Уго Чавез

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Уго Чавез
Уго Чавез

Претседателот Чавез


Во служба
На функција од 
2 февруари 1999 - 5 март 2013
Претходник Рафаел Калдера

Роден 28 јули 1954
Сабанета, Баринас, Венецуела
Починал 5 март 2013
Партија Обединувана Социалистичка Партија на Венецуела
Сопружник Нанси Колменарес (разв.), Марисабел Родригес (разв.)
Религија Католик


Уго Рафаел Чавез Фријас (шпански: Hugo Rafael Chávez Frías, 28 јули 1954 - 5 март 2013) бил претседател на Венецуела. Неговото претседателствување со Венецуела од 1998 година, демократско-социјалистички ориентирано, донесе радикални промени во земјата, вклучувајќи нов Устав, многу нови социјални програми и нова надворешна политика насочена против хегемонизмот на САД.

Рани години[уреди]

Кога наполни 17 години, Чавез се вклучува во падобранската легија на венецуелската војска и се запишува на Венецуелската академија за воени науки. Дипломира во 1975. Подоцна се запишува на Универзитетот Симон Боливар во Каракас на студии по политички науки, но се откажува пред да дипломира. Се вработува во војската, при што неколкупати е одликуван и со текот на времето стигнува до чин падобрански потполковник.

Фасциниран од Симон Боливар, на 200-годишнината од неговото раѓање, на 24 јули 1983, Чавез го основа Револуционерното боливарско движење 200. На 4 февруари 1992 Чавез и Револуционерното боливарско движење 200 извршија воен удар против тогашниот претседател Карлос Андрес Перез, поради прифаќањето на програмите на ММФ насочени против сиромашните слоеви на населението. Ударот брзо е сузбиен, по што Чавез е затворен. Во ноември истата година неговите приврзаници повторно се обидуваат да извршат воен удар, но повторно без успех. Откако одлежа две години во затвор, во 1994 Чавез е помилуван од претседателот Рафаел Калдера. По излегувањето од затвор, тој го преструктуира своето движење како политичко движење наречено Движење за Петта република.

Претседател на државата[уреди]

Во 1998 Чавез се кандидира за претседател на државата и извојува победа на изборите со 56,2% од гласовите, што претставува најголема поддршка за некој претседателски кандидат во Венецуела во претходните четири десетлетија. Набрзо по стапувањето на должноста, Чавез пристапи кон процедурата за измена на Уставот. Новиот Устав беше усвоен по пат на референдум, кој се одржа во декември 1999. Според новиот Устав Венецуела е преименувана во „Боливарска република Венецуела“, мандатот на претседателот е продолжен на шест години и е овозможен негов реизбор, беше воведена нова процедура за отповикување на претседателот, а Парламентот од дводомен стана еднодомен. На изборите за новиот, еднодомен парламент, кои се одржаа во јули 2000, партиите што го подржуваа Чавез освоија 2/3 од мандатите.

Државниот удар против Чавез[уреди]

На 9 април 2002 тогашната најголема синдикална организација во Венецуела, Конфедерацијата на работниците на Венецуела, прогласи дводневен генерален штрајк. Генералниот штрајк беше веднаш поддржан од организацијата на работодавците. На 11 април избија судири помеѓу противниците и приврзаниците на Чавез. Чавез, откако увиде дека мнозинството од военото раководство е против него, ја понуди својата оставка, но под услов да биде почитуван Уставот, согласно на кого требаше да го наследи неговиот потпретседател. И покрај договорот со воените лидери, наместо неговиот потпретседател на местото претседател е назначен лидерот на организацијата на работодавците, Педро Кармона.

Смената на власта веднаш предизвика немири во Каракас во знак на поддршка на Чавез. Охрабрени од масовната поддршка од народот, воените лидери лојални на Чавез ја освоија претседателската палата и ноќта на 13 април Чавез се врати на функцијата претседател на државата.

Претседателствувањето по државниот удар[уреди]

Веќе во декември 2002 Чавез се соочи во нов предизвик. Започна штрајк во нафтената индустрија со цел Чавез да се повлече од власт. Штрајкот заврши со неуспех, бидејќи голем дел од работниците во нафтената индустрија се спротивставија на штрајкот што го поведе синдикалното раководство.

Во април 2003 лидерите на опозицијата ја отпочнаа процедурата за отповикување на претседателот, која беше воведена со Уставот од 1999. Гласањето за доверба на Чавез се одржа на 15 август 2004. Против отповикувањето на Чавез гласаа 59% од гласачите, по што Чавез ја зачува власта со обновена поддршка од народот.

На претседателските избори во 2006 година, Чавез е реизбран за претседател на Венецуела со 63% од гласовите.

Надворешни врски[уреди]