Сусам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Сусамот (латински: Sesamum indicum) е суптропско маслодајно растение. Сусамот е висока едногодишна билка со мешункаст плод, чие семе се бере зрело, а потоа се суши.

Производство[уреди]

Сусамот најмногу се одгледува во Кина, Индија и Судан. Во Македонија, сусамот се одгледува на околу 1.000 хектари, а просечниот принос е 300-400 килограми од еден хектар, односно годишно се добива по 400 тони сусамово семе. Тиквешијата е главно подрачје за одгледување сусам.

Семето на сусамот содржи 45-60% квалитетно масло, кое се користи во производството на масло за јадење, маргарин и путер и како додаток на пекарските производи.

Корисни својства[уреди]

За лековитото дејство на сусамот против ќелавост, првут, забоболка, ишијас и нарушување на доењето знаеле уште старите Египќани, Асирците, Вавилонците, Индусите и Кинезите. Семето на сусамот содржи висока концентрација на фитостерол, хемиска материја слична на холестеролот и која има моќ да го регулира нивото на холестерол во крвта, да го подобри имунитетот и да го намали ризикот од појава на одредени видови карцином. Исто така, маслото од сусам помага против појавата на тромб, односно згрутчување на крвта, како и против долготраен запек. Оттука, тоа се препорачува за отстранување на цревните паразити, за чистење на цревата и за лекување на хемороидите. Во народната медицина, сусамот се користи во лекувањето на повреди, акни, чиреви, брадавици и изгореници.28

Сусамот е многу богат со железо, а во него се присутни и други минерали, како: калциум, манган, бакар, магнезиум и селен. Од витамините, во сусамот има најмногу витамин Е, кој е моќен антиоксиданс, но тој е одличен извор и на витамин Б1, фолна киселина, пиридоксин Б6, ниацин и рибофлавин. Понатаму, во него има сезамин кој е важен во заштитата на црниот дроб, како и лигнан кој ги намалува холестеролот и крвниот притисок, а го зголемува витаминот Е. Сусамот е делотворен против воспаленија и болки од ревматоиден артритис, како и при напади на астма. Најпосле, во азиските земји, сусамот се смета за силен афродизијак.[1]

Наводи[уреди]

  1. „Јадете сусам за да немате мака со холестеролот“, Здравје, понеделник, 15 декември 2014, стр. 28-29.