Палче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Палче
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Фамилија: Палчиња
Род: Troglodytes
Вид: Палче
Биномен назив
Troglodytes troglodytes
(Linnaeus, 1758)
Синоними

Nannus troglodytes

Палчето или оревчето (науч. Troglodytes troglodytes) е многу мала птица, и е единствен член од фамилјата палчиња во Евроазија, а ја има и во Македонија. Таа е полигинична, што е многу невообичаено парење за врапчевидните птици.

Палчето е распространето низ Европа и зафаќа еден појас од Азија, од западен Иран и Авганистан до Јапонија. Птица преселница е само од северните делови на распространетоста.[2]


Опис[уреди]

Палчето има многу варијанти на перјето што се разликуваат во одделни популации.

Долго е 9-10.5 см, одозгора е ’рѓакафеаво, одоздола сивкаво, избраздени со потемно кафеаво и сиво, дури и на опашката и крилјата. Клунот му е темно кафеав, а нозете бледо кафеави. Младенчињата не се толку впечатливо избраздени.

Перјето може да има многу варијанти, и има околу 27 подвида.

Однесување[уреди]

Оваа мала птица, со цврста опашка, во Европа е речиси исто позната како црвеногушката. Ја има секаде, од највисоките места со мочуришта до морските брегови. Во северна Европа и Азија таа гнезди претежно во зимзелените шуми и се препознава по својата долга и темпераментна песна. Таа е глувчевидна птичка која лесно ќе ја изгубиме од вид кога е во потрага по храна. Се храни со инсекти, но може да остане во умерени, па и студени, снежни предели каде ќе ги бара инсектите копкајќи под корите и лисјата.

Неговите движења од место на место се повеќе непрестајни отколку брзи, кратките летови се брзи и директни, но не постојани, а со малите округли крилца шуми додека прелетува од грмушка на грмушка.

Палчето живее во повисоките планини дури и зиме, а често се среќава во градините и фармите, како и во густите шуми и трските.[3]

Кога е вознемирена или возбудена, птицата пее решително. Песната му е изблик на слатка музика, гласна и решителна. Гласот му е пресилен за големината. Понекогаш може да го измешаме со обичното попче, чие цвркотење е пократко и послабо. Исто така, палчето има повторливи вибрации, а попчето не.

Поединците се разликуваат во квалитетот и обемот на песните. Песната започнува со неколку почетни ноти, а потоа возбудливо забрзува, малку во нагорен тон, а завршува во цела јасна нота или во друга вибрација. Песната може да се слушне секогаш, иако најмногу се забележува во текот на пролетта. Иако многу се крие, понекогаш мажјакот може да се види како пее излезен од седалото и како целото тело му се тресе од напор.

Навечер, обично зимно време, седи во седала со други птици за да се затоплуваат.

Размножување[уреди]

Возрасен со четири пилиња
Troglodytes troglodytes

Мажјакот гради неколку гнезда, над 6 или 7. Тие се нарекуваат „петлови гнезда“ и никогаш не се постилаат додека женката не одбере едно од нив.

Гнездото е топчесто, изградено од трева, мов, лишаи и лисја и пикнато во дупка од ѕид, дрво, пукнатина на карпа или агол од зграда, но исто така, го градат во грмушки, надвиснати гранки или кај насобрано ѓубре кое запрело на гранките по поплава.

Несат 5-8 бели и малку испрскани јајца во април, а потоа имаат и второ легло.

Палчињата се полигинични и имаат во исто време повеќе од една женка. Aктивно гнездо е она каде што има јајца или мали пилиња. Забележан е мажјак кој имал 4 женки на неговата територија.[4]

Во културата[уреди]

Аристотел и Плиниј се поврзуваат со легендата за натпреварот меѓу птиците, која треба да биде нивниот крал. Ќе победи таа што може да лета највисоко. Првично, изгледало дека орелот ќе победи лесно, но кога тој почнал да се заморува, една мала птица која била скриена под неговата опашка, се појавила и летнала уште повисоко, и така ја освоила титулата.[5][6] Следејќи ја оваа легенда, во многу европски фолклорни култури палчето е опишано како „крал на птиците“ или како носител на пламенот. Но, исто така, титулата се применува на видовите Regulus (кралчиња - црвеноглавото и жолтоглавото кралче), со нивните огнени круни, што, можеби ги прави пооригинални носители на титулата.[7] Веројатно палчето е земено предвид зашто во легендата пишува „најмалата од сите птици“ станала крал.[8][9]

Истата легенда е обработена во басните од Езоп, а според Плутарх,[10] кога орелот и палчето се натпреварувале кој ќе лета повисоко. Додека орелот летал, палчето се одмарало на неговиот грб, а кога тој се изморил, палчето летнало високо над него. Така, Плутарх сугерира дека паметот е подобар од силата.

Величината на палчето е опишана и од Браќата Грим во приказната Палчето и мечката.

Аристотел[11] и Плутарх го нарекуваат кралчето (basileus) крал или (basiliskos) мал крал.

Во Јапонија палчето се вика крал на ветровите.

Наводи[уреди]

  1. BirdLife International (2012). Troglodytes troglodytes. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106006968. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. Brewer, David; Mackay, Barry Kent (2001). „Wrens, Dippers and Thrashers“. Christopher Helm. ISBN 1-873403-95-X. 
  3. BBC.co.uk
  4. Burn J. L., 1996, Polygyny and the Wren, D.Phil thesis, University of Oxford
  5. Aristotle, The History of Animals, IX.11.
  6. Pliny, Natural History, 10.74
  7. Cook, Arthur Bernard (1914). „Zeus: A Study in Ancient Religion“. Cambridge: Cambridge University Press. стр. 52, footnote 4. 
  8. Suolahti, Viktor Hugo (1909) (на German). „Die deutschen Vogelnamen: eine wortgeschichtliche Untersuchung“. Strassbourg: Karl J Trbner. стр. 80–85. http://www.archive.org/stream/diedeutschenvoge00suol#page/80/mode/2up. 
  9. Cocker, Mark; Mabey, Richard (2005). „Birds Britannica“. London: Chatto & Windus. стр. 232. ISBN 0-7011-6907-9. 
  10. Plutarch, Political Precepts xii.806e; Laura Gibb, tr. Aesop's Fable #238; Plutarch's brief account is referenced by Erasmus, Adages iii.7.1, accounting for the hostility of the Eagle ("a creature at war with everyone") towards the Wren
  11. Aristotle, The History of Animals, IX.11.

Надворешни врски[уреди]