Портал:Регион Македонија/Античка Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Првата македонска држава е создадена во 8 век п.н.е. или раниот 7 век п.н.е. под водството на династијата Аргеади. Првиот крал за кој постојат сведоштва е кралот Пердика I. Во времето на кралот Александар I Македонската територија започнала да се проширува кон Еордеја, Беотија, Пиерија, Мигдонија и Алмопија. Во близина на денешниот град Едеса (Воден), Пердика I (или поверојатно неговиот син Аргеј I) ја изградил првата престолнина Ајга.

По краток период на персиска власт под водство на кралот Дариј I, државата ја вратила својата независност под водство на кралот Александар I (495 п.н.е.450 п.н.е.).

Аминта III (околу 393 п.н.е.370 п.н.е.) за прв пат ја централизирал власта во Македонија.

Кралот Филип II извршил реформи во државата и вовел постојана платена војска со прочуената македонска фаланга, како основна воена единица, а вовел и коњаница, направи за опсада на градови и фрлање на камења и стрели. Неговите воени способности придонеле Македонија да стане регионална сила. Најпрвин, во 358 п.н.е. го совладал отпорот на локалните племиња и Филип ја проширил својата власт до Охридското Езеро. Во 357 п.н.е. ја зазел aтинската колонија, Амфипол, која управувала со рудниците за злато на планината Пангајон.

Александар III, попознат како Александар Македонски или Александар Велики е крал на Македонија (од 336 п.н.е. до 323 п.н.е.), член на кралската династија Аргеади. Eден од најуспешните војсководци во историјата на човештвото. По освојувањето на грчките градови-држави под водството на неговиот татко Филип II Македонски, Александар ја покорил моќната Персиска Империја, вклучувајќи ја Анадолија, Сирија, Египет, и Месопотамија, ги проширил границите на Античка Македонија, дури до Авганистан и Индија. Александар спрема освоените култури се однесувал со почит, интегрирајќи не-Македонци во неговата војска и администрација, воден од идејата да создаде светска држава.