијата“.[17] Мишел Фуко вели дека „целото битие на Дон Кихот не е ништо друго освен јазикот, текстот, испечатените лисја, веќе препишаната повест“,[16] а Франц Кафка, во една прекрасна парабола, ја изнесол теоријата дека вистинскиот автор на романот е Санчо Панса кој одлучил да се ослободи од својот демон наречен Дон Кихот (заслепен од витешките романи, а тоа значи - оддалечен од секојдневните работи) така што, едноставно, ќе го напише.[18] Јовица Аќин смета дека „Дон Кихот“ го претставува почетокот на романескната уметност во модерната смисла на зборот и наследство со кое се служат дури и денешните писатели.[19] Томас Ман напишал за „Дон Кихот“: „Ова менување на оптиката го овозможува и го предизвикува авторовото солидаризирање со својот јунак, наклонетоста неговиот духовен ранг да се приближи до сопствениот, од него да се направи звучник на сопствениет сфаќања...“[20]
Изданија на романот
[уреди | уреди извор]Романот „Дон Кихот“ бил објавен во 1605 година, а бил испечатен во печатницата на Хуан де ла Куеста, при што трошоците на печатењето ги покрил книжарот Франсиско де Роблес. Сепак, се смета дека романот бил испечатена, па дури и се продавал во Ваљадолид, уште во декември 1604 година. Иако не постојат никакви непосредни податоци за ракописот на „Дон Кихот“, истражувањата даваат определна слика за процесот на печатење на книгата при што се заклучува дека ракописот не бил премногу јасен и воедначен, т.е. дека книгата била пишувана подолго време и дека била составена од повеќе делови кои можеби постоеле самостојно. На пример, дејството во алжирската епизода е датирано во 1589 година, но многу елементи од другите новели што се вклучени во романот потекнуваат од друго време. Оттука, истражувачите сметаат дека тие новели не биле напишани со намера да бидат вклучени во романот, туку Сервантес дополнително ги поправал и дополнувал, Како последица на тоа, се смета дека ракописот на „Дон Кихот“ содржел многу дополнувања, поправки и дека бил тешко читлив. Во согласност со тогашната пракса на печатењето книги, исто така, се претпоставува дека Сервантес направил дополнителни значајни поправки во периодот меѓу предавањето на ракописот на цензурата и почетокот на печатењето. Познато е дека во тој процес бил менуван и насловот на книгата, за што сведочи една дозвола за печатење, каде романот е насловен „Досетливиот идалго од Манча“.[21]
На 26 септември 1604 година, конечно била издадена кралската привилегија (дозвола) за печатење на книгата. Како изгледал процесот на печатење зборува самиот Сервантес во вториот дел на романот, каде што ја опишува посетата на Дон Кихот на една печатница во Барселона. Притоа, се претпоставува дека печатењето на главниот текст траело до крајот на ноември, додека текстот на привилегијата и посветите биле испечатени подоцна, откако била добиена „таксата“, а на први декември била добиена потврдата дека „нема печатарски грешки“. Потоа, книгата била предадена да ѝ се одреди „таксата“, т.е. цената по која што се продавала (8,5 реали), а која била добиена на 20 декември. Книгата содржела 664 страници, во 83 табаци in quarto, а се претпоставува дека тиражот изнесувал 1.500 или 1.750 примероци, што бил вообичаен тираж за книгите за кои се сметало дека добро ќе се продаваат. Според Франсиско Рико, од технички аспект, книгата не била нешто посебно, туку се одликувала со просечен типографски квалитет (слаб квалитет на печатот, лоша хартија и лош тип на буквите), вообичаен за тогашните шпански книги.[22]
Поради брзината при печатењето на првиот дел (два месеца), во првото издание на романот се среќаваат бројни грешки, од насловната страница до последниот ред во книгата. На пример, за разлика од „Примерните новели“ во кои има околу сто грешки, во „Дон Кихот“ постојат неколку стотици грешки. Дури и кога бил испечатен главниот текст на книгата, дозволите и посветите биле испечатени, исто така, набрзина, што создало дополнителни грешки: определен број примероци од книгата биле испратени во Ваљадолид, со празен табак на којшто требало да бидат отпечатени посветите, но некои лисја се загубиле, па не било испечатено одобрението на цензорот, а наместо посветата што Сервантес ја напишал за војводата од Бехар, била вметната посвета што била позајмена од некој друг писател.[23] Од покрупните грешки во романот се истакнува онаа во првиот дел, каде Санчо Панса останува без своето магаре, а воопшто не се објаснува како се случило тоа, а потоа, пак без никакво објаснување, тој повторно го јава магарето. Во 27. глава од втората книга на „Дон Кихот“, Сервантес соопштува дека тоа не било резултат на лошото паметење на авторот, туку се случило по вина на печатарот.[24] Исто така, постојат бројни недоследности во насловите на одделни глави, како и несовпаѓање меѓу насловите и содржината на главите. Тоа е знак дека Сервантес ги преместувал некои глави и делови од едно место на друго, што ги предизвикало бројните грешки во книгата.[25]
Процесот на поправање на „Дон Кихот“ од страна на Сервантес продолжил и во неговите дополнителни изданија. Притоа познато е дека по првото издание следувале уште две други за кои со сигурност се знае дека ги прегледал Сервантес. Врз основа на текстолошката анализа утврдено е дека две интервенции потекнуваат од самиот автор: објаснувањето на кражбата и враќањето на магарето на Санчо. Поради исмејувањето во врска со оваа епизода во првото издание на романот, во второто издание од 1605 година, Сервантес внел некои дополнувања, но поради фактот што ова издание било испечатено уште побрзо од првото, и тоа во две печатници истовремено, Сервантес повторно направил грешка: описот на кражбата на магарето бил внесен на погрешно место, зашто дури и по кражбата, тоа се појавува на повеќе места во книгата, а исчезнува дури неколку глави подоцна. Се разбира, ваквата брзоплета поправка направила дополнителна штета на угледот на книгата, така што во третата и во четвртата глава од вториот дел на „Дон Кихот“ (објавен во 1615 година), вината ја префрлил на печатарот. Меѓутоа, оваа постапка на Сервантес предизвикала далекусежни последици во однос на современите изданија на романот, зашто неговото откажување од измените направени во второто издание денес служи како доказ дека автентичниот текст е содржан во првото издание. Поради тоа, двата кратки додатоци во кои се објаснуваат кражбата и враќањето на магарето на Санчо, во современите изданија на романот се даваат одделно, на крајот на книгата.[26]
Во текот на 19 век, со цел што поизворно да се долови оригиналниот текст на „Дон Кихот“, издавачите на романот правеле бројни интервенции во интерпункцијата. Имајќи ги предвид обичаите од 16 век, како и малубројните зачувани писма на Сервантес (во кои тој не користел никакви знаци, освен точката), истражувачите сметаат дека на Сервантес воопшто не му биле важни интерпункциските знаци. Поради тоа, во XX век веќе не се печатело првобитното издание на романот, а по повод јубилејот 400 години од објавувањето на романот било испечатено фототипското издание од крајот на 19 век, иако се знае дека во него има бројни дополнителни печатарски интервенции. Денес, како најверодостојно издание на романот се смета она на Институтот Сервантес.[27]
Изданија на Дон Кихот на македонски јазик
[уреди | уреди извор]Во 1985 година, издавачката куќа „Наша книга“ го објавила романот во два тома, со наслов „Славниот благородник Дон Кихот од ла Манча“, а во рамки на библиотеката „Светска класика“. Првиот том содржи 52 глави, додека вториот том се состои од 74 глави. Преводот на македонски јазик го направил Илија Корубин, а консултант за шпански јазик бил д-р Александар Митевски, кој воедно ги препеал и стиховите. Ликовно-графичкото уредување е дело на Томислав Филипов, коректурата ја направиле Спасија Бурековиќ и Благородна Билбиловска. Книгата, во тврд повез и со обем од 20 сантиметри, била испечатена во печатницата „Нова Македонија“ во Скопје, во тираж од 2.000 примероци, со финансиска поддршка од Републичката заедница за култура. Книгата била каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“ - Скопје, со меѓународната ознака YU ISBN 86-373-0048-0 (првиот том) и YU ISBN 86-373-0060-X (вториот том).[28][29]
Дон Кихот како тема во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]- „Дон Кихот“ — драма на рускиот писател Михаил Булгаков од 1938 година.[30]
- „Дон Кихот“ — песна на Блаже Конески од 1974 година.[31]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 16.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 17-23.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 25-33.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 37-88.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 91-135.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 137-282.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 285-400.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 401-555.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 2. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 9-12.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 2. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 13-14.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 2. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 15-154.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 2. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 154-331.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 2. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 332-455.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 2. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 455-526.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 2. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 526-579.
- ↑ 16,0 16,1 „Од преводиоца“, Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 12.
- ↑ „Од преводиоца“, Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 9.
- ↑ Јовица Аћин, „Купљен на пијаци, преведен на улици“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 2. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 618.
- ↑ Јовица Аћин, „Купљен на пијаци, преведен на улици“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 2. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 617.
- ↑ О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XXIV.
- ↑ „О изворнику“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 579-580.
- ↑ „О изворнику“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 581.
- ↑ „О изворнику“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 581-582.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 2. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 225.
- ↑ „О изворнику“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 580.
- ↑ „О изворнику“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 583-584.
- ↑ „О изворнику“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 582-583.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихот I. Скопје: Наша книга, 1985.
- ↑ Мигел де Сервантес, Дон Кихот II. Скопје: Наша книга, 1985.
- ↑ „Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 126.
- ↑ Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 63.
|