Бамбус

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Бамбус
Шума од бамбуси во Кјото, Јапонија
Научна класификација
Царство: Растенија
Нерангирано: Скриеносеменици
Нерангирано: Монокотиледони
Нерангирано: Комелиниди
Ред: Тревовидни
Фамилија: Треви
Племе: Бамбус
Kunth и Dumort.
Разновидност
Околу 92 рода и 5.000 вида

Бамбусот (науч. Bambuseae) претставува повеќегодишно зимзелено растение од фамилијата треви. Големите бамбуси се најголемите членови на оваа фамилија. Кај бамбусот, интернодиумот (делот од стеблото меѓу два листа) е шуплив, така што васкуларните снопови во напречниот пресек наместо да се цилиндрично поставени, се распрскани низ цело стебло. Бамбусот нема ксилем или ксилемско спроводно ткиво. Благодарение на уникатниот независен стеблест ризом, бамбусите се едни од растенијата кои растат со најголема брзина. Бамбусите имаат огромно економско и културно значење за Јужна Азија, Југоисточна Азија и Источна Азија, каде што се употребуваат како градежен материјал, како извор на храна и разновиден сиров производ.

Род и распространетост[уреди]

Постојат повеќе од 70 родови бамбуси, кои се поделени на околу 1450 видови. Бамбусовите растенија можат да се најдат на поднебја со разновидна клима, на ладни планини, како и во тропски предели. Тие се појавуваат во Источна Азија, на 50° северна географска ширина на Сахалин, па сè до северна Австралија и на запад до Индија и Хималаите. Бамбусите исто така можат да се најдат и во супсахарска Африка, како и во Америка, во пределот од Средниот Атлантик и јужно до Аргентина и Чиле кадешто допираат до својата најјужна точка од 47° јужна географска ширина. Во Европа сè уште не се познати места на кои расте бамбусот.

Неодамна имаше обид од комерцијален карактер, да се засадат и одгледуваат бамбуси во околината на Големите езера на Африка, особено во Руанда. Компании од Соединетите Американски Држави, одгледуваат, берат и испорачуваат неколку видови бамбусови растенија, како на пример мосо бамбусот.

Екологија[уреди]

Бамбусот е едно од растенијата кое најбрзо растат. Тоа може да порасне дури и 100 сантиметри во период од 24 часа. Меѓутоа, големината на бамбусот зависи од состојбата на почвата и климатските услови во кои тој расте, како и од неговиот вид. Најчесто, во умерени климатски услови, бамбусот во текот на денот, израснува за 3 до 10 сантиметри, во време на периодот на растење. Еден од најголемите шумски бамбуси може да достигне висина од над 30 метри, а дијаметарот да му изнесува од 15 до 20 сантиметри. Сепак, големината на бамбусите зависи од нивниот вид. Некои бамбуси израснуваат само неколку сантиметри. Карактеристичната висина на вообичаените видови бамбуси кои растат во Соединетите Американски Држави, се движи од 4 до 12 метри.

За разлика од дрвјата, самостојните бамбусови стебла изникнуваат од земјата со нивната целосна ширина и ја достигнуваат крајната висина за време од само една сезона на растење, која трае 3 или 4 месеци. За време на овие неколку месеци, секој нов никулец израснува вертикално, во стебло кое не почнува да се разгранува сè додека не ја достигне максималната височина. Потоа, од делот на растението наречен нодиум се издолжуваат гранките и започнува разлистувањето. Во следната година, месестиот ѕид на секое стебло се зацврстува. За време на третата година од животот на бамбусот, стеблото се стврднува уште повеќе. Тогаш, никулецот е прераснат во целосно созреано стебло. Во текот на следните 2 до 5 години (во зависнот од видот на бамбусот), на надворешноста од стеблата почнуваат да се формираат габи и мувла, кои на крајот можат да навлезат во стеблото и да го уништат.

По период од 5 до 8 години (во зависност од видот на бамбусот и климатските услови), габите и мувлата се развиваат, со што го уништуваат стеблото, кое паѓа и почнува да гние. Нивниот краток живот укажува дека стеблата од бамбусите се подготвени за собирање и употреба во градежништвото во период од околу 3 до 7 години. Бамбусовите стебла ја достигнуваат својата конечна големина во првата година од животот. Доколку некој ги исече, или пак се скршат по природен пат, тие не растат повторно.

Бамбусите се многу издржливи растенија. На почетокот, од мали или млади примероци на одделни видови бамбуси, израснуваат и мали стебла. Со созревањето на ризомот и со секоја измината година ќе израснуваат сè повисоки и поголеми стебла, сè додека растението не ја достигне крајната границата на висината и големината, карактеристична за својот вид.

Голем број тропски видови бамбус, не можат да ги издржат температурите кои се движат околу точката на замрзнување, додека некои поотпорни, таканаречени умерени бамбуси, можат да преживеат и на температура од - 29 °C. Најиздржливите бамбуси можат да ги издржат овие температури од - 29 °C, иако делот кој се наоѓа над земјата ќе се уништи. Но, ризомот преживува и пушта нови никулци следната пролет. Во малку поприфатливи услови, на пример во области со температури од околу -17°C или -12°C, некои видови бамбуси можат да ги задржат своите листови дури и цела година.

Цутење[уреди]

Најголем дел од бамбусите цветаат ретко. Всушност, голем дел од бамбусите цветаат само еднаш во период од 65 или 120 години.

Меѓутоа кога доаѓа периодот за цутење, сите бамбуси од ист вид цветаат истовремено, без разлика во кој дел од светот се наоѓаат и климатските услови во кои растат. Откако расцветува, бамбусот умира. За време на цутењето, влијанието кое околината го има врз бамбусите е помало, па затоа во секоја клетка на бамбусот е развиен еден вид на „будилник“, кој го најавува пренасочувањето на целата енергија во создавањето на цвет и престанокот на вегетативниот раст. Овој развиен мехaнизам, како и еволутивната причина која стои зад него, сè уште претставуваат голема мистерија.

Една теорија која го објаснува развојот на ова истовремено цутење е хипотезата за заситеност на предаторите. Според оваа теорија, со тоа што бамбусите од ист вид раѓаат плод во исто време, ја зголемуваат можноста за преживување на своите семиња , со тоа што ја преплавуваат со својот плод областа во која растат, па колкав дел од плодот и да изедат предаторите, остануваат голем број семиња. Периодот меѓу две цутења на бамбусите, е подолг од животниот век на глодарите, така што во периодите кога бамбусите не цветаат, животните прегладнуваат. На овој начин бамбусите можат да го регулираат бројот на животните.

Друга теорија вели дека периодичното цутење, по кое следи смрт на созреаниот бамбус, е механизам развиен за да се создаде нарушување во живеалиштето. Според оваа теорија, мртвите стебла од бамбусите често ги погодуваат громови, при што се зголемува можноста за предизвикување на шумски пожари. Уште во раниот период од својот живот, бамбусите можат да бидат многу јаки и издржливи, така што младите расади можат да ги надраснат растенијата од друг вид и да го заземат местото на кое растеле претходните генерации бамбуси.

Сепак, двете теории се оспорувани од страна на бројни научници. Тие тврдат дека пожарите ги предизвикува единствено човекот и дека не постои природно предизвикан пожар во Индија. Уште еден аргумент кој ја оспорува втората теорија е недостатокот на начин, кој било жив организам, да може да контролира нешто толку непредвидливо како што е громот, со цел да ја зголеми шансата за свој опстанок како дел од природниот процес на еволутивен развој.

Истовременото цутење на бамбусите има директно влијание на економјата и екологијата. Огромната количина на плодовите предизвикува голем пораст на бројот на глодарите, поточно стаорците. Тие ги јадат сите плодови кои им се на располагање, така што не останува скоро ништо за луѓето кои живеат во околината, па често населението гладува. Стаорците, исто така се преносители на заразни болести како на пример тифус и бубонска чума, кои лесно можат да прераснат во епидемија. При процесот на цутење, се создаваат огромен број на семиња, кои се ослободуваат од гранките. Од овие семиња ќе изникнат нови генерации на бамбуси, кои може да бидат идентични во изгледот како и предходните растенија, или пак може да пораснат нови култури со промени во изгледот, како на пример појавата на линии по стеблата или промена на нивната боја.

Храна за животните[уреди]

Меките бамбусови никулци, стебла и лисја се најголемиот извор на храна за пандата која живее во Кина (џиновска панда) , пандата која живее во Непал (црвена панда) и бамбусовиот лемур кој живее на Мадагаскар. Планинските горили кои живеат во Африка, исто така се исхрануваат со бамбус и е забележано дека го пијат сокот од стеблата кога е ферментиран и содржи алкохол. Шимпанзата и слоновите од Африка исто така ги јадат бамбусовите стебла. Ларвите од бамбусовите бубачки се хранат со месестата смеса од бамбусот. Во некои земји како Лаос, Мјанмар, Тајланд, покраината Јинан и Кина, откако ларвите пораснуваат во гасеници, се приготвуваат како деликатес.

Одгледување[уреди]

Берба[уреди]

Бамбусите кои се употребуваат како градежен материјал мора да се наберат во периодот кога нивното стебло е најцврсто и кога нивото на шеќер во растителниот сок е најниско, затоа што големото количество шеќер ја зголемува можноста за напад од страна на штетниците. Берењето на бамбусот најчесто се одвива во следниве етапи:

  1. Секое засебно бамбусово стебло поминува низ животен циклус од 5 до 7 години. Ова е идеалниот период во кој тие можат да се берат. Отсранувањето на овие стебла, особено остарените стебла кои се распаѓаат, овозможува соодветен извор на светлина за новите стебленца.
  2. Бамбусот се бере на секои 2 до 3 години, или пак на 5 до 7 години, во зависност од видот.
  3. Сите нови бамбуси растат за време на сезоната на дождови. Какво било нарушување за време на овој период, може да го уништи потенцијалниот род. За време на сезоната на дождови, нивото на растителниот сок во стеблата го достигнува својот максимум, а се намалува кога започнува сувата сезона. Ако бамбусите се берат пред сезоната на растење (сезоната на дождови), тогаш постои опасност од уништување на никулците.

Според тоа, најдобар период за берење на бамбусите е крајот на сувата сезона, неколку месеци пред почетокот на сезоната на дождови. За време на најсветлиот период од денот, процесот на фотосинтеза го достигнува својот максимум. Тогаш се создаваат најголеми количества шеќер во растителниот сок и тогаш е најнепогодното време од денот за собирање на бамбусот. Се верува дека најдобар период за берење е зората или пак ноќта во која месечината почнува да се намалува.

Отстранување на растителниот сок[уреди]

Ова е процес на отстранување на растителниот сок од стеблото, по берењето на бамбусот. На многу места низ светот, растителниот сок од бамбусот се одзема или со цедење или со процес на фотосинтеза. Еве неколку примери како се извршува овој процес:

  1. Исечениот бамбус се подига од земјата, се потпира до останатата група бамбуси и се остава да стои една или две седмици додека листовите не пожолтат.
  2. Стеблото од бамбусот се поставува во свежа вода, на пример во поток и така од него се отстранува растителниот сок.
  3. Исечените стебла се потопуваат во брз поток, се притиснуваат и се оставаат 3 до 4 седмици.
  4. Водата поминува низ тазе исечените стебла и го испумпува растителниот сок надвор.

Во процесот на отстранување на водата, бамбусот се суши полека и рамномерно. Се поставува под сенка, со цел да се избегне напукнување на надворешната обвивка и со тоа да се спречи напад од штетници. Издржливоста на бамбусот при неговата употреба во градежништвото, зависи од начинот на кој се постапува со него од моментот на неговото засадување и берење, потоа неговото превезување, складирање, дизајнирање, составување и на крај, одржувањето. Бамбусот кој е набран во вистинкото време од годината, а потоа е изложен на дожд, ќе се скрши исто толку брзо како и бамбус кој не е набран во точниот период од годината.

Употреба[уреди]

Исхрана[уреди]

Никулците од бамбусот можат да се јадат. Тие се појавуваат како состојки во бројни азиски јадења и чорби. Достапни се во супермаркетите, се продаваат исечени на парчиња и можат да се купат свежи или конзервирани. Никулците од џиновскиот бамбус содржат цијанид.

Ферментираниот никулец претставува важна состојка која се употребува во кујните на Хималаите. Во Непал, се приготвува деликатес кој е надалеку познат и се состои од ферментирани бамбусови никулци, зачин куркума и масло за јадење, кои се готват со компири во сад, во кој најчесто има и ориз.

Во Индонезија, се приготвува јадење од тенко исечени никулци кои се варат заедно со густо кокосово млеко и зачини.

Од срцевината на младите никулци се добива кисел бамбус, кој се употребува како зачин. Ако растителниот сок од младите стебла ферментира, од него се прави слатко вино, или пак едноставно од него може да се добие безалкохолен пијалок. Бамбусовите лисја се употребуваат како обвивка за кнедли, кои најчесто се полнат со леплив ориз и други состојки.

Киселите бамбусови никулци се приготвуваат со црн грав и ова јадење претставува деликатес во Непал. Свежи бамбусови никулци заедно со семе од синап и зачин куркума се оставаат во стаклена тегла која е директно изложена на сончева светлина, за да се постигне најдобар вкус. Добиената смеса се служи во зимските месеци, заедно со сушен грав.

Во многу азиски култури, празнината во стеблата на поголемите бамбуси се користи како сад за готвење. Тие директно се изложуваат на пламен и во нив се вари супа или пак се готви ориз. Понекогаш, во празнината од бамбусовите стебла се внесува голема количина парен чај, тој стои притиснат и се добиваат ливчиња чај во форма на цилиндар. Се вели дека храната која се приготвува во бамбусово стебло има нежен, но карактеристичен вкус.

Бамбусот често се употребува како материјал за изработка на прибор за јадење. Од него се прават и стапчиња за јадење. Во денешно време некои луѓе сметаат дека приборот направен од бамбус претставува еколошка замена за останатите помагала за јадење.

Медицина[уреди]

Бамбусот се користи во традиционалната кинеска медицина за борба против инфекции и лекување. Тој исто така е и извор на калиум. Познат е по својот сладок вкус и е одличен извор на хранливи материи и протеини. Силициумската смеса која се наѓа во стеблото од бамбусот, во индиската медицина Ајурведа се нарекува „банслохан“, а во индо-персиската медицина се нарекува „табашир“ или „тавашир“. Се смета дека оваа смеса ги лекува болестите кај органите за дишење.

Градежништво[уреди]

Во својата природна форма, бамбусот, како градежен материјал се употребува во културите на Јужна Азија, Источна Азија и јужниот Пацифик, до извесен степен и во Централна и Јужна Америка. Во Кина и Индија со бамбусите се прикрепувале висечките мостови. Бамбусот долго време се употребувал како скеле. Оваа негова употреба била забранета во Кина при изградбата на објекти кои имале повеќе од 6 спратови, но сè уште се употребува при изградбата на облакодери во Хонг Конг.

Најкарактеристечниот пример за основниот вид на градење дом од бамбус на Филипините и таканаречената колиба нипа. Нејзините ѕидови се исплетени од бамбус. Во јапонската архитектура, најмногу поради изобилството на квалитетен бамбус, тој се користи пред сè како дополнителен или декоративен дел во изградбата на огради, фонтани, решетки за одводни канали и слично.

Формата на бамбусот може да се смени, со цел да се добијат други форми кои ќе се употребат во градежништвото. За да се добие правоаголен изглед на бамбусот, за време на растењето неговото стебло се поставува во правоаголен калап. Од бамбус исто така може да се направат и лакови и сводови, така што за време на неговото растење се поставува во посакуваната форма. За обликување на исечените бамбусови стебла, се користат и потрадиционални методи, како на пример изложување на бамбусот на топлина или под притисок.

Откако ќе се исече, бамбусот може да се ламинира и така се добиваат плочи и штици. При овој процес, бамбусовите стебла се сечат на тенки ленти, кои прво се вријат, се сушат, потоа се лепат, па се пресуваат и така се подготвуват за употреба. Долго време во Кина и Јапонија, бамбусот се користел како материјал за прекривање подови. За време на 1990-тите, претприемачите од Западот почнале да произведуваат и продаваат ламиниран бамбус за прекривање на подови. Производи кои се направени од бамбусов ламинат, вклучувајќи мебел, ормани, материјал за подови, па дури и разни украси, се многу употребувани во моментов.

Квалитетот на бамбусовиот ламинат зависи од производителот како и од зрелоста на растението во моментот кога било набрано. Најцврстите бамбусови производи можат да бидат и до 3 пати поотпорни од тврдото дрво на дабот. Некои пак, можат да бидат помеки и од обично дрво.

Бамбусот кој е предвиден за употреба во градежништвото, треба да биде отпорен на инсекти и гниење. Најчестото решение за овој проблем е премачкување со смеса од боракс и борна киселина. Друг начин бамубост да се заштити од инсекти, е тој да се зоврие откако ќе се исече, со што се отстранува скробот кој ги привлекува инсектите.

Во некои области, бамбусот се користи како зацврстувач на бетонот, иако постојат сомнежи дали тој воопшто има некаков ефект. Бамбусот ја поседува потребната сила за да ја исполни оваа функција, но ако не е добро одгледан и обработен, ќе ја впие водата од бетонот, ќе почне да набабрува и ќе направи пукнатини низ бетонската конструкција.

Неколку организации, трговски претпријатија и универзитети, се обидуваат да го воведат бамбусот како еколошки градежен материјал. Во Соединетите Американски Држави и Франција, постојат куќи кои се во целост изградени од бамбус, се отпорни на земјотреси и циклони и имаат меѓународен сертификат. На Бали, Индонезија, се наоѓа меѓународно основно училиште, наречено Грин Скул (англиски: Green School), што во превод значи „зелено училиште“, кое е целосно изградено од бамбус, поради неговата убавина и предноста која тој ја има како обновлив ресурс.

Во делови на Индија, бамбусот се употребува за сушење на алишта во домовите. Може да се користи како шипка поставена блиску до таванот на која се редат алиштата, а исто така може да служи и како направа со која алиштата ќе се подигнуваат, шират и откако ќе се исушат ќе се симнуваат од сушилото. Исто така, бамбусот се користи за изработка на скали, кои покрај нивната секојдневна фунцкија, се користат и за пренесување на мртвите тела на погребите.

Од бамбусот се изработуваат и јарболи, за портокаловите хинду-религиозни знамиња, кои може да се видат развеани низ Индија, особено во Бихар и Утар Прадеш, како и во Гвајана и Суринам.

Текстил[уреди]

Влакната на бамбусот се многу кратки (пократки од 3 милиметри), така што не можат да се претворат во конец по природен пат. За процесот при кој се создаваат ткаенините на чии етикети пишува дека се направени од бамбус, потребна е вештачка свила, која се добива од бамбусовите растителни влакна кои се изложуваат на огромно количество хемикалии како што се алкални раствори, јаглерод дисулфид и јаки киселини. Трговците на мало, продавале ткаенини на чии етикети пишувало дека се направени од бамбусови влакна, иако биле направени од вештачка свила која се добива од бамбусови влакна, со цел да заработат повеќе. Неколку комисии и агенции за трговија ја забраниле оваа практика. На етикетите на овие производи мора да пишува дека се направени од вештачка свила, со можност до неа да пишува дека е добиена од бамбусови растителни влакна.

Хартија[уреди]

Во Кина, порано, растителните бамбусови влакна се користеле за добивање на хартија. Во некои делови од светот, сè уште, но во мали количини, рачно се изработува високо квалитетна хартија.

Надворешни врски[уреди]