Нинџа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Цртеж на архетип на нинџа, од серија скици (Хокусаи манга) од Кацушика Хокусаи. Печатење со дрвени плочки на хартија. Шести том, 18XVII

Нинџа (忍者?) или шиноби (忍び?) бил таен агент или платеник во феудална Јапонија, стручен за неконвенционални начини на војување. Задачите на нинџата биле шпионажа, саботажа, инфилтрација и атентати, како и отворена борба во одредени ситуации.[1] Нинџите користеле прикриени методи за водење војна, за разлика од самураите, кои имале строги правила за чест и борба.[2]

Во неговата книга Буке Мјомокушо, воениот историчар Ханава Хокиноичи го пишува следното за нинџите:

Патуваа маскирани во други територии за да ја проценат ситуацијата на непријателот и со измама му се приближуваат за да откријат празнини и влегуваат во замоци за да ги запалат, извршуваа атентати, пристигнувајќи во тајност.[3]

Потеклото на нинџите е нејасно и тешко да се утврди, но се претпоставува дека потекнуваат од околу XIV век.[4] Сепак, се смета дека претходниците на нинџите постоеле уште од хејанскиот[5] и раниот камакурански период[6]. Постојат малку пишани докази во кои детално се опишуваат активностите на нинџите. Зборот шиноби до XV век не се користел за да се опишат агенти слични на нинџите и е малку веројатно шпионите и платениците пред тоа време да биле сметани за специјализирана група. Во немирите во периодот Сенгоку (XV–XVII век), платеници и шпиони за изнајмување се појавиле во регионите Ига и Кога во Јапонија и заклучено е дека подоцнежното знаење за нинџите е добиено од овие кланови. По обединувањето на Јапонија под власта на шогунатот Токугава, нинџата повторно исчезнала во заборав.[7] Но, во XVII и XVIII век, прирачници како Бансеншукаи (1676), често насочени кон кинеската воена философија, се појавиле во значителен број.[8] Овие текстови открија асортиман на филозофии, религиозни верувања, нивната употреба во војувањето, како и техники за шпионирање што ги формираат основите на уметноста на нинџата. Зборот нинџуцу подоцна ги објаснувал големиот број на практики поврзани со нинџата.

Мистериозната природа на нинџата одамна ја привлекувала имагинацијата во Јапонија, а подоцна и во целиот свет. Нинџите играле значајна улога во фолклорот и легендите и како резултат, често било тешко да се разликува историски факт од мит. Како некои легендарни способности се вбројуваат невидливост, одење по вода и контрола над природните елементи. Нинџата е широко распространет во народната култура, појавувајќи се во многу форми на забавни медиуми.

Етимологија[уреди]

Зборот ,,нинџа’’ напишан на канџи писмо

Нинџа е онјоми начин на читање на двете канџи "忍者". На домородниот кунјоми начин на читање, се чита шиноби и е кратенка од шиноби-но-моно (忍の者). Терминот шиноби може да се сретне уште од VIII век во поемите во Манјошу.[9][10] Клучната конотација на шиноби (忍) значи ,,да грабне’’ – и до некаде - ,,се воздржува’’, поради поврзаноста со способноста за прикрадување и невидливоста. Mono (者) значи личност. Историски, зборот нинџа не бил често користен, и постоеле повеќе различни регионални колоквијализми кои подоцна ќе ги опишуваат тие луѓе како нинџи. Покрај шиноби, други примери се мономи ,,оној кој гледа’’, нокизару ,,макак на покривот’’, рапа ,,силеџија’’, куса ,,трева’’ и Ига-моно ,,човек од Ига’’. Во историски документи, шиноби се користи речиси секогаш.

Куноичи, што значи нинџа од женски пол,[11] се смета дека дошол од буквите くノ – (изговорени ku, no, и ichi) , кој е составен од три движења кои го формираат канџито за жена (女).

На западот, зборот нинџа повеќе се распространил од шиноби во културата по Втората светска војна, најверојатно зашто бил поудобен за западните зборувачи.[12] Во англискиот јазик, множината на нинџа може да остане непроменета како ninja, рефлектирајќи го недостигот на граматичката категорија број во јапонскиот јазик, или на обичната англиска множина ninjas. [13]

Историја[уреди]

Покрај многуте популарни народни приказни, историски описи за нинџите се ретки. Историчарот Стивен Турнбул тврди дека нинџите најчесто биле регрутирани од пониските класи и затоа има мал интерес за нив во литературата.[14] Наместо тоа, воените епови Хоген Моногатари и Хеике Моногатари се фокусираат главно на аристократските самураи, чии дела и биле попривлечни на публиката.[12] Историчарот Кијоши Вататани вели дека нинџите биле обучувани да бидат таинствени во нивните работи и постоење:

Така наречените нинџуцу техники, накратко се вештини шиноби-но-џуцу и шинобиџуцу, кои имале за цел да се осигураат дека нивниот противник не знае за нивното постоење, за кое што била потребна посебна обука.[15]

Потекло[уреди]

Потеклото на нинџите се базира на шпионите и атентаторите што постоеле низ јапонската историја. Титулата нинџа му се припишува на полу – легендарниот принц од 4тиот век, Јамато Такеру.[16] Во Коџики, младиот Јамато Такеру се преправил во шармантна девојка и убил два поглавари на народот Кумасо.[17] Сепак овие записи се од раниот период на јапонската историја, и не е веројатно дека се поврзани со шиноби од понатамошни случки.

Јамато Такеру облечен како слугинка, подготвувајќи се да ги убир водачите на Кумасо народот. Печатење со дрвени плочки на хартија. Цукиока Јошитоши, 1886.

Првата запишана употреба на шпионажа е за време на принцот Шотоку во 6тиот век.[1] Овие тактики уште тогаш се сметале за непријатни, според Шомонки од 10тиот век, младото момче шпион Кохарумару бил убиен шпионирајќи за бунтовникот Таира но Масакадо.[18] Подоцна во 14тиот век воената хроника Тахеики содржела многу референци за шиноби,[16] на кои им се препишало уништувањето на замок од оган од страна на неименуван, но ,,многу вешт шиноби’’.[19] Сепак, дури во 15тиот век шпионите биле посебно обучувани за оваа намена.[14] Во ова време се појавил зборот шиноби за да ги дефинира и јасно да ги идентификува нинџите како таинствена група на агенти. Доказите се гледаат во историските документи, кои почнале да ги спомнуваат тајните војници како шиноби во периодот Секгоку.[20] Подоцнежните прирачници за шпионажата се основани на кинеската воена страгегија, цитирајќи дела како Умешноста на војувањето (Sunzi Bingfa) од Сун Цу.[21]

Развој[уреди]

Нинџите се појавиле како платеници во 15тиот век, каде биле регрутирани како шпиони, пљачкосувачи, подметнувачи на пожари и дури и терористи. Меѓу самураите, се гледало чувството за ритуал и пристојност, бидејќи тие требало да се борат јавно. Во комбинација со немирите од периодот Сенгоку, овие фактори ја наметнале потребата од луѓе кои би извршувале дела што се сметале нечесни за вообичаените воини.[1][2] До периодот Сенгоку , шинобите имале повеќе важни улоги и тоа шпиони (канчо), извидници (теисацу), напаѓачи од заседа (кишу) и агитатори (конран).[20] Фамилиите на нинџите се организирале во поголеми еснафи, секоја во своја територија.[22] Постоел и систем на рангирање. Џонин (jōnin) го имал највисокиот ранк, претставувајќи ја групата и изнајмувајќи платеници. Следен бил чунин (chūnin), среден ранк, помошник на џонините. Најдолниот ранк бил генин (genin), агенти од пониските класи кои се испраќале да ги извршуваат самите мисии.[23]

Клановите Ига и Кога[уреди]

Рамнините на Ига, лоцирани во недостапните планини, го овозможило развојот на села специјализирани за обучување нинџи.

Клановите Ига и Кога биле називи за фамилиите кои живееле во покраините Ига (сегашната префектура Мие) и соодветниот регион Кока (или Kōga), именувано по село во префектурата Шига. Од овие региони, се појавиле села кои се посветиле на обучување на нинџи.[24] Изолираноста и недостапноста во планините кои можеби имале улога во таинствениот развој на нинџата.[23] Историските документи околу потеклото на нинџата во овие планински региони генерално се сметаат за точни.[25] Во хрониката Го Кагами Фуроку пишува за потеклото на овие два клана:

Имаше еден слуга во семејството Каваи Аки–но–Ками од Ига, со надмоќна шиноби вештина и поради таа причина се создаде името за луѓето од Ига. Друга традиција имаше во Кога.[25]

Слично, додаток на Ночи Кагами, запис од Ашикага Шогунатот, го потврдува истото потекло на Ига:

Во кампот кај Магари на шогунот (Ашикага) Јошихиса имало шиноби чии имиња биле познати низ земјата. Кога Јошихиса го нападна Рокаку Такајори, фамилијата на Каваи Аки–но–Ками од Ига, што му служела кај Магари, заслужила значително голема заслуга како шиноби пред големата армија на шогунот. Од тогаш им се восхитувале на идните генерации на Ига. Тоа е потеклото на славните луѓе од Ига.[26]

Треба да се направи разлика меѓу нинџите од овие области и обичните луѓе или самураите најмени како шпиони и платеници. За разлика од нивните колеги, клановите Ига и Кога обучуваа професионални нинџи, специјално обучени за нивните улоги.[20] Овие професионални нинџи биле активно најмувани од феудалните властелини (дајмјо) меѓу 1485 и 1581,[20] се додека Ода Нобунага не ја нападнал покраината Ига и ги збришал организираните кланови.[27] Преживеаните биле принудени да бегаат во планините Кии, но други пристигнале пред Токугава Иејасу, каде се постапувало добро со нив.[28] Поранешни членови на клановите, меѓу кој бил и Хатори Ханзо, кој подоцна служел како телохранител на Токугава.[29]

По битката кај Окехазама во 1560, Токугава користел група од осумдесет нинџи од Кога, предводени од Томо Сукесада. Тие имале за задача да извршат напад на стражарница од кланот Имагава. Записот од овој напад е запишан во Микава Го Фудоки, каде било запишано дека нинџите од Кога се инфилтрирале во замокот, ги запалиле кулите, го убиле кастеланот (чуварот на замокот) и двесте припадници на гарнизонот.[30] Нинџите од Кога играле значајна улога во подоцнежната битка кај Секигахара (1600), каде неколку стотици нинџи од Кога им помогнале на војниците предводени од Тории Мототада во одбраната на замокот Фушими.[31] По победата на Токугава кај Секигахара, нинџите од Ига работеле како чувари на внатрешните делови на замокот Едо, кога нинџите од Кога работеле како полиција и помагале во чувањето на надворешната порта.[29] Во 1614 почетната зимска кампања кај опсадата на Осака, нинџите биле користени повторно. Миура Јоемон, нинџа во служба на Токугава, регрутирал шиноби од Ига регионот и испратил десет нинџи во замокот Осака во обид да створи антагонизам меѓу противничките војсководци.[32] Во подоцнежната летна кампања, овие најмиле нинџи ки се бореле заедно со регуларните војници во битката кај Теноџи.[32]

Востанието Шимабара[уреди]

Последниот и детализиран запис за нинџите користени во отворена битка датира за време на востанието Шимабара (1637 – 1638).[33] Нинџите од Кога биле регрутирани од шогунот Токугава Иемицу против христијанските бунтовници предводени од Амакуса Широ, кои последнот отпор го пружале кај замокот Хара, во покраината Хизен. Дневник напишан од член на кланот Мацуидара, Amakusa Gunki, вели:

Луѓето од Кога во покраината Оми го прикривале нивниот изглед се прикрадувале во замокот и влегувале внатре кога сакале.[34]

Дневникот Укаи, напишан од наследник на Укаи Канемон, има неколку внесувања, објаснувајќи ги извидничките акции превземени од нинџите од Кога.

Ним [нинџите од Кога] им било наредено да го откријат планот за изградба на замокот Хара и ја набљудуваат оддалеченоста од одбранбенот шанец до ни-но-мару (вториот надворешен ѕид), длабочината на ровот, условите на патиштата, висината на ѕидот и формата на дупките.[34]внесено на 6тиот ден од 1иот месец
Останоците од замокот Хара.

Сомневајќи се дека залихите на градот се дотрошуваат, предводникот на опсадата Мацуидара Нобуцуна наредил напад на резервите на храна на градот. Тука, нинџите од Кога зеле неколку вреќи од резервите на противникот и се инфилтрирале во замокот и ги добиле тајните лозинки.[35] По неколку дена, Нобуцуна наредил собирање на разузнавачки информации за да се открие точниот број на залихи на замокот. Неколку нинџи од Кога – некои се смета дека потекнувале од оние кои биле вкличени во нападот од 1562 на замокот од кланот Имагава – доброволно се пријавиле и покрај тоа што биле предупредени дека шансите за преживувањеим биле слаби.[36] Неколку истрели биле испалени кон небото, принудувајќи ги бранителите да ги изгаснат светлата во замокот како подготовка. Под закрила на темнината, нинџите маскирани како бранители се инфилтрирале во замокот и го зеле знамето со христијански крст.[36]

Во Укаи дневникот пишува,

Ние испративме шпиони кои биле подготвени да умрат во замокот Хара. ... оние кои заминале на извидничка мисија насила го зеле непријателското знаме; и Аракава Шичиробеи и Мочизуки Јоемон се соочиле со силен отпор и страдале од нивните тешки повреди четириесет дена.[36]внесено на 27. ден од првиот месец

Како што траела опсадата, сериозниот недостиг на храна подоцна ги принудил бранителите да јадат мов и трева.[37] Овој очај ги принудил бунтовниците на неуспешни обиди да ја прекинат опсадата, каде биле поразени од армијата на шогунатот. Нинџите од Кога подоцна зеле учество во освојувањето на замокот:

Се повеќе и повеќе напади започнувале, групата на нинџи од Кога била под директна команда на Мацудаира Нобуцуна ги заробила ни-но-мару и сан-но-мару (надворешниот ѕид)...[38]внесено на 24. ден од вториот месец

Со падот на замокот Хара, востанието Шимабара било пригушено и Христијанството во Јапонија побегнало во подземјето.[39] Овие запишани случки се последното споменување на нинџите во војната.[40]

Онивабан[уреди]

Во раниот 18ти век, шогунот Токугава Јошимуне ги основал онивабан , тајна служба и известувачка служба. Членови на оваа служба онивабаншу (чувар на градина) – биле агенти кои собирале информации за властелините и државни службеници.[41] Таинствената природа на онивабаните – заедно со раната традиција за користење на членови од клановите Ига и Кога како чувари во палатите – ги навеле некои извори да ги нарекуваат онивабаншу како ,,нинџи’’.[42] Ова претставување е често во подоцнежните романи и џидаигеки (жанрови). Сепак, нема пишани докази меѓу раните шиноби и подоцнежните онивабаншу.

Улоги[уреди]

Страница од Шонинки (1681), објаснувајќи во детали листа на можни маски

Нинџите биле војници кои се прикрадувале и платеници најмени од властелините.[43] Нивните главни задачи биле шпионажа и саботажа, иако и атентатите им се припишувале на нинџите. Во битка, нинџите можеле да се користат да предизвикаат збунетост меѓу непријателот.[44] Одреден степен на психолошко водење војна со заробувањето на непријателските знамиња се илустрира во Оу Еикеи Гунки, составено меѓу 16тиот и 17тиот век:

Во замокот Хатаја имаше познат шиноби чија вештина била позната и една вечер тој тајно влегол во непријателскиот камп. Го зел знамето од чуварот на Наое Канецугу... и се вратил и го поставил на високо место на предната порта на замокот.[45]

Шпионажа[уреди]

Шпионажата била главната улога на нинџите. Со помошта на маски, нинџите собирале информации за непријателскиот терен, правење на спецификации, како и здобивање на лозинки и соопштенија. Горенаведениот додаток на Ночи Kагами кратко ја опишува улогата на нинџата во шпионажата:

Што се однесува на нинџите, се велело дека потекнуваат од Ига и Кога, и се шетале слободно, но тајно во непријателските замоци. Тие ги набљудувале скриените работи и биле прифаќани како пријатели.[26]

Подоцна во историјата, нинџите од Кога се сметале за агенти на владата - bakufu на Токугава, во времето кога владата ги користела нинџите како разузнавачка мрежа за да ги надгледува регионалните властелини како и царскиот двор.[22]

Саботажа[уреди]

Подметнувањето на пожари бил главниот вид на саботажа користена од нинџите, чии цели биле замоци и кампови.

Во дневникот на опатот Еишун од 16тиот век (Тамон-ин Ники) во Тамон-ин манастирот во Кофукуџи се опишува подметнатиот пожар на замокот од страна на луѓето од Ига клановите.

Ова утро, 6от ден од 11от месец од Тенбун 10, луѓето од Ига тајно влегле во замокот Касаги и запалиле неколку од просториите на свештениците. Тие исто така запалиле неколку градби во надворешноста и разни места во Сан-но-мару. Тие го завзеле Ичи-но-мару (внатрешниот ѕид).[46]

Во 1558, Рокаку Јошитака најмил група на нинџи да го запалат замокот Савајама. Водачот на чунините предводел група од 48 нинџи во замокот со измама. Техника наречена бакемоно-џуцу (техника на дух), неговите луѓе украле фенер на кој што го имало грбот на непријателската фамилија (мон) и продолжиле да прават реплики со истиот грб. Со помош на овие фенери, тие можеле да влегуваат во замоците без борба. По влегувањето тие го запалиле замокот и со тоа армијата на Јошитака излегла како победник.[47] Платеничката природа на шинобите е демонстрирана во друго подметнување пожар брзо по палењето на замокот Савајама. Во 1561, војсководци под команда на Кизава Нагамаса, најмиле нинџи од Ига од ранкот генин да помогнат во освојувањето на тврдината во Маибара. Рокаку Јошитака, човекот ги најмил пред неколку години, бил чуварот на тврдината – и целта на нападот.Во Асаи Сандаики пишува за нивните планови: ,,Ние ги најмивме шиноби-но-моно од Ига. ... Тие требаше да го запалат замокот.’’[48] Сепак платениците шиноби не сакаа да ги слушаат наредбите. Подметнувањето на огнот не почнал според планираното и луѓето од Ига им кажале на своите претпоставени, кои што не биле од регионот, дека тие не можеле да ги разберат тактиките на шинобите. Потоа тие се заканиле да ја откажат целата операција ако не им се допуштело да работат по нивната стратегија. На крајот огнот бил подметнат, дозволувајќи и на армијата на Нагамаса да го зароби замокот во хаотичнен јуриш.[48]

Атентати[уреди]

Најпознатите случаи на атентати се поврзани со познатите историски личности. Смртта на познатите личности понекогаш им биле припишани на атентати од нинџи, но нивната таинствена природа на овие случки е тешка да се докаже.[14] Атентаторите често биле идентификувани како нинџи подоцна, но нема докази кои покажуваат дали некои од овие биле специајлно обучувани за овие задачи или биле само најмени платеници.

Портрет на Ода Нобунага, од језуитскиот сликар Џовани Николо, 1583-1590.

Озлогласената репутација на воениот водач Ода Нобунага довела до неколку обиди за атентат. Во 1571, нинџата и стрелец, Сугитани Зенџубо, бил најмен да го убие Нобунага. Користејќи две аркебузи, тој испукал два последователни истрели кон Нобунага, но не му нанесол фатални повреди низ неговиот оклоп.[49] Сугитани успеал да побегне, но бил фатен по 4 години и бил убиен со измачување.[49] Во 1573, Манабе Рокуро, вазал на властелинот Хатано Хидехару, се обидел да се инфилтрира во замокот Азучи и да го убие заспаниот Нобунага. Сепак и овој обид пропаднал и Манабе бил принуден да изврши самоубиство, по што неговото тело било прикажано во јавност.[49] Според документот ,,Иранки’’, кога Нобунага вршел инспекција во покраината Ига – која била запустена од неговата армија – група од три нинџи пукале во него со огнени оружја со голем калибар. Истрелите го промашиле Нобунага, но сепак убиле седум од неговите придружници.[50]

Нинџата Хачизука Тензо бил испратен од Нобунага да го убие моќниот властелин Такеда Шинген, но сепак не успеал. Криејќи се сенката на дрвото, тој не бил забележан под светлина на месечината и успеал да се скрие во дупка што ја подготвил претходно, со што не бил фатен.[51]

Обидот за атентат врз Тојотоми Хидејоши исто така бил спречен. Нинџата Киригакуре Саизо (а можно Киригакуре Шикаемон) пробил со копјето низ штиците во подот за да го убие Хидејоши, но бил неуспешен. Тој бил истеран со чад од местото во коешто се криел од друг нинџа кој работел за Хидејоши, кој користел некој вид на примитивен огнофрлач.[52] За жал, веродостојноста на случката била прикриена од понатамошни измислени изданија прикажувајќи го Саизо како еден од Десеттемина Храбри на Санада.

Уесуги Кеншин, познатиот властелин на од покраината Ечиго се смета дека бил убиен од нинџа. Легендата, неговата смрт му ја припишува на атентатор, за кој се вели дека се криел во тоалетот на Кеншин и тешко го ранил Кеншин прободувајќи го со меч или копје во неговиот анус.ref>Nihon Hakugaku Kurabu 2006, стр. 36</ref> Додека историските записи покажале дека Кеншин страдал од стомачни проблеми, причината за неговата смрт модерните историчари ја посочуваат како рак на стомакот, рак на хранопроводот или цереброваскуларна болест.[53]

Контрамерки[уреди]

Голем број на контрамерки се превзеле за да се спречат активностите на нинџите. Мерки на претпазливост се презеле за спречување на атентатите, како оружја скриени во тоалетот, или под штица што се вадела од подот.[54] Градбите се граделе со стапици и жици за активирање поврзани со ѕвончиња.[55] Јапонските замоци биле дизајнирани за да бидат тешки за навигација, со кривулести патеки кои воделе до внатрешноста. Слепите точки и дупки во ѕидовите овозможиле псотојано надгледување на овие патишта во форма на лавиринт, прикажано како пример во замокот Химеџи. Замокот Ниџо во Кјото бил конструиран со долги ,,славејски’’ подови, кои биле поставени метални резиња (угуису-бари) специјално дизајнирани да квичат гласно кога се газело на нив.[56] Терени покриени со чакал исто така предвреме ги известувале кога имало непосакувани натрапници и раздвоените градби овозможувале полесно гаснење на пожарите.[57]

Обука[уреди]

Потребните вештини на нинџите во модерно време биле познати како нинџуцу, но не е многу веројатно дека се именувале под иста дисциплина. Модерните заблуди го идентификувале нинџуцуто како форма на боречка уметност, но историски, нинџуцуто главно ги покривало шпионажата и вештините за преживување. Некои наследни стилови (рјуха) на нинџуцу како Тогакуре-рју се смета дека потекнале од историските практики.

Овој дијаграм од Бансеншукаи користи претскажување и езотерична космологија (онмјодо) за да го покаже вистинското време за превземање на некои акции.

Првата специјализирана обука започнала во средината на XV век, кога одредени самурајски фамилии започнале да се фокусираат на тајно водење војна, вклучувајќи шпионажа и атентати.[58] Како самураите, нинџите биле родени во професијата, каде традициите се чувале, и предавани низ фамилијата.[22] Според Турнбул, нинџата бил обучуван од детство, како што било и во самурајските фамилии. Освен дисциплините во очекуваните боречки вештини, младите учеле и техники на преживување и извидништво, како и информации за отровите и експлозивите.[59] Физичкиот тренинг исто така бил важен, кој вклучувал трчање на долги патеки, качување, методи на прикрадување[60] и пливање[61]. Одреден степен на знаење за обичните професии бил потребен ако тие требало да се маскираат.[59] Докази за медицинска обука произлегуваат од една случка, каде нинџа од Ига пружал прва помош на Ии Наомаса, кој бил погоден од истрел во битката кај Секигахара. Тука нинџата наводно му дал на Наомаса ,,црн лек’’, кој служел за да го сопре крварењето.[62]

Со падот на клановите Ига и Кога, властелините повеќе не можеле да регрутираат професионалните нинџи и биле приморани да обучуваат сопствени шиноби.Професијата на шиноби се сметала за вистинска професија, како што е покажано во владиниот закон за воена служба од 1649, кој изјавувал дека само на властелините со приход повисок од 10 илјади коку им се дозволувало да обучуваат и одржуваат шиноби.[63] Во следните два века, голем број на прирачници за нинџуцу биле напишани од потомците на Хатори Ханзо како и членови на кланот Фуџибајаши, огранок на фамилијата Хатори. Главни примери се Нинпиден (1655), Бансеншукаи (1675) и Шонинки (1681).[8]

Некои практичари на модерно нинџуцу се Стивен К. Хејс и Масааки Хацуми, кој е водач (соке) на Буџинкан, организација за боречки вештини со главна база во Јапонија. Сепак, врската меѓу модерните интерпретации на нинџуцу и историската практика е прашање за дебата.

Тактики[уреди]

Нинџите не работеле сами секогаш. Постоеле тимски техники, на пример: за да се искачи на ѕид, група на нинџи мораат да се качат на грбот на оној под него, односно да направат човечка платформа да му помогнат на индивидуалец да достигне поголеми височини.[64] Микава Го Фудоки дава податоци за случки каде координиран тим на напаѓачи користел лозинки за комуницирање. Случката дава опис на случај со измама, каде напаѓачите биле облечени во истите алишта како и бранителите, предизвикувајќи збунетост.[30] Кога било потребно повлекување за време на опсадата на Осака, на нинџите им се наредило да им стрелаат на сојузничките сили одзади, терајќи ги војниците да јуришаат наназад за да го нападнат забележаниот непријател. Оваа тактика повторно била користена подоцна како метод на распрснување на толпи.[32]

Повеќето нинџуцу техники зачувани во свитоци и прирачници се концентрираат на начини да избегнат откривање и методи на бегство.[8] Овие техники биле лабаво групирани според соодветните природни елементи. Некои примери се:

  • Хицуке* – тактиката на свртување на вниманието на стражарите со подметнување на пожар далеку од планираното место на влез на нинџата. Спаѓа под ,,Огнени техники’’ (катон-но-џуцу).[65]
  • Тануки–гакуре* – Тактиката на качување на дрво и камуфлирање со зеленило. Спаѓа под ,,техники на дрво” (мокутон-но-џуцу).[65]
  • Укигуса–гакуре* – Тактиката на фрлање на водна леќа на површината на водата за да се скрие движењето под водата. Спаѓа под ,,водни техники’’ (суитон-но-џуцу).[65]
  • Узура–гакуре* – Тактиката на свиткување во топка и останување неподвижен за да се изгледа како камен. Спаѓа под ,,земјени техники” (дотон-но-џуцу).[65]

Маски[уреди]

Комусо монах е една од можните маски.

Употребата на маски е вообичаена и добро документирана. Маските биле во вид на свештеници, забавувачи, јасновидци, трговци, ронини (самураи без властелини) и монаси.[66] Во Буке Мјомокушо се изјавува:

Шиноби – мономи беа луѓе навикнати на таинствените обичаи и нивните должности беа да одат во планините и да се маскираат во собирачи на дрва за огрев за да откријат и дознаат новости за непријателската територија... тие беа експерти за патување под маска.[26]

Облеката на верските испосници (yamabushi) го олеснувала патувањето, бидејќи тие биле честа глетка и можеле да патуваат слободно помеѓу политичките граници. Лабавата одежда на будистичките свештеници дозволувала криење на оружје, како танто (јапонски кус меч).[67] Облеките на бардовите и на саругаку изведувачите им дозволувале на нинџите да шпионираат на непријателските градби без да предизвикаат сомнеж. Маските како комусо, монах-питач кој свирел на шакухачи (јапонска флејта), биле исто така ефикасни, бидејќи големата ,,кошница’’ што ја носеле на главата ја покривала целата глава.[68]

Опрема[уреди]

Нинџите користеле голем број на алатки и оружја, од кои многу биле, но некои биле поспецијализирани. Повеќето биле алатки кои се користеле за инфилтрирање во замоци. Широк спектар на специјализирана опрема се опишува и се илустрира во Бансеншукаи од XVII век,[69] вклучувајќи опрема за качување, копја што се издолжувале,[62] стрели со ракетен погон и мали чамци што брзо се распаѓале.[70]

Облека[уреди]

Оклоп кој наводно се носел од нинџите

Сликите од нинџи облечени во црна облека (шиноби шозоку) преовладува во популарните медиуми, нема пишани докази за таква облека.[71] Наместо тоа, било почесто да се видат маскирани како цивили. Популарната замисла за црната облека се вкоренила во уметничката практика. Раните цртежи на нинџи кои ги покажувале облечени во црно за да го прикажат чувството за невидливост.[3] Оваа практика била позајмена од кукларите од бунраку театарот, кои целосно се облекувале во црно во обид да го претстават движењето на театарските реквизити како независно од нивна контрола.[72] И покрај недостигот на цврсти докази, од некои власти се сметало дека црната облека намачкана со црвено да ги крие дамките од крв, навистина била разумен избор за инфилтрација.[3]

Користената облека била слична на онаа од самураите, но лабавата облека (како гамаши, хеланки) се ставала во пантолоните или била стегната со ремени. Тенугуи, парче ткаенина кое се употребувало во боречките вештини, имало многу функции. Можело да се користи да се покрие лицето, да функционира како ремен или да помогне во качувањето.

Историчноста на оклопот специјално направен за нинџи не може да се констатира. Додека парчиња од лесен оклоп биле наводно носени од нинџи постојат и датираат од правилното време, нема цврсти докази за нивната употреба во акциите на нинџите. Прикази на познати личности, подоцна сметани за нинџи, често ги покажувале во самурајски оклоп. Постоечките примери за наводниот оклоп на нинџите се состоел од ламеларен оклоп или прстенест оклоп, и биле направени да се носат под обичната облека. Штитници на потколениците и рацете, заедно со наметки покриени со метал се шпекулирало дека го составувале оклопот на нинџите.[3]

Алатки[уреди]

Страница од Нинпиден,покажувајќи алат за пробивање на брави.

Алатки користени за инфилтрација и шпионажа се некои од најзастапените артефакти поврзани со нинџите. Јажињата и куките биле чести и биле заврзани за ременот.[69] Скала на расклопување како онаа илустрирана во Бансеншукаи, која имала шилци од двата краеви за да за закотват скалата.[73] Шилеста и кукаста опрема за качување која се носела на рацете и на нозете исто така служела како оружје.[74] Други алатки биле длета, чекани, дупчалки, казми итн.

Кунаи бил тежок алат со остар врв, најверојатно произлегол од мистријата на ѕидарите и каменоресците, на кои и што наликува. Иако во народната култура било прикажувано како оружје, кунаито било главно користено за издлабување на дупки во ѕидовите.[75] Ножевите и малите пили (хамагари) исто биле користени за правење дупки во градби, каде тие служеле како сигурни места или премини.[76] Пренослива направа за слушање (саото хикигане) се користела за прислушување на разговори и откривање на звуци.[77]

Мизугумо бил сет од дрвени обувки кои наводно му дозволувале на нинџата да оди на вода.[70] Нивната намена била да ја разделат тежината на носачот врз нивната широка површина. Зборот мизугумо дошол од домородното име на Јапонскиот воден пајак (Argyroneta aquatica japonica). Мизугумо беше тестиран на шоуто ,,Разбивачи на митови’’ (’’Mythbusters’’), каде се покажа нескладно за одење на вода. Укидари, слични обувки за одење на вода, постоеле во вид на кружни кофи, но најверојатно биле прилично нестабилни.[78] Кожи за надувување и цевки за дишење им дозволувале на нинџите да остануваат под вода на подолго време.[79]

И покрај широкиот спектар на алатки достапни за нинџите, Бансеншукаи предупредува да не се биде преоптоварен со опрема, нагласувајќи ,,... успешен нинџа е оној кој користи една алатка за повеќе намени.’’[80]

Оружје[уреди]

Иако се користеле кратки мечови и ками, катаната била избраното оружје на нинџите и понекогаш било носено на грб.[68] Катаната имала други употреби освен во нормална борба. Во темни места корицата се вадела од мечот и да се користи издолжено средство за испитување.[81] Мечот се потпирал на ѕидот, каде нинџата можел да се качи на браникот на мечот (цуба), за да стапнат на повисоко.[82] Катаната можела да се користи за зашеметување на непријателот пред нападот, со комбинација на црвен пипер, земја или прашина и железни струготини ставени на врвот на корицата, па како што мечот се вадел, смесата би летнала во очите на непријателот, зашеметувајќи го се додека смртоносниот удар не бил нанесен. Правите мечови се користеле пред измислувањето на катаната,[83] правиот нинџато меч нема вистински предвесник и е најверојатно и е модерен изум.

Пар кусаригами, на изложба возамокот Ивакуни

Широк спектар на стрелички, шилци, ножеви и остри ѕвездести дискови заедно биле познати како шурикен. Иако не биле карактеристични само за нинџите,[84] тие биле важен дел од арсеналот и можеле да се фрлат во било која насока.[85] Лаковите биле користени за стрелање и некои нинџа лакови биле намерно помали од традиционалните јуми лакови (големи лакови).[86] Синџир и срп (кусаригама) се користеле од нинџите.[87] Оружјето се состоело од тег на едниот крај синџирот и срп (кама) на другиот. Со тегот се замавнувало за да се онеспособи противникот, а со српот се убивало на кратко растојание. Некои градинарски алатки како кунаи и српови се користеле како оружја, поради тоа ако биле откриени, нинџата би тврдел дека тие се неговите алатки а не оружја и покрај тоа што тие можеле да се користат во битка.

Експлозивите биле веќе донесени од Кина до Монголската инвазија во XIII век.[88] Подоцна експлозивите како рачни бомби и гранати биле присвоени од нинџите.[79] Бомби во меки калапи се користеле за да испуштаат чад или отровен гас, заедно со експлозиви со шрапнели од железо и керамика.[64]

Заедно со обичните оружја, широк асортиман на разновидни оружја биле поврзувани со нинците. Некои примери се отров,[69] метални чички,[89] мечови сокриени во трски и стапови (шикомизуе),[90] нагазни мини,[91] дувачки, отровни стрелички, цевки што прскале киселина и огнени оружја.[79] Оружјето хапо, мали лушпи од јајца со ослепувачки прав (мецубуши), се користело за олеснување на бегството.[92]

Легендарни способности[уреди]

Натчовечки и натприродни моќи секогаш се поврзувале со нинџите. Некои легенди вклучуваат летање, невидливост, менување на различни форми и спосбноста да се поделат на повеќе тела, повикување на животни и контрола над петте класични елементи. Овие неверојатни идеи произлегле од народната фантазија околу мистериозниот статус на нинџата, како и романтичните идеи пронајдени во подоцнежните јапонски уметности од периодот Едо. Магични моќи се придодавале на обидите на нинџите да ја шират оваа информација. На пример, Накагава Шошуџин, основачот на Накагава-рју од XVII век, во своите записи (Окуфуџи Моногатари) тврдел дека можел да се претвори во птици и животни.[63]

Можната контрола над елементите можеби била основана на вистинските тактики, кои се категоризирале во асоцијација со силите на природата. На пример, техниката на подметнување на пожар за да се прикријат трагите на нинџата спаѓа во ,,огнени техники’’ (катон-но-џуцу).[89]

Актер глумејќи го Ники Данџо, негативец од кабуки драмата Сендаи Хаги.Покажан е правејќи го куџи-ин печатот со рацете, што му овозможувал да се претвори во џиновски стаорец. Печатење со дрвени плочки на хартија. Кунисада, 1857.

Употребата на змејови во шпионажата и војувањето биле предмет на легенди. Постојат случки на нинџи кои се кренале во воздух со змејови, летале над непријателскиот терен и слетувале или фрлале бомби на непријателска територија.[70] Змејовите навистина се користеле во во војните во Јапонија, но најчесто за праќање пораки и пренесување на сигнали.[93] Турнбул предложува дека подигнувањето на човек можеби било технички изводливо, но употребата на змејови за да се направи човечки ,,делтаплан’’ постои само во рамките на фантазијата.[94] Сепак, референци за змејови што подигнувале луѓе постојат во дела, од тоа време па дури и претходно, во ,,Умешноста на војувањето’’ на Сун Цу.

Куџи-кири[уреди]

Куџи-кири е мистична практика, која кога направена со серија од ,,печати’’ со рацете (Куџи-ин), кои биле наменети да му овозможат на нинџата да прави натчовечки подвизи.

Куџи (деветте слогови) е концепт кој потекнувал од Таоизмот, каде бил низа од девет зборови, користени во амајлии и инкантации.[95] Во Кина, оваа традицијата поврзана со будистичките верувања, поврзувајќи го секој од деветте зборови со одредено будистичко божество. Куџи можеби пристигнало во Јапонија во рамките на Будизмот,[96] каде процветало во рамките на Шугендо.[97] Тука исто така, секој збор за куџи бил поврзан со будистичките божества, животните од таоистичката митологија и шинтоистичките ками.[98] Мудрите, серии на симболи со рацете претставувајќи различни Буди, се користеле со куџите од Будистите, најверојатно низ мистични Микјо учења. Шингендо јамабуши аскетите ја присвоиле оваа практика, користејќи ги рачните гестови во нивните духовни, исцелувачки и егзорцистички ритуали.[99] Подоцна употребата на куџите преминала во одредени школи на буџуцу и нинџуцу, каде имала многу намени.[100] Употребата на куџите за да се добие саканиот ефект се нарекувала ,,сечење’’ (кири) на куџите. Ефектите варираат од физичка и ментална концентрација, до неверојатните тврдења за имобилизација на противникот, па дури и фрлање на магии.[101] Овие легенди биле превземени, кој ги сфатиле куџи-кири како предвесник на магичните вештини.

Познати луѓе[уреди]

Многу познати луѓе биле поврзувано со и идентификувани како нинџи, но нивниот статус како нинџи е тежок да се докажи и можеби е производ на подоцнежни фантазии. Гласините околу познатите војници, како Кусуноки Масашиге или Минамото но Јошицуне, понекогаш ги опишувале како нинџи, но нема докази за да ги потврдат овие тврдења. Некои од најпознатите примери се:

Кумавакамару му бега на неговите прогонувачи скокајќи на другата страна на шанецот со помош на бамбус.[102] Печатење си дрвени плочки на хартија. Утагава Кунијоши, 1842-1843.
  • Мочизуки Чијоме (XVI век) – Жената на Мочизуке Моритоки. Чијоме го основала училиште за девојки, во кое се учеле вештините потребни за една гејша, како и шпионски вештини.[103]
  • Фуџибајаши Нагато (XVI век) – Се смета за еден од тројцата најголеми џонини од Ига, заедно со Хатори Ханзо и Момочи Сандају. Наследниците на Фуџибајаши ја напишале и уредиле Бансеншукаи.
  • Фума Котаро (починал 1603) – Нинџа кој се претпоставува дека извршил атентат врз Хатори Ханзо, кој наводно му бил најголемиот ривал. Фиктивното оружје Фума шурикен е именувано по него.
  • Хатори Ханзо (1542-1596) – Самурај во служба на Токугава Иејасу. Неговото потекло од покраината Ига, како и прирачници за нинџуцу објавени од неговите наследници довеле до тоа некои извори да го дефинираат како нинџа.[104] Овој приказ е чест во народната култура.
  • Ишикава Гоемон (1558-1594) – Како што се тврди, Гоемон пробал да капне отров со конец во устата на Ода Нобунага низ скришно место на покривот,[105] но бидејќи постојат многу измислени приказни за Гоемон и оваа приказна не може да се потврди.
  • Кумавакамару (13-XIV век) – Младич, чиј татко бил испратен во егзил и чија смрт била наредена од монахот Хома Сабуро. Кумакава се одмаздил прикрадувајќи се во собата на Хома додека тој спиел и го убил со неговиот меч.[106]
  • Момочи Сандају (XVI век) – Водач на нинџите од кланот Ига, кој наводно исчезнал за време на нападот на Ода Нобунага на покраината Ига. Се вели дека ја избегнал смртта и живеел како земјоделец во покраината Кеј.[107] Момочи исто така е огранок на кланот Хатори.
  • Јагју Мунејоши (1529-1606) – Познат мечувалец од училиштето Шинкаге-рју. Внукот на Мунејоши, Јубеи Мунејоши, раскажувал приказни за статусот на неговиот дедо како нинџа.[43]

Во народната култура[уреди]

Џираија се бори со џиновска змија со помош на неговата повикана жаба. Печатење со дрвени плочки на хартија. Утагава Кунијоши, околу 1843.

Имиџот на нинџите влегол во народната култура во периодот Едо, кога народните приказни и претстави за нинџите беа првпат направени. Приказни за нинџите често биле базирани на историските личности. На пример, постојат многу слични приказни за тоа кога феудален властелин го предизвикувал нинџата да ја докаже неговата вредност, најчесто со крадење на неговата перница или оружје додека спиел.[108] Романи биле пишувани за нинџите, како Џираија Гокецу Моногатари, кој што бил претворен во кабуки претстава. Измислените ликови како Сарутоби Сасуке евентуално влегле во стриповите и телевизијата, каде го уживале статусот на народни херои вон нивните оригинални медиуми.

Нинџите се појавуваат во мнону форми во Јапонските и популарните медиуми на Западот, вклучувајќи книги (Кога Нинпочо), телевизија (Нинџа Воин), филмови (Нинџа Атентатор), сатири (REAL Ultimate Power: The Official Ninja Book), видео игри (Тенчу), аниме (Наруто), манга (Базилиск) и западните стрипови (Нинџа Желки и G.I. Joe: A Real American Hero). Приказите варираат од реалистични и неверојатно претерувачки, и фундаментално и естетски, често нинџите ги прикажуваат невистински, понекогаш неверојатно екстравагантни начини за хумор или забава.


Галерија[уреди]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 Ratti & Westbrook 1991, стр. 325
  2. 2,0 2,1 Turnbull 2003, стр. 5–6
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Turnbull 2003, стр. 17; Turnbull uses the name Buke Meimokushō, an alternate reading for the same title. The Buke Myōmokushō cited here is a much more common reading.
  4. Crowdy 2006, стр. 50
  5. Frederic, p. 715
  6. Moriyama, p. 103
  7. Green 2001, стр. 355
  8. 8,0 8,1 8,2 Green 2001, стр. 358; based on different readings, Ninpiden is also known as Shinobi Hiden, and Bansenshukai can also be Mansenshukai.
  9. Takagi et al. 1962, стр. 191; the full poem is "Yorozu yo ni / Kokoro ha tokete / Waga seko ga / Tsumishi te mitsutsu / Shinobi kanetsumo".
  10. Satake et al. 2003, стр. 108; the Man'yōgana used for "shinobi" is 志乃備, its meaning and characters are unrelated to the later mercenary shinobi.
  11. Perkins 1991, стр. 241
  12. 12,0 12,1 Turnbull 2003, стр. 6
  13. Oxford English Dictionary, 2nd ed.; American Heritage Dictionary, 4th ed.; Dictionary.com Unabridged (v 1.1).
  14. 14,0 14,1 14,2 Turnbull 2003, стр. 5
  15. Turnbull 2007, стр. 144.
  16. 16,0 16,1 Waterhouse 1996, стр. 34
  17. Chamberlain 2005, стр. 249–253; Volume 2, section 80
  18. Friday 2007, стр. 58–60
  19. Turnbull 2003, стр. 7
  20. 20,0 20,1 20,2 20,3 Turnbull 2003, стр. 9
  21. Ratti & Westbrook 1991, стр. 324
  22. 22,0 22,1 22,2 Ratti & Westbrook 1991, стр. 327
  23. 23,0 23,1 Draeger & Smith 1981, стр. 121
  24. Deal 2007, стр. 165
  25. 25,0 25,1 Turnbull 2003, стр. 23
  26. 26,0 26,1 26,2 Turnbull 2003, стр. 27
  27. Green 2001, стр. 357
  28. Turnbull 2003, стр. 9–10
  29. 29,0 29,1 Adams 1970, стр. 43
  30. 30,0 30,1 Turnbull 2003, стр. 44–46
  31. Turnbull 2003, стр. 47
  32. 32,0 32,1 32,2 Turnbull 2003, стр. 50
  33. Turnbull 2003, стр. 55
  34. 34,0 34,1 Turnbull 2003, стр. 51
  35. Turnbull 2003, стр. 52
  36. 36,0 36,1 36,2 Turnbull 2003, стр. 53
  37. Turnbull 2003, стр. 54
  38. Turnbull 2003, стр. 54–55
  39. Morton & Olenik 2004, стр. 122
  40. Crowdy 2006, стр. 52
  41. Tatsuya 1991, стр. 443
  42. Kawaguchi 2008, стр. 215
  43. 43,0 43,1 Turnbull 2003, стр. 29
  44. Turnbull 2003, стр. 42
  45. Turnbull 2007, стр. 149
  46. Turnbull 2003, стр. 28
  47. Turnbull 2003, стр. 43
  48. 48,0 48,1 Turnbull 2003, стр. 43–44
  49. 49,0 49,1 49,2 Turnbull 2003, стр. 31
  50. Turnbull 2003, стр. 31–32
  51. Turnbull 2003, стр. 30
  52. Turnbull 2003, стр. 32
  53. Nihon Hakugaku Kurabu 2004, стр. 51–53; Turnbull 2003, стр. 32
  54. Turnbull 2003, стр. 26
  55. Draeger & Smith 1981, стр. 128–129
  56. Turnbull 2003, стр. 29–30
  57. Fiévé & Waley 2003, стр. 116
  58. Turnbull 2003, стр. 12
  59. 59,0 59,1 Turnbull 2003, стр. 14–15
  60. Green 2001, стр. 359–360
  61. Deal 2007, стр. 156
  62. 62,0 62,1 Turnbull 2003, стр. 48
  63. 63,0 63,1 Turnbull 2003, стр. 13
  64. 64,0 64,1 Turnbull 2003, стр. 22
  65. 65,0 65,1 65,2 65,3 Draeger & Smith 1981, стр. 125
  66. Crowdy 2006, стр. 51
  67. Deal 2007, стр. 161
  68. 68,0 68,1 Turnbull 2003, стр. 18
  69. 69,0 69,1 69,2 Turnbull 2003, стр. 19
  70. 70,0 70,1 70,2 Draeger & Smith 1981, стр. 128
  71. Turnbull 2003, стр. 16
  72. Howell 1999, стр. 211
  73. Turnbull 2003, стр. 20
  74. Mol 2003, стр. 121
  75. Turnbull 2003, стр. 61
  76. Turnbull 2003, стр. 20–21
  77. Turnbull 2003, стр. 21
  78. Turnbull 2003, стр. 62
  79. 79,0 79,1 79,2 Ratti & Westbrook 1991, стр. 329
  80. Green 2001, стр. 359
  81. Adams 1970, стр. 52
  82. Adams 1970, стр. 49
  83. Reed 1880, стр. 269–270
  84. Mol 2003, стр. 119
  85. Ratti & Westbrook 1991, стр. 328–329
  86. Ratti & Westbrook 1991, стр. 328
  87. Adams 1970, стр. 55
  88. Bunch & Hellemans 2004, стр. 161
  89. 89,0 89,1 Mol 2003, стр. 176
  90. Mol 2003, стр. 195
  91. Draeger & Smith 1981, стр. 127
  92. Mol 2003, стр. 124
  93. Buckley 2002, стр. 257
  94. Turnbull 2003, стр. 22–23
  95. Waterhouse 1996, стр. 2–3
  96. Waterhouse 1996, стр. 8–11
  97. Waterhouse 1996, стр. 13
  98. Waterhouse 1996, стр. 24–27
  99. Teeuwen & Rambelli 2002, стр. 327
  100. Waterhouse 1996, стр. 31–33
  101. Adams 1970, стр. 29; Waterhouse 1996, стр. 31
  102. McCullough 2004, стр. 49
  103. Green 2001, стр. 671
  104. Adams 1970, стр. 34
  105. Adams 1970, стр. 160
  106. McCullough 2004, стр. 48
  107. Adams 1970, стр. 42
  108. Turnbull 2003, стр. 14

Користена литература[уреди]

  • Adams, Andrew (1970), „Ninja: The Invisible Assassins“, Black Belt Communications, ISBN 978-0897500302 
  • Buckley, Sandra (2002), „Encyclopedia of contemporary Japanese culture“, Taylor & Francis, ISBN 978-0415143448 
  • Bunch, Bryan H.; Hellemans, Alexander (2004), „The history of science and technology: a browser's guide to the great discoveries, inventions, and the people who made them, from the dawn of time to today“, Houghton Mifflin Harcourt, ISBN 978-0618221233 
  • Chamberlain, Basil Hall (2005), „The Kojiki: records of ancient matters“, Tuttle Publishing, ISBN 978-0804836753 
  • Crowdy, Terry (2006), „The enemy within: a history of espionage“, Osprey Publishing, ISBN 978-1841769332 
  • Draeger, Donn F.; Smith, Robert W. (1981), „Comprehensive Asian fighting arts“, Kodansha, ISBN 978-0870114366 
  • Fiévé, Nicolas; Waley, Paul (2003), „Japanese capitals in historical perspective: place, power and memory in Kyoto, Edo and Tokyo“, Routledge, ISBN 978-0700714094 
  • Friday, Karl F. (2007), „The first samurai: the life and legend of the warrior rebel, Taira Masakado“, Wiley, ISBN 978-0471760825 
  • Howell, Anthony (1999), „The analysis of performance art: a guide to its theory and practice“, Routledge, ISBN 978-9057550850 
  • Green, Thomas A. (2001), „Martial arts of the world: an encyclopedia, Volume 2: Ninjutsu“, ABC-CLIO, ISBN 978-1576071502 
  • Kawaguchi, Sunao (2008), „Super Ninja Retsuden“, PHP Research Institute, ISBN 978-4569670737 
  • McCullough, Helen Craig (2004), „The Taiheiki: A Chronicle of Medieval Japan“, Tuttle Publishing, ISBN 978-0804835381 
  • Mol, Serge (2003), „Classical weaponry of Japan: special weapons and tactics of the martial arts“, Kodansha, ISBN 978-4770029416 
  • Morton, William Scott; Olenik, J. Kenneth (2004), „Japan: it's history and culture, fourth edition“, McGraw-Hill Professional, ISBN 978-0071412803 
  • Nihon Hakugaku Kurabu (2006), „Unsolved Mysteries of Japanese History“, PHP Research Institute, ISBN 978-4569656526 
  • Nihon Hakugaku Kurabu (2004), „Zuketsu Rekishi no Igai na Ketsumatsu“, PHP Research Institute, ISBN 978-4569640617 
  • Perkins, Dorothy (1991), „Encyclopedia of Japan: Japanese History and Culture, from Abacus to Zori“, Facts on File, ISBN 978-0816019342 
  • Ratti, Oscar; Westbrook, Adele (1991), „Secrets of the samurai: a survey of the martial arts of feudal Japan“, Tuttle Publishing, ISBN 978-0804816847 
  • Reed, Edward James (1880), „Japan: its history, traditions, and religions: With the narrative of a visit in 1879, Volume 2“, John Murray, OCLC 1309476 
  • Satake, Akihiro (2003), „Shin Nihon Koten Bungaku Taikei: Man'yōshū Volume 4“, Iwanami Shoten, ISBN 4-00-240004-2 
  • Takagi, Ichinosuke (1962), „Nihon Koten Bungaku Taikei: Man'yōshū Volume 4“, Iwanami Shoten, ISBN 4-00-060007-9 
  • Tatsuya, Tsuji (1991), „The Cambridge history of Japan Volume 4: Early Modern Japan: Chapter 9“, translated by Harold Bolitho, edited by John Whitney Hall, New York: Cambridge University Press, ISBN 978-0521223553 
  • Teeuwen, Mark; Rambelli, Fabio (2002), „Buddhas and kami in Japan: honji suijaku as a combinatory paradigm“, RoutledgeCurzon, ISBN 978-0415297479 
  • Turnbull, Stephen (2003), „Ninja AD 1460-1650“, Osprey Publishing, ISBN 978-1841765259 
  • Turnbull, Stephen (2007), „Warriors of Medieval Japan“, Osprey Publishing, ISBN 978-1846032202 
  • Waterhouse, David (1996), „Religion in Japan: arrows to heaven and earth, article 1: Notes on the kuji“, edited by Peter F. Kornicki and James McMullen, Cambridge University Press, ISBN 978-0521550284 
  • Moriyama, T. (1998). "Weekend Adventures Outside of Tokyo," Shufunotomo Co. Ltd., Tokyo Japan, ISBN 4-07-975049-8.
  • Frederic, L. (2002). "Japan Encyclopedia," Belknap Harvard, ISBN 0-674-01753-6

Литература[уреди]

  • Fujibayashi, Masatake; Nakajima, Atsumi. (1996). Shōninki: Ninjutsu densho. Tokyo: Shinjinbutsu Ōraisha. OCLC 222455224.
  • Fujita, Seiko. (2004). Saigo no Ninja Dorondoron. Tokyo: Shinpūsha. ISBN 978-4797494884.
  • Fukai, Masaumi. (1992). Edojō oniwaban : Tokugawa Shōgun no mimi to me. Tokyo: Chūō Kōronsha. ISBN 978-4121010735.
  • Hokinoichi, Hanawa. (1923–1933). Buke Myōmokushō. Tokyo: Yoshikawa Kōbunkan. OCLC 42921561.
  • Ishikawa, Masatomo. (1982). Shinobi no sato no kiroku. Tokyo: Suiyōsha. ISBN 978-4880661100.
  • Nawa, Yumio. (1972). Hisshō no heihō ninjutsu no kenkyū: gendai o ikinuku michi. Tokyo: Nichibō Shuppansha. OCLC 122985441.
  • Nawa. Yumio. (1967). Shinobi no buki. Tokyo: Jinbutsu Ōraisha. OCLC 22358689.
  • Okuse, Heishichirō. (1967). Ninjutsu: sono rekishi to ninja. Tokyo: Jinbutsu Ōraisha. OCLC 22727254.
  • Okuse, Heishichirō. (1964). Ninpō: sono hiden to jitsurei. Tokyo: Jinbutsu Ōraisha. OCLC 51008989.
  • Watatani, Kiyoshi. (1972). Bugei ryūha hyakusen. Tokyo: Akita Shoten. OCLC 66598671.
  • Yamaguchi, Masayuki. (1968). Ninja no seikatsu. Tokyo: Yūzankaku. OCLC 20045825.

Надворешни врски[уреди]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Нинџа“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).