Трулски собор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Трулски собор
Соборот на руска минијатура од XVI век
Датум692
Прифатен одправославие
Претходен собор
Шести вселенски собор
Следен собор
Седми вселенски собор
Свикан одцар Јустинијан II
ПретседавачЈустинијан II
Присутни215
Темидисциплина
Документи и изјави
основа на православното канонско право
Времеследен список на собори

Трулски собор или Петто-шести собор (коински грчки: Πενθέκτη Σύνοδος), латински: Concilium Quinisextum) — црковен собор одржан во Цариград во 692 г. за време на царот Јустинијан II. Наречен е „Трулски“, бидејќи, како и Шестиот вселенски собор, се одржал во куполната сала на Големиот дворец наречена Трул (τρούλος). Петтиот и Шестиот вселенски собор не усвоиле дисциплински канони, па затоа овој собор е свикан да ги исправи тие пропусти, и затоа наречен „Петто-шести“. На него присуствувале 215 епископи, претежно од Источното Римско Царство. Македонија била претставена од архиепископот Јован IX како поглавар на Јустинијана Прима.[1] Василиј Гортински од Крит ѝ припаѓал на Римската патријаршија и се претставувал како папски легат, иако нема докази за неговото право на такво полномоштво.

Одлуки[уреди | уреди извор]

Многу од каноните на соборот се повторувања на постоечките. Го поддржал само шесте веќе одржани вселенски собори (канон 1), но исто така и Апостолските канони, Лаодикискиот собор, Третиот картагински собор и 39. Велигденско послание на Атанасиј (канон 2).[2]

Забрана за претхристијански обичаи[уреди | уреди извор]

На соборот се забранети извесни празници и обичаи со паганско потекло, што им дава увид на историчарите во претхристијанските верски обичаи.[3] Решено е дека ниту свештенството ниту мирјаните не смеат да ги одбележуваат паганските празници Бота,[4] Календите и Брумалија.[5]

Обредни правила[уреди | уреди извор]

Многу од каноните се однесуваат на усогласување на обредните разлики и дисциплината на свештениците во различните делови на црквата. Преовладеале обичаите на црквата во Цариград како покровител на настанот и сите имаат православен карактер бидејќи сите учесници биле православни.[3]

Ерменски обичаи[уреди | уреди извор]

На соборот се осудени некои обичаи на ерменските христијани, меѓу кои употребата на неразредено вино за светата причест (канон 32), практиката на назначување синови на свештеници (канон 33) и јадењето на јајца и сирење за време во сабота и недела за време на Великите пости (канон 56). За ова следува расчинување на свештеникот и изопштување на верникот кој не ги почитува овие правила.[6]

Римски обичаи[уреди | уреди извор]

Со слични казни се забранува римскиот обичај да не им се дозволува женетите лица да стануваат ѓакони и свештеници освен ако не се зарекле на вечно воздржување и живеат одделно од сопругите (канон 13), како и постење во сабота за време на Великите пости (канон 55). Воздржувањето во тоа време е задолжително кога лицето богослужи на олтарот (канон 13). Без да ги сопостави практиките на римската црква, соборот изрекува дека за време на Великите пости причесната се служи само во сабота, недела и за празникот Благовештение (канон 52).[6][7]

Причесна, богослужба, проповедање, крштевање[уреди | уреди извор]

На олтарот не смее да се принесува грозје, млеко и мед. Верниците мора да се причестуваат со прекрстени раце. Причесната не смее да се дава на мртви тела. За време на богослужбата, псалмите мора да се пеат скромно и милозвучно, а фразата „кого го распнаа за нас“ не треба да се додава во Трисветото. Владиците мора да го проповедаат евангелието како е изречено од отците. Свештениците добиле упатство за постапување со некрстените и за тоа како да примаат кривоверци.[6]

Морални напатствија за свештенството и мирјаните[уреди | уреди извор]

Покрај тоа, соборот ги осудува свештениците во недозволени врски со жени. Се осудува симонијата и наплаќањето пари за причестување. На свештенството му се забранува одење по гостилници, занимавање со лихва, одење на трки во Хиподромот, носење неприкладна облека и служење литургија во приватни куќи (евктерион) без дозвола од епископ. На свештенството и мирјаните им се забранува коцкањето, одење на театарски претстави и посетување на гатачи. Никој не смее да држи јавна куќа, се забранува абортусот, се забранува украсување на косата со плетенки и промовирањето на порнографија. Им се наредува на оние кои изучуваат право на Цариградскиот универзитет да престанат да носат „облека спротивна на општоприфатениот обичај“.[5][6]

Прифатеност[уреди | уреди извор]

Каноните на Труслкиот собор влегле во византиските канонски збирки, и важеле дури и во иконоборниот период (иако сликите кои ги прикажуваат Христос се одбрени во Канон 82). Римската црква жестоко се спротиставила на каноните од соборот, делумно бидејќи два канона (13 и 55) изречно ги критикуваат римските обичаи, но повеќе од причина што од неа се очекувало да одобри цел комплет канони без претходна консултација. Меѓутоа, во 711 г. папата Константин направил компромис со тоа што Рим ги прифатил каноните како важечки за Истокот, но задржувајќи го правото да продолжи со западните обичаи кои се разликувале од источните. Во 785 г. е објавено послание на папата Адријан I во кое тој вели дека пархијархот Тарасиј Цариградски ги одобрувал каноните, што на Запад е протолкувано дека нив ги одобрува и самиот Адријан. Посланието на Адријан е прочитано и одобрено на Седмиот вселенски собор, каде уште во првиот канон изречно се одобруваат каноните од соборот. Како последица од ова, канонскиот правник Грацијан (XII век) навел многу од каноните на Трулскиот собор во неговиот голем „Зборник на разни канони“. Грацијан ги одвоил оние канони кои биле во расчекор со западните обичаи како византиски и без сеопшта полноважност. Делото на Грацијан останало меродавно на Западот сè до првиот систематски Канонски правилник од 1917 г.[8]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Историја на Македонската Православна Црква
  2. Canons of the Council in Trullo
  3. 3,0 3,1 Ostrogorsky, George; Hussey, Joan (trans.) (1957). History of the Byzantine state. New Brunswick, NJ: Rutgers University Press. стр. 122–23. ISBN 0-8135-0599-2.
  4. Trombley, Frank R. (2005). The Oxford Dictionary of Byzantium. Oxford University Press. ISBN 9780195187922. Посетено на 17 ноември 2021.
  5. 5,0 5,1 Канон 71
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Andrew Ekonomou. Byzantine Rome and the Greek Popes. Lexington Books, 2007
  7. „Council in Trullo“. New Advent.
  8. Richard Price, The Canons of the Quinisext Council, Liverpool 2020, 34-54.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]