Софокле

Од Википедија — слободната енциклопедија
Софокле
Биста на Софокле
Роден(а)497/496 п.н.е.
Колон
Починал(а)406/405 п.н.е.
Атина
ЗанимањеДрамски автор

Софокле (грчки: Σοφοκλής; 495 п.н.е., Колон, Атина406 п.н.е.) — старогрчки драмски писател, еден од основоположниците на трагедијата како драмски вид во европската литература.

Животопис[уреди | уреди извор]

Софокле е роден во местото Колон, близу до Атина, а потекнувал од „почитувано семејство“. Татко му бил угледен аристократ и сопственик на работилница за оружје. Детството го поминал во родното место. Во еден период од својот живот активно учествувал во политичкиот и општествениот живот на Атина, а извесно време бил стратег и учествувал во походот против Самосците. Според зборовите на царот Перикле, Софокле имал малку дарба за воен стратег, па затоа по Самоската војна (441-439 година п.н.е.) Перикле му доверил дипломатска служба. Во дипломатката мисија бил на островите Хиос и Лезбос. Извесен период бил свештеник на богот Амин (бог на лекарите). Освен што бил пријател на Перикле, одржувал пријателски врски со многу поети и уметници во тоа време. Животот го поминал, главно, во Колон и во Атина, и му бил исполнет со семејна среќа и незначителни успеси. Софокле умрел во 406 година п.н.е. и бил погребан во семејната гробница. Државникот Ликург се погрижил за неговата биста заедно со бистите на Есхил и Еврипид да биде ставена во Атинскиот театар, а драмите да му се препишат и да се чуваат во државниот архив.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Софокле ја почнал кариерата на драмски автор кога имал околу 27 години. Во 468 година п.н.е. за првпат се пријавил на натпреварот за најдобро драмско дело (со својата драма „Триптолема“) и, според решението на публиката и на главниот командант на атинската флота, Кимон со десетте полководци, го освоил првото место, пред Есхил, кој тогаш бил познат и признат трагичар. Подоцна, во текот на својот живот, Софокле морал да води поетски натпревари и со својот син, Ијофон, кого го победил и поради тоа имал непријатности со него. Така, со својот син водел судски спорови, а на еден од нив, наместо својата одбрана ја прочитал новата трагедија „Едип во Колон“ и благодарение на неа успешно се одбранил од обвинувањата.[2][3]
Книжевната работа на Софокле опфаќа период од шест децении, во кое време според сведоштвата на некои антички писатели, тој напишал 123 драми (според други, во библиотеката во Александрија се чувале 130 драми на Софокле), од кои на 114 им се познати само насловите, а зачувани се само седум: „Цар Едип“, „Едип во Колон“, „Антигона“, „Електра“, „Тројанки (Трахињанки)“, „Ајант“ и „Филоктет“. Исто така, сочувана е и делумно оштетената драма „Ловечки пци“, која била пронајдена во 1911 година на еден папирус во Египет.[2][3]
Книжевната критика за Софокле забележала дека „донесува почита убавина во своите дела“ при што на преден план го става човековиот интерес и анализата на карактерот. Ослободена од трилогискиот спој, драмата на Софокле во една трагедија ја опфаќа сета драматско-трагична судбина на хероите. Во своето творештво, Софокле го зел Есхил како пример, а темите ги црпел од митовите и од Хомер. Сепак, за разлика од Есхил, кај Софокле боговите не се во прв план на дејството. Самиот Софокле кажал дека тој „ги прикажува луѓето такви какви што треба да бидат, а Еврипид, такви какви што се“. Јунаците во делата на Софокле се обликувани според идеалните норми, а силата на карактерот на главниот лик ја нагласувал преку воведување друг лик со спротивни одлики. Најпосле, на Софокле му се припишуваат одредени иновации во театарот: така, тој вовел на сцената трет артист, прв започнал да го користи декорот, го зголемил хорот од 12 на 15 члена и победил 24 пати на поетските натпревари. Неговите трагедии Аристотел најмногу ги користел во изградбата на својата теорија на драмата.[3]

За големата слава на Софокле сведочи верувањето на Старите Грци дека богот Асклепиј често одел на гости кај поетот додека бил жив, дека живеел во неговата куќа, дека му бил домашен пријател и дека по смртта на Софокле, лично го направил неговиот гроб.[4] Според Јован Дучиќ, Софокле е централна личноста на античката драма, а заедно со Шекспир и Ибзен, тој е еден од трите големи имиња на светската драма. Во неговите дела, божествата ја прогонуваат човечката раса од колено на колено и тој мрачен детерминизам ја претставува битката меѓу земјата и небото.[5] Гете имал високо мислење за Софокле, нарекувајќи го голем поет и тврдејќи дека сите Софоклеви ликови во себе ја носат неговата возвишена душа.[6] Исто така, според Гете, сите ликови во драмите на Софокле имаат голема говорничка дарба и толку убедливо ги изложуваат мотивите на своето делување, што слушателот речиси секогаш е на страната на оној кој зборува последен на сцената. Од тоа се гледа дека Софокле во младоста се извежбал во реториката, оспособувајќи се да ги побара сите причини и привидни причини за некој предмет. Меѓутоа, според Гете, токму оваа голема способност го навела Софокле да прави и грешки, зашто во некои ситуации оди премногу далеку.[7]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Георги Сталев, „Софоклева Антигона - Или приказна за поразените“, во: Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 71-75.
  2. 2,0 2,1 Георги Сталев, „Софоклева Антигона - Или приказна за поразените“, во: Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 68-69.
  3. 3,0 3,1 3,2 „Белешка за авторот“ во: Софокле, „Цар Едип“. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 129-131.
  4. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 310.
  5. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 298-299.
  6. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 27.
  7. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 75.