Црвеноглаво кралче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Црвеноглаво кралче
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Фамилија: Кралчиња
Род: Regulus
Вид: Црвеноглаво кралче
Биномен назив
Regulus ignicapilla
(Temminck, 1820)
       Размножување
       Преку цела година
       Зимување

Црвеноглавото кралче (науч. Regulus ignicapilla) е многу малечка врапчевидна птица од фамилијата на кралчињата (Regulidae). Се размножува низ умерена Европа и северозападна Африка. Таа е делумно птица преселница, со популацијата која живее во централна Европа мигрира на југ и запад од опсегот. Оваа мала песнопојна птичка ја има и во Македонија.


Опис[уреди]

Црвеноглавото кралче е мала, топчеста птица, долга 9 см, со распон на крилјата од 13 до 16 см и тежина од 4 до 7 грама. Горните делови ѝ се светло маслинастозелени со бронзена дамка на секое рамо, а одоздола е белкава со кафеавосиви гради и слабини. Има две бели линии на крилјата, тенок, прав клун и кафеавоцрни нозе. Шарата на главата е во линии, со црна линија преку окото и бела над окото и креста која е светло жолта кај женките и портокалова кај мажјаците. Половите се многу слични, освен бојата на крестата и тоа што женките се малку побледи и малку помали. Младенчињата имаат сива нијанса на посветлите горни делови и немаат обоена круна, а останатите ознаки на главата се исти само малку посветли отколку кај возрасните. Ова кралче обично потскокнува и се одржува хоризонтално, а летот му е слаб и шумен со повремени брзи кружни свртувања.

Таксономија и систематизација[уреди]

Привремено зашеметено кралче, мажјак во Франција. Убаво се гледа шарата на главата.

Кралчињата се мала група птици понекогаш вклучени во други, но почесто во своја посебна фамилија.[2]

Има два широко прифатени подвида; номинираниот R. i. ignicapilla и медитеранскиот R. i. balearicus (Jordans, 1923). Другите подвидови се оспорувани, вклучувајќи го југоисточниот R. i. caucasicus, северноафриканскиот R. i. laeneni, и кримскиот R. i. tauricus.[3]

Распространетост и живеалиште[уреди]

Црвеноглавото кралче се размножува во низинските широколисни и мешани четинарски шуми, а во појужните краеви во грмушки на смреки, бршлени и диви рози. На Медитеранот живее до 2 800 м надморска височина во зимзелените шуми. Овој вид се прилагодува да живее и во урбаните средини, во парковите или големите градини.[4][5]

Номинираниот подвид се размножува во Европа, од јужна Англија, Франција, Шпанија и Португалија, на исток до Белорусија, северозападна Украина и Грција на југ, а на север до Балтичко Море и јужна Летонија. Изолирани популации има во Апхазија, Крим и Турција. Го има и во Македонија.

Однесување[уреди]

Размножување[уреди]

Пеејќи на дрво во Шпанија
Јајца од Regulus ignicapilla

Овие птици се моногамни. Мажјакот пее за време на сезоната на парење, обично со крената креста и покажувајќи со клунот кон друга птица. Територијата за размножување опфаќа околу половина хектар и може да се преклопува со територијата на соседниот пар. Понекогаш ја бранат својата територија, кревајќи ја крестата и силно мавтајќи со крилјата.

Гнездото го обесуваат на гранка, тоа е затворена чашка со мал влез на врвот. Однадвор е направено од мов, мали гранчиња, пајажини и лишаи, а пајажините ги користи и за закачување на гнездото на гранката. Во средниот слој има мов, а внатре е послано со пердуви (над 3000) и коса. Гнездото го гради само женката, но мажјакот може да ја придружува неколку дена до три недели.

Во западна Европа лежењето започнува при крајот на април, а на исток при карај на мај; а второто легло, кое е вообичаено го имаат во јуни и јули. Јајцата се розови со незабележителни црвени дамки.[6] Несат 7-12 јајца кои ги инкубира женката 14-16 дена и ги лежи уште 8-10 дена додека да се оперјат. Обата родитела ги хранат пилињата. Сексуално созреваат на едногодишна возраст, а имаат просечен животен век од 2 години.

Исхрана[уреди]

Сите кралчиња, речиси без исклучок, се инсектојадни, ловејќи мали членконоги со мека обвивка, како растителни вошки, мушички, пајаци и сл. Исто така, јадат ларви и јајца од пајаци и инсекти, и повремено земаат полен. Се хранат на дрво, експлоатирајќи го горниот дел од крошната. Зимно време, се приклучуваат во големи јата заедно со сипки и други мали врапчевидни птици, каде исхраната е поуспешна отколку да се сами. [7]

Огласување[уреди]

Повикот на оваа птица се три или четири високи ноти, слични на оние на жолтоглавото кралче, но малку пониски, [8] цит-цит-цит повеќе отколу сии-сии-сии. Песната претставува продолжен повик како подолга и варијабилна секвенца. Типично има 11-14 ноти во песна, кои стануваат погласни и побрзи, со последните три кои се малку поразлични од претходните: цит-цит-цит-цит-цит-цит-цит-цит-цит-цит-цирт.цирт.цирт. Песната трае 0.5–2.5 секунди, и е пократка од песната на жолтоглавото кралче која трае 3.5–4.0 секунди, и може да ја повторува повеќе од 8 пати во минута. Во мај и јуни пеењето е поинтензивно во зорите, но може да продолжи со помал интензитет и преку ден.


Статус[уреди]

Јастребот врапчар е најголемиот предатор на малите песнопојни птици.

Низ целиот опсег јастребот врапчар е најголемиот предатор и најголемата опасност за малите песнопојни птици, чија исхрана 98% се сведува на нив.[9] Планинската улулајка се храни повеќе со мали цицачи, но третина од нејзината исхрана се малите птици. [10] Не е познато оваа птица да е домаќин на паразитската кукавица.[11][12]

Црвеноглавото кралче го проширило својот опсег во текот на 19 и 20 век, колонизирајќи ја северна Франција, пратејќи ги првите размножувања во Холандија 1928 и Данска 1961 година. Растот на популацијата може да се ограничи заради недостаток од соодветна животна средина и може да има локални падови.[13] Но, сепак, оваа птица има голема популација од 10 до 30 милиони индивидуи во Европа. Се верува дека таа е стабилна и дека нема поголеми падови и закани, па затоа е класифицирана како вид со најмала загриженост на Црвениот список на МСЗП.[1]

Во културата[уреди]

Аристотел и Плиниј се поврзуваат со легендата за натпреварот меѓу птиците, која треба да биде нивниот крал. Ќе победи таа што може да лета највисоко. Првично, изгледало дека орелот ќе победи лесно, но кога тој почнал да се заморува, една мала птица која била скриена под неговата опашка, се појавила и летнала уште повисоко, и така ја освоила титулата.[14][15] Следејќи ја оваа легенда, во многу европски фолклорни култури палчето е опишано како „крал на птиците“ или како носител на пламенот. Но, исто така, титулата се применува на видовите Regulus (кралчиња), со нивните огнени круни, што ги прави пооригинални носители на титулата.[16] Веројатно палчето е земено предвид зашто во легендата пишува „најмалата од сите птици“ станала крал.[17][18]

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Regulus ignicapilla. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/160032428. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. Monroe, Burt L. (February 1992). „The new DNA-DNA avian classification: What's it all about?“. „British Birds85 (2): 53–61. 
  3. Redkin, Y A (2001). „A new subspecies of Firecrest Regulus ignicapillus (Temminck, 1820) (Regulidae, Passeriformes) from the mountains of the Crimea“. „Ornitologia“ 29: 98–102. 
  4. Palomino, David; Carrascal, Luis M (2006). „Urban influence on birds at a regional scale: A case study with the avifauna of northern Madrid province“ (PDF). „Landscape and Urban Planning“ 77: 276–290. http://www.vertebradosibericos.org/lmcarrascal/pdf/leup2004.pdf. 
  5. Witt, Klaus; Mitschke, Alexander; Luniak, Maciej (December 2005). „A comparison of common breeding bird populations in Hamburg, Berlin and Warsaw“. „Acta Ornithologica“ 40 (2): 139–146. doi:10.3161/000164505775247737. 
  6. Seebohm, Henry (1896). „Coloured Figures of the Eggs of British Birds“. Sheffield: Pawson and Brailsford. стр. 209, plate 53. 
  7. Herrera, Carlos M (1979). „Ecological aspects of heterospecific flocks formation in a Mediterranean passerine bird community“ (PDF). „Oikos“ 33 (1): 85–96. doi:10.2307/3544516. http://www.plant-animal.es/pdfs/Herrera.1979.Oikos.pdf. 
  8. Mullarney, Killian; Svensson, Lars; Zetterstrom, Dan; Grant, Peter J. (1999). „Collins Bird Guide“. London: Collins. стр. 336. ISBN 0-00-219728-6. 
  9. Génsbøl, Benny (1987). „Birds of Prey“. London: Collins. стр. 154–156. ISBN 0-00-219176-8. 
  10. Voous, Karel H; Cameron, Ad (illustrator) (1988). „Owls of the Northern Hemisphere“. London: Collins. стр. 209–219. ISBN 0-00-219493-7. 
  11. Soler, Juan Josė; Møller, Anders Pape (January 1995). „A comparative analysis of the evolution of variation in appearance of eggs of European passerines in relation to brood parasitism“ (PDF). „Behavioral Ecology“ 7 (1): 89–94. doi:10.1093/beheco/7.1.89. http://beheco.oxfordjournals.org/content/7/1/89.full.pdf. 
  12. Soler, Juan Josė; Møller, Anders Pape; Soler, Manuel (1999). „A comparative study of host selection in the European cuckoo Cuculus canorus“ (PDF). „Oecologia“ 118: 265–276. doi:10.1007/s004420050727. http://www.eeza.csic.es/eeza/documentos/soler_cuckoo%20host%20selection.pdf. 
  13. Hustings, Fred (2002). „Broedende Vuurgoudhanen Regulus ignicapillus in Nederland: hoe het verder ging“ (на Dutch) (PDF). „Limosa“ 75: 85–90. http://www.sovon.nl/pdf/LIM-75_3-02-hustings.pdf. 
  14. Aristotle, History of Animals, 9.11.
  15. Pliny, Natural History, 10.74
  16. Cook, Arthur Bernard (1914). „Zeus: A Study in Ancient Religion“. Cambridge: Cambridge University Press. стр. 52, footnote 4. 
  17. Suolahti, Viktor Hugo (1909) (на German). „Die deutschen Vogelnamen: eine wortgeschichtliche Untersuchung“. Strassbourg: Karl J Trbner. стр. 80–85. http://www.archive.org/stream/diedeutschenvoge00suol#page/80/mode/2up. 
  18. Cocker, Mark; Mabey, Richard (2005). „Birds Britannica“. London: Chatto & Windus. стр. 232. ISBN 0-7011-6907-9. 

Надворешни врски[уреди]