Џиновска панда
| Џиновска Панда | |
|---|---|
| Џиновска панда во зоолошката градина во Вашингтон | |
| Заштитен статус | |
| Научна класификација | |
| Царство: | Животни |
| Тип: | Хордати |
| Класа: | Цицачи |
| Ред: | Ѕверови |
| Фамилија: | Мечки |
| Род: | Ailuropoda |
| Биномен назив | |
| Ailuropoda melanoleuca (David, 1869) |
|
| Распространетост на џиновската панда | |
Џиновската панда (Ailuropoda melanoleuca) е член на фамилијата мечки (Ursidae), со природно живеалиште во централно-западна и југо-западна Кина [1]. Првично се мислело дека ова животно припаѓа во фамилијата Procyonidae во која спаѓаат ракуните[2].
Ова животно е лесно препознатливо поради впечатливите црни дамки околу очите, на ушите и околу неговото тркалезно тело. Иако спаѓа во редот на карнивори, 99% од храната што ја внесува пандата е бамбусот. Освен бамбус јадат и мед, јајца, риба, портокали, банани и листови од некои грмушки.
Џиновската панда живее на неколку планини во централна Кина, во провинциите Сечуан, Шансји и Гансу, и е на листата на загрозени животни. Според последните информации[3], Кина има 239 панди кои живеат во заробеништво и уште 27 кои живеат надвор од земјата. Во дивината се проценува дека има 1590 панди[3]. Според ДНК истражување во 2006 година, се мисли дека можно е да има 2000 до 3000 панди во дивината[4]. Иако сите истражувања покажуваат дека бројот на пандите се зголемува[5][6], сепак Меѓународниот сојуз за заштита на природата (IUCN - International Union for the Conservation of Nature and Natural Resources) смета дека сѐ уште е рано да се симне пандата од листата на загрозени животни[7].
Содржина |
[уреди] Карактеристики
Возрасните единки се со должина од 1,5 метри. Мажјаците тежат до 115 kg и се генерално за 10 до 20% поголеми од женките кои тежат до 100 кг[8].
Џиновската панда има тело типично за фамилијата мечки. Поседува црно крзно околу очите, на ушите, муцката, нозете и на рамениците. Остатокот од телото е со бело крзно. Иако научниците не се сигурни зошто овие мечки имаат толку чудно крзно, сепак се претпоставува дека претставува камуфлажа во околината составена од снег и карпи. Крзното е густо и ги штити од студеното време. Пандите имаат широки катници и силни мускули на вилицата за кршење на цврстиот бамбус.
Џиновската панда има шепа која се состои од „лажен палец“ и 5 прсти. Таканаречениот „палец“ е всушност модифицирана коска, со чија помош пандата може да го држи бамбусот додека јаде. Стефан Џеј Гулд (Stephen Jay Gould) го употребува овој пример во неговата книга за еволуцијата и биологијата „Палецот на пандата“ (The Panda's Thumb).
Во заробеништво, џиновската панда живее 25 до 30 години.
[уреди] Однесување
Во дивината, џиновската панда го поминува животот скитајќи и јадејќи бамбус [9]. Ова животно е територијално, што значи дека си ја брани својата територија. Секоја возрасна единки има точно дефинирана територија и обично женките се прилично нетолерантни доколку некоја друга женка навлезе во нивната територија. Пандите комуницираат со гласови но и со маркирање, како што е гребење на дрвјата и обележување со урина [9]. Способни се да се качуваат на дрвја или на карпи, но не поседуваат постојано скривалиште. Како и останатите субтропски животни, тие не хибернираат туку се преместуваат во делови со потопла клима [10].
Средби помеѓу пандите има само за време на кратката сезона на парење[11]. После парењето мажјакот ја напушта женката и таа сама се грижи за младенчињата.
[уреди] Исхрана
И покрај нивната класификација како карнивори, режимот на исхрана е претежно вегетаријански (околу 95%), кој се содржи речиси ексклузивно од бамбус. Останатите 5% отпаѓаат на исхрана со јајца и инсекти. Сепак бидејќи поседува дигестивен систем како и останатите карнивори, пандата нема голема способност за дегестирање на целулозата од бамбусот (се обработува само околу 17% од целулозата), на што се должи малку добиена енергија и многу малку протеини. Во просек овие животни јадат од 9 до 14 kg бамбус дневно. Бидејќи со ваквата исхрана пандата добива многу малку енергија, тоа се одразува на нејзиното однесување, ги ограничува социјалните контакти и избегнува стрмни предели[12].
Во дивината пандата се храни со 25 различни видови на бамбус, меѓу кои и Fargesia dracocephala и Fargesia rufa. Во нивните денешни живеалишта, на повисоките надморски висини на планините, постојат само неколку видови. Листовите на бамбусот содржат поголема концентрација на протеини од стеблото. Поради синхронизираното цветање и регенерација помеѓу различните видови на бамбусот, пандата постојано има најмалку два различни вида со кои може да се храни. Во зоолошките градини, најчесто се придржуваат кон исхраната со бамбус, но сепак некои ги снабдуваат и со специјални бисквити или некои други додатоци во исхраната.
Карактеристика на пандите се и 6 прсти на шепата. Всушност еден од нив е така наречен „лажен палец“ које поставен спротивно на останатите 5 прсти. Ова всушност е модифицирана коска од рачниот зглоб со кој пандите си помагаат при држењето на бамбусот.
[уреди] Размножување
Пандите достигнуваат сексуална зрелост на возраст помеѓу 4 и 8 години, и се репродуктивни до 20 години. Сезоната за парење е помеѓу март и мај, кога женките влегуваат во оеструс (период од 2-3 дена кога женката е спремна за оплодување) што се случува еднаш годишно. За ова време, 2 до 5 мажјаци се натпреваруваат за една женка. Бременоста трае од 95 до 160 дена. Малите панди по раѓањето тежат само 90 до 130 грама што претставува 1/900 од тежината на мајката. Најчесто пандите раѓаат едно до две малечки. Бидејќи е потребна огромна грижа и внимание кон малите и безпомошни панди, мајката најчесто одбира само едно малечко и го напушта второто кое умира набрзо по раѓањето. До денес сѐ уште не се знае како пандата одбира за кое младенче ќе се грижи, и научниците се трудат да го најдат одговорот. Мажјакот нема никаква улога во одгледувањето на малечките.
Кога се раѓаат малите панди имаат кожа со розева боја, немаат крзно и се слепи. Се хранат со мајчино млеко 6 до 14 пати дневно по 30тина минути. Мајката го напушта дувлото на неколку часа за да се прехрани. После една до две недели, кожата станува сива на местата каде што во иднина ќе има црно крзно. Еден месец по раѓањето крзното на малечкото е целосно. Младенчето почнува да лази на возраст од 75 до 90 дена, и почнува да си игра со мајката.Тие почнуваат да јадат мали количини на бамбус веќе на 6 месечна возраст, но сепак мајчиното млеко претставува главна храна во првата година. На една година, младите тежат 45 kg и продолжуваат да живеат со мајката до се до возрасто од година ипол –две години. Временскиот интервал помеѓу раѓање во дивината е најчесто две години.
Џиновските панди во заробеништво губат интерес за парење. Во центарот за истражување на репродукцијата на пандите во Ченгду (Кина), само 10% се парат, а само 30% од женките потоа се грижат за малечките панди. Ова резултираше со употреба на дури екстремни методи како што е покажување на видеа од панди што се парат[13] и давање Вијагра на мажјаците[14], се со цел да се зголеми интересот за парење. За да го спасат видот, научниците употребуваат вештачко оплодување [15]. Првите успеси со оваа техника се во зоолошката градина во Пекинг во 1978 година. Денес стапката на репродукција е едно младенче на две години[9][6].
[уреди] Класификација
Многу децении е водена дебатата за класификацијата на Џиновската панда и на Црвената панда кои имаат слични карактеристики и со мечките и со ракуните. Сепак, Со молекуларните истражувања е потврдено дека пандата спаѓа во фамилијата мечки[16][17]. Најблизок роднина на пандата е Очилната мечка од Јужна Америка.
Сеуште постојат несогласувања околу класификацијата на Црвената панда, дали спаѓа во фамилијата Ursidae (мечки), Procyonidae (ракуни) или во посебна трета фамилија Ailuridae. Иако црвената и џиновската панда комплетно се разликуваат во изгледот, сепак имаат многу сличности. Живеат во слични предели, имаат слична исхрана на база на бамбус и и двата вида поседуваат „лажен палец“.
[уреди] Под-видови
Постојат два под-вида на Џиновската панда:
- Ailuropoda melanoleuca melanoleuca е најголемата популација. Овие животни ги среќаваме во провинцијата Сечуан и крзното им е со карактеристичната црно-бела боја.
- Ailuropoda melanoleuca qinlingensis е популација која ја среќаваме само на 1300-3000 метри надморска височина на планините Кинлинг во Шансји. Наместо црните шари, овие животни имаат темно кафени шари на светло кафеаво крзно. Черепот им е помал од црно-белите панди и имаат поголеми катници.
[уреди] Џиновските панди и луѓето
[уреди] Историја
За разлика од останатите животни во стара Кина, пандите не биле употребувани за лековити цели. Во минатото, пандите биле сметани за ретки и благородни суштества. Мајката на кинескиот цар Хан Вен била закопана со череп од панда, а царот Танг Тајцунг ѝ подарил на Јапонија две панди и една кожа од панда како знак на добра волја.
Џиновската панда прв пат била презентирана на западот во 1869 кога францускиот мисионер Арман Давид добил крзно од панда од ловец. Првиот човек од западот кој видел жива панда е германскиот зоолог Хуго Вајголд во 1916. Кермит и Теодор Рузвелт Џуниор се првите странци кои застрелале панда во 1920тите. Во 1936 Рут Харкнес донесе жива џиновска панда (младенче со име Су-Лин[18]) во зоолошката во Брукфилд во Чикаго.
Донирање џиновски панди на зоолошките градини во Америка и Јапонија претставува значаен дел од дипломатијата на Кина во 1970тите. Сепак, во 1984 Кина почнува да дава панди на заем на 10 години. Заемот вклучува исплата од еден милион американски долари годишно и договор дека секое младенче родено во периодот на заем е сопственост на Народна република Кина. Од 1998 благодарение на WWF законот дозволува американска зоолошка да увезе панда само доколку може да се гарантира дека повеќе од половина од исплатата за Кина е наменета на заштита на џиновската панда и нивното живеалиште.
[уреди] Заштита
Џиновската панда е заштитен вид, кој е загрозен поради губењето на природното живелиште и многу слабата стапка на размножување и во дивината и во заробеништво.
Еден од многу проекти за заштите е и креирањето на 40 (до 2006 година) резервати во провинциите Сичуан, Гансу и Шансји во Кина, споредено со 13те резервати кои постоеле 2 децении пред тоа[4]. Во овие програми спаѓа и формирањето на специјална гарда за борба против ловокрадството.
Во 2006 научниците објавуваат дека бројот на панди во дивината е потценет за околу 1000 индивидуи. По извршеното истражување со помош на нови методи, како ДНК анализи на измет од џиновски панди, научниците веруваат дека популацијата е околу 3000. Иако овој вид е сѐ уште загрозен, се смета дека сите напори кои се влеваат во заштита на овие животни се исплатат.
Живеалиштата на џиновската панда во југо-западниот дел на провинцијата Сичуан кои покриваат 7 природни резервати се дел од светското наследство УНЕСКО од 2006 година[19][20].
[уреди] Занимливости
- Иако змејот низ историјата е сметан за национален симбол на Кина, во последните децении Џиновската панда исто така се користи како симбол на земјата. Сликата се појавува на голем број сребрени, златни и платински монети.
- Пандата е одбрана за лого на асоцијацијата WWF која се грижи за заштита на природата.
- Главниот лик во цртаниот филм од Дизни – „Кунг Фу Панда“ е џиновска панда
- Популарноста на ова животно е огромна поради тоа што е милолико, неагресивно и ранливо.
[уреди] Легенди
Постојат неколку легенди за црните дамки на пандата.
- Една кинеска легенда раскачува дека пандите порано биле комплетно бели. Еден ден тие отишле на погребот на некое мало девојче со раце полни пепел во знак на жалост. Додека плачеле тие си ги триеле очите за да ги избришат солзите, се тешеле прегрнувајќи се и си ги затнувале ушите за да не го слушаат плачот. Легендата кажува дека овие дамки од пепел останале вечно на нивното крзно.
- Друга слична легенда, која доаѓа од Тибет, раскажува дека постоел некој овчар кој спасил мајка панда со нејзиното малечко од нападот од леопард. Овчарот загинал заштитувајќи ги пандите, и сите панди, трогнати од неговата храброст го оплакувале со пепел во рацете како што налагале обичаите во тие предели.
[уреди] Наводи
- ↑ „Global Species Programme – Giant panda“. World Wildlife Fund. 2007-11-14. http://panda.org/about_wwf/what_we_do/species/our_solutions/endangered_species/giant_panda/index.cfm. проверено на 2008-07-22.
- ↑ Bram, Leon (1986). „Funk & Wagnalls New Encyclopedia Vol 20“ (Hardcover издание). Funk & Wagnalls Inc. стр. p. 119. ISBN 0-8343-0072-9.
- ↑ 3,0 3,1 „Number of pandas successfully bred in China down from last year“, „Xinhua“, 2007-11-08. Проверено на 2008-07-22.
- ↑ 4,0 4,1 „Hope for future of giant panda“, „BBC News“, 2006-06-20. Проверено на 2007-02-14.
- ↑ Giant panda gives birth to giant cub
- ↑ 6,0 6,1 Warren, Lynne. „Pandas, Inc.“, National Geographic, 2006-07. Проверено на 2008-04-10.
- ↑ „Concern grows for smallest bear“, „BBC News“, 2007-11-12. Проверено на 2008-07-22.
- ↑ Brown, Gary (1996). „Great Bear Almanac“. стр. pp.340. ISBN 1-55821-474-7.
- ↑ 9,0 9,1 9,2 „Panda behavior & habitat“. World Wildlife Federation China. http://www.wwfchina.org/english/pandacentral/htm/learn_about_giant_panda/panda_q_a/panda_behavior_habitat.htm. проверено на 2008-06-16.
- ↑ Paul Massicot (February 13, 2007). „Animal Info - Giant Panda“. Animal Info. http://www.animalinfo.org/species/carnivor/ailumela.htm. проверено на 2008-06-17.
- ↑ „Giant Panda“. Smithsonian National Zoo. http://nationalzoo.si.edu/Animals/GiantPandas/PandaFacts/default.cfm. проверено на 2008-07-17.
- ↑ Ciochon, Russell L.; Eaves-Johnson, K. Lindsay, „Bamboozled! The Curious Natural History of the Giant Panda Family“, „Scitizen“, http://scitizen.com/screens/blogPage/viewBlog/sw_viewBlog.php?idTheme=27&idContribution=855, проверено на 2008-07-22
- ↑ Prapanya, Narunart. „'Panda porn' to encourage mating“, „CNN“, Time Warner, 2006-01-25. Проверено на 2008-04-13.
- ↑ „Pandas unexcited by Viagra“, „BBC News“, BBC, 2002-09-09. Проверено на 2008-04-13.
- ↑ „National Zoo's Giant Panda Undergoes Artificial Insemination“, „NBC“, Associated Press, 2008-03-19. Проверено на 2008-04-13.
- ↑ O'Brien, Nash, Wildt, Bush & Benveniste, A molecular solution to the riddle of the giant panda's phylogeny, Nature 317, 140 - 144 (12 септември 1985)
- ↑ Lindburg, Donald G.; Baragona, Karen (2004). „Giant Pandas: Biology and Conservation“. University of California Press. ISBN 0520238672.
- ↑ „The Panda Lady: Ruth Harkness (Part 1)“. Female explorers. http://femexplorers.com/full_article.php?article_id=17. проверено на 2007-02-01.
- ↑ Pandas gain world heritage status BBC News
- ↑ Panda sanctuaries now World Heritage sites United Press International
[уреди] Надворешни врски
- (француски) Информации за џиновската панда
- (англиски) WWF - организација за заштита на природата
- (англиски) Информации за Џиновската панда
- Селекција од видеа од панди
|
|||||||||||||