Халед Хосеини

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Халед Хосеини

Халед Хосеини (фарси خالد حسینی; англиски Khaled Hosseini, Кабул 4 март 1965) е авганистански писател и лекар. Од 1980 година живее и работи во САД и е автор на книгата-бестселер Ловец на змејови (англиски The Kite Runner). Во 2007 година ја објави својата нова книга насловена Илјада чудесни сонца (англиски A Thousand Splendid Suns) со која има огромен успех низ целиот свет[1].

Продуцентската куќа на режисерот Стивен Спилберг, DreamWorks, ги откупи правата на двете книги за снимање на филм.

Биографија[уреди]

Халед Хосеини е роден на 4 март 1965 год. во Кабул, Авганистан. Неговиот татко бил дипломат во Министерството за Надворешни работи во Авганистан, а неговата мајка предавала фарси и историја во големото средно ушилиште во Кабул. Министерството за Надворешни работи во 1970 год. го праќа неговот семејство во Техеран, каде што неговиот татко работел за авганистанската амбасада.

Во Техеран живеат до 1973 год. кога се враќаат во Кабул. Во јули 1973, ноќта кога е роден најмладиот Хосеинов брат, во државен удар е симнат авганистанскиот крал Захир Шах, кој без крвопролевање го организирал роднина на кралот, Дауд Кан. Во тоа време, Хосеини посетува четврто одделение и веќе го привлекуваат поезијата и прозата; прочитал голем број дела од персиската поезија, како и романи од типот на Алиса во земјата на чудата до циклусот за Мајк Хамер од Мики Спилејн.

Авганистанското Министерство за Надворешни работи во 1976 година уште еднаш го сели Хосеиновото семејство, овој пат во Париз. Биле подготвени да се вратат во Кабул во 1980 год., но дотогаш Авганистан веќе доживеал крвав комунистички преврат и инвазија на советската војска. Семејството Хосеини побарало и добило политички азил од Соединетите Американски Држави. Во септември 1980 год. се селат во Сан Хозе, Калифорнија. Кратко време живееле од социјална помош и бонови за храна бидејќи во Авганистан го изгубиле целиот свој имот. Неговиот татко работел неколку работи истовремено и успеал да му обезбеди на своето семејство живот без социјална помош. Халед Хосеини матурирал во 1984 год. и се запишал на универзитетот Санта Клара каде што дипломирал на основните студии по биологија во 1988. Следната година се запишал на медицинскиот факултет „Сан Диего“ на универзитетот во Калифорнија, каде што во 1993 год. дипломирал. Стажирал во болницата Сидар-Синај во Лос Анџелес и во 1996 год. започнал да се занимава со интерна медицина. Меѓутоа, неговата прва љубов отсекогаш било пишувањето.

Хосеини има живи, нежни и убави спомени на мирната предсоветска ера во Авганистан, како и на своите лични искуства со авганистанските Хазари (племе во Авганистан], Пакистан и Ирак). Еден припадник на Хазарскиот народ извршил посебно влијание на малиот Халед – тоа бил триесетгодишниот Хусеин Кан кој работел за Хосеинови додека живееле во Иран. Кога Халед бил во трето одделение, го учел Кан да чита и пишува. Иако неговиот однос со Хусеин Кан бил краткотраен и повеќе официјален, Хосеини секогаш се сеќавал на топлината и приврзеноста која се развила меѓу нив – тоа е однос кој се одразил во неговиот прв роман Ловец на змејови.

Женет е за Роја и има две деца (син и ќерка, Харис и Фара). Во 2006 год. Хосеини е именуван за амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, Агенцијата за бегалци при Обединетите Нации.


Библиографија[уреди]

Наводи[уреди]

Надворешни врски[уреди]