Хемороиди
| Хемороиди | |
| Класификација и надворешни извори | |
Шематски приказ на хемороиди |
|
| МКБ-10 | I84 |
|---|---|
| МКБ-9 | 455 |
| DiseasesDB | 10036 |
| MedlinePlus | 000292 |
| eMedicine | med/2821 emerg/242 |
| MeSH | D006484 |
Хемороидите се отечени, но нормално присутни крвни садови во и околу анусот и долниот дел на ректумот, кои се проширени под притисок (слично како проширените вени на нозете). Најчеста причина за појава на хемороидите е напрегањето при дефекацијата, а може да биде и бременоста, генетички фактори, стареењето, хроничниот затвор, диарејата, долготрајното седење и аналните инфекции.
Хемороидите можат да бидат надворешни или внатрешни. Внатрешните настануваат блиску до почетокот на аналниот канал, а надворешните на аналниот отвор. Вантрешните хемороиди потекнуваат од внатрешниот венски хемороиден плексус во горниот дел на аналниот канал и ректумот. Тие се зголемуваат, го зафаќаат долниот дел на аналниот канал прекриен со кожа и го прават видлив надворешниот хемороидален венски плексус.
Хемороидите се многу чести кај двата пола. Половина од популацијата на возраст над 50 години има хемороиди. Зачестеноста на оваа болест е 2 на 1.000 луѓе. Хемороидите се посебно чести кај бремените жени. Притисокот на плодот во таа регија, хормонските промени кои, како и самиот плод, предизвикуваат зголемување на хемороидалните крвни садови. Кај повеќето жени кои имаат хемороиди поврзани со бременоста, тие се привремен проблем.
Содржина |
Клиничка слика[уреди]
На почетокот и на крајот од дефекацијата можно е безболно светлоцрвено крварење, често во вид на шприцање. Крвта се наоѓа на изметот и не е измешана со неа. Честа е појавата на пролапс (излегување) на хемороидите при дефекацијата, кој може да стане постојан.
Хемороидите главно не се опасни и не го загрозуваат човековиот живот. Симптомите најчесто се појавуваат во рок од неколку денови. Симптомите на внатрешните хемороида се: измет прекриен со светла крв, крв на тоалетната хартија или на тоалетната шолја. Меѓутоа, внатрешните хемороиди можат да излезат од анусот и тогаш можат да бидат болни. Симптомите на надворешните хемороиди вклучуваат болка околу анусот. Целото подрачје околу аналниот отвор е чувствително, болно и чеша.
Дијагноза[уреди]
Внимателниот преглед и исправната дијагноза се важни при секое крварење од ректумот или при наод на крв во изметот. Крварењето може да биде симптом и за други болести на системот за варење, па дури и за тумор на дебелото црево. Ректалниот преглед често е доволен за поставување дијагноза. Во пределот на анусот обично ќе се најдат отечени крвни садови, а потребно е и докторот да направи дигиторектален преглед (преглед на задното црево со прст) барајќи абнормалности.
Систем што најчесто се користи за оценување на степенот на внатрешни хемороиди е оној што го развил Банов[1]:
- I степен: хемороидите немаат пролапс.
- II степен: хемороидите прават пролапс при дефекација, но спонтано се намалуваат и повлекуваат.
- III степен: хемороидите прават пролапс при дефекација, но мора рачно да се вратат во ректумот.
- IV степен: хемороидите прават пролапс и не можат рачно да се вратат во ректумот.
Терапија[уреди]
Лесните случаи на хемороиди можат да се лекуваат со конзумирање на поголема количина течности и исхрана богата со целулозни влакна. Хемороидалните кремови или чепчиња можат да помогнат во намалувањето на отоците и болките. Корисно е капењето во млака вода. Понекогаш состојбата е таква што бара хируршка интервенција. Во лекувањето се повеќе се применува и ласерска коагулација на хемороидите.
Компликации[уреди]
Како последица на продолженото крварење понекогаш може да дојде до анемија поради недостатокот од железо во крвта.
Превенција[уреди]
Повторното појавување на хемороидите можно е да се превенира со промена на начинот на живот, во смисла на промена на исхраната (поголемо внесување влакнеста храна) и внесување поголеми количини течност (8-9 чаши дневно). Таквиот начин на исхрана придонесува за настанување помек измет, а со тоа олеснето празнење на цревата и намалување на притисокот, кој кога е зголемен може да предизвика појава на хемороиди.
Наводи[уреди]
- ↑ Hemorrhoids eMedicine (анг.)