Теодосиј Гологанов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Теодосиј Гологанов
Teodosij gologanov.jpg
Теодосиј Гологанов
Роден Васил Гологанов
7 јануари 1846
Трлис, Егејска Македонија
Починал 1 февруари 1926(1926-02-01) (на 80 год.)
Софија, Бугарија
Националност Македонец
Познат поборник на македонскиот национален индивидуалитет
Занимање свештеник
Татко
Родители Илија Гологанов
Роднини Иван Гологанов


Митрополитот Скопски Теодосиј Гологанов (7 јануари 1846, Трлис, Егејска Македонија - 1 февруари 1926, Софија, Бугарија) бил македонски национален деец, митрополит, поборник за обновување на Охридската архиепископија и создавање на македонска национална држава.

Рани години

Роден е во село Трлис, Серско во 1846 г. Неговото световното име му било Васил Гологанов. Првата писменост ја добил кај татка си поп Илија. Васил во 1860 бил испратен во манастирот „Св. Јован Претеча“ во Серско. Четири години по своето стапување во манастирот Теодосиј бил ракоположен за јеромонах (1864) од страна на митрополитот Прокопиј и поставен за игумен на еден помал манастир во близината на Срез, воедно у го продолжил своето образование во Серската класична гимназија. Во 1865 Теодосиј активно се вклучува во националното движење преку борбата за отворање на училишта и замена на грчкиот со црковно-словенскиот јазик при богослуженијата. Во 1867-68 г. се наоѓа во Мостар како протосинѓел на Херцеговскиот митрополит Прокопиј. Подоцна Теодосиј заминал за Пловдив каде бил поставен за ефимериј при црквата „Св. Богородица“, а потоа за игумен на Кричимскиот манастир „Св. Врач“ (1869-1873).

Егзархиска служба

Со создавањето на Егзархијата во 1870 г. од страна на отоманската власт и дадената можност на македонските епарии да можат да се одлучат под чија црковна управа ќе бидат, голем дел од нив се одлучуваат за Егзархијата. Во 1873 г. од страна на Пловдивската црковна општина во Серез бил испратен Теодосиј. Се смета дека причината за испраќањето на Теодосиј во Серез во овој период била и неговата поврзаност со револуционерното движење во областа на Крчимскиот манастир каде што бил е игумен. Како што може да се види со своето заминување за Пловдив Теодосиј се става во служба на Егзархијата и дејствува како нејзин клирик. Во 1874 г. тоj е удостоен со архимандритски чин од страна на езгархот Антим и е поставен за ефимериј при храмот „Св. Стефан“ во Цариград. Веќе наредната 1875 архимандритот Теодосиј се наоѓа во Ниш како помошник на Нишкиот митрополит, тогава под jурисдикциjата на Егзархијата. Во 1876 година Гологанов бил повикан во Цариград. Таму тој е избран повторно од Синодот да служи во црквата Свети Стефан. Помеѓу 1878 и 1880 е поставен за Екзархиски наместник во Цариград. Од 1880 до 1885 година е претставник на Егзархијата при Високата порта, а во 1885 е устоличен за Скопски митрополит, но бератот за поставување во Скопје го доби дури во 1890 година, а дотогаш чекал во Цариград. Ова е поради спротивставувањето на Цариградската патријаршија, која била поддржана од Грција, како и од страна на Србија.

Контакти со Тајниот Македонски Комитет

Во 1887 Теодосиј се поврзал и со Тајниот македонски комитет од Софија преку Коста Групчев и Наум Евро. Тајниот македонски комитет бил организација на македонските ителектуалци кои биле незадоволни од односот на пропагандите кон македонскиот национален индивидуалитет[1], комитетот имал своја програма која се залагала за протерување на бугарските свештеници и учители од Македонија[2]. Кај овие дејци имало влијание на српскта пропаганда , првенствено во јазикот. Имено, се барало печатње на весник на македонски јазик[3] но бидејќи тој не бил книжевно обработен, требало бугарските зборови да се исврлат од македонскиот јазик, и да се заменат со српски.[3] Во тајни преговори во Белград со српската влада за соработка во 1886 година, било решено дека ќе биде актуелизирана заложбата за обнова на Охридската архиепископија. Групчев сведочи за Теодосиј дека тоj изjавил готовност да застане на чело Охридската архиепископија доколку истата се возобнови. Ова траело сè до 1890 кога егзархот Јосиф I со подршка од бугарската Влада повторно го актуелизирал прашањето за берати за егзархиските епископи за Скопје и Охрид. Како одговор на ова барање Големиот Везир на 15 март 1890 издал везирско тескере на митрополитот Теодосиј за да може привремено да престојува во Скопје. Самото пристигнување на митрополитот Теодосиј во Скопје предизвикало револт и протести од страна на грчкиот и српскиот конзул. Митрополитот Теодосиј бил избркан од Скопје на 27 април 1890. По патот тоа води разговорот со српскиот конзул во Солун, со кого што се сретнал на бродот за Цариград при своето враќање. Тоj изjавил дека ниту српската, ниту грчката политика немаат штета од него бидејќи според него тој е родум Македонец и не е приврзан кон Егзархијата и доколку се создадат објективни услови би се откажал од неа за сметка на возобновена Охридска архиепископија. Овие размислувања на митрополитот Теодосиј биле повод за обидот на егзархот Јосиф I подоцна да го смени. Под притисок од бугарската Влада на 24 јули 1890 Високата Порта издала два берата за егзархиски владици за Скопје и Охрид. По издавањето на бератите егзархот Јосиф I се обидел да го смени митрополитот Теодосиј, но ова не било прифатено од страна на Високата Порта, поради српскиот дипломатски притисок. На 30 јули 1890 митрополитот Теодосиј пристигнал за втор пат во Скопје.

Борба против пропагандите

(македонски: Мали архиереjски молитво словник. Наредил Скопски митрополит Теодосиj. Софиja: Свети Синод на Буг. Црква, 1911.)

Митрополитот Теодосиј Гологанов ги согледал штетните влијанија на странските пропаганди во Македонија и опасноста за македонскиот национален индивидуалитет. Во своето писмо од 22.06.1891 година до проигуменот Дионисиј пишува:

Ние Македонците немаме толку мака од Турците да ни е жив падишахот, колку од Грците, Бугарите и Србите, кои како орли на мрша се впуштија на оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат... Нашата Егзархија со својата црковна и просветна дејност тука во Македонија ја врши всушност најмизерната задача, му го одзема името на еден народ и го заменува со друго, му го одзема мајчиниот јазик и го заменува со туѓ, му ги одзема сите национални белези и ги заменува со туѓи... Турците земаат имоти и животи на рајата, но не посегнуваат по неговиот дух. Тие го уништуваат телото, но духот го почитуваат. А, нашата света Егзархија го убива ова другото, постојаното... Ние духовниците, по потекло Македонци, треба да се здружиме и да го покренеме нашиот народ да се разбуди, да ги отфрли туѓинските управи, да ги отфрли Патријашијата и Егзархијата, и да се обедини духовно во лоното на Охридската Црква, нивната вистинска мајка црква. Не е ли крајно време да се запре националното делење на ист народ само поради тоа што едниот ја признава Патријашијата, другиот Егзархијата, а третиот му се клања на Мухамед[4]



Митрополитот Гологанов против бугарската пропаганда презел и конкретни мерки. Имено, најпрво го отстранил директорот на скопското училиште Антон Наследников бидејќи бил Бугарин[5] Потоа презел акција за остранување на сите проегзархиски чиновници од црковно - училишната општина преку организирање на нови избори. При изработката на списокот на учители за учебната 1891 - 92 година ги остранил имињата на сите учители кои биле родум од Бугарија и ги заменил со Македонци[5]. Сакал да се отвори словенско оделение при вилаетската печатница во Скопје каде требало да се печатат книги на македонски јазик[5]. На крај ги изгорел сите дукументи од Митрополијата и ги заменил со нови во кои намерно бил изоставен зборот Бугарска Егзархија. Овие документи биле печатени на македонски јазик, штипско - велешко наречје[5]. Во почетокот на октомври 1891 г. за прв пат почнал јавно да ја критикува Егзархијата заради посегањето по самостојноста на македонските црковни општини и нејзината великобугарска политика [5]., предлагајќи отфрлање на туѓите цркви – цариградската и егзархиската[5].

Обиди за возобновување на Охридската архиепископија

Со оглед на тесната поврзаност на православните цркви со локалните национализми (грчкиот и бугарскиот во овој случај) митрополитот знаел дека ниту Патријаршијата, ниту Егзархијата нема да се согласат со возобновување на Охрид како архиепископски центар на одделна црква. Затоа во 1891 г. Митрополитот Теодосиј се обидел да се договори со папскиот нунциј во Цариград за покровителствто на Римокатоличката црква над евентуално обновената Охридска архиепископија[5]. При тоа поставил шест услови:

1. Да се обнови стародревната Охридска архиепископија, која ќе биде во канонско единство со Римокатоличката црква, со непосреден благослов на светиот отец Папата.

2. На чело на обновената Охридска архиепископија ќе бидам јас како автокефален поглавар на црквата.

3. Другите луѓе од високиот клер (епископите, свештеномонасите, и мирските свештеници) да бидат родум Македонци и назначувани од архиепископот, а епископите можат само да бидат потврдувани од вашата светост.

4. Границите на Архиепископијата да се поклопуваат со границите на Македонија, а поделбата на епархиите да се задржи сегашната.

5. Старите унијати од Кукушко-полјанската и Струмичка епархија да се изделат од јуриздикција на унијатскиот архиепископ во Цариград, Н. Б. Нил Изворов и да се приклучат како епархии кон Охридската архиепископија.

6. Католички мисионер и, со исклучок на затекнатите во просветно добротворните институции во Македонија, да не се доведуваат нови, а затечените да не се мешаат во внатрешниот црковнопросветен живот на Архиепископијата [6]


На 4 декември истата 1891 г. Теодосиј му напишал писмо на папата Лав ХIII, во кое го моли Светиот отец од свое и од името на целата православна паства во Македонија: „да нè прими под крилото на Римокатоличката црква, откако ќе ја обновиме стародревната Охридска архиепископија, незаконски укината од султанот Мустафа III во 1767 г. Кон крајот на месец ноември 1891 започнале преговори и помеѓу Цариградската патријаршија и митрополитот Теодосиј. Всушност, Цариградската патријаршија во започнатите преговори во Скопје помеѓу Теодосиј и грчкиот конзул јасно изјавила дека го прифаќа митрополитот Теодосиј под нејзина канонска јурисдикција, но не прифатила ниту еден од условите на митрополитот Теодосиј, односно возобновување на Охридската архиепископија. Од ова се гледа дека единствениот повод што Цариградската патријаршија дозволила воопшто да има преговори помеѓу неа и митрополитот Теодосиј е желбата да си ги поврати епархиите во Македонија изгубени при создавањето на бугарската Егзархија. Во овој период и Српската пропаганда го засилила своето дејствување преку српскиот конзул во Скопје. Гледајќи дека митрополитот Теодосиј веќе и јавно е напаѓан од страна на Егзархијата, Кариќ сметал дека ќе може да го привлече кон Српската пропаганда ветувајќи му возобновување на Охридската архиепископија со помош на Цариградската патријаршија. Според планот на Кариќ, Охридската Архиепископијата би била под јурисдикција Карловачката митрополија. За оваа идеја, Кариќ се консултирал и со Стојан Новаковиќ којшто предложил да го поткупат Теодосиј.На ова српската Влада одговорила со испраќање на финансии за реализирање на планот на Кариќ. Но, иако со својето дејствување Српската пропаганда успеала да привлече некои свештеници, сепак нивниот број бил мал.

Реакциja на Бугарската Егзархиja

За сите активности на митрополитот Теодосиј, Егзархијата и бугарската Влада биле темелно и постојано известувани од страна на своите приврзаници. Отворањето на првото српското училиште во Скопје на 29 мај 1891 било последна капка во чашата на бугарското трпение. На почетокот од јуни 1891 егзархот Јосиф I го повикал митрополитот Теодосиј да појде во Цариград и да ја образложи и оправда својата дејност во Скопската епархија. На ова, Теодосиј не одговорил по што следувале уште две покани. Во последната било посочено дека доколку Теодосиј не се појави во Цариград пред Егзархот ќе биде даден на Црковен суд и ќе му биде одземен митрополитскиот чин. Како подршка на последното писмо осумнаесет скопски чорбаџии организирале свој Епархиски совет и го прогласиле Теодосиј за сменет. Како одговор на одбивањето на митрополитот Теодосиј да се појави во Цариград и да се покае за она што го работел, Синодот на Егзархијата формирал Комисија составена од двајца членови на чело со егзархот Јосиф I којашто требало да одлучи. Одлуката донесена од страна на оваа Комисија била да се отстрани митрополитот Теодосиј од Скопје со помош на турската власт и да биде однесен во Цариград. На сила е одведен во Цариград, каде што во јануари 1892 од страна на Егзархијата бил обвинет меѓу другото и за „создавање на народност што не постоела во историјата“.[се бара извор] Во март 1892 г. му била одземена титулата „Скопски митрополит“. Во врска со неговото сменување Д. Секарлиев истакнува:

Митрополитот Теодосиј не е ниту првата, ниту последна жртва на стоглавата хидра - Бугарската Егзархија. Тоа е една перфидна политика да се уништи уште во својот корен сознанието на славомакедонскиот народ за сопственото постење[7]


Втора егзархиска служба

Потоа Гологанов се преселува во Бугарија, кога по отстранувањето на скопската катедра тој е испратен во Драгалевскиот манастир во близина на Софија. Истата година црковните власти му простиле на Гологанов и бил назначен за помошник на Пловдивскиот митрополит Натанаил Охридски. Покасно, тој служел во Бачковскиот и Рилскиот манастир. Во периодот од 1901 до 1906 година Гологанов бил митрополит на Пловдивската епархија. По некој период, Скопската епархија повторно останала без епископ и Теодосиј Гологанов со помош на Петар Поп Арсов се кандидирал за митрополит на оваа епархија. Стариот став на црковните авторитети повторно важел. Гологанов зел учество и во акцијата за покрстување на Помаците. Од 1915 до 1919 бил митрополит на новосоздадената Марониска епархиjа со центар Ѓумурџина, денес Комотини, Североисточна Грција.[8][9] Покасно бил лектор во Духовната академија во Софија каде и починал во 1926 година.

Влијанието на Митрополитот Теодосиј Гологанов врз Македонското националноослободително движење

Митрополитот Теодосиј Гологанов извршил силно влијание врз младата македонска ителигенција и допринел да се разгори македонското национално чуство кај македонското граѓанство. Две години подоцна неговата дејност била забележана и од Петар Поп Арсов кои истакнува:

Историјата за високотопреосвештениот Теодосиј, уште е темна за нас но за Н. Блажество (Егзархот б.н ), ни се чини ќе излезе непрепорачлива[10]


Неговото сменување предизвикало револт кај македонскиот народ и се сметало како напад на националните сремежи. Сменувањето предизвикало масовни протести против Бугарската Егзархија и тоа не само од старна на Скопската туку и од другите црковно - училишни општини (Охрид, Битола, Прилеп, Сер, Солун, Неврокоп, Штип, Струмица, Велес и други). Протестите носеле македонски национални белег [5], бидејќи се потенцирало дека Теодосиј Гологанов по потекло е Македонец [5], кој се стремел да ја обнови Охридската архиепископија.

Научна работа

Теодосиј Гологанов од 1910 година бил член на Бугарското книжевно друштво.[11] За време на неговиот живот, тој се ангажирал и во издавање на научни трудови и преведување книги на бугарски јазик со религиозно-философска тематика. Неговите дела се:

  • „Упатство на православниот свештеник за бракот“,
  • „Два поучни трактата за човековата душа и за Бога“,
  • „Мал архиерејски молитвословник“,
  • „Енеидата, Буколиките и Георгиките од Вергилија“,
  • „Кратко раководство за должностите на свештеникот“ и
  • „Правилник на Епиктета или правила за спокоен живот“.

Од областа на преведувањето, се забележуваат преведените книги: „Потеклото на човекот и хармонијата меѓу христијанството и науката“ од грчкиот философ И. Скалцуни, „Загубениот рај “ од Џ. Милтон, „Мачениците или победата на христијанската религија“ од Шатобријан, „Животот на Исус Христос“ од Ф. В. Ферар и „Придобиениот рај“ од Џ. Милтон.

Наводи

  1. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење, Табернакул, Институт за историја - Филозофски факултет, Скопје, 2003
  2. Документи за борбата на македонскиот народ т. 1, 303
  3. 3,0 3,1 Документи за борбата на македонскиот народ т. 1, 273
  4. Љ. Лапе, Одбрани текстови... втор дел, 292 - 293.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 5,8 С. Димевски, Митрополитот скопски Теодосиј, живот и дејност ( 1846 - 1926), Скопје, 1965.
  6. Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
  7. С. Димевски, Присуството на Теодосиј Гологанов во развојот на македонската национална мисла во епохата на национално - револуционерното движење, Скопје, 1976.
  8. Црква и црковен живот во Македониja, Петар Петров, Христо Темелски (Македонски Научен Институт, Софиja, 2003), стр. 147.(бугарски)
  9. Антантата во Тракиja 1919-1920 г. Стаjко Трифонов (Университетско издавашство „Климент Охридски”, Софиja 1989) стр. 254.(бугарски)
  10. Вардарски, Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, Софија, 1894.
  11. Bulgarian Academy of Sciences academicians and corresponding members 1869-1984, Редактор Blagovest Hristov-Sendov, Издател Bulgarian Academy of Sciences, 1989, стр. 227.

Надворешни врски