Кралот Лав (цртан филм)
|
|
Оваа статија не наведува никакви извори. Ве молиме помогнете со тоа што ќе додадете наводи до веродостојни извори. Непроверливата содржина може да биде изменета или отстранета. |
|
|
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
|
|
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Кралот Лав (англиски: The Lion King) е американски долгометражен цртан филм, снимен во 1994 година, од Волт Дизни Фичр Енимејшн. Филмот за прв пат е прикажан во кино салите во САД, на 15 јуни 1994 година, од страна на Волт Дизни Пикчрс. Тој се наоѓа на 32-то место на листата најдобрите цртани класици на Волт Дизни. Приказната на филмот се одвива во кралството на антропоморфираните лавови во Африка и е инспирирана од приказните за Јосиф и Мојсеј од „Библијата”, „Епот за Сундијата” и од „Хамлет” на Вилијам Шекспир. Филмот беше со најголема заработувачка, се до прикажувањето на филмот „Барајќи го Немо” (компјутерски-цратн филм на Дизни/Пиксар од 2003 година). „Кралот Лав” е шестиот цртан филм со најдобра заработувачка и останува да биде најдобриот рачно нацртан филм во историјата. Филмот и припаѓа на Дизниевата ренесансна ера, која ги опфаќа филмовите снимени од периодот на доцните 1980-ти години, па се до крајот на 1990-те години, кога се снимени најуспешните цртани филмови на Дизни.
„Кралот Лав” е 2D филм со најголема заработувачка во Соединетите Американски Држави и има добиено голем број позитивни критики и пофалби за неговата музика и приказна. За време на неговото издавање, филмот доби заработувачка од 783 милион долари на светско ниво, што го прави филмот за најуспешен таа година. Моментално тој е на 32-то место на цртани филмови со најголема заработувачка.
Како делумно музички филм, „Кралот Лав” доби две Филмски награди на академијата на САД, за неговите музички достигнувања. Тој исто така доби награда Златен Глобус за најдобар филм од жанрот, мјузикл или комедија. Песните на филмот се напишани од композиторот и пејач Елтон Џон и од текстописецот Тим Рајс. Дизни подоцна продуцираше два поврзани филмови: продолжение, „Кралот Лав II: Гордоста на Симба” (1998) и претходник на филмот, „Кралот Лав 1½” (2004).
[уреди] Дејствие
Филмот започнува со собирање на голем број на животни околу карпата Прај Рок во Африка, каде мудриот мајмун, Рафики го претставува Симба, новородениот син на Крало Лав и кралицата Лавица, Муфаса и Сараби. Единствениот жител на земјата Прајд, кој не е среќен за раѓањето на наследникот на кралот, е помладиот брат на Муфаса, Скар, кој самиот сака да ја добие круната. Како што расте Симба, го учат за околината на Прајд, како и за соседните далечни земји, раководени од диви хиени. Меѓутоа, Симба е мал шегаџија, кој попрво би си играл со неговата најдобра другарка Нала, отколку да го слуша Зазу, птицата-советник на Муфаса, како му држи лекции. Откако Скар ќе му каже на љубопитниот Симба за гробницата на слонови во далечните земји, Симба и Нала ќе го надмудрат Зазу и ќе му избегаат за да ги истражуваат далечните и опасни земји. Таму ќе ги сретнат трите хиени Шензи, Банзи и Ед, кои почнуваат да ги бркаат со цел да ги убијат. Муфаса стигнува навреме за да ги спаси малите лавчиња откако ќе биде известен од Зазу за нивното бегство. Тој му кажува на својот син, дека не е мудро да се пушта во невољи со цел да си ја докаже храброста. Потоа тој го учи сина си за ѕвездите, кои го претставуваат сите претходни кралеви, кои ги гледаат од небото. Тој му кажува на Симба дека кога и да се чувствува осамен, да се сети дека тој и ѕвезите се секогаш тука за да го водат.
Во меѓувреме, Скар се здружува со хиените и кова план за да ги убијат Муфаса и Симба, за да го зазеде тронот. По наредба на Скар, хиените бркаат стадо од гнуа, кои не го забележуваат Симба во клисурата, и во паника бегаат во големо стампедо. Пакосниот Скар му кажува на Муфаса дека неговиот син е во опасност. Муфаса го спасува Симба и го фрла надвор од опасната клисура. Во меѓувреме, додека Муфаса се обидува да се извлече од лизгавите ѕидови на клисурата, бара помош од Скар, кој се наоѓа веднаш над него. Но, Скар одбива да му помогне, напротив, сурово го фрла назад во разбеснатото стампедо, каде тој умира. Откако Симба ќе го најде мртвото тело на татка си, Скар ќе го излаже Симба дека тој ја предизвикал неговата смрт со негото љубопитство и негрижа. Засрамен, Симба бега од родната земја, со намера никогаш да не се врати. Скар им наредува на хиените да го убијат Симба, но тие бркајќи го, ќе му изгубат траг. Во отсуство на Симба, Скар настапува како законски наследник на Муфаса, и станува новиот крал.
Симба се онесвестува во пустелијата по неговото бегство. Таму ќе го најдат меркатот Тимон и вепарот Пумба, кои ќе го спасат и ќе се грижат за него. Тие го учат за нивното мото кое гласи „Хакуна Матата” кое значи дека нема потреба од грижи. По неколку поминати години, Симба кој веќе е возрасен лав, ја среќава Нала, која го брка Пумба. Нара е пресреќна дека го гледа жив, и му кажува дека Скар е многу неодговорен крал и со неговата негрижа ги донел жителите до гладување. Сеуште засрамен, поради тоа што ја предизвикал смртта на својот татко, Симба одбива да се врати во Прајд Рок, за да го заземе кралското место. Меќутоа мудриот мајмун Рафики го дознава дека Симба е жив. Тој го повикува духот на Муфаса за него, на небото. Муфаса му кажува на Симба дека тој мора да се врати назад во Прајд Рок за да стане крал. Симба му кажува на татка си дека тој повеќе не е храбриот Симба, но Муфаса му одговара дека тој мора да запамети дека е негов син и единствениот вистински крал по него и исчезнува од небото.
Симба се враќа во Прајд Рок со Нала, Тимон и Пумба, кои претходно му ветуваат дека ќе му помогнат во борбата. Додека Тимон и Пумба им привлекуваат внимание на хиените-чувари, Симба се соочува со Скар на Прајд Рок. Скар му кажува на Симба дека тој е виновен за смртта на неговиот татко и го приближува кон ивиците на Прајд Рок. Пред Скар да го фрли Симба од карпата, тивко му признава дека тој го убил Муфаса. Бесен, Симба се исправа, го совладува Скар и го тера да признае пред сите лавови за злото што го сторил. Со вистината на виделина, се започнува жестока тепачка меќу лавовите и хиените. Симба се соочува со Скар на карпата Прајд Рок. Скар бара милост од Симба, обвинувајќи ги хиените за се. Симба, добродушен по природа, се смилува над Скар и кога е подготвен да го ослободи и да го протера, Скар повторно се обидува да го убие. Жестоката тепачка завршува со тоа што Симба го фрла Скар од карпата. Скар го преживува падот, но бесните хиени, кои го слушнале неговиот разговор, веднаш го напаѓаат и го убиваат.
Сега, кога конечно Скар е мртов, а хиените прогонети, Симба се појавува и е отпоздравен од Нала и неговата мајка. Кога тој го повикува Рафики, тој му се поклонува за да му оддаде чест. Симба се качува и прочекорува на карпата Прајд Рок, додека сите го гледаат со восхит. Кога ќе стигне на ивицата, Симба погледнува во небото и уште еднаш ги слуша зборовите на неговиот татко, кои го потсетуваат кој е. Кога конечно ќе сфати дека го пронашол своето место во животот, Симба моќно за‘ржува, на што му се придружуваат останатите лавови. Со текот на времето, Прајд Рок се враќа во својата претходна состојба, на богата земја, а Симба изгледа среќен во своето кралство заедно со Нала и Тимон и Пумба како негови верни придружници. Филмот завршува со Рафики, кој го претставува новороденото лавче на Симба и Нала.
[уреди] Продукција
[уреди] Развој на приказната
Продукцијата на „Кралот Лав”, чиј оригинален наслов е „Кралот на Џунглата”, се одвиваше во студиото Волт Дизни Фичр Енимејшн, во Калифорнија, САД и во сателитското студио за долгометражни цртани филмови, Дизни–МГМ, во Флорида, САД. Оригиналната приказна, која е инспирирана од „Хамлет” е напишана од Томас Диш. Меѓутоа Диш не доби никаво признание за тоа. Кон овој проект, во 1991 година се приклучи Роџер Алерс, како иницијален режисер. По 6 месечна напорна работа на развојот на приказната, на Алерс му се придружи ко-режисерот Роб Минкоф. Минкоф, Алерс, продуцентот Дон Хан и режисерите на „Убавицата и ѕверот”, Кирк Вајз и Гери Трауздејл, работеа на приказната, менувајќи го главниот лик на Симба и повторно пишувајќи го вториот дел од филмот.
За време на летото во 1992, на тимот им се придружи сценаристката Ирене Меки, со помошник сценарист, Џонатан Робертс. Меки и Робертс, ја земаа одговорноста да ги поправат емоционалните проблеми во сценариото и да внесат комични моменти за Пумба, Тимон и хиените.
[уреди] Цртање/анимација
За да се основаат ликовите и тонот за главните ликови на филмот, одговорни се тринаесет аниматори од Калифорнија и Флорида. Аниматорите кои ги нацртаа главните ликови се: Марк Хен за младиот Симба, Рубен А. Акино за возрасниот Симба, Андреас Дежа за Скар, Ејрон Блес за младата Нала, Ентони Дероса за возрасната Нала и Тони Фјукил за Муфаса. Во просториите на студиото Дизни–МГМ, беа анимирани приближно 20 минути од филмот, вклучувајќи го и делот кога се пее песната „Ај џаст кент вејт ту би кинг”. Во целост, за време на творењето на филмот „Кралот Лав”, учевствуваа повеќе од 600 артисти и техничари.
Аниматорите на ликовите во филмот, ги проучуваа однесувањата на вистинските животни во природа, исто како што било направено за време на снимањето на цртаниот филм на Дизни, „Бамби” од 1942 година. Џим Флауер, реномиран експерт за диви животни, ги посетуваше студијата неколку пати со асортиман на лавови и други животни од џунглата, за да зборува за нивното однесување во дивината, со цел да им помогне на аниматорите да го доловат вистинското чувство во нивните цртежи. Пред да започнат со официјалната продукција, неколку членови на филмската екипа, како режисерите, продуцентот набљудувачот на приказната Бренда Чапман и продукцискиот дизајнер Крис Сандерс, отпатуваа до националниот парк во Кенија, за во живо да ги проучуваат животните, со цел да можат успешно да го доловат тоа во филмот. Земјата Прајд е направена по инспирација добиена во паркот. Употребата на компјутери им помогнало на уредниците да ја претстават својата визија на нови начини. Се користела посебна компјутерска програма, која им овозможила на аниматорите да добијат слика која потсеќа на рачно нацртана, и исто така симулира вистински движења. Пет посебно обучени аниматори и техничари, вложиле повеќе од две години за да ја создадат сцената со стампедото со времетраење од две ипол минути во филмот.
Едно време, неколку луѓе од екипата на Волт Дизни Фичр Енимејшн, сметаа дека „Кралот Лав” е поневажен од „Покахонтас”, кој беше во текот на својата продукција истовремено. Голем дел од екипата, претпочитаа да работат на „Покахонтас”, мислејќи дека ќе биде поуспешен и поубав филм. Меѓутоа публиката полна со ентузијазам откако ја видела неофицијалната најавна шпица на „Кралот Лав”, која беше само со песната „Сиркл оф лајф”, ги предомисли творците и им влеа надеж дека сепак тоа ќе биде успешен филм. Како што се очекување, двата филма постигнаа голем комерцијален успех, но „Кралот Лав”, доби повеќе позитивни критики и далеку поголема заработувачка од „Покахонтас”.
[уреди] Актерска екипа
Гласовите на ликовите од главните и споредни улоги во филмот ги синхронизираа актерите: Метју Бродерик како возрасниот Симба; Џонатан Тејлор Томас како младиот Симба; Никета Каламе како младата Нела; Џим Камингс како хиената Ед; Џејмс Ерл Џонс како Муфаса; Нејтан Лејн како Тимон; Ерни Сабела како Пумба; Џереми Ајронс како Скар; Роберт Гилом како мајмунот Рафики; Рован Аткинсон како птицата Зазу; Мојра Кели како возрасната Нала; Вупо Годберг како хиената Шензи; Зое Лидер како Сарафина, мајката на Нала и Чич Мартин како хиената Банзи.
[уреди] Музика
Елтон Џон и Тим Рајс ги напишаа оригиналните песни за филмот. За време на одјавната шппица, Елтон Џон ја пее песната „Кен ју фил д лав тунајт”. Филмската музика ја компонираше Ханс Ѕимер и ја збогати со африканска музика и хорско пеење.
[уреди] Оригинални песни
Ова се песните од филмот, по распоред како што се појавуваат во филмот:
- „Сиркл оф лајф” ја отпеа Кармен Твили во придружба на африкански хор. Песната се пее за време на церемонијата кога се слави раѓањето на Симба. Песната се повторува и на самиот крај, кога се слави раѓањето на бебето на Симба.
- „Ај џаст кент вејт ту би кинг”, ја изведуваат Џејсон Вивер, Лора Вилијамс и Рован Аткинсон. Оваа песна се појавува во сцената кога Симба и Нала се обидуваат да го надитрат Зазу, со цел да му избегаат.
- „Би приперд”, ја пее Скар, односно Џереми Ајронс, Џим Каминс, Вупи Голдберг, Чич Мартин, кога
тој кова план со своите хиени да го убие Муфаса.
- „Хакуна матата” ја изведуваат Нејтан Лејн, Ерни Сабела, Џејсон Вивер и Џозеф Вилијамс. Оваа песна се појавува во моментот кога Тимон и Пумба му посакуваат добредојде на Симба и започнуваат пријателство со него. Американскиот филмски институт објави листа на 100 најдобри песни во филмовите, и оваа песна се најде на 99-то место.
- „Кен ју фил д лав тунајт” е балада која ја изведуваат Кристл Едвардс, Нејтан Лејн, Ерни Сабела, Џозеф Вилијамс и Сали Дворски. Песната може да се слушне за време на моментот кога Тимон и Пумба ќе почувствуваат дека Сима се вљубува, и кога Симба и Нала ќе ја започнат нивната романса. Оваа песна доби оскар, за најдобра песна во филм, на 67-мото доделување на Филмските награди на академијата на САД.
[уреди] Албуми
На 28 февруари во 1995 година, Дизни го издаде албумот „Ритм оф д прајд лендс”, во кој има песни и изведби инспирирани од филмот, но не се во филмот.
Исто така има и збирка на песни од класиците на Дизни, наречена „60 години музичка магија” во која се наоѓаат песните: „Ај џаст кент вејт ту би кинг”, „Сиркл оф лајф”, „Хакуна матата”, „Кен ју фил д лав тунајт” и „Би приперд”.
На компилацијата „Најголемите хитови на Дизни”, ги има песните: „Сиркл оф лајф”, „Хакуна матата” и „Кен ју фил д лав тунајт”.
[уреди] Прикажување
[уреди] Бокс-офис
Во 1994, „Кралот Лав” стана филм со најголема заработувачка на светско ниво, а на второ место во Соединетите Американски Држави. (по Форест Гамп) Филмот направи заработувачка од 312.855.561 американски долари. На светско ниво, филмот заработи 783.841.776$. Со тоа го зазеде местото на најуспешниот цртан филм на сите времиња, се додека не беше преминат од компјутерски анимираниот „Барајќи го Немо”. Во 2011 година, тој се најде на шестото место на филмови со најголема заработувачка.
[уреди] Критики
„Кралот Лав” се здоби со многу позитивни критики и на мрежата Ротен томејтос, со вкупни 61 филмски рецензии, филмот има вкупно 92% позитивни критики. Со оценка 8/10, во блиска битка со „Аладин”, кој е на второто место на највисоко рангирани долгометражни цртани филмови од Дизни. На првото место на листата се наоѓа „Убавицата и ѕверот” со вкупно 93% позитивни критики. Филмскиот критичар Роџер Еберт, го нарече филмот „совршено нацртан анимиран догометражен филм” и во неговата рецензија напиша „Сагата на Симба, која во својата суштина содржи делови од грчката трагедија и потсетува на „Хамлет”, е многу поучна и забавна.” Хал Хинсон, од весникот „Д Вашингтон пост”, го нарече „импресивно, речиси застрашувачко постигнување” и кажа дека филмот е „спектакуларен на начин на кој стана вообичаено за сите долгометражни цртани филмови на Дизни”. Но со помалку ентузијазам на крајот на својата рецензија вели: „тоа е епска приказна со Шекспиријански шмек, и е посоодветен за возрасни, отколку за деца. Искрено, тој е чуден дури и за возрасните.” Филмскиот критичар од списанието „Ролинг стоун”, Петер Траверс, го пофали филмот во својата рецензија велејќи: „многу забавна мешавина на музика, забава и забележливи убавини, филм со големо срце.” Во јуни, 2008 година, Американскиот филмски институт, го стави филмот во еден меѓу десетте најдобри филмови на сите времиња.
[уреди] Награди и номинации
Филмот доби многу номинации, вклучувајќи Филмска награда на академијата на САД за Најдобро филмско остварување на Ханз Ѕимер и Награда Златен глобус за Најдобар филм-мјузикл или комедија. Најбитно, песната „Кен ју фил д лав тунајт” на Елтон Џон и Тим Рајс, доби награда за најдобра песна во филм, на доделување на Филмските награди на академијата на САД. Останатите награди припаѓаат на: Најдобра синхронизација на гласот на Скар во изведба на Џереми Ајронс; Најдобро лично достигнување за придонес на приказната во полето на анимацијата; најдобра изведба на песна од машки глас, за песната „Кен ју фил д лав тунајт” на Елтон Џон.
[уреди] Издание во 1995 година
„Кралот Лав” за прв пат беше издаден на видео касета, на 3 март во 1995 година.
[уреди] Платиниумско издание во 2003 година
На 7. октомври во 2003 година, филмот беше издаден на видео касета и двд-издание за прв пат, како дел од платиниумските изданија на Дизни.
[уреди] Дијамантско издание во 2011година
Дијаматското издание на „Кралот Лав” беше пуштено во продажба на 4. октомври 2011 година.
[уреди] Контроверзии
[уреди] Потеклото на приказната
„Кралот Лав” е првиот долгометражен цртан филм на Дизни, кој се смета дека има оригинална приказна, и не е базиран на веќе постечка приказна. Творците на филмот веќе имаа кажано дека инспирацијата на филмот потекнува од Јосиф и Мојсеј од „Библијата” и „Хамлет” на Вилијам Шекспир. Сепак, многу делови од филмот имаат сличност со познатиот Јапонски цртан филм од 1960 година, „Белиот лав Кимба”. Една сличност е имињата на протагонистите Кимба и Симба. Многу ликови и сцени во филмот се слични со јапонскиот оригинал. Дури и Метју Бродерик, кој го синхронизира гласот на возрасниот Симба, изјавил дека, на почетокот мислел дека ќе се снима римејк на јапонскиот филм, бидејќи има слична содржина. Се вели дека, со цел да се избегне сличноста, Дизни вовел идеи од „Хамлет”.
[уреди] Скриени пораки
Во една од сцените во оригиналното ВХС издание на филмот, може да се забележи како се појавува зборот „секс”. Тоа е сцената кога Симба клапнува на земјата, а прашината оди во небото и фактички ги прави буквите. За да се спречат понатамошни дискусии, аниматорите на филмот признале дека тоа е всушност нивен потпис како невин потпис за нивната работа. Вистинскиот збор бил „сфс”, што означува скратеница за специјални ефекти.
[уреди] Песната „Д лајон слипс тунајт”
Употребата на песната „Д лајон слипс тунајт” во сцена со Тимон и Пумба, доведе до спорови меѓу Дизни и семејството на Јужно-африканскиот пејач Соломон Линда, кој всушност ја компонирал оригиналната музичка линија во 1939 година. Во јули 2004 година, семејството на Линда поднесе тужба, барајќи 1,6 милион долари. Во 2006 година, семејствот ги доби своите права над песната и во филмот стои под оригиналниот композитор.
[уреди] Влијание врз модерната култура
Поради својата популарност, „Кралот Лав” беше споменуван во многу медиуми. На пример, цртаната тв-серија „Симпсонови” го спомна филмот во една епизода. Кон крајот на епизодата, во една сцена се појавува духот на Муфаса со Дарт Вејдер и вели: „Ова е си-ен-ен. Мораш да се одмаздиш за мојата смрт Кимба...о мислам Симба” реплика за контроверзијата со јапонскиот филм. Дизни го вметнува „Кралот Лав” во многу свои шоуа и филмови. На пример во филмот од 1995 година, „Приказна за играчките”, се појавува песната „Хакуна матата” додека Енди се вози во својата кола. Во цртаниот филм „Херкулес” еден лик ја носи кожата на Скар додека го црта Херкулес на вазна.
[уреди] Наводи
[уреди] Надворешни врски
- Официјална страница
- Кралот Лав на Allmovie (англиски)
- Кралот Лав на Box Office Mojo
- Кралот Лав на Интернет филмска база на податоци (англиски)
- „Кралот Лав“ - Big Cartoon DataBase (англиски)